Македонската книжевна жена (Од целосна занеменост до голема гласност)

За авторката Тумбовскa овие женски ликови му пркосат на времето во кое живеат и се одделуваат од типичната слика за македонската конвенционална жена.

Авторката Ирина Тумбовска вистинскиот предизвик за оваа тема најде во личната заинтригираност да ги претстави и анализира модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Затоа таа се исправува пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но во исто место т.е. во Македонија. Интенцијата е да ја истражи токму македонската книжевна жена создадена во различни периоди, од автори и авторки, да ги исчита женските ликови кои припаѓаат на различни жанрови: историски реализам, модернизам, постмодернизам, како што се: Росица од „Куклите на Росица“ на Оливера Николова; Калина од „Разбој“ на Владо Малески; Злата (а донекаде и Сребра) од „Резервен живот“ на Лидија Димковска и Бригита од „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски. Така што еве го пред нас нејзиното првенче „Македонската книжевна жена“ (Скопје: ЦККС, 2023).

За авторката Тумбовскa овие женски ликови му пркосат на времето во кое живеат и се одделуваат од типичната слика за македонската конвенционална жена. Сите нив ги красат исклучителни карактерни особини, како што се цврстата волја, вербата, издржливоста, упорноста, храброста, страста. Благодарение на овие доблести, тие успеваат да се оттргнат од стегите на машката доминација и да се изборат да водат живот под сопствена контрола. Во исчитувањето на женскоста и во поставувањето/дефинирањето на модалитети на таа женскост авторката Ирина Тумбовска се користи со теориските согледувања на Симон Де Бовоар, Вирџинија Вулф, Илејн Шоуволтер, Софија Лазарсфелд, Матилде Ваертинг, Џон Стјуарт Мил, Светлана Слапшак, Јулија Кристева, Јасна Котеска, Ангелина Бановиќ-Марковска, Лидија Стојановиќ-Лафазановска, Елизабета Баковска, Весна Мојсова-Чепишевска, но и на Марина Даниловска, Александра Стојковска.

Поглавјето „БАГАЖОТ ШТО СЕ НОСИ ОД РАЃАЊЕ“ ги проследува женските ликови нив неколку сегменти и тоа преку хронотопот, преку семејството, но и преку професијата и образованието. Така Росица е оквалификувана како плетачка на кукли, но истовремено и како слугинка/измеќарка, но и писмоносец/шион. За разлика од неа, Калина е познатата како дримска перачка, додека Злата како несудена писателка, а Бригита како моќна судијка.

Откако ќе ги ситуира, ќе ги означи кои се и што се, Тумбовска се насочува кон истражувањето на начинот на кој љубат овие четири книжевни жени. Затоа во поглавје под наслов „КАКО ЉУБАТ МАКЕДОНСКИТЕ КНИЖЕВНИ ЖЕНИ“, кое, всушност е срцевината на оваа книга, Тумбовска пишува:

„Во овој дел од истражувањето, Росица, Калина, Злата и Бригита ќе го искажат своето женско искуство преку текстот. Секоја од нив ќе ни ја доближи темата на вљубувањето, невиноста, првото сексуално искуство, водењето љубов, мајчинството и сè што вкусуваат со тоа, како: спознавање на среќата, копнежот, осаменоста, напуштеноста и страдањето со кое се соочуваат сите, а без кое, според многу филозофи, човечкиот живот е незамислив. За тоа кого ќе (го)?? љубат и како ќе љубат, избираат сами. Во оваа глава секоја покажува дека, кога станува збор за еротизмот и за љубовта, секоја се бори за својот слободен избор, без разлика дали го „разочарува“ општеството или не.“

Ликовите добиваат нови квалификанти и Росица станува Роса бездетна, Калина – снаа бесцветна, Злата – мајка на свои близначки, а Бригита – ничија мајка. Тие се дооформуваат преку анализити што ни ги дава Тумбовска во наредното поглавје под наслов „ЖЕНСКАТА ПАТЕКА НА СОЗРЕВАЊЕТО“ во која поентира:

„Сликата што ја оставаат не е идентична со сликата што ја имаат за себе во своите глави. Однадвор навидум ги почитуваат ненапишаните правила за живеење во своите општества, ама однатре сите четири точно знаат што сакаат и целат кон тоа, без разлика колку од правилата ќе ги прекршат. Кога-тогаш сите се соочуваат со својот одраз во огледалото и преку тоа најмногу учат за себе.“

