ПИСАТЕЛОТ СТАНУВА ЛИК

Влета во салата еден, на сред предавање, и вика: – Го тепаат! Го тепаат! Веднаш станавме сите, женски, машки, и се затрчавме кон местото на злосторството. Познатиот клуб на писатели! Каде инаку влегувавме тивко, внимателно, зашто таму седеа големи имиња, лауреати. Но сега ништо не беше исто, милицијата веќе беше внатре и не даваше да се влезе, а она што можеше да ѕирне преку полуотворената влезна врата наликуваше на место на пресметка, сѐ уште испревртено – чаршафите, столиците, а стариот келнер, надвор пред клубот, инаку размрдан и расприкажан, сега онемен, како закован за тротоарот стоеше сред сиот тој неред и на нашите прашања бавно, без зборови и со цигара во уста, кимнуваше со главата. Забележав дека цигарата му потреперува. – Види го, се стаписал кутриот – дијагностицираше една од колешките, најнаметливата, и тоа имаше ефект – го оставија келнерот сам и натаму да кимнува со главата обвиена со чадот од цигарата, а тие на десетина чекори од него се собраа дрдорејќи за омразата на малограѓанските реалисти кон постмодернизмот.

Единствено Бранко остана на страна. – Те нервираат, а?… – ми кажа добродушно и потсмешливо: – Се прават важни со тие свои формулации, но во суштина се во право. Мрачни сили се настрвија врз нашиот писател.

Писателот навистина беше „наш“, прв дипломиран студент од катедрата за општа и компаративна, чии книги ги читавме хранејќи ја илузијата дека поседуваме делче од неговата талентираност. смелост и начитаност.

Од Клубот излезе тип, очигледно од Внатрешни (не само поради сивиот мантил за дожд), и со два полни филџани кафе во рацете го одведе келнерот под широката крошна на најблиското дрво. Ситуацијата испадна смешна – агентот го служеше келнерот! Овој збунето го прифати филџанот, но потоа, по првите голтки, како по малку да му се враќаше некогашната агилност во движењата и зборувањето. Вистина, неговиот говор додека послужуваше во клубот, сега, поради присуството на агентот, беше стивнат и некако стегнат, но Бранко и јас можевме да наслушнеме парчиња од нивниот шепот: келнерот – „… им се помрачи свеста… ама тоа, другар инспектор, им се случувало и порано…“, агентот – „чекај, пополека. Од кого почна?“. Ги начуливме ушите: келнерот – „… па, од нив…“, агентот – „Од кои нив?“, келнерот – „… двајца… (го стишува гласот уште повеќе)… ле – нечујно го кажа прекарот на еден од нив. Агентот, како да му е сѐ јасно, сркна од кафето, потоа намуртено погледна кон мене и Бранко давајќи ни до знаење дека треба да се оддалечиме. Бранко ме повлече за ракав: – Дојди наваму. Гледаш дека сака да нѐ избрка. Се повлековме кај друштвото од факултетот, кое исто така како да се стивна пред појавата на агентот. – Што зборуваат? – тивко праша колешката со живи маслинести очиња која и на предавањата брзо забележуваше и реагираше: – Чувте ли нешто? „Пак се прави важна“, помислив, а сепак ѝ одговорив: – Двајца го нападнале. Едниот изгледа бил… – и го кажав прекарот што го потслушнав од разговорот меѓу келнерот и агентот. – Знаев. Бев сигурна дека тој е замешан во оваа свињарија. Всушност меѓу компаративците одамна беше добро позната хајката што се водеше против „нашиот писател“. Имаше голема полемика, во која тој ја бранеше смислата на новата книжевност, и на книжевноста воопшто. Особено го напаѓаа тројца, еден професор на факултет со авноевски награди и двајца, што ми беше чудно, двајца добри писатели што исто така беа познати, ги знаевме и ги читавме, што им станало, дали тоа била завист, или диригирана политичка диверзија, или од двете мешано, расчистувањето на таа безобзирност е прашање од кои отсекогаш страдала балканската литература.

Ние компаративците, нормално, бевме на негова страна. Уште тогаш ни беше јасно дека неговото дело се издвојува по својата особеност и градба. Но колешката, која и така беше најактивна и омилена кај професорите, мораше, и тоа прилично гласно, да го каже задниот збор, иако ѝ беше прилично предвидлив: – Ајде, да одиме. Да ги оставиме на нивните валкани работи. Да не беше толку препотентна, можеби ќе ми се допаднеше – со долгнавести црни очи, со полни, малку пошироки усни, средна по раст, но со складна фигура – со витки, но доволно полнички нозе и испрчен задник.

Продолживме кон „Коларац“, кафеана каде по предавањата имавме обичај да ја продолжиме дружбата. Колешката го зазеде челното место, со Бранко се сместивме при крајот на двете споени маси.

– Другар, не ти се чини дека сме некако изолирани. Девојкава тешко ќе се скроти – зар’жа добродушно – Добро би ѝ дошла коцка мраз во уста да замолчи.

Сепак останавме до фајронт. Дури и запеавме, сите во глас, „Гори ватра“, „Да ли знаш да те волим“… за да завршиме со „Шта ќе ми живот“. Бранко, веќе добро цврцнат, се премести до колешката, а кога ќе запеевме, ја гушкаше.

Писателот потоа ја напушти државата, отиде и живееше во Париз. Имав среќа едно попладне во 1983-та и јас да бидам во Париз, во стан на една пријателка, сликарка, кога заѕвони телефонот, таа беше нешто зафатена и ме замоли да одговорам, ја дигам слушалката и … го слушам неговиот карактеристичен глас (за тоа повеќе во расказот „Фото финиш“). Таа вечер на журката – мешано интернационално друштво, беше и еден темпераментен Аргентинец, можеби со романско потекло, името му го памтам – Григориј. Писателот ги пееше, пратејќи се на гитара, Окуџава, Висоцки, руските романси, околу него луѓето уживаа, тропаа по тактот, пееја со него.

Години после тоа, го видов на ТВ екранот, беше во Израел, веќе многу болен, можеби помалку од година пред да замине, снимаше интервјуа со стари жени логорашки. Потоа почина, опело му држеше еден православен поп што подоцна умре од корона.

Ете, тоа е моето сведоштво за некои, ако така можат да се наречат, куси средби со Писателот. Сепак, денес, кога сите пишуваат и зборуваат за него, за мене тој како да постана лик, лик од неговите раскази.

Што се однесува до Бранко и згодната колешка, тие на брзина се смуваа и почнаа да живеат заедно, потоа се земаа (на свадбата младоженецот по обичај се опи), купија стан, некаде во Нов Белград. Со годините се гледавме сѐ поретко, чув дека добиле ќерка, па син. Во март 91-та, кога заедничката држава почна да се крши, кога тие денови во Белград почнаа демонстрации, ми јавија за смртта на Бранко од масивен инфаркт.

Јас веќе одамна бев во Скопје. Македонија се осамостојуваше.

 

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Номадот Ацо Шопов
Геопоетичкиот карактер во творештвото на Шопов, динамичноста и интензивноста на неговиот поетски...
Повеќе
0 replies on “ПИСАТЕЛОТ СТАНУВА ЛИК”