Август

Книга на месец јануари

Ноќниот портир во зградата Довил слушна звуци од чекори што крадешкум слегуваат по скалите. Времето беше еден часот наутро и зградата беше потоната во тишина.
– Што ќе правиме сега, Рајмундо?
– Ќе причекаме малку – одговори портирот.
– Нема да дојде никој веќе. Сите спијат.
– Уште еден час.
– Утре треба да станам рано.
Портирот отиде до стаклената врата и погледна кон празната и тивка улица.
– Добро. Но, не можам да се задржам долго.
На осмиот кат.
Смртта настапи со изблик од задоволство и олеснување, испуштајќи фекални и жлездни отпадни материи – сперма, плунка, урина, измет. Се повлече настрана гадејќи се од безживотното тело што лежеше на креветот кога почувствува дека и сопственото тело му се извалкало од нечистотијата што ја исфрли месото на умирање на другиот.
Отиде во бањата и се изми под тушот. Раната од гризнувањето на неговите гради уште крвавеше. Во креденецот на ѕидот имаше јод и памук; ги искористи за да ја лекува набрзина.
Ги зеде своите алишта од столот и се облече, без да го погледне мртвиот човек, иако беше свесен за неговото присуство на креветот.
Немаше никој во портирницата кога излезе.

Човекот што непријателите го познаваа како Црниот Ангел влезе во малиот лифт, зафаќајќи го речиси целосно со своето крупно тело, и излезе на вториот кат од палатата Катете. Направи десетина чекори низ ходникот во мрак и застана пред една врата. Внатре, во скромната соба, облечен во пижами на риги, седнат на креветот, со свиени рамена, со нозете неколку сантиметри над подот, се наоѓаше човекот што го штитеше, бессонен, замислен, скршен старец, по име Жетулио Варгас, претседателот на Републиката.
Откако наслушна внимателно дали доаѓаат некакви звуци од собата, Црниот Ангел се повлече малку и се потпре со грб на еден од коринтските столбови поставени симетрично на аглите од четириаголната железна ограда што го опкружуваше централниот простор од предворието на палатата, тивка и во мрак во тоа време. Сигурно спие, помисли.
Кога се увери дека не се случува ништо необично во станбениот кат на палатата, Грегорио Фортунато, Црниот Ангел, шефот на личната гарда на претседателот Жетулио Варгас, слезе по скалите и се упати кон канцеларијата на воените советници на приземје, проверувајќи по пат дали стражарите се наоѓаат на своите стражарски места, дали сè е мирно во палатата на орлите.
Мајорот Дорнелис разговараше со друг советник, мајорот Фитипалди, кога Грегорио влезе во канцеларијата.
Шефот на личната гарда, по разгледување на безбедносниот план со двајцата воени советници, за посетата на претседателот на џокеј клубот во недела, денот за наградата Гран-при на Бразил, отиде во својата соба.
Ги зеде револверот и камата што секогаш ги носеше со себе, ги стави на масичката и седна на креветот, врз кој имаше неколку весници.
