Дали фантазијата е само она што е невозможно?

Дали фантазијата може да биде и остварен копнеж по она што на детето му е потребно за според него среќно детство, а коешто го нема во своето окружување? Дали сето она што е во фантазијата мора да биде неостварливо?

Дали фантазијата е само она што е невозможно?

За книгата „Другарче“ од Питрер Колвајк (Антолог, 2023)[1]

Дали книгата е соодветна за детската возраст? Дали ќе може да го задржи детското внимание за навистина да биде прочитана до крај? Дали „густиот“ текст ќе биде доволно интересен за денешното дете што расте со брзи „инстант“ информации, со кратки текстови и со „виртуелна реалност“? Се чини овие се едни од најчестите прашања што си ги поставуваме денес, пред да прочитаме ново книжевно дело што со својот обем во број на страници го надминува „просекот“ на кој веќе сме навикнале. Од една страна, затоа што не е новост дека ако не го задржува неговото внимание, колку и да е соодветна за детската возраст и колку и да е вредно уметничко дело, по првите 10-20 страници, детето ќе ја остави книгата. Но, од друга страна, и поради се чини степереотипното гледиште не во книжевноста, туку ЗА книжевноста за деца, дека ако книгата е пообемна постои ризикот од нечитање.

Затоа, при првата средба со „Другарче“ од Питер Колвајк, иако наградена книга, кај нас се наметнаа и овие прашања. Но до одговорите се стигна многу брзо – уште по прочитот на првите глави. Не само поради динамичното раскажување во јас-форма од искрена, детска перспектива (што е исклучително комплексен тест за авторот што ја презел улогата на дете-наратор, иако на момент и не сме сигурни кога всушност раскажувачот и раскажува и дали сè уште е дете). Ниту само поради вештата игра со кодовите чудно, чудесно и фантастично, уште во првата глава кога Тичен и неговото навидум „замислено Другарче“ се во ловот на тролови. Туку пред сè затоа што оваа книга поставува вистински, комплексни прашања што се чини, најверојатно, претходно не биле често поставувани кога станува збор за книжевноста за деца. Со ретки исклучоци како „Пријателите Бон и Бона“ на Оливера Николова. Или барем не биде поставени на овој начин. Ама и нуди одговори – не како готови дефиниции, туку како рефлексија од прочитаната приказна. Во перцепцијата и на детето и на возрасниот.

Дали фантазијата е само она што е невозможно и несекојдневно или пак може да биде и проекција на она што е возможно и остварливо, ама што му недостига на детето? Дали фантазијата може да биде и остварен копнеж по она што на детето му е потребно за според него среќно детство, а коешто го нема во своето окружување? Дали сето она што е во фантазијата мора да биде неостварливо?

Ова се првите прашања што се наметнуваат при прочитот на „Другарче“. Затоа што „замисленото“ или „невидливо“ Другарче на Тичен е токму тоа – остварување на копнежот по она што се чини му недостига на протагонистот и наратор во оваа книга: вистински другар. Уште на првите страници има сигнали што ни укажуваат дека е така, но тие се вешто скриени дури и од возрасниот читател. Како на пр. кога само еднаш, раскажувачот ќе ни каже дека нагалено „Другарче“ го вика „фантас“. Не, не само за да нè упати кон фатанзијата, туку и затоа што ако подразмислиме, тоа „фантас“ со името на протагонистот Тичен, формулира „фантастичен“. А токму такво Другарче е она што му е потребно за и самиот тој да биде фантастичен, за и неговото детство да биде фантастично. Всушност, Другарче е проекција на посакуваниот близок кој ќе дополнува, мотивира, поттикнува, насочува… Кој ќе придружува и ќе биде тука за сè, во секој миг. Колкумина од нас и од нашите деца денес имаме/имаат такво другарче? Или пак ова другарче е проекција на она коешто секое дете, ама и секој од нас го посакува за да биде вистински среќен? Другар кој ќе има разбирање за сите лудости, но и ќе подучува, ќе вреднува, ќе помага… Другар кој нема да ја негира фантазијата, туку ќе ја поттикнува и потханува. Ете, тоа е Другарчето на Тичен.

Но, со појавата на ликовите-ворасни, во оваа книга, и прашањата и одговорите стануваат покомплексни. Затоа што веќе се отвораат дилемите за постоењето на Другарче – дали тоа не постои или постои и е невидливо. Односно, видливо е само за Тичен. Се отвора едно вечно прашање: Може ли нешто да биде видливо само со детски очи? Да, може, особено она што родителите и воопшто возрасните не само што не можат, туку и не сакаат или се плашат да го видат. И она што недостига! Затоа што детето, како Тичен, гледа и со срцето, без да знае да бега од емоциите, како што тоа умее да го прави возрасниот. На тие страници од книгата, и повторно како да доаѓаме до некои нови размисли за детската фантазија. Размисли дека таа може да биде и сето она што детето го посакува, а за коешто возрасниот нема разбирање. Дека фантазијата може да биде и сето она што може да го има во стварноста, а го нема во дел од неа – во овој што го перципираат возрасните или подобро речено: во оној што си го проектираат возрасните. Но, фатанзија може да биде и сето она што возрасните можат, а некогаш не се подготвени да му го овозможат на детето. Така е и во оваа книга, оти „невидливото Другарче“ се чини не ќе се појавеше ако Тичен има вистинско друго другарче, ама и ако неговите родители умееа да бидат другари за него. Зарем вакво другарче не ни недостига и на многумина од нас, надвор од книгите?

