Четири песни

Продавач на светови / Табла / Луѓето фотографираат сѐ што ќе стигнат / Еден дедо пиеше црно еспресо

ПРОДАВАЧ НА СВЕТОВИ

Во секој град
има барем по еден продавач
што го има светот во своите торби
и ги носи на рачките на стар велосипед
Секој ден го составува светот
по различен редослед
прво мали бебиња од гума
со големи сини очи како езера
потоа тркала што се туркаат со стапче
за штотуку проодените
разнобојни топчиња што скокаат
некои од нив веднаш исчезнуваат
во тајните одаи под мебелот
и трпеливо чекаат да ги открие
некое друго дете од некое друго столетие

Во секој град
има барем по еден продавач
што го има светот во своите торби
Меѓу малите бебиња од гума
со сини очи како езера
има и мали воени автомобили
и пластички пушки и пиштоли

Во секој град
има барем по еден продавач
што ги носи животот и смрта во своите торби
и ги носи на рачките на стар велосипед

Можеби тоа е Бог

 

ТАБЛА

Под мојот прозорец
секој ден се собираат луѓе
што играат табла
Тие одамна сфатиле
дека животот е древна
хазардна игра со коцки
што се тетерави меѓу провалиите
на стратегијата и случајноста
Правилата се одамна измислени
во Шахри Сухте –
изгорениот град
одамна се запишани
во Книгата на игрите
Којзнае дали таму пишува
како се става руменило
кога душата е бледа
и дали нејзините брчки
може да се избројат
Можеби во корењата на плодовите
што ги изедовме денес
има минерали од коските
на нашите предци

Коцката е повторно
фрлена

 

ЛУЃЕТО ФОТОГРАФИРААТ СĖ ШТО ЌЕ СТИГНАТ

Луѓето фотографираат сè што ќе стигнат
своите растрчани деца и ветрот во нивните коси
порцијата со храна пред да ја изедат
сонцето во различни агли на небото
необични куќи и стари возови
две старици во паркот со долги плетенки
Тие сакаат да го замрзнат
она што постојано тече
Тие сакаат да го дофатат она
што постојано одлетува
Луѓето фотографираат сè што ќе стигнат
си замислуваат
дека можат да чекорат наназад
да се движат обратно по врвиците на времето
сакајќи од неговите црни дупки
повторно да направат ѕвезди
Луѓето фотографираат сè што ќе стигнат
велосипедите што веќе ги одминале по патот
и велосипедистите што веќе никогаш нема да ги видат
фотографираат се што ќе стигнат
создаваат спомени
и ненаситно ги консумираат
кога се гладни и жедни за траење
сакаат што повеќе да трае
песокта повторно се измолкнува низ прстите
а тие сакаат
само малку
само малку

вечност

 

ЕДЕН ДЕДО ПИЕШЕ ЦРНО ЕСПРЕСО

Во кафулето
до мене еден дедо
пиеше црно еспресо
Јас пиев арт-лате
со исцртани папрати
од далечни прашуми
Неговото кафе немаше цртеж
беше кратко и црно
и се испиваше наискап
но тој го пиеше долго
и бесконечно запишуваше броеви
небаре координати на ѕвезди
што ги гледаше
во црното небо на еспресото
Носеше кариран качкет
и остатоци од зимата
на своите волнени чорапи
а неколку немирни деца околу нас
го носеа мирисот на летото
на своите тротинети

Јас ги растурив папратите со лажичка
и ги примив тајните на прашумата
како причест

Тагови од објавата
More from Славица Гаџова Свидерска
Пред смртта се стори пеперуга
ВАНА Крстот што го носеше беше претежок алиштата што сама си ги...
Повеќе
0 replies on “Четири песни”