Сите враќања се идентични

Бурата која нема глас

Плаштот од магла ги разводнува уличните светла,
оживотворувајќи ја перфидноста на случувањата,
закопана под слоевите на џагорот
– тоа непреболно ѕвечкање на сеќавањата
наредени долж линијата на светогледот.
‘Рскавични риби пливаат во течната легура
на мојата фатаморганична свест,
растреперени пред музиката која нема уши,
а престојува во ништото за да го исполни.

Грст штотуку скинати лисја
го овистинуваат значењето
– фрагмент на утрото кој се слева
во епицентарот на сознавањето.
Со остатоците од нашите души
храниме јагули во стар бунар,
во пукнатините на циглите
каде што понекогаш танцувачки фотон
ја потопува сентименталноста
– тој безвременски кристал на создавањето
полн со симболи и метафори
во овој катарзично сенишен амбиент.

Ветерот пополека ја напушта гласноста
на звуците кои стивнуваат
и сите движења се затајуваат
во вчудовиденоста на тишината.

Стоиме така несигурни
наспроти бурата која нема глас,
не знејќи дали да ја вдишиме
или да ја распарчиме.

Реалноста е хазард на доживувања,
траги од парадоксална невиност
во сјајот на ирисот,
случајност во која е скриен сегмент на слобода.

Надоаѓа само ненадеен мирис на полен и фосфор
и немо небо со боја на килибар.

Воздух

Шумата, црцорлива, изникнува случајно
во стрештените моменти на обичноста,
небаре таа е сега олицетворение на нашите заблуди.
Бледо зјапаме во нејзината илузорна структура,
учејќи ја уката на некакво истрајно согледување.
Растечката пена на ноќта ти ги допира стапалата и
околу тебе формира обвивка во која потонуваш.
Времето, веќе опиено од нашите телесни сокови,
се мушнува низ провевот на темнината за тука да остари,
за тука да оствари вдахновена врска со аномалијата
во кревкоста на животните пречки.

Постоиш како зрно стркалано во лулка на таинственоста
која некако ти ја зацврснува твојата конфузна сила.
Воздишка си која се искачува по гранките на психозата
барајќи дом.
Повторно сме тука помеѓу коски и ветувања,
додека очите ни ја сечат постојаноста.
Повторно сме тука помеѓу стихии и предвидувања
и воздух со вкус на навраќање и немилосрдност.

Продорните звуци на сегашноста доаѓаат бурно
и ја разголуваат шумата во која трепериме
– таа единствена антена која ги пренасочува
фреквентните лишувања на стварноста
во белите дробови на нашата непрокопсаност.
Смраморените звуци произлегуваат од нашите организми.
Барем овојпат сме звучни во немоста!

Шумата секогаш нè пречекува со невреме
и морфира додека чекориме по нејзиното тело.
Баснословен облак ни ги збунува сетилата
и бревта како истоштена курва сред небото.
Сè е толкy напрегнато и слепо!
Барам се имаме нас, иако се немаме себеси.

Исплукувам течност од тутун врз бронзената глава на светот
и повраќам црни глисти во душникот на живеењето.
Гласните жици веќе одамна ja влечат сушата,
налепени на нив само деланки од запалени дрвја.
Жедни сме за револуција
и сосема достојни на неприпаѓањето.
Шумата секогаш нè пречекува со невреме
додека пламени јазици се тетовираат на нашите кожи.

Еден ненадеен плисок сега ја полива возбудливоста
– смеса од радост и уплав во сржта на синергијата.
И јас, облеан со згуснат талог од искривени одрази
и ти која надоаѓаш со здив на искосена трева и смрт.
И не останува нешто многу под оваа призма на мечти
озрачена од непокор и бол,
само очи полни глад и зад нив тој редок, невозможен воздух.

