Совршенство во коцка шеќер

Животот на Горјан навидум изгледаше здодевно кога се гледа отстрана бидејќи се состоеше од секојдневна рутина на одење на работа, пиење кафе во омиленото кафуле и заминување дома.

Животот на Горјан навидум изгледаше здодевно кога се гледа отстрана бидејќи се состоеше од секојдневна рутина на одење на работа, пиење кафе во омиленото кафуле и заминување дома. Имаше и такви кои му завидуваа на неговата работа и кариера како адвокат кој беше најдобар во своето поле. Во целото тоа поле на хармонија и совршенство, имаше еден мал детаљ коj им привлекуваше внимание на сите, а тој детаљ беше едната коцка шеќер која Горјан секојдневно ја вадеше од својот џеб и ја ставаше во своето кафе. Имаше такви кои се осмелија да го прашаат зошто секој ден си носи со себе коцка шеќер и не го става шеќерот кој го дава кафулето во своето кафе, а тој
имаше еден ист одговор за сите:

– Мојот живот е совршен како оваа коцка шеќер!

Да, совршеноста на коцката шеќер, еднаквоста на нејзините страни и блажинат која ја нуди, на Горјан му даваа слика на складност и го потсетуваа колку неговиот живот беше совршен. Горјан со години живееше исто и правеше исто, но човечкиот живот е полн со неочекувани пресврти кои можат да ни ги сменат размислувањата и стрелките на компасот по кој се водиме во друга насока. Еден ден седејќи во кафулето, Горјан кој секогаш во џебот носеше совршена коцка шеќер која ја ставаше во кафето, сега заборави да ја стави. Некој да го видеше ова сигурно ќе мислеше дека неубаво гледа или дека едноставно го пропуштил моментот на ставање на шеќерот во кафето, но вистината е таа дека Горјан заборави.

Неговото внимание го привлече нешто друго, нешто далеку од неговиот совршен живот, нешто што никогаш до тогаш не му застанало како пречка меѓу него и совршенството во коцката шеќер. Забележа дека само тој седи сам, забележа дека луѓето кои за него немаа совршен живот имаат совршена насмевка на нивните лица која тој ја немаше никогаш на своето лице иако сметаше дека животот му е совршен. Се почувствува празно, осамено и блажината која претходно ја даваше коцката шеќер, сега се претвори во горчина. Коцката шеќер секогаш му беше во неговиот џеб, но таа немаше веќе сила како порано да го потсети дека неговиот живот е совршен. Сето ова траеше до моментот кога го виде најсовршеното нешто на светот.

Траеше сè до моментот кога една насмевка со сите нејзини несовршености стануваше совршена и внесуваше поинаков ритам во неговото срце. Една обична девојка со прекрасна насмевка која продаваше лалиња, во животот на Горјан донесе ведрина и нова искра на среќа. Неговата рутина и понатаму продолжи да е иста секојдневно, но веќе не беше потребна коцката шеќер за да го потсети на совршеноста на неговиот живот. Тој не мораше да ја има совршеноста во неговите раце, бидејќи сега ја имаше во неговото срце. Не беше иста од сите страни како шеќерната коцка, но беше посовршена, поблага и топла.

Од моментот кога си ги споија нивните срца и дланки, џебот на Горјан беше празен, не носеше коцка шеќер бидејќи немаше потреба да го потсетува на совршенство кое веќе беше и во неговото срце и пред неговите очи и во неговите мисли. Позитивната промена кај него беше толку голема што сите луѓе ја забележаа, ја почувствуваа и Горјан им беше пример на сите љубопитни души кои прашуваа за коцката шеќер дека површината на совршенството не ја отсликува внатрешноста и срцевината на истата и сите научија дека да се биде совршен, не значи да се биде среќен.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Совршенство во коцка шеќер”