Солзи, фантазии и детски стравови

Нѐ учеле дека плачењето е знак на немоќ, слабост и одбивање да ги победиме детските стравови. Кон романот „Зарем плачеше“ на Даче Рукшане, Антолог 2015

neosurrealism.artdigitaldesign.com

Кон крајот на минатиот век, неколку години по распадот на Советскиот сојуз, книжевноста на поранешните Балтички републики, сега веќе дел на Европа, постепено почнува да се пробива во современите Европски книжевни текови.

Во 2002 година Даче Рукшане го имаше своето книжевно деби со романот “Romanis” или Мали романси и беше првата писателка од овој регион која отворено прозборе за табуизирани сексуални теми кои кренаа прав и врева зад нејзиното име. Вревата се смирува со нејзиниот трет роман „Зарем плачеше“, каде повторно зборува за љубовта, но со елегантен, нежен и дискретен јазик.

Шеснаесетгодишната Катрина заедно со својата пријателка преку Москва патуваат за Кавкаската република Северна Осетија во алпинистичко патување по Кавказките планини. Две тинејџерки за прв пат ќе поминат еден месец надвор од својот дом. Ова може слободно да се нарече сон на шеснаесетгодишно девојче, Советска варијанта на sweet sixteen, кога девојчето е на  прагот да премине во девојка и за прв пат излегова од под чадорот на родителската грижа.

Романот нема континуитет во нарацијата. Приказните како сегменти од животот се исечени и расфрлени насекаде низ страниците. Се менува исто така и раскажувачката перспектива, еднаш се раскажува во прво, а друг пат во трето лице, но тоа ни најмалку не влијае на целокупниот ефект на романот во целина. Но и покрај очигледниот дисконтинуитет на настаните, Рукшане сепак успева да разграничи два крупни периода од животот на главниот лик. Едниот, поубавиот, исполнет со младешка полетност и среќа, талкајќи низ Кавказките планини и другиот, помрачниот, затворена во сопствената осаменост и тага.

Централниот настан околу кој започнува раскажувањето е патувањето на алпинистичкиот логор во Кавказ, чии настани, спомени и пријателства темелно ќе го променат животот на Катрина, а тоа влијание ќе се чувствува и години подоцна. Споменот од тоа патување нема да ја напушти низ целиот пат на нејзино созревање, во болките и страдањата што животот решил да ѝ ги приреди, низ искушенијата  низ кои треба да помине, се до некој момент во иднината кога треба да се почувствува дека станала зрела млада жена.

Вториот столб на раскажувањето е семејството на Катрина, релациите со сестра ѝ, врските со родителите но и влијанието што го имаат семејните односи врз животот на една млада и сеуште неоформена личност. Прво, разводот на родителите,  смртта на мајката, па и заминувањето на сестра ѝ од семејниот дом се случуваaт во многу тесен период, еден по друг и предизвикуваат низа тектонски пореметувања во животот на младата Катрина.

Моментите кога останува сама, затворена  во својот дом и свртена сама кон себе, се препушта на фантазиите кои ќе ја одведат далеку, во својот внатрешен свет, низ лавиринтот на маѓепсаните мисли од кои тешко се наоѓа излез. Така, затворена во кафезот на депресијата, неспособна да одлучи за следниот чекор, Рукшане се решава да не го заокружи романот, да го остави без прецизен крај.

Ја нема Софија, нема ниту игри во песочникот, само еден огромен Олег лебди над мојата глава, широко искезен чекајќи на мојата исповед, да почнам со моето срамно признание.“

Романот има уште една заднина, општествено-политичките бранувања пред распадот на Советскиот сојуз, крупен елемент кој не може да ги заобиколи животите на група млади луѓе кои, кон крајот на дваесеттиот век за последен пат ја живеат својата заедничка „советска бајка“, високо искачени некаде по Кавказките врвови, ветувајќи си еден на друг дека ќе продолжат да си пишуваат и да се посетуваат.

Оваа сентиментална „руска бајка“ која непрецизно излегува од границите на бајковното и влегува во суровиот свет на сеопштата транзиција, човечка и стварна, ментална и општествена, го претставува ризикот на постоењето на човековата единка, сведена на елементарна клетка  која, кога е одделена од ткивото не може да продолжи да живее без да добива храна од околината. Така е и со човековата млада единка, свежо одделена од сврзното ткиво во кое живее, не успева сама да си го најде патот во животот.

„Катрина гази наоколу, водоземец потонат во тиња. За прв пат во животот убедена дека не е пожелна ниту под сопствената стреа.“  

Во еден премногу сензитивен момент на трансформација на личноста, каде девојчето станува жена и постојано се врти наоколу барајќи цврста рака за помош, рамо за плачење па макар и поглед во кој ќе препозне разбирање, утеха…  но наместо тоа останува сама, седната со рацете обвиткани околу нозете и чело наведнато над колената, на сред вителот на животот, откажувајќи се од секој понатамошен обид да стане и да тргне, макар по било кој пат, дури и по оној што се чини најпогрешен, затоа што и најпогрешниот пат води кон некаков излез од една во друга фаза на животот.

На крај останува колебањето, дали да се стане и да се тргне со каква-таква неизвесност на патот што можеби води некаде или да се стави крај на и онака неизвесниот и неподнослив животен момент, кој навидум се протегнува до бескрај.  Оти најтешко е, се чини, да се остане сам, бескрајно да се врти во кругот на своите маѓепсани мисли и залудно да се очекува дека ќе дојде некој однадвор, ќе тропне и ќе ја отвори вратата низ која дури тогаш ќе навлезе свеж воздух, ќе дојде светлина и на крај, ќе протече нов живот.

„А сега одам. Во град. Таму е гласно и бучно, се слушаат многу гласови. Ќе одам на железничката станица. Таму под мостот поминува возот а зад него  трамвајската линија број шест ги сече шините. Ќе одам таму, ќе постојам малку а потоа… ќе видам.“

Хипотезата Рукшане овде ја остава отворена за секого: како би одлучил еден млад ум?

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Поетско соѕвездие од калиграми
Наградениот поетски ракопис на поетесата Елена Пренџова никнува од дилемите на животот,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *