Дневникот на Демон Џонс

Беседа на промоцијата на книгата

„Дневникот на Демон Џонс“ е освежување на нашата книжевна сцена, затоа што авторите како да ја подзаборавиле литературата наменета за тинејџери. Дополнително, интересно е што жанровски припаѓа на уште еден ретко застапен жанр кај нас, а тоа е фантазијата. Ако продолжиме подлабоко пак, оваа книга се вбројува во поджанрот на магичен реализам, кој речиси и не е застапен во домашната литература.

Меѓутоа, за едно дело да се истакнува и да биде посебно не е доволно само да припаѓа на одреден жанр, туку треба да ги исполнува карактеристиките на истиот и да биде добро напишано. Магичниот реализам подразбира постоење на волшебни моќи во денешно време, и токму затоа се нарекува реализам. Тоа бара голема креативност, умешност и вештина од авторите на ваквите дела, затоа што не само што треба да се измислат нови правила на игра, туку истите да се вметнат во свет кој веќе постои, а тоа да биде убедливо и природно.

Во „Дневникот на Демон Џонс“, Маша Тодевска успешно се снаоѓа во начинот на кој го гради магискиот систем и светот во рамките на реалното. Нашиот свет го става на рамниште со други светови кои постојат, како што е планетата Звезда, во која наместо технологијата владее магијата. Повремено на земјата се случува децата да развијат магиски моќи за кои не се свесни и на кои често им треба помош да научат како да ги контролираат. Токму затоа присуството на магионичарите од другиот свет на нашиот е неопходно. Тука се да ги насочат и подучат. Како дополнување, уште на почетокот Маша нè запознава со тоа дека во овој магиски свет магионичарите имаат три групи на магии: елементарна магија, паранормална способност и магиска способност, со што јасно се поставуваат „правилата на игра“ во понатамошното дејство.

Овој жанр доста се потпира на главниот лик, кој најчесто е потценет и делува немоќен, се наоѓа во тешки ситуации со кои треба да се избори, постепено да ја спознае сопствената моќ и да успее во целта. Тоа е уште една работа која авторката одлично ја претставува. Од самиот почеток Демон Џонс е секое дете кое е изолирано од останатите, делумно по своја вина, но најмногу затоа што е различен и другите се подбиваат со него. Уште од првиот запис во неговиот дневник читателот станува свесен за неговата внатрешна борба. На почетокот од секој нареден запис, воочуваме колку таа е длабока, колку го измачува и како постепено внатрешната сила го повикува да излезе од кафезот затоа што „моќта е безначајна без слобода“ и дека „злото е закоравено во срцето. Само го чека вистинскиот момент за да се појави.“. Играта со ваквите кратки пораки на внатрешното од Демон, наспроти неговото секојдневие опишано во страниците на дневникот, го прават читателот да се запраша дали има нешто скриено во протагонистот кое тој не ни го открива, или пак неговите соништа и разговори навестуваат некаква мрачна иднина за ликот. Ова функционира одлично, затоа што го навлекува читателот што побрзо да ги врти страниците и да ја дознае вистината за другиот глас на Демон.

Секој протагонист, треба да има и соодветен антагонист, оној кој ќе го спречува во остварување на целта. Како што Хари Потер, го имаше Волдемор, така Демон Џонс го има мистериозниот човек со сини очи. Ова е јасно уште од самиот почеток, првата глава на романот раскажана од негова перспектива. На тој начин Маша нè освојува како читател и нè држи во исчекување кога Демон ќе се запознае со него. Затоа што знаеме дека го набљудува, дека знае за неговите способности, дури додека Демон не е целосно свесен за нив.

Што се однесува до нарацијата и стилот, авторката го одбрала најдоброто можно решение, односно дневничен запис. Зошто? Затоа што главниот лик е од прилика на иста возраст како и авторката, што ѝ овозможува на авторката најреално да го долови главниот лик и неговите проблеми. Нарацијата во форма на дневник успешно го доловува хаосот во главата на Демон Џонс, неговите ставови за училиштето и учењето, за пријателството, изолираноста, односот со мајка му и воопшто мислите на еден тинејџер. На овој начин делото се доближува уште повеќе до публиката за која е наменета, тинејџерите.

За крај ќе ве оставам со една мисла запишана во дневникот на Демон Џонс:

И зошто магијата не би постоела? Нема никаков доказ дека таа постои, но нема никаков ни во спротивното, зарем не?

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Јордан Коцевски
Кратко со … Јордан Коцевски
Книга која ти го променила животот Нема таква за сега Книжевен guilty...
Повеќе
0 replies on “Дневникот на Демон Џонс”