Маѓепсништвото и магијата – лунарни практики

Луната како покровителка на тајните магиски практики и заштитничка на жените, најпрво ги припрема, а потоа ги учи своите вернички како да уживаат во својата света, доделена тајна на раѓањето.

Ако ја анализираме магијата и религијата како два основни системи кои се надоврзуваат, со сигурност ќе наидеме на спорот, кое на што му претходи. Архаичниот човек е единствениот во историјата на човекот, кој најсилно верува во обичаите и традицијата, па затоа магијата како неизбежна смисла од целокупната слика, се верува дека оди пред религиозните сфаќања и обожувања. Магијата се заснова врз обредните практики кои се користат за да не се наруши последователниот концепт и идејата дека така човекот може да влијае врз натприродните сили, додека со религијата имаме посложен концепт кој сака да ги скроти вишите сили со примена на индиректни церемонијали.

За ова Фројд ќе даде едно солидно објаснување, кое вели дека магијата е техника на религијата.  Меѓутоа, и во двете форми, и магијата и религијата се практикуваат на основа на два општи принципа, односно верувањето во силата на натприродното кое владее со целиот жив процес и практикувањето на симпатичка магија, односно ритуали кои се одвиваат во одредено место и време. Оттука се надоврзува поимањето на магијата, односно хомеопатската и преносната магија, низ призмата на едно сеопшто гледање се сведува на овие две универзални практики, кои функционираат по принципот дека сличното предизвикува слично, или како резултат на причинско-последичен однос.

Симпатичката магија се основа со два аспекта, на позитивни и негативни правила, првите се доведуваат во контекст со магијата, додека негативните забрани се всушност табуа. Примитивниот човек слепо верува дека овие правила владеат со целокупниот природен циклус, а тој како индивидуа нема никаква сила и влијание, единствено што му останува е да ги следи назначените одредби сѐ со цел да не го наруши природниот циклус. Табу е, (…), негативна примена на практичната магија. Позитивната магија или враџба наложува: „Прави го ова, за да се случи тоа и тоа“. Негативната магија или табуто пропишува: „Не прави го ова, за да не се случи тоа и тоа“ (Фрејзер 2013, 37).Со прекршување на табуто, односно со вршење на забранетите практики, на пример ако за време на месечевиот гинеж се засади нешто, иако не е дозволено во овој период, се верувало дека се доаѓа во допир со нечистото. Забраната не е случајно поставена, со нејзино непочитување, човекот нема чувство за нужност, па затоа станува поган, бидејќи направил грев, односно тој е неморален за колективот. Со неговата случајна или неслучајна грешка, загрозена е целата заедница, која строго верува во кружниот тек на работите, а со нивно изместување тој може да се депласира и да допринесе вечна суша, потоп или слична катастрофа. Принцип кој доведува до разлутување на природата и нејзиниот демонски дух, притоа поединецот кој е нечист го губи секое право за учество во позитивните магиски обредни практики. За работите да се вратат во првобитна форма, односно повторно во чистото, се практикувале најразлични обичаи. Главно водата и огнот како елементи со магиско својство биле употребувани за очистување од демонските сили.

Магијата како практика предводена од шаман, жрец или врач требала да донесе моментални промени, позитивни или негативни. Со ова се изделува и црната и белата магија, практикувана од поединци за да наштети или пак за позитивен исход на поединецот. Меѓутоа магијата како ритуална практика е во близок однос со религијата, бидејќи светите церемонии се изведувале во точно определено време исто така предводени од единка која ги знаела светите тајни, сето ова требало да придонесе поблизок однос со божеството, што би значело дека молитвите ќе бидат слушнати, оттука и потребата да се дарува божеството со принесување на жртва.

Месечевиот култ магијата ја восприма во себе како религиски ритуал, но и како лаичка вештина за индивидуална употреба, која несомнено се користела и за добро и лошо меѓу луѓето. Денешната претстава за баење, гатање секогаш се поврзува со вештерките кои се демонизирани суштества, зли, стари, извитоперени кои не носат ништо добро и свето. Меѓутоа вештерките се изедначуваат со маѓеснички, нивната волшебничка природа потекнува од славењето токму на  лунарното тројно божество на раѓањето, мајчинството и смртта. Ова женско божество не владее со светот, како што е тоа практика со машкиот Бог кој е производ на човечката имагинација, која особено во патријархатот зазема моќ, туку таа е космосот и сѐ во него. Негативниот аспект  на вештерките поврзан со ноќта како  активниот период за нејзините зулуми, кога таа правела пакости низ селото (го пие млекото од стоката, јаде сѐ што ќе најде по куќите, носи болести, особено е страшна за најмладите). Несомнено и до ден денес оваа митска фигура е останата како заплашување за малите деца, а во минатото се верувало дека им ја пие крвта, им ги вади срцата, ги убива луѓето, особено на оние деца кои посебно имаат страв од нејзината закана. Несомнено и во приказните вештерката ги черечи, јаде или сакати децата, меѓутоа објаснувањата секогаш говорат во прилог на иницијацијата која треба да ја помине младото момче / девојче како потврда за успешен премин во брачната заедница. Според македонските верувања, месечината била опасна за младите деца и бебињата, се верувало дека таа може да ги изеде, бидејќи има својство да ги влече кон себе. Ова сугерира на Лилит и нејзината претстава со децата, но и се поклопува со сегментот за деградирање на женските божества, кои подоцна земаат демонизиран карактер. Во сите словенски традиции вештерката е жена и демонски призрак, некогаш претставена како душа на старица, некогаш од мајка распуштеница, од лоша жена, но и секоја жена можела да стане вештерка со практикување на обредни вештерски иницијации. Жената-маѓепсник имала способности да ја симне месечината. Имено станува збор за повеќе различни верувања, односно скоро во сите верувања, месечината е симната од страна на жена, потоа при симнувањето таа се престорува во крава која силно рика, вештерката го измолзува црвеното млеко, или пак имала способност да го преземе млекото од друго место. Многупати овој принцип бил користен за црни магии, така што од измолзеното млеко се правело погача наменета за момче кое не ја сака девојката што го љуби. Често се случувало да се употребуваат и дополнителни ритуали, бидејќи таа не можела да се врати на небото, но со оваа практика се верувало дека се кршат сите заповеди и морални норми.

