ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)

Во областа на книжевноста отсекогаш била присутна темата паметење – меморија – сеќавање, но во последниве децении сè почесто се соочуваме со различни варијации на таа тема.

Во Толковниот речник на македонскиот јазик за поимот меморија е забележано дека претставува паметење, односно помнење, а за сеќавањето постои еден глагол во два модуса: повратна и неповратна: сеќава и се сеќава. Во едната форма – сеќавам овој глагол ја памти врската со сензитивното, сетилното – односно кога памти моето тело, мојата душа (сеќавам во смисла на чувствувам, насетувам), а во другата форма се сеќавам е кодиран како идејно мнеме, односно артикулација на доживеаното минато во форма на поими.

Овој роман на Јакуба Каталпа личи на автобиографски записи, а автобиографското пишување е како мнемотехника со која авторката преку гласот на ликовите ги собира нивните сеќавања од минатото за да ги поврзи со нивниот идентитет. Врз основа на таа амбивалентност на автобиографското пишување како текст во кој се ослободуваме од товарот, но и како текст кој ни служи за зачувување на важни настани, пишувањето и раскажувањето ќе го дефинираме како лек од заборавот со кој индивидуалнота се претвора во колективна меморија со самиот чин на споделување. Не само споделување со останатите ликови во романот, ами и со нас, читателите.

Поимот меморија сфаќајќи го како систем кој е составен од социокултурни стратегии и практики на помнење (мнеме), сеќавање (анамнеза) и заборав (амнезија) – поими кои нè врзуваат со минатото, колку и да произлегува од минатото меморијата ѝ припаѓа и на сегашноста. Ако меморијата ги семиотизира отсутните светови тогаш: сегашноста е предодредена да стане минато, минатото да се врати во сегашноста во форма на некој говор на сеќавање, на реминисценција, на евокација, на трага (Ќулавкова 2008: 38, цитирано од Ацоска 2014 :17). Ако зборуваме со јазикот на Лотман тогаш ќе речеме дека минатото ја чини содржината на паметењето, но без паметење не е можно мислењето сега и овде, тоа е длабинска основа на актуелниот процес на сознание. И, ако историјата е меморија на културата, тогаш тоа значи дека таа не е само трага од минатото, туку и активен механизам на сегашноста (Лотман 2006: 302, цитирано од Ацоска 2014 :17).

Како точка во која се вкрстуваат меморијата и историјата Горги Старделов во текстот Моето херменевтичко искуство го наведува следново толкување: Додека човечката меморија, како и човечката историја, се нешто што веќе се одиграло/се збиднало, толкувањето трае и никогаш не завршува… тоа е постојано тука, додека меморијата е како чад, сега е потем ја нема. (Ќулавкова 2008: 27) Поради ова интерпретацијата е важна зашто низ неа луѓето се осмислуваат низ времето. Низ неа меморијата оживува сега. Неинтерпретирана, несподелена и неискажана меморијата останува невидлива, скриена некаде длабоко во нашата потсвест. Токму поради тоа, таа мора да се сподели, а останува на нас дали ќе ѝ веруваме.

Ликовите во романот на Каталпа, во мигот кога стануваат свесни дека несподелените сеќавања со другиот заминуваат во заборав, почнуваат да ги споделуваат и на тој начин да му противречат на заборавот и да останат вечни.

Раскажувачката проза на Чешката писателка, Јакуба Каталпа (Тереза Јандова) која покрај приказната за едно германско семејство погодено од страдањата во Првата и Втората светска војна, во себе ја крие женската длабока и исповедна содржина на Клара Рисман. Таа не е само едноставно изразување на женската субјективност, туку нешто многу повеќе – длабоко интимно разоткривање на женското себство. Роман – биографија, без никакви докази дека е вистинска. Роман со неколку вистини.

Во едно чешко семејство, редовно пристигнуваат пакети од Германија. Пакети како од Дедо Мраз, полни со слатки, чоколади, мармалади во луксузни теглички, вафли и бонбони Никогаш ниту книги, ниту лекови. Пакети, пред се’ наменети за децата. Пакетите се од баба Рисман и стигнуваат на адресата од нивната баба Хедвика од крајот на четириесеттите. Обично по два или три годишно.Токму тие пакети се единствената врска помеѓу децата и невидливата баба од Германија. Дури како возрасен, татко им – Конрад, дознал дека пакетите ги праќала неговата вистинска мајка – жената која никогаш не ја видел, а не некоја си далечна роднина од Германија. Најверојатно му праќала пакети за да си ја смири совеста.