Враќање

Улиците се обвиени од мирисот на влага и олово.
Додека отежнато ги придвижуваш стапалата по распуканиот асфалт
се присетуваш дека твојата револуција е родена тука, во таа куќа од арсен,
и пополека се раствора во здивот на деновите кои проаѓаат.
Опкружен си повторно со сите оние слики кои сè уште се неподносливо исти.
Дури и ти веќе забораваш дека си сменет.

Сите враќања се идентични.
Сите враќања се губат во својата смисла.

Сега ненадејно почнуваш да трепериш,
почнуваш да гледаш јасно низ леќите на темнината.
Ги носиш срчите на времето во твоите очи потопени во бензин
и сфаќаш дека секоја од нив рефлектира различен лик кој во тебе диши.
Сега знаеш дека си внатре во парадоксот на тој мозаик.
На кожата ти се отсликуваат сенките од црвјосаните предмети
кои наѕираат низ прозорецот и неприметно продираат во неа,
како духови кои единствена цел им е да бидат доживеани.

Сè станува толку блиско во твојата отуѓеност.
Целиот спектар на емоции ти се сведува на желбата за преврат.
Без да размислуваш го правиш наредниот чекор
и не знаеш зошто си вратен.

Твојата крв сега се препушта на сопствениот клокот,
твоите мозочни клетки почнуваат да мутираат
и како такви ти имплементираат фантасмагоричен поглед.
Твоите нозе стануваат тешки, небаре гравитацијата сака да ги искорне.
Ги гризеш забите мислејќи на шеќерна волна, на браќата Грим и на снег.
Губиш контрола врз твоите раце кои пробуваат да се задржат за нишката на утрото
која испливува надвор од движењето на осмозата во твоето тело.
Сега почнуваш да се претвораш во сениште,
испуштајќи глас во кој материјата потонува.
Тука си повторно.
Преобликуван. Изобличен во твоето враќање.
Ништо не е сменето.
Тука си.

Ти и таа куќа од арсен.

Кафез на лудите

Луди се уметниците, фанатиците и верниците.
Луди се пијаниците, заблудените и самниците.
Луди се утопистите, филозофите и сонувачите.
Луди се револуционерите, реалистите и закрепнувачите.
Луди се мајките луди и татковците,
луди се синовите и ќерките,
луди се мртовците.
Луди се питачите и депресивците,
луди се богаташите и опортунистите.
Луди се лудаците, а полуди докторите.
Луди се психозите, апчињата и дрогите.
Луди се квечерините, луди се и зорите,
луди се виулиците дождовите, пороите.
Луди се мислите, чувствата и зборовите.
Луди се другарите, љубовниците, огновите.
Луди се гордите затворени во кафезот,
а уште полуди се оние кои доаѓаат да ги посетат.
Луди се курвите, мафијашите, политичарите.
Луди се овците, кучињата, овчарите.
Луди се мајмуните, светците и вонземјаните.
Луд е човекот – лудо претсказание.
Лудо е и лудилото,
а за здравиот разум не ме ни прашувај.

И ти си луд, драг читателу.
Ти најверојатно си полуд и од лудите.

Пред да заспие

Лежеше неподвижно врз скршеноста на тревата,
пробувајќи да ја впие нејзината маѓепсувачка тишина.
Речни жили се испреплетуваа во нејзината коса
проектирајќи ѝ слики од некакви недостижни вистини.
На нејзиното лице се исцртуваа букви од огледала
– предци на непозната радост.
Калеши сеништа танцуваа околу нејзиното тело
навраќајки ја во утробата на соочувањето
– разорен напор во срцевината на хаосот.
Утрото кое пристигна беше маглина од збунетост и препуштање,
вертиго ефект во чаурата на нејзината слобода.
Времето нагризано од заби од креда секогаш избледува
кога го дочекуваш со затворени очи.
Лежеше неподвижно врз лешеви од детството,
броејќи ги секундите пред да заспие.

Тагови од објавата
0 replies on “Сите враќања се идентични”