БИГМЕН

Сѐ почна со езерото на градскиот плоштад. Сепак стигна да помисли: „Плоштадот не е толку голем да се создаде езеро тука“, но галијата веќе беше спремна да заплови по него. Црнокосата жена со која се држеа за раце живна и го повлече кон бродот: – Ајде, одиме, побрзај!
Сонцето се искачи високо на небото кога задишани и испотени втрчаа во галијата. Патниците весело им отпоздравуваа на луѓето на кејот, некои истовремено зборувајќи со мобилниот на увото. Пловидба! Се отвори патот кон некоја многу поголема и подлабока шир од плоштадот, дури и од целиот град, а езерцето се претопи во езериште, или можеби беше море? Во секој случај, над нив, по небото кружеа распеани галеби, што во него зачна некоја речиси исконска радост: „Колку сакам да сум на брод, и на јаве, и на сон!“. И таа уживаше во пладневниот морски ветрец и галебите, мафташе со рацете, се смееше гласно на палубата, дури, фаќајќи го за рака, го затрча во круг. Потоа, задишени, се потпреа на оградата и гушнати, гледаа долу во пената зад бродскиот пропелер, додека ленената бела кошула на жената од време на време ќе се завиореше од ветрецот.
Но бродот, откако ја заврши својата планирана обиколка (зошто не беше подолго, подолго?), реши да се врати кон пристаништето.

„Па ова не е истиот плоштад од кај што појдовме?“, се запраша, но не стигна да си одговори, зашто одеднаш, однекаде се создаде куфер со тркалца крај нивните нозе: – Да побрзаме, не чекаат, да стигнеме на свеченоста – таа повторно го употреби глаголот „да се побрза“, иако тој сакаше да ѝ каже колку би било подобро да прездивнат, можеби на неколку саати да тркнат до „Private“, нивниот омилен хотел и да го обогатат ова медитерантско доживување нурнувајќи во длабнатинките на нејзиното тело, под мишките, меѓу нозете, откаде избива морска свежина. Смисли и една додатна разнежувачка реченица, „Како деца толку се гушкавме, и нѐ гушкаа, а како возрасни за тоа немаме време“, но ништо од тоа не успеа да изрече. Откако се симнаа од бродот, забрзаа кон Градското Собрание, сосе куферот чии тркалца штракаа по плочникот. Беше сигурен дека се вратиле во некој друг град, ама тоа како да не беше важно. Жолто-портакаловото Собрание, со огнено-бронзена купола што се извишуваше над другите градски куќи како тркалезно, светкаво острво и што личеше на италијанско duomo, а очиглено не беше катедрала, туку со знамињата што се виореа на закачени на фасадата ја наметнуваше својата световна, општествена важност, имаше отворени масивни дрвени порти со постелен црвен тепих што преку влезните скали продолжуваше кон внатре, како свечена патека што водеше кон долга, многу долга сала, од страните со високи прозорци дополу прекриени со тешки, бордо завеси.
Кога влегоа во салата таа веќе беше исполнета со жени и мажи, повеќемината веќе седнати, а неколкумина сѐ уште си ги бараа местата, ги загледуваа броевите на столиците и ги споредуваа со ливчињата што ги држеа во рака. – Сепак, безгласно стигнавме на време – се обиде да се пошегува додека се движеа низ средината на салата по тепихот што го втиша тропкањето на тркалцата од куферот, но таа и натаму со брз чекор се упати кон првите редови на гледалиштето. – Срце, што толку се возбудуваш, се разнежи – Сѐ ќе биде во ред. Но, кај неа очигледно немаше време за колебливост додека се наближуваа до челото на салата. Се покажа дека таму има поткрената бина со издолжена маса од темно дабова дрво зад која седеа пет постари мажи со сериозни лица и опуштени тела. А прад нив бронзена статуетка на крилест Пегаз. – Членовите на жирито – му поткажа таа, многу потивко од коментарот на една височка девојка во скап црн фустан без ракави што се издвои од мрморот на публиката: – Ене го лауреатот! Махинално ѝ возврати со насмевка, сфаќајќи дека сепак е планиран да биде специјален учесник на оваа свеченост. – Изгледа ме чекаат – си потврди со извесно чувство на важност, но таа без да одговори се запре, заедно со тркалцата на куферот зад нив, е тука сум, четврти ред десно, изјави, здогледувајќи една празна столица, очигледно резервирана за неа, брзо го гушна и го бакна во образот, сѐ ќе биде во ред, го охрабри и со куферчето се вовлече на своето место. За миг тој остана сам, застанат сред преполнетата сала додека сојузничкиот жагор не го потурна кон бината.