Ги прочита насловите со извесна загриженост. Лошо почна годината. Веќе во февруари, осумдесет и два полковника, со поддршка на тогашниот министер за одбрана, генералот Сиро до Еспирито Санто Кардосо, издадоа реакционерен манифест во кој заговараа државен удар, ги критикуваа работничките штрајкови и лукаво ги споменуваа високите животни трошоци. Претседателот го разреши предавничкиот министер, и покрај тоа што немаше друг генерал од доверба за да го постави на неговото место. Грегорио знаеше дека претседателот веќе не верува во ничија лојалност меѓу припадниците на вооружените сили откако генералот Кордејро де Фаријас, кој секогаш му јадел од рака како кутре, му заби нож во грб во 1945 година. Но, на крајот, во Министерството за одбрана, беше принуден да постави човек во кој исто така немаше доверба, генералот Зенобио да Коста, прифатен безрезервно од воените лица бидејќи беше еден од командантите на Експедиционите сили на Бразил што се бореа на страната на Американците во Втората светска војна. Со цел да ги смири воените лица, беше принуден да го разреши својот пријател Жанго Гулар од функцијата министер за труд. Сите тие настани се случија пред да заврши месецот февруари. Да, лошо почна годината, помисли Грегорио. Во мај, заговорниците на државниот удар се обидоа да започнат постапка за импичмент на претседателот, и предавникот Жоаун Невес придонесе за ширењето лаги за постоењето таен договор помеѓу Перон и Жетулио. Грегорио не можеше да заборави што му кажа Жоаун Невес кога сè уште беше министер за надворешни работи:
– Не се мешајте каде што не ве викаат, валкан црнецу.
И тоа само затоа што тој, Грегорио, се обиде да воспостави директен контакт помеѓу претседателот и емисарот на аргентинскиот претседател. Освен тоа, во мај, погребот на новинар претепан на смрт од полицаец познат како Клоца на Маска беше искористен како изговор за антивладини демонстрации од закоравените следбеници на Гавранот, таканаречените „фенерџии“, банда заговорници на државен удар што се собираа во клубот Фенер, поддржани од „нељубените“, здружение на хистерични домаќинки. Во јули, масата следбеници на партијата НДУ, Национална демократска унија, со цел да предизвикаат државен удар, измислија комунистички заговор. Зад сето тоа се наѕираше мрачната рака на Гавранот.
На креветот лежеше примерок од Ултима ора, единствениот поважен весник што го бранеше претседателот. На првата страница имаше карикатура на Карлос Ласерда. Уметникот, нагласувајќи ги очилата со темна рамка и орловскиот нос на новинарот, нацртал мрачен гавран што стои на една прачка. Црниот Ангел ја крена раката и ја заби камата во цртежот. Сечилото ги прободе весникот и постелнината, и го продупчи душекот создавајќи морничав звук кога допре до една од металните пружини.
Грегорио ги стави револверот во футролата на ременот и камата во кожената канија. Го облече палтото и излезе од собата.

