Недела

Оваа недела не беше како вообичаените, некако сè беше различно и нејасно, но подоцна и повеќе од јасно, чудно. И сонцето силно ме прегрнуваше, и птиците со песна ме поздравуваа, и животинките со радост ме испраќаа. Тоа утро мирисаше на надеж. Досега немав почувствувано таква енергија, неопислива, божествена. Уште на прагот од црквата, крстејќи се, го осетив трепетот на срцето, но оној позитивниот што кога ќе потчукне знаеш дека нешто добро следи. Зазедов позиција од десната страна, онаму каде и треба жените да стојат и да се молат. Бев сосредоточена на зборовите од псалмите што се пееја на литургијата, од живите стихови на Божјото слово. Мојата снага беше припитомена и приземна небаре сум во другата димензија. Очите истовремено бликаа и пламтеа од среќа која не доаѓа толку често. Оваа беше поинаква, неискусена и невидена. Душата ми се беше смирила. Не паметам некогаш да ми било вака. Таму бев нешто што во моментот се роди. Таму станав некој што одново се прероди. Атмосферата беше исполнета со Светиот дух кој во срцата на сите се беше притаил. По завршувањето на евхаристијата решив да подостанам малку внатре, па се приближив до иконата Господова на која тлееше кандилото и чадеше темјанот. Паднав ничкум и во солзи ги повторував зборовите: „Господе, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешната“. Тоа беше мојата последна нишка на тага за која побарав прошка и ми се прости. „Голем е Господ“, си реков. Знаев дека Тој е Сеприсутен и вистински Пастир на своите залутани овци и знаев дека ова некаде длабоко во мене имаше пуштено корен. Дента се преобразив како лозјето што се претвора во грозје. Јас се променив, ја доживеав трансформацијата на пеперутката. Патем, ништо во природата и не е случајно. Неговите чуда се отсликани во секој процес од природата. Ако тие, така видливи за нашите очи, можат да ни ја допрат душата, тогаш си велам, колку повеќе невидливите можат да ја процветаат розата што несвесно ја растеме во себе… Доаѓајќи накај дома, на една клупа здогледав стара бабичка изнемоштена од своите проблеми во животот, претпоставувам, а богами и бројката на годините која ја живееше беше скоро и недостижна за ова време, и забележав како од далеку борите ѝ се шират и очите ѝ се смеат. Милно ја поздравив бидејќи таа заслужуваше, ама и кој друг да беше на нејзино место, заслужуваше. „Чедо секогаш да ја гледаш само добрата страна на животот, таа ќе ти ја даде сета утеха што ја бараш“, ми кажа. Како да ми беше потребно тоа да го чујам, сега, овде и од неа. Ме преплавија емоции и пријдов да ја прегрнам. Ох, каква топлина зрачеше таа старица во која се препознаваше ведриот детски дух. Ѝ се заблагодарив ѝ ја благословив, а во меѓувреме кога поминаа толпа дечиња, белки другарчиња, ја обгрнаа нејзината силуета и ми се пристори дека ја снема. Да, навистина неа ја немаше. „Ух, какво чудо“, помислив. Ова прикажување ми беше уште еден доказ од низата на веќе засведочените дека Бог живее со нас и во нас, Тој единствено знае што ни е неопходно… Кога им ги раскажав дејствијата на моите дома, тие беа позитивно изненадени од неговото присуство во нашите животи, а потем ги отворија искрено душите и ги открија своите искуства и сведоштва. „Семоќен е Господ. Среќна сум што ве имам и среќна сум што сум избрана токму јас да бидам дел од таа мисија“, весело извикав. Отсега па натаму, за мене, недела е ден на духот, на душата, на срцето, на умот, на психата и на сè што во мене постои и од што јас се состојам.

Тагови од објавата
0 replies on “Недела”