Новела за животот-крст

Кон „Но-Уи“ од Лидија Димковска, Или-Или 2016
  • Кон „Но-Уи“ од Лидија Димковска, Или-Или 2016
  • Постојат книги за кои не смее да не се пишува, а новелата „Но-Уи“ од Лидија Димковска е една од нив. Всушност, лично сметам дека сите книги на Димковска се такви- книжевен настан во македонската литератрура. Таа е една од ретките наши автори подеднакво успешна и во поезијата и во прозата, присутна и одамна докажана меѓу книжевната елита на европската и светската литературна сцена, каде благодарени на неа и уште неколкумина, се вбројуваат и македонски дела, а со тоа и македонскиот јазик.
    „Но-Уи“е прецизно структурирано дело, кое во срочениот израз нуди цел еден раскош од светови, времиња и настани. Низ приказната на една баба и една внука, моќно и оригинално раскажана од девојката, а повремено „видена“ и низ очите на бабата, авторката Димковска уште еднаш (како и во претходните две прозни остварувања „Скриена камера“ и „Резервен живот) гради совршена приказна за судбината на малите луѓе, во еден голем историски, но и актуелен контекст. Имено, низ семејната историја на бабата Недјељка и нејзината имењачка – внуката Неда (Не-да или Но-Уи), пред читателот се отвора временска машина од лични премрежја, интимни и метафорични егзили, до историски случки далечни, а сепак блиски со нашето современие. Симболично избраниот наслов „Но –Уи“ е столбот околу кои се вртат сите нешта, помеѓу не и да, помеѓу две крајности, помеѓу спротиставеностите меѓу (имињата на) двете хериоини, помеѓу животот и смртта, помеѓу присуството и отсуството.

    Во личната сторија на двата женски лика вткаена е и една многу силна, општа и универзална тема за Другиот, странецот и туѓинецот, за оној кој принудно или доброволно го напушта своето место и се сели или бидува преселен другде. Зад личниот дел од приказната стои љубовта на бабата Недјељка кон нејзиниот маж за кого го напушта Сплит и замнинува во Италија, а зад онаа универзалната стојат сите тажни и незапишани имиња на прогонетите, раселените, преместените насекаде во светот. Во еден дел раскажувачката (или авторката?!) вели: „ кога не живееш повеќе некаде , ти си таму мртов. И кога мртов човек ќе отиде таму каде што порано бил жив е како да оди дух. А сите се плашиме од духови, нели? И деца и возрасни!“.
    Во време кога светот одново се преструктурира според бројните преселби, кога (не)јасаните гео-политички игри на центрите на моќ на површина го исфрлија терминот „мигранти“, Димковска ја отвора и темата за војната, за фашизмот, нацизмот и уште неколку непријатни појави со кои се соочува нашето секојдневие. Таа моќно забележува „Секоја војна ги затвора училиштата, а ги отвора гробиштта. А помеѓу нив – скривница, глад, сиромаштија, прав“. И повторно наоѓајќи го совршениот баланс меѓу широкиот кадар и оној што фокусот го става врз обичниот човек, раскажувачката дополнува: „Можеби е подобро да бидеш дух од љубов, одошто од војна“.
    На оската на преселбите, вистински и симболични, во „Но-Уи“ има едно многу суптилно, а сепак и многу моќно промислување и на односот кон јазикот, мајчиниот, но и кон оној/оние кои подоцна ги усвојуваме. Имено, внуката е единствената која го разбира мајчиниот хрватски на бабата, па кога таа станува сенилна и веќе ја гледа својата смрт, нејзиниот живот и’ го допредава на внуката токму преку својот –нивниот јазик. Читајќи ги овие епизоди од книгата, синтагмата на Конески „Јазикот е единствената и вистинска наша татковина“ никогаш не ми изгледала толку трогателно вистинита.
    „Но-Уи“ е новела за животот-крст, оти нели секој си го носи својот крст!. Но „Но-Уи“е новела и за туѓинците кои се меѓу нас или за оние на кои ние сме им туѓинци. Оти во свет на мигранти, се чини сите сме духови. Не многу голема по обем, но огромна по значење и слоевитост, книгата на Димковска буди чувство на изненаденост и затекнатост од толку јасни, речиси банални вистини на кои несвесно или небрежно забораваме: „И за обичен човек смртта е крст, ама за туѓинецот се’ е крст: и минатото, и сегашноста , и иднината. Крст толку тежок, а мора да го носиш сам. Ќе се најдат луѓе што ќе сакаат да ти помогнат, да ти го понесат, како да е куфер, ама не е куфер: внатре е, во душата и се сече дирекно со срцето.“
    „Но-Уи“ е новела и за крстот што понекогаш треба да го понесе и книгата, и литературата и уметноста, оти ангажираноста може и треба да има естетска вредност. Будното следење на состојбите и константното покажување на личните, етичките ставови и критериуми, во случајов е низ занатско изделкано писмо.

    Тагови од објавата
    More from Александра Јуруковска
    Нежна, мистична, мистериозна, дури и онирична
    Кон „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска, Скопје 2018 (самостојно издание)
    Повеќе
    0 replies on “Новела за животот-крст”