РОЗА ЗА ОНАА ШТО НЕ Е ОВДЕ
Мајка ми поминува огромен пат
во старинскиот автобус. Преку замрзнатите ливади,
низ планинскиот предел затрупан со снег.
Седи зад возачот и разговара со него
за необичното време. Се лулка
на своето седиште со мали птици во скутот.
Понекогаш однадвор се слушаат вресоци,
но не се гледаат оние што се подложени
на мачење, некаде од некого.
Одеднаш во автобусот се чувствува
силна миризба на рози, чиниш некој испуштил шишенце
со мирис, или меѓу дланките трие ливчиња од роза.
Мајка ми патува во Никаде
со зимскиот автобус. Понекогаш има
слана врз лицето. Усните и веѓите ѝ се побелени.
Имам доволно причини да верувам во нејзиното патување,
на тоа ме учи метафизиката, но и едно
сосем лично доживување на времето и на бесмртноста.
ПРОЗОРЕЦ
Сестра ми и јас сме толку мали
што може
и двајцата
да нè собере во рамката на кујнскиот прозорец.
Секој од нас
има своја страна од прозорецот.
Од мојата страна
се гледаат
само
подрумските врати
и дел од скалиштето на соседот.
А од страната на сестра ми
градината крај оградата
во која се нишаат лалиња на ветрот
и други цвеќиња.
Врз даската од прозорецот
со шајка
ги врежав почетните букви на нашите имиња: И и А.
МОЛИТВА
Господи, дозволи ми кога ќе умирам
да не сум сам, да ја држам ќерка ми за рака,
жена ми да е крај мене и да ме гледа во очи со тага и со доволна претпазливост.
Да ми зборува дека поинаку не може да биде
освен така: крај ангели кои сè појасно гледаат,
и пред некој кој застрашува со својата сомилост и со Ништото.
Додека ме набљудува од толку близу
да е всушност Тој јас,
и да сум јас Тој.
Господи, дозволи во клучниот час
да се присетам на некој пригоден збор или на цела реченица
од оние, секако, што сакав да ги изговарам
во малата крчма, со вино, трудејќи се да му оставам впечаток на соговорникот.
И не ме испуштај од вид до самиот крај,
само запалувај јасни светилки крај патот по кој одам,
нека горат и тогаш кога ќе бидеме едно, во сето што допрва доаѓа
од Ништото и што во Ништото се враќа. Ништо во Ништото.
ПОЕТОТ Ѝ СЕ ОБРАЌА НА СВОЈАТА СОПРУГА МИСЛЕЈЌИ НА ОНА ШТО ГО ОЧЕКУВА
Прескапи се погребните услуги.
хонорарот за нив изнесува колку и хонорарот за оваа песна, но повеќе пати зголемен,
прескап е и најскромниот ковчег,
пренесувањето на ковчегот до болницата и од болницата
до гробната капела,
прескапа е и парцелата на гробиштата, димензии 2м со 40см,
како и услугите на работниците,
црнината е скапа,
венците од восочни ливчиња
и лентите со пригоден натпис,
виното, колачите и цвеќето,
скапа е убиствената тага што не остава последици,
се плашам дека мојата смрт ќе ти ги истера и последните пари од џебот,
дека ќе те остави во долгови, дека ќе ти
донесе неволи и други нешта за кои во мигот не
можам ни да насетам какви би можеле да бидат,
да им ги оставиме ваквите погреби на оние што ги љубат покојниците
повеќе отколку живите луѓе,
мртовците навистина не треба да се љубат, мртовците се глупави, неми и слепи,
немаат смисла за хумор,
необично се склони кон распаѓање,
не се движат,
тешко дека можат да го променат еднаш веќе заземеното место,
освен во случај на некои, навистина ретки, катастрофални поместувања на земјиштето,
да им ги оставиме ваквите церемонии на богатите некрофили,
за кои смртта на другиот човек е само добра прилика
да го облечат својот црн смокинг, своите светнати чевли, својата униформа за погреби
и да се видат со оние со кои се немаат видено
речиси цел еден век, од детството,
се разбира,
дрдорејќи зад ковчегот, рака под рака, за што
и да е: за купување нов мебел или за изложба
на слики, за лов и риболов,
затоа можеш по мојата смрт да располагаш со мене како што милуваш,
полиј го мојот труп со канта бензин и запали го во дворот
и кажувај им на оние што ќе те распрашуваат дека тоа е последната желба на покојникот
(всушност покојниците немаат никакви желби ниту, пак, можат да ги соопштат),
фрли го мојот труп во римски бунар
или подели го на мали делчиња и во целофанска хартија расфрли го по околните канти за отпадоци,
или едноставно глуми дека не си ме ни познавала,
дека не ме познаваш (ако е тоа воопшто можно),
тоа би бил добар начин мојот погреб да не те чини ниту денар,
парите што би можела да ги собереш за погребот употреби ги покорисно,
замини тоа лето со Ана на море,
не сакам мојата смрт – нешто најглупаво што може да ми се случи –
да те чини ѓавол и половина.
Превод: Никола Маџиров