Во зората на тој први август 1954 година, полицискиот инспектор Алберто Матос, уморен и со болки во желудникот, зеде две таблети против киселини. Додека ги џвакаше таблетите ја прелиста книгата по граѓанско право што се наоѓаше на масата. Секогаш бил лош студент по граѓанско право на факултет. Ќе мора убаво да го научи тој предмет за да го положи судискиот испит во ноември. Го вклучи малото радио што секогаш го држеше крај себе. Почна да го врти копчето за бирање станици и запре кога слушна глас што велеше: „Ми беше ускратена можноста да се појавам на телевизија од страна на господинот Асис Шатобријан, со кој владата денес се здружила со истата леснотија и со истиот цинизам со кои до вчера го етикетираше како предавник на татковината.“
Некој тропна на вратата.
– Влезете – рече инспекторот.
Детективот Росалво, кој често работеше во истата смена со Матос, влезе во канцеларијата. Инспекторот беше убеден дека Росалво не би прифатил да го поткупат бишејрос – лицата од нелегалната лотарија – ниту Шпанците што се занимаваа со проституција. Но, всушност, Росалво беше „мижи-бутај“ во полициски жаргон, полицаец што беше корумпиран без да го насетат колегите.
– Го слушате Ласерда, господине? Морето кал е сè поголемо. Го слушнавте зборот што го измисли човекот? Какистократија, владеењето на најлошите елементи на општеството. Какистократите ќе изгубат на изборите. Сарасоте ќе победи во Сеара, Менежети во Јужно Рио Гранде, Перејра Пинто во Рио, Кордејро де Фаријас во Пернамбуко. Народот ја изгуби довербата во Жетулио. Ја видовте шемата што ја подготви Етелвино за претседателските избори? Листата Жуарез-Жуселино, сигурен победник.
– Што сакаш?
– Пристигна кафето за затворениците – рече Росалво – рековте дека сакате да ве известам.
Во две ќелии со капацитет за осуммина затвореници имаше триесетмина. Ќелиите во сите полициски станици во градот имаа отповеќе затвореници што чекаа да се испразни место во затворите, едни чекаа судење, а други веќе беа осудени.
Матос сметаше дека таа ситуација е нелегална и неморална и се имаше обидено да организира штрајк во Федералниот оддел за јавна безбедност (ФОЈБ): полицајците да престанат да работат додека сите затвореници не бидат префрлени во затворите. Инспекторот не доби поддршка од колегите. И затворите беа преполни, па целта на штрајкот што го промовираше Матос не можеше да се спроведе во практика, ќе имаше само негативни реперкусии. Но, Матос инсистираше дека токму тоа била прелиминарната цел на штрајкот, привлекување на вниманието на јавното мислење за принудување на власта да најде решение за проблемот. „Луда утопија“, му рече инспекторот Падуа. „Си ја згрешил професијата.“
Правниците од ФОЈБ добија налог да најдат легален начин за разрешување на Матос, но најмногу што постигнаа беше суспензија од триесет дена. Началникот Рамос, кој раководеше со полициската станица во која работеше Матос, успеа да избегне, благодарение на пријателите на високи позиции во полициската управа, Матос да биде преместен во полициската станица Брас де Пина, како што сакаше да биде казнет групата корумпирани полицајци. Таа полициска станица, покрај тоа што се наоѓаше далеку, имаше бедни услови за работа и покриваше реон со најголема стапка на кривични дела, веднаш по станицата од вториот реон, Копакабана.
Всушност Рамос не сакаше да го заштити Матос, го користеше неговото име за да им се заканува на луѓето од бишо. Во една пригода, детективот Росалво го затече Рамос како заплашува еден бишејро.
– Ќе ти го пратам инспекторот Алберто Матос за да ти ги затвори сите продажни места, дали ме слушаш?
Кога бишејрото замина, Росалво му рече на началникот:
– Ако господин Алберто Матос открие како го користите неговото име, ќе ве убие.
Рамос пребледе.
– Од каде ќе разбере? Бишејрос не се глупави за да му кажат. Може да разбере само ако ти му кажеш.
– Јас? Стар волк не паѓа во стапица – му одговори Росалво.
Секоја полициска станица имаше полицаец што добиваше пари од лотаријата во својата јурисдикција за да ги распредели меѓу колегите. Тој полицаец беше познат како „инкасатор“. Добиениот износ варираше во зависност од прометот во продажните места и од алчноста на шефот. Росалво, како добар „мижи-бутај“, не учествуваше во општата распределба, но го добиваше својот удел директно од бишејрос, кои сакаа да бидат во добри односи со десната рака на инспекторот Матос. На чесноста на инспекторот престапниците гледаа како на заканувачки израз на надменост и лудост.
Полицајците од кабинетот на началникот на полицијата исто така беа соучесници. Периодично, во некоја од балагајните на нелегалната лотарија, познати како „тврдина“, полицијата вршеше рација, што ја предизвикуваше појавата на ист наслов во сите весници: ПОЛИЦИЈАТА УПАДНА ВО ТВРДИНАТА НА БИШО. Тоа беше начин да се задоволат скрупулите на ретки сектори на јавното мислење. Поголемиот дел од населението отворено го практикуваше тој модалитет на прекршување на законот. Новинари, судии, високи функционери на Министерството за правда, во кое Федералниот оддел за јавна безбедност беше составен дел, исто така беа поткупени од страна на бишејрос. Специјалниот оддел за борба против пороци, недозволена трговија со дрога, проституција и коцкање, или накусо Пороци, на кој една од главните задачи му беше сузбивањето на нелегалните игри на среќа, всушност земаше најголем поткуп.

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Август”