„Тоа што му праќала пакети, а никогаш не кренала телефон и не се поврзала со него, му изгледаше чудно, како да сакала да си игра со него. Го оставила зад себе и не ги избришала трагите, токму обратното., останувала во контакт на необичен и злокобен начин кој нему му се чинеше како неприроден и непристоен, „ го товеше – како животно, како некого што му е потребно многу повеќе да гнете отколку да биде прегрнат. “ (Каталпа, 2012: 458)

Оттогаш се смета себеси за напуштено дете и постојано му треба да му ја потврдуваат својата љубов. Со текот на годините, пакетите од баба Клара станале дел од детското минато, а за тоа дека навистина постоеле, доказ се поштенските марки. Мајка која го напуштила своето дете кога најмногу му требала, го оставила во Чешка кај Махлерови и заминала во Германија – со ваквата „вистина“ умира Конрад, а продолжуваат да живеат неговите деца, сe’ додека ќерка му не одлучи да ја открие другата страна од приказната.

Пребарувајќи го во атласот името што ѝ е познато само од печатот на поштенските марки, добива желба да ги посети роднините во Германија и конечно да го сфати минатото на семејството одговорајќи си на прашањата кои ја мачат цел живот – Кој ги праќа пакетите и зошто? Трга без да знае што да каже, како да се претстави, сфаќа дека е туѓинка која се подготвува да навлезе во животот на непознати луѓе а патот ја води точно пред куќата на својата тетка, вистинската сестра на татко ѝ, со која заедно трагаат по заштитените тајни на баба Рисман.

Бабата по пошта се менува во вистинска баба. За нејзино изненадување, таа е се’ уште жива, истата онаа која над триесет години им праќала пакети, сега е смалена, беззаба и има алцхајмер, па така надежта дека ќе ја чуе приказната, се крши на парчиња. Гледајќи во очите на својата баба, полни со несигурност и тага, ја допира скоро шеесет години стара болка сфајќајќи дека границата помеѓу вистината и лагата е толку тенка, што може да се избрише со само едно движење на раката. Со бабата која лежи на креветот, лежи и цел еден живот со кој ќе згаснат многу неоткриени тајни и вистини. Бабата поради својот ум, кој престанал да фунцкионира заборавила не само на напуштениот син, ами и на другите свои деца, оние кои ги изгледала.

Секој од ликовите населени меѓу овие страници има своја приказна, а останува на нас да одбереме која ќе ја прифатиме. Понатаму во романот, се открива една поинаква вистина, затоа што вистини има колку што има и луѓе. Клара Рисман, професорка по историја на уметност и естетика, потекнува од едно германско семејство и живее еден сосема безгрижен живот, се’ додека војната не стане дел од него, а војната секогаш со себе носи страв, болка, страдања, загуби… Во војна сите се жртви, директни или индиректни. За родителите не се изгубени само синовите кои војуваат на фронтот, зарем да се загуби ќерката е помала загуба? Како што Клара Рисман, се губи во едно село – изгубено од мапата на светот. Осамата по смртта на нејзниот вереник е таа што ја принудува да го напушти домот и да отпатува во Чешка, замислувајќи се како работи во некоја од прашките гимназии и како се шета низ тесните улички… Но наместо тоа, добива работа во Тихи Брод, напуштајќи ги своите родители и оставајќи го цел живот зад себе, таа гради нов дом и нови врски со луѓето кои ја опкружуваат таму. Башлар вели дека функцијата на домувањето претставува спој помеѓу полното и празното. Едно живо суштество исполнува едно празно прибежиште. Така, исполнувајќи го местото со себе и своите предмети, тоа станува дом, со повеќе бои, со повеќе топлина (од огнот на неговите станари). Иако на почетокот има низа непријатни ситуации со учениците и селаните, тоа сепак станува нејзино село и нејзин нов дом. Толку нејзино, што не сака да го напушти дури ни тогаш кога прв пат ќе се слушнат далечните истрели и ќе го најават доаѓањето на војната и таму, а таа останува заробена. Сите луѓе од нејзиниот нов живот заминуваат од селото, а симбол за крај се нивните куфери. Загубените документи за нејзиниот влез во Чешка, го оневозможуваат и нејзиниот излез од неа. Клара во себе ја одразува суштината на женственоста, ранливоста и на препуштеноста.