Особено провокативен е делот во кој книжевните ликови стојат исправени пред своите создавачи/автори/писатели и тука авторката ги позајмува книжевно-теориските согледувања и исчитувања на Патриша Во, Линда Хачион, Мишел Фуко, Дубравка Угрешиќ, Милан Ѓурчинов, Венко Андоновски, Јасна Котеска, Елизабета Баковска, Весна Мојсова-Чепишевска за да им овозможи Росица и Оливера (Николова), Калина и Владо (Малески), Злата и Лидија (Димковска), Бригита и Петар (Андоновски) да поведат разговор, кој продолжува и во наредното поглавје под наслов „ЗА ЖЕНСКОТО И МАШКОТО ПИСМО“.

Претпоследното поглавје кое всушност е еден есеизиран заклучок натопен во едно убаво книжевно-теориско ехо, се отвора со признанието дека:

„Дури и поигрувањето со нивните имиња не е случајно.

Росица – роса, чиста, тивка, нежна, кршлива. Таа е најтивка, но и најмудра од сите четири.

Калина – зрела, сочна, румена, како калинка полна со сокови. Калина е убавицата меѓу нив, свесна за својот изглед и за своето тело, Калина е и вистинска фатална жена.

Злата – скапоцена, силна, вредна. Самата Лидија во неколку интервјуа кажува дека ги одбрала имињата Злата и Сребра, кои не наликуваат на детски, за уште повеќе да биде истакната нивната обележаност.

Бригита – самото име значи моќ, сила, живост, доблест. Име што не е типично македонско.

Сите понешто создаваат со своите раце.

Росица вешто ги плете куклите, доколку би била во друга средина или пак во друго време, со своето трпение, креативност, талент и умешност, сигурно би била и една од познатите уметници, кога животот би ѝ дал шанса да се докаже. А вака, на нејзината уметност се гледа само како на работа што би овозможила финансиски средства.

Калина со своите раце ги пере рубите во Дрим, постојано спојувајќи се со водата.

Злата има раце што вешто би испишувале романи, но, освен магистерскиот труд, никогаш не собрала храброст да пишува. Ѝ остануваат восхитот кон целата светска литература и желбата да пишува токму како Оливера Николова – креаторката на Росица.

Бригита во своите раце го има чеканот со кој може да крои нечии судбини и да одлучува за туѓите животи, но и за својот.“

 

Но, кои заклучоци може да се извлечат од книгата првенец на Ирина Тумбовска?

Имено пред нас се исправа сериозен книжевно-теориски текст кој:

 

* дава суптилен приказ на различните модалитети на женскост, а со тоа и на различните женски книжевни „икони“, почнувајќи од македонската жена во втората половина на 19 век па сè до онаа македонска жена во овој наш 21 век;

* ја проследува и еволуцијата на жената како лик во современата македонската книжевност и ја потенцира нејзината книжевна врвица од целосна занеменост до голема гласност;

* се обидува и да полемизира со тоа дали постои навистина разликата меѓу машкото и женското писмо низ призмата на постојаниот дијалог за историскиот реализам, но и за дистинкцијата модернизам – постмодернизам преку сликата за македонската книжевна жена од 19 и 20 наспрема таа од 21 век.

Целта на самата книга „Македонската книжевна жена“, која произлегува од магистерскиот труд „Модалитетите на женскоста во македонскиот роман“, не е да даде дефинитивни/конечни одговори, туку како што заклучува и Тумбовска да остави и неколку отворени прашања како:

„Колку и дали с(м)е воопшто свесни за себе?

Колку девојки останале со своите неизгаснати огнови, како Калина?

Колку пати и ние сме неми сведоци на нашето живеење, како Росица?

Колку жени го чувствуваат сопственото тело како затвор, како Злата и Бригита?

Колку жени немаат храброст да покажат дека постојат поради својата обележаност?

Колку од нас го имаат чеканот во рацете и се плашат да донесат одлука дури и за сопствената судбина?

Каде се сега куклите на Росица?

Дали сме слободни и дали постои слобода? Дали слободата е само состојба на умот? Дали сами си ја даваме и забрануваме?… “

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
ТЕКСТУАЛНИОТ УНИВЕРЗУМ НА „АЛАМУТ“
(Владимир Бартол. Аламут (превод од словенечки јазик Соња Должан). Скопје: Матица македонска,...
Повеќе
0 replies on “Македонската книжевна жена (Од целосна занеменост до голема гласност)”