На моменти, преку играта со кодот во фантастичното ќе ве изненадат сцените на борби на Тичен и Другрче со за нас непостоечки суштетва, во нереални предели, во недефинирано време… Но тоа не се сцени преземени од сказните или од научната фантастика. Сите тие суштества, предели и времиња се метафори за невредностите и вредностите. Оние во кои верува или не верува протагонистот. Сите тие игри и борби, всушност се игри и борби за систем од вредности. А ако тој систем од вредности навистина постоеше не само во нас, и во Тичен, зарем ќе беше потребна борба? Ама, да, борба е потребна и оваа книга, за сите, независно од возраста да може да нè научи да се бориме за вредностите, за она во што веруваме и за она по што копнееме. Затоа што копнежите се остварливи само ако се верува во можноста тие да постанат дел од стварноста. Затоа, Тичен, не само што верува дека може да се дел од стварноста, туку и ги перципира за дел од неа.

Вистинската драма се чини настанува тогаш кога Другарче треба да исчезне – не затоа што така сака Тичен, туку затоа што така сакаат возрасните. А што значи тоа? Дали значи да исчезнат и вредностите, и фантазијата, и соништата и копнежите? И клучно – можат ли да исчезнат? Оваа книга ќе нè научи дека ако силно се верува во нив, и ако се сметаат за животна потреба – нема лек што ќе ги уништи. Нема ни институција што ќе ги уништи! А потребата на возрасните, некогаш да имаат „магичен лек“ против фантазијата, се чини неретко е само резултат на неподготвеноста да го согледаат она што го нема во детството, а што детето посакува да го има и умее да го види и тогаш кога го нема.

Потресни се сите слики од „превоспитувалиштето“, оти таму сфаќаме дека тоа постои не за да овозможи индивидуите да не се оние што се, туку да постанат оние што некој помоќен посакува да бидат – дел од просекот, од масата, едни од многуте исти… Сите тие сцени, колку што се критика за односот кон децата, толку се критика и за односот кон поединецот што се разликува од другите, оној што го може и што го посакува она на што другите не се подготвени. Ама токму во таквиот топохрон, оваа книга ни покажува дека борбата да се остане Свој (некој би рекол и Свој на своето) е она од што не смееме да се откажеме. И децата, и возрасние. Зашто во спротивно ќе завршиме онаму каде што нема да имаме Јас!

И ако мислите дека оваа е една од оние книги во кои возрасните ќе можат точно да предвидат што ќе се случува до крајот, сте се излажале. Оти оваа книга за разлика од мноштвото има два пресврта – првиот, кога Тичен ќе одлучи да „порасне“ и да се откаже од Другарче. Ама тогаш сфаќаме – откажувањето од сопствените копнежи, потреби и вредности, како и откажувањето од Фантазијата не значат ниту растење, ниту созревање, ниту градење на личноста. Напротив. Значат само препуштање на здодевност, монотоност во кое и надвор од затворениот простор би биле затворени, неостварени, без своето Јас. И без она што ја формулира нашата единствена целост – а за Тичен, тоа е Другарче.

Но, токму во тој дел од книгата и сфаќаме дека негирањето на Другарче, како и воопшто негирањето на фантазијата, од возрасните доаѓа можеби не затоа што не веруваат во него/неа, туку затоа што се плашат од него/неа – не како од нешто што не постои, туку токму од она што постои,  тие не сакаат да го видат, не сакаат да се знае, не сакаат да е дел од секојдневјето… Затоа што не секогаш се подготвени да се соочат со стварноста, што детските очи сепак ја гледаат без замаглувања.

Кога ќе дојдеме некаде околу 200-та страница од книгата и веќе ќе сфатиме зошто Другарче на Тичен му се обраќа со брат, затоа што тој и навистина му е тоа – нероден брат, веќе ќе имаме научено многу лекции што ги нема во учебниците. Меѓу нив и лекцијата што денес, можеби полесно ќе ја разберат возрасните – секој од нас, и како дете, и како возрасен не го живее само својот живот, туку и животот на некој друг, без да имаме право на избор, контрола, сознание… Па затоа и неретко ја имаме поторебата од друг до нас, за да споделиме…

За потоа, пак останувајќи во светот во кој истовремено се децата и возрасните, преку ликот на Луна да сфатиме дека децата умеат не само да го видат, туку и да го слушнат она на што возрасните не се подготвени, токму поради тоа што децата не стравуваат да се различни од другите. А кој инсистира да не бидат различни, кому му пречи нивната индивидуалност? Истите оние кои поради тоа што немаат време за нив, се причинители на нивните проблеми. Но и истите оние што со преголема грижа, но погрешно артикулирана, гледајќи во детето проекција и очекуван модел, а не индивидуа, некритички кон себеси, можат да му наштетат на своето дете.

Оваа книга и ќе поттикне да размислиме колку вистински ја остваруваме сопствената животна мисија.

Оваа книга поттикнува и да се запрашаме колку вистински имаме време за блиските, за најмилите.

Оваа книга поттикнува на промени… Затоа што и завршува со оние што немаат време и многу се зафатени и со оние што сепак наоѓаат време, затоа што ја научиле лекцијата. И затоа што сфатиле дека копнежот и фатанзијата не значат незрелост, туку чување на своето Јас во себеси.

 

[1] Книгата „Другарче“ се промовираше на 2 април 2024 година, на Фестивалот на децата, книгите и музиката, во организација на ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани. Овој ден е посветен на книжевноста за деца, на книгата за деца, како ден кога е роден таткото на современата (европска, но и светска) сказна, Ханс Кристијан Андерсен. Оваа книга за деца од неодамна, за македонските читатели е достапна и на македонски јазик, во превод од холандски на Ели Пујовска.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Иван Антоновски
Успешно дебитирање во просторот на сонливото
Денес, од исклучителна важност е делото за деца од предучилишна и раноулишна...
Повеќе
0 replies on “Дали фантазијата е само она што е невозможно?”