Ги пронаоѓа луѓето кои ќе ѝ ја отворат вратата за да го донесе на свет своето неродено дете несвесна дека тоа не е засолниште ами стапица, а потоа истите тие луѓе ќе ѝ ја затворат вратата за назад кога конечно ќе може да си го врати и синот во Германија. Освен лажниот извод од матично, таа нема друг доказ за неговото постоење. Мислејќи дека ќе се раздели од него само на неколку недели, таа го губи засекогаш. Ова е вистината со која живее Клара, онаа која никогаш не ја дознал Конрад.

Потрагата по себеси ѝ ги носи сите загуби во животот, кои не биле приспособени само со природниот тек на времето, туку се работи за нешто што се однесувало на самата суштина на бабата, за нејзината вродена диспозиција за губење. Може да се измере секоја од нејзините загуби: најпрво вереникот, па домот, родителите, селото, таткото на своето дете, синот, на крај и паметот.

Клара Рисман, единствената чуварка на своите сеќавања, спомени и тајни, не успева да ги сочува, алцхајмерот ѝ го бриши сиот живот уште пред да го сподели, а несподелените сеќавања со другиот заминуваат во заборав. Вистината за нејзиниот живот останува закопана длабоко во минатото и не е можно да се направи целосна потрага по неа. Според Андреас Хујсен, сеќавањето ги формира нашите врски со минатото, а начините на кои паметиме го одредуваат нашиот идентитет. Како поединци и како општество потребно ни е минатото за да го формираме сегашниот идентитет и за да создадеме визија за иднината. Оттука, баба Рисман е жена без идентитет.

Секој може да верува во она во што има потреба да верува. Ќерка му на Конрад дома има напуштен татко, а пак нејзината тетка, ќерката на Клара, измамена мајка. Баба Рисман изгубила најмногу бидејќи во моментот кога можела да почне да го сумира својот живот, слабата меморија не ѝ дозволила да ги изброи добивките, па останала само со загубите. И така, целиот овој роман, се сведува на загуби на различни луѓе, на различни места и во различно време, а исто семејство. Како загубата да им е наследна. И децата на Конрад се немаат себеси еден покрај друг, едниот син останал во Чешка, другиот живее во Америка, третиот во Австралија, ќерка му во Англија, неговата вистинска мајка засекогаш останала во Германија, а пак нејзините родители уште во војната се загубиле некаде во Швајцарија… Доколку обележиме на една карта каде се наоѓа и се наоѓал секој од семејството ќе увидиме дека географија на загубата е нивното обележје.

Индивидуалните сеќавања на Клара се поврзани со необични места од женското опкружување како што се: селото, домот, училиштето… Нејзините внатрешни сеќавања се одраз на сеприсутноста на жената во просторот и светот. Нејзините индивидуални сеќавања се поврзани со спомените за: детството, родното место, нејзините родители, смртта на вереникот, војната која е причина за нејзиното оддомување, учениците, таткото на нејзиното дете, мајчинството, раѓањето, животот и смртта. Нејзиното секојдневие станува наше секојдневие. И не само тоа, туку и во сопствената кожа да ја доживееме судбините на оваа жена, нејзината болка, љубов, отуѓеност, утеха, вина, лага, смрт… нејзиниот страв, очај, плач, сон, копнеж, заборав… нејзиното себеобвинување, постоење, лудило, нејзините загуби, нејзиното ништо…

Наспроти потполноста и конечноста на текстот, стои бесконечноста на неговото толкување. Ако бесконечноста на текстот почива врз неможноста за негово конечно читање, тогаш и бесконечноста на паметењето почива врз неговата променливост и неможност со него да се располага еднаш засекогаш.

 

Текстот е првично објавен во Зборник на трудови од VII македонскo – чешка научна конференција (7; 2017; Скопје)

 

Користена литература

Ацоска, А. 2014. Женската колективна и индивидуална меморија во прозата на Оливера Николова и Оливера Ќорвезироска. Скопје: Филолошки факултет

Башлар, Г. 2002. Поетика на просторот. Скопје: Табернакул

Каталба, Ј. 2012. Германци. Скопје: Култура

Лотман, М. Јуриј, Семиосфера, Три, Скопје, 2006.

 

 

 

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирина Тумбовска
КОГА ЈАС БИ БИЛА АХМЕД НУРУДИН
Секое дело е свет за себе и по себе. Секое ни дава...
Повеќе
0 replies on “ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)”