Кога се најде таму, свртен кон бројната публика, од таа силна глетка малку му се сврте во главата, како да е на отворено море, ама не како она од сончевата прошетка со саканата жена, туку едно друго, со преголеми бранови што опасно го фрлаат бродот како ореова луспа.
Тогаш (можеби од преголемата возбуда) му се причини дека на спротивниот крај на салата, кај влезот, нешто се мрда. Нешто големо се мрда. И тоа почна да се движи, да се клати симетрично, лево па десно, движејќи се по тепихот право кон бината со долги чекори и лабаво мафтање на рацете. „Кукла ли е, што е ова?“, помисли во мигот, но како што суштеството се наближуваше, лесно и вешто за толку високи нозе, сѐ повеќе личеше на голема марионетка, многу поголема од претседателот и членовите на жирито, без да ѝ се видат конците што ја раководеа додека, доминантна и застрашувачка, се движеше, накај него. „Овој ако ме згази, ќе ме смачка!“, се растревожи, но Бигмен се запре пред него, го погледна од височина со сините како стакло непробивни очи, студено го одмери, а тогаш забележа – мазното лице не му беше дрвено, туку, боже, со вистинска оптегната човечка кожа!
Во меѓувреме, со појавата на Бигмен, во салата како стабилноста на публиката што дотогаш смирено се распоредуваше се растури, како кај возбудено стадо, се раздвои на делови што почнаа неповрзано да џагорат и остро гестикулираат со оние до нив. Некои станаа од столиците, се слушнаа енергични извици: – Што се случува?!, – Кој е ова?! Забележа дека и жената, исто така станата од своето место во четвртиот ред, му дава оттаму нервозни знаци, но, пред високата фигура на суштеството, тој можеше да ѝ одговори само потскриено, ширејќи ги дланките во чудење.
Тогаш големиот, без најмала возбуда , се сврте кон публиката, ѝ дозволи уште десетина секунди да се прибере, па ѝ се обрати: – Драги госпоѓи и господа, почитувани претседателе и членови на жирито (остана со грб кон нив), простете ми што вака одеднаш ја прекинав вашата, како да ја наречам (мала пауза) говоранција. – гласот, за разлика од ликот и облеката, нѐ изненади – висок баритон, речиси метален, „како на сињоре Чипола, Мановиот маѓионичар“, помисли, иако, по обичај, веднаш си ја дополни брзоплетата мисла: „но Чипола е Италијанец, многу понизок, со мустачиња намачкани со црна маст, а овој…“. Бигмен продолжи да говори рамномерно: – Дозволете, да напоменам дека тука е направен сериозен пропуст. Јас, како граѓанин, ви должам искрено извинување поради доцнењето на мојата реакција, но, токму како граѓанин, да повторам, подразбирав должна почит кон комисијата (сѐ уште со грб кон нив) за да имаат доволно време да постигнат нагласена сообразност меѓу своите критериуми, па дури сега решив да се надоврзам и реагирам на одлуката. Ние разговараме за нешто што се подразбира, зарем не?
Публиката чекаше, небаре тие неколку реченици од Големиот човек да ја замолчеа во исчекување. Тој говореше надмоќно, а тоа очигледно влијаеше врз луѓето што го слушаа: – Оваа висока награда треба да ја заслужи човек кој со својата личност и дело суштински се вградил во ткивото на нашата национална доверба – тука Бигмен ја крена својата десна рака високо и замафта со неа (што со оглед на нејзината големина делуваше застрашувачки силно), давајќи им уште поголем залет на своите зборови: – Во овој храм на нашата самониклост и опстој, се собравме за да го доделиме орденот, односно наградата за литература, тоа се подразбира, но и за неизмерниот влог што наградената личност ја вградил во нашата колективна судбина.
Во салата владееше исчекувачки молк, дури и тој, засолнет во сенката на огромниот говорник, втренчено ги дочека неговите следни зборови: – Туку, да се вратам на суштинската причина на ова мое обраќање. Јас не можам да дозволам ова врвно национално признание да го одбегне оној кој навистина го заслужува. Оној кој срцето и душата (тука ја положи огромната дланка на градите) го дава безрезервно за својата татковина!
Публиката почна да ракоплеска. Најпрвин поединачно, потоа сѐ погласно, одобрувачки. Меѓу мноштвото екситирани ракоплескачи, жената му се дојми некако затечено што баш не личеше на неа. Застаната со збунета полунасмека, опкружена од речиси навивачката подршка што публиката здушно му ја упатуваше на Бигман.
А тој, Големиот, сочека да се стивнат, притоа меко, речиси господски спуштајќи ја раката, изговори: – Човекот кого ќе го одбереме да биде награден е оној со кого ќе се гордееме. Сѐ по мерка, сѐ по заслуга… Но прашањето е… кој ќе биде тој? – Бигмен тука го подигна гласот и десницата: – Кој?
– Вие!! – го препозна гласот на згодната девојка во црн фустан. – Вие!! Вие!! – прифатија другите. Однекаде притрча претседателот на жирито што дотогаш воопшто не се гледаше зад доминантната фигура на Бигмен, држејќи ја со обете раце фигуринката на крилестиот Пегаз. Испотен, некако изгужван, почна нешто да зборува, но поради сеприсутниот аплауз, ништо не се чу од неговиот говор, туку се гледаше само дека ја отвара и затвара устата како риба на суво. Кога му го врачи Пегазот на Бигмен, мораше да го поткрене своето дебело тело во изгужваниот костум речиси подигајќи се на прсти, додека капките пот видливо му го оросија челото, како на исплашен кепец соочен со џин. Помисли дека во очите на Бигмен овој таканаречен претседател на жирито изгледа како карикатура, но тоа не го покажа, туку сериозен церемонијално ја прифати фигуринката и се заблагодари, а потоа внимателно ја постави на темната дабова маса.
Тогаш забележа дека жената сосе куферот со тркалца се извлекла на тепихот од разбранетата толпа и му дава очајнички знаци да се симне од бината.
Но на него не му се симнуваше. „Ќе останам уште малку. Интересно ми е“, помисли, а на Бигмен, како да му ја прочита мислата, низ лицето (човечко!) му се рашири срдечна насмевка, се наведна кон него и го прегрна. Неговите огромни, топли дланки заштитнички и нежно го обгрлија. Се препушти, како да се враќаше во немирните детски денови кога во сонливите прегратки допирот беше доволен да се заборави комплицираната стварност…

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СЛИКИ OД САКСИЈАТА
Кон збирката хаику „Штурецот во саксијата“ од Драган Ј. Ристиќ
Повеќе
0 replies on “БИГМЕН”