Изгореници
Гранче од еукалиптус
ги цеди соковите
врз порите жаросани
како зрела калинка.
Капките се движат несигурно
исцртувајќи ја својата сјајна патека.
Сонцето овој пат претерало со своето возљубување,
болна е сензацијата од неговите бакнежи,
не си почуствувал дека те смалува додека те гали
осудувајќи те на страдање со своите татнежи.
Зеницата се шири додека ти се собираш,
утрото си заминува додека ти се разголуваш,
покорен од зраците кои соблекуваат,
покорен од рацете кои посегнуваат.
Ветерот ти ги однесува сите моменти кои ќе ги уловеше,
таинствено те милува
задржувајќи те под љубовното зрачење,
Те расејува како мирис на цветна утопија,
те претвара во роса- симбол на утринско плачење.
Бела птица прелетува
над сводот од еднолично синило,
слобода во форма со клун и крила
која го шири животот во распон меѓу пердуви
и ти го намамува погледот да се исцрпи до слепило.
Девојки со цветни фустани,
ти се смешкаат зад завесата на свеста,
се лелеат на ветрот свиркајќи задушено една веќе слушната песна.
Те повикуваат со нив да се брцнеш во нереалноста,
Се претвараш во мозаик од природни сензации,
успешно ти е одземена човечноста.
Стана повеќе од една мала точка на сегашноста.
Изгоре.
Внатрешен немир
Во мене и кашмир и лен,
исткајани конци во чворови,
низ порите на сувата кожа,
направиле гоблен,
со неправилни букви-натписи
закрпени лузни- потписи.
Во мене и вода и оган,
и раѓањето на денот
и ноќта-неговата доилка.
Во мене и верник и паган,
и секој нагон собран
во една мермерна голтка од антика.
Во мене и страсти и принципот
на една тврдоглава одмереност,
Скриено его кое орожнува
криејќи ја голотијата на љубовта
со сопствената неверност.
Во мене желбата да те бакнам и нестапнувањето на првите чекори,
сите тактилни сензации кои додека сум сама во постела ме залажуваат
и младите ѕвезди кои не ги слушаат месечевите прекори.
Вкрстени се сите паралелни линии,
забодени сите игли во сите ткаенини,
спрегнати кочиите за патот низ ридови и планини,
сопрен текот на сите циклуси на ноќи и денови.
Но ако го потегнам крајот од конецот кој низ мене плете,
ќе се открие кревкоста на чистата љубов.
Верник
Верник,
под врба во тага облеана,
застанат и скичмен, изморена мака.
Пробува да ја види неа насмеана,
на небото обесена, што ги ископала ребрата
со сопствена рака.
Верник што се заљубил во бога,
а краде како лудак од општественото добро,
и верник и пие ко стока.
Вино за крвта на светиот,
црвено за жртва.
Човечноста со срп отсечена,
фрлена на улица, мртва.
Верник,
секс само по благословот
од вечниот горе,
но таа му е жена, со нож в грло.
Во ламја тој сторен
ја растргнал на сите страни,
потоа ракијата, капка по капка,
истурена на сите рани.
Не сакам, во бракот бесшумно се слуша.
Верник глув за зборови.
Таа пелтечи, тој се смее.
Неговата издупчена душа
одамна елегии над сопствениот гроб си пее.
Тој бил верник,
таа била вештица,
тој бил чесен,
таа лисица.
Тој бил столбот, главата,
зборот и карактер.
Таа била ороспија и неверница
што еднаш му кажа
„Пичка ти матер”.
Повторливост
Секој ден кој со магма се претрупува
ме потиснува назад во кратерот
на моето врело жариште
ми изнудува бунтови
на пепел и прашина,
мирот на небиднината одеднаш- нарушен.
Ден кој како модар превез
ми ги затвара очите,
и ми го испива сиот шербет
кој ми ги затоплува вените.
Ден кој ме гали под јорганот
сонот во мечкина стапица
ден кој ми го гребе черепот
умот фрлен на улица.
Ден ноќ ден ноќ
Ми бегаат миговите
како молци од темјан.
Ми се полни стомакот
со проголтани зборови
Јазикот се препелка,
рипка на јадица
втурнат во празни разговори.
А, јас покорена, само ги следам предзнаците до провалија.
Ден ноќ ден ноќ
Не можам да ја сменам
насоката на Сонцето
Ден ноќ ден ноќ- ден
Ме проголта мене
илузијата на времето.
Моја и на Сонцето
Ако зрак светне
и те нароси со малку радост,
ако Сонцето се искачи повисоко
и и објави двобој на твојата гордост,
ако запламени сува земја
и го предизвика намуртениот спокој
ако го заслепи одлутаниот поглед
и немарно те осуди на мене или никој,
ќе знам дека Сонцето е на моја страна и ги чува моите плешки.
Ќе знам дека еден ден ќе можам да создадам оган, ќе биде знак.
Ќе ги бутнам сите греди тешки
од твоите гради.
Ако се ослободиш од темнината
со метални конци што те врзала
и пуштиш некој од залутаните фотони да ти ги осветли крилата,
ако силното подголтнување на мастилото не ти беше прв залак
и дозволеше нештата да се прелеат од нивниот калап
ќе видеше дека ти ја држиш врвката в раце.
Да, онаа која те дави секој ден.
Ќе ми дозволеше мене да те затегнам со моја врвка.
м
Мојата од свила, твојата од лен.
Ти ќе потонеш
да не го гали врвка твојот врат,
барем малку си жива.
Мене ми е тоа доволно за да можам да се надевам,
дека кога и да е, ќе дојдеш
меѓу моите колкови да пливаш.
И тогаш да кажам:
Ти си моја.
Моја и на Сонцето.
Просечниот човек
Катран размачкан врз изморените дланки,
Чело наросено со студени капки,
Човек исправен пред најголемото потклекнување,
човек кој ползи меѓу без’рбетници,
изморен уште од осамнување.
Жегата ја турка подолу во гркланот,
Тагата ја турка се подлабоко во стомакот,
затегајќи си го коланот.
Снагата ја поткрепува со едноличност,
навика и одвика
потчинет на просечност.
Се бори со денот,
наместо тој да го создава.
Се бори со себе,
наместо да се надминува.
Живее живот кој сам по себе
постепено умира.
Царствувањето на ноќта
И градот стивнува
пред месечевиот сјај
кога тој наметливо се растурура како бели монистра,
како признаци пратени
од небесниот рај.
И шумот се поклонува
пред натчовечката хармонија
кога се разлева низ времето
како акрил на тенка хартија,
како што се потчинува и лалето
пред грациозноста на една питунија.
И денот заоѓа,
кога ќе настапи темнината како апсолутната ноќна владетелка,
и ќе ги покрие сите навидум опипливи бои,
ќе им ја одземе убавината нивна
со само еден нежен допир,
и ќе го натера градот во мртвило
нејзините ѕвезди да ги брои.
И јас се смалувам,
пред мислата што ноќта ми ја поклонува,
ги губам сите мои покривки и и дозволувам неа да ме покрива,
се ронат сите мои корупки и
вртоглаво таа почнува да ме обиколува
и сфаќам, нема причина да се битисува,
освен онаа која мирно
пред секое починување
ноќта ми ја шепнува.