Осврт кон сегашноста и минатото во „Лозје“ од Блаже Конески

Зборовната група глагол може да биде дефинирана пред сѐ од гледна точка на морфологијата. Глаголот е единствениот збор чија форма зависи од голем број граматички категории, од кои некои ги среќаваме и во морфолошката структура на други зборови. Да се измени еден глагол значи да се направи множество од неговите најразлични форми со помош на морфемите што ги означуваат тие различни граматички категории. Таквото множество што претставува затворена парадигма на формите се нарекува конјугација. Во многу јазици глаголот има најбогата парадигма за разлика од другите зборови, иако некои од нив се хомоними и нивниот број се менува во однос на нивната сложеност. Со други зборови, глаголот е збор што означува дејство или состојба. Неговата форма е во тесна врска со подметот на реченицата со кој врши согласување по род и по број. Во македонскиот јазик разликуваме три групи глаголи. Нивната класификација се врши според последната самогласка на една глаголска форма во трето лице еднина сегашно време. Овој критериум на класификација е воведен од страна на американскиот лингвист Хораст Лант (Horace LUNT, Grammar of the Macedonian Literary Language, Skopje, MANU, 1952).

Системот на македонскиот глагол е еден од најсложените системи во словенскиот лингвистички свет. Како што е општопознато, македонскиот јазик го има зачувано, иако со променето значење, минатото определено време од старословенскиот јазик. Може да се каже дека разликата меѓу минато определено свршено време и минато определено несвршено време е само видска, па тие можат да се третираат како една категорија, т.е. минато определено време. Во оваа смисла, минатото определено време му се спротивставува на минатото неопределено време. Се знае дека не само цртата определеност го разликува минатото определено време од минатото неопределено време, туку и цртата која се состои во фактот дека минато определено време се употребува за дејство за кое говорникот лично потврдува дека тоа се случило, а минато неопределено време се употребува за дејство без оглед на потврдување, т.е. кога соговорникот само тврди дека дејството се случило. Обично тоа значи дека минато определено време се употребува во директно кажување, а минато неопределено време во прекажување. Иако минато неопределено време може да се употреби во директно кажување, минато определено време не може да се употреби во прекажување без лично да се потврди искажувањето од страна на говорителот. На пример, ако кажеме: Марко бил во Америка, тоа може да има значење „јас тврдам дека тој бил таму“, но „не го потврдувам тоа“, но ако кажеме: Jас сум бил во Америка, тоа е потврдување, како и тврдење. Според генеративно-трансформативната граматика значењето на секоја реченица ја има својата „длабинска“ структура, која може да се претстави преку структурален дијаграм. По секоја трансформација длабинската структура на реченицата по малку се менува, додека не стигне на површината.

Следно, што подразбираме под категоријата време? Под граматичката категорија време го разбираме односот на вршење на глаголското дејство по време – според моментот на соопштување. Сегашноста, или воопшто оној момент кога се зборува, претставува еден вид временска разделница меѓу она што станало пред тоа, во минатото, и она што ќе настапи по тоа – во иднината. Во овие три временски плана – сегашност, минато, иднина – се вместуваат различните времиња што ги познава нашиот јазик. Така, имаме сегашно време, минато определено време (свршено и несвршено), минато неопределено (свршено и несвршено), предминато време, идно, идно прекажано и минато-идно време. Сегашното, минатото и идното време се основни глаголски времиња. Покрај нив постојат и други глаголски времиња, кои за ориентација не го имаат сегашниот момент. Такво е, на пример, минато-идно време (ќе учев), кое искажува идност не во однос на сегашноста, туку во однос на некој минат момент.

Односот според моментот на соопштување, како разделен меѓу минатоста и идноста, е основен во временската определеност на различните граматички времиња. Но освен со него тие можат да се сооднесуваат во извесни случаи со уште некој временски момент. Во речениците можат да се јават најразлични временски нијанси и тогаш кога се употребени формите од едно исто време. Зборувајќи за односот на глаголското дејство по време спрема некој друг момент, мислиме на соодносот меѓу формално изделени времиња по себе, а не на различните случаи што логички можат да произлезат од реченичкиот состав. Едно време може да дојде во својата вистинска употреба – тогаш кога го изразува она посебно свое значење што го одредува неговиот однос спрема моментот на соопштување и спрема другите времиња. Покрај ова, многу е честа и неправилната употреба на дадено време, што се заснова на пристапот на говорителот од различни временски гледни точки кон соопштеното дејство, независно од моментот на соопштување. Така, сегашно време може да се употреби за соопштување на минати и на идни настани.

Појавата на книгата „Лозје“ претставува настан од големо значење и вистинска пресвртница во развојниот тек на современата македонска проза, особено на кусиот расказ. Македонската книжевна критика го определува значењето на оваа книга како скршнување на „воспоставениот“ ред и поредок во тематскиот простор на актуелната литература, обележан со „третирањето“ на колективните и на колективистичките теми и дилеми.

Во оваа збирка раскази Конески се занимава со проблемите на „малиот“ човек во вообичаеното и, на моменти како што се чини тривијално секојдневие, ставајќи го во средиштето на својот интерес поединецот исправен пред вечното прашање за смислата на човековата егзистенција. Конески прави успешна ментална проекција на најтенките бранувања во неговиот психички живот. Оваа стилска особеност, ваквата претензија кон психолошка анализа, го напојува нараторскиот генератор, кој, пак, ќе произведе раскошен грст од описи, како една од највпечатливите придобивки на оваа проза.

Во десетте раскази од збирката „Лозје“ од Блаже Конески (прво издание 1955 година) станува збор за делумно реалистичка делумно егзистенцијалистичка проза, во која деталниот набљудувач, најчесто сезнаен, продлабочено и со особено внимание ја обработува обичноста на секојдневието, навидум едноставна и здодевна. Речиси доминантната, сезнаечка нараторска способност продуцира исклучително богатство на објаснувања од различен тип.

Што можеме да заклучиме освен дека под извонредното перо на Конески се крие истакнат прозаист што толку успешно успева да ги преточи сегашноста и минатото во своите раскази, а ние нурнувајќи се низ нив чувствуваме како да сме дел од нив. Низ овие раскази се крие секојдневието на човекот, а тој човек е самиот Конески којшто со својата нараторска умешност ни раскажува за човековото битисување. „Лозје“ е пресвртница на развојниот тек на македонската современа проза. „Лозје“ во себе содржи огромно богатство за анализа. Покрај формите за минато време, кои сами по себе означуваат минатост, без оглед дали е во своето траење или во своето засведочено дејство, многу често низ овие кратки раскази се јавуваат формите за сегашно време. Сѐ со една цел, а таа е да се постигне извесно психолошко пренесување во текот на дејството, како тоа сега да се одвива пред очите на читателот, и така се побудува поживо претставување. Покрај овие две форми се јавуваат и формите за идно време кои, исто така, можат да се употребат наместо минато – ако имаме извесно психолошко пренесување што едно минато дејство го гледаме во очекување, воопшто во идноста, и исто така се јавуваат формите за предминато време со кое се означува дејство што станало пред некое друго минато дејство. Ова време најчесто се користи во прозни текстови во своето основно значење, а може да се јави како замена на минато неопределено време, но како стилска разновидност, како што е во некои од нашите случаи.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓоршеска
Културалниот идентитет во акустичните матрици на Блаже Конески
Богатата и надарена природа на Блаже Конески за релативно кратко време дала...
Повеќе
0 replies on “Осврт кон сегашноста и минатото во „Лозје“ од Блаже Конески”