Од друга страна и покрај сите негативни претстави на вештерките, нивните ритуали, тајните состаноци кои биле во точно определено време, изведувањето на танци кои доведувале до состојба на транс, изговарањето на магиски зборови, толкувањето дека тие можеле да лечат, натприродните способности ги доведуваат во една релација со шаманите. Доколку би гледале од позитивен агол на сите толкувања на вештерките, воопшто на Месечината, сите овие ритуални практики можат да се поврзат со шаманите и шаманските ритуали. Тајните собири, биле предводени од единка која била избрана од останатата група, која ги знаела тајните и магиските својства, а интересно е тоа што е засведочено во европската митологија, во врска со способностите на маѓепсницата, практики кои се одвивале за време на трите месечеви мени (практики кои се употребуваат и во денешни услови како учења за вештерски способности). Би можело да се каже дека се работи за своевидни шамански обреди, кои за време на младата месечина доаѓаат во контакт со девицата, која е задолжена да ги возобнови сите сетила, да ги разбуди по смртта, да го поттикне периодот на создавање. Во овие ритуали се употребуваат семиња кои се поделени на секоја учесничка, која треба да каже што ќе засади со Месечината, или пак што очекува од овој нов циклус кој има моќ на раст и развој. Собирот се одвивал на свето место, обично станува збор за жени-шаманки, кои трансната состојба ја изведувале со длабока медитација. За време на полната месечина се славел периодот на созревањето, полнотијата и успехот на месечината, учесничките поставени во круг со помош на песна и игра влегувале во трансна состојба и се поврзувале со Божицата која влегувала во секоја од нив и остварувала контакт. За митскиот човек, танцот бил особено важен, претставува знак и говор преку кој може да дојде во комуникација со божеството. Несвесните, трансни состојби го оживувале верувањето на Бога, кое е длабоко во секоја единка. Ритуалните танци, прво биле изведувани од страна на обичните припадници на заедницата, но постепено како се засилувала магиските обредни практики, танцот бил препуштен да го водат специјализираните одреднички, односно свештенички, шаманки, врачарки. Во традицијата на Словените е забележано дека при изведба на ритуалните танци се користеле обредни костими, чии ракави биле многу подолги од должината на раката, додека женското божество е замислено со долги раце и распуштени коси, што јасно имплицира на магиски ритуални танци кои ја слават Големата Божица.

Кога месечината почнувала да опаѓа се славел крајот и смртта, пред новото раѓање, бидејќи ништо не е вечно, па така и смртта. Во средина на кругот се поставувал сад со вода како помагало за откривање на судбината или скриените тајни. Овие практики, со мало надополнување се сместени во учењето на таканаречените модерни маѓепснички, кои имаат за цел да ја презентираат целокупната претстава за Големата божица-Мајка, без никакви негативни и  демонизирани својства. Поврзаноста на шаманот и вештерката-маѓесничка  се согледува и во релацијата дете-вештерка, толкувањето за успешна иницијација исто така придонесува за ова сфаќање. Имено, вештерката е „гуруто“ кој  го води младото и неискусно дете до верзијата на зрела индивидуа,  односно адолесцент кој е подготвен за животот  во заедницата, притоа кажувајќи му ги тајните на животот. Од друга страна старата вештерка – шаман, го избира новиот претставник од племето на кого треба да му ги предаде тајните и мистични сфаќања, а сакатењето претставува новата верзија од младото дете кое доаѓа во контакт со повисока свест и способност. Шаманите се поврзуваат со способноста да влијаат врз временските прилики, гатањето, баењето, астрални проекции, толкување на соништа, исцелување,  како и патувањето во световите под и над земјата. Сите засебно упатуваат на способностите на вештерките, тие се поврзани со култот на мртвите и покојните души, поврзани со Големата Мајка божица, што се однесува на астралното патување, кај Вражиновски ќе наидеме на одличен податок кој вели: „Во Скопската Котлина, во Битолско, како и во други делови на Македонија, се верувало дека вештерката е душата на стара жена, која излегува од неа откако ќе заспие и се движи во вид на светлина. Додека нејзината душа шетала низ селото, телото ѝ останувало како мртво во постелата. Се верувало дека ако ноќно време вештерката се помести во креветот на другата страна, (…), таа умира, зашто нејзината душа не може да ја најде и повторно да влезе во неа“ (Вражиновски 2002, 102)

Оттука, неизбежна е и релацијата со билките, односно билкарството кои воедно и се рамната со титулата шаман. Билките како дел од кружниот тек на природата, одбележан од семе до плод, претставува основа на севкупниот живот на Земјата, бидејќи од нив се преоѓа во животинскиот, човечкиот и божествениот свет и обратно, постојано кружејќи низ природата (Вражиновски 2002, 56). Впрочем жените исцелителки на некој начин се зачетници на лекарската професија, тие од секогаш се грижеле за заедницата, преку тајната на лековитите билки.

Архаичната имагинација го одржувала човекот во континуирана медитација, а сето тоа придонело за воодушевувачки сознанија, пред сѐ за себе и суштината за своето постоење, а потоа и за работите околу себе. Колку повеќе човек успева да допре до себе и своите најскриