Воините на загубената плима

Фион Бојл лежеше испружен на стариот, излитен кауч и се обидуваше да се разбуди со вресок. Некаде во заднината на умот знаеше дека сонува, но не можеше да ги отвори очите. Можеше само да го слуша гласот што потпевнуваше, вдомен во неговата глава.

Фион Бојл лежеше испружен на стариот, излитен кауч и се обидуваше да се разбуди со вресок. Некаде во заднината на умот знаеше дека сонува, но не можеше да ги отвори очите. Можеше само да го слуша гласот што потпевнуваше, вдомен во неговата глава. Пискаше како змија и сè подлабоко му се пробиваше во мозокот.

Тик-так, шепотеше гласот. Дали можеш да ме слушнеш, малечок Бојл?

Фион можеше да ја види Мориган со своите внатрешни очи – нејзиното злобно клештење, премногу широко за тоа ковчесто лице.

Тик-так, карпа што се троши таму.

Три дена, внимавај на часовникот ваму.

Таа се исклешти, една сенка се доближи и скокна кон него, нејзините прсти се движеа низ темнината на неговиот ум. Тик-так, тик-так, тик-так… Зборовите збеснаа, тонот се засилуваше сè додека веќе не беше смеа туку крик. ТИК-ТАК, ТИК-ТАК, ТИК-ТАК.

Бегај од мене! Фион се обиде да викне, но зборовите зовреа во неговото грло.

Телото му се вртеше како торнадо, рацете удираа наслепо додека се обидуваше да се разбуди. Каучот крцкаше под него, ’рѓосаните пружини се подигнуваа и спуштаа од силата. Помош! Таа ќе ми ги ископа очите! Ве молам –

Се слушна силно плас!

Фион скокна од сонот додека нешто студено и лигаво му се спушти по носот.

Го помириса. Што е тоа…?

„Шунка“, кажа познат глас. „Похувана.“

Фион го тргна парчето шунка од лицето.

Дедо му го набљудуваше внимателно, неговите сини очи трепереа на утринската светлина. „Мислам дека повторно се превртуваше во сон.“ Во едната рака држеше отворено пакетче исечена шунка, а во другата светлопортокалово парче кашкавал. „Мислев дека ќе биде похумано со шунка.“

Фион ја тргна разбушавената коса од очите. Познат бран топлина му удираше во градите, дел од неа се обвиткуваше околу градниот кош како да сака да го поздрави. Магијата на Чуварот на бурата беше будна, исто како и тој.

Фион воздивна. „Не можеше ли да ме викнеш по име, како секој нормален човек?“

„Кога сум бил нормален?“ рече неговиот дедо, грицкајќи парче од кашкавалот. „Освен тоа, осум пати го изговорив твоето име. Трипати те подбуцнав и точно еднаш ти ги затресов рамената. Следниот логичен чекор – “

„ – беше шунката“, рече Фион, полека станувајќи и ставајќи го навредливото парче на потпирачот за раце.

„Се плашам дека е така, момче.“ Дедо му го гледаше многу внимателно, со веѓите подигнати над пластичните очила. „Повторно истото?“

„Тик-так“, рече Фион, мрачно кимајќи со главата. „Одбројувањето продолжува.“

Мориган живееше во неговата глава со месеци, но пред две недели чувството на неодложност се зголеми во неговите соништа. Гласот, порано бестелесен и далечен, сега доаѓаше со одбројување, рацете посегнуваа да го стиснат, прстите го гребеа, бескрвните усни речиси му се прилепуваа до увото. Таа стануваше посилна, поопасна.

„Одбројувањето“, рече дедо му, „ме загрижува.“

Свеж воздух се проби под прозорецот и го обви каучот. Фион го повлече ќебето околу себе. Минатиот месец зимата се вовлече на островот, влезе во ветерот и завиваше низ пукнатините на ѕидовите. Замрзнатите кристали плетеа мрежа околу прозорските стакла и понекогаш ноќе, кога Фион се будеше за да земе воздух, можеше да види како во темницата здивот му лебди во форма на облаци.

„Зошто не отидеш да си легнеш во мојата соба, момче?“ предложи дедо му. „Таму енергијата е многу добронамерна и убава. И има многу добра електрична печка од која ќе се воодушевиш.“

„И така веќе сум буден“, рече Фион, ги истегна рацете над главата и го сврти вратот додека да крцне. Минатото лето ѝ го отстапи својот кревет на мајка му, а тој инсистираше да се премести на каучот што беше подарок од продавачот Донал, кој личеше како да бил изваден од куќа опседната со духови, а мирисаше на постојан очај. Ноќе крцкаше ужасно и од него малата дневна соба изгледаше уште помала, но Фион знаеше дека не е важно каде ќе спие – и така Мориган ќе го најде.

Скокна на нозете. „Колку е часот?“

„Часот?“ Дедо му се занимаваше со нешто во кујната. „Многу добро знаеш дека не се придржувам кон такви произволни концепти.“

Време.

Фион отиде кон свеќата што трепереше на каминот, единствениот запален пламен во собата полна со свеќи. Восокот се топеше – сега помалку беше свеќа, а повеќе млечнобела бара. Секако, тоа не беше само свеќа. Тоа беше суштината на дедо му, сите негови сеќавања беа собрани во тој магичен препарат, роден од крв и море, кој гореше по цели денови и ноќи, и брзаше кон својот крај.

Време. Неговиот дедо имаше позајмено ужасно многу од него.

На Фион му се лошеше кога се потсетуваше на ова. Во последно време имаше чувство дека сè му бега од контрола. Како што ноќите поминуваа и како од ден на ден Мориган сè повеќе се доближуваше, не можеше да не се замислува себеси како контролор на побегнат воз. Чувствуваше како темнината се прикрадува околу него, а одбројувањето на времето што го правеше вештерката се сообразуваше со чукањето на неговиот пулс. Нешто ќе се случи. Наскоро.

Таа ќе се разбуди кога момчето ќе се врати, еднаш му рече Ајвен, премногу расположено. Таа ќе стане кога Чуварот на бурата ќе крвави за неа.

Фион немаше крвавено за Мориган од денот кога таа се разбуди, но исто така не успеа ни да ја успие. Неговото патување до Морската пештера во летото сè уште го прогонуваше. Беше толку блиску до тоа да ја загуби својата сестра, а потоа и да се удави сосема сам во таа бескрајна темнина, со Мориган, која му се смее во увото. Сеќавањето стана силно и остро, и често, кога мислите ќе му заталкаа, му ги пробиваше ребрата.

„Сендвич?“ викна дедо му од кујната. „Ќе ја поделам шунката со тебе, ама остатокот од сенфот е за мене. Со цели зрна е. Француски. Très скап.“

„Не, благодарам.“ Фион зјапаше во малиот пламен на каминот. Магијата во него блесна кога го препозна. Ја испружи раката над стаклениот сад, со желба пламенот да танцува за него.

Ајде… Ајде…

Фион беше Чувар на бурата, оној кого островот го избра за да управува со елементите во име на Дагда, сè додека неговото тело и ум можат да го издржат тоа. Оној кој ќе командува со земјата, ветерот, воздухот и огнот, со мало насочување на мислата.

Требаше да биде лесно. Требаше да биде беспрекорно.

Ја стисна вилицата и ги свитка прстите онака како што дедо му го учеше да го прави тоа. Ајде.

Огнот го игнорираше.

Лицето почна да го пецка.

Расти, заповеда. Танцувај.

Неговата магија му икна во градите, речиси соборувајќи го.

Фион ја спушти раката и воздивна.

 

*

 

Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.

Превод од англиски: Владимир Јанковски

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Воините на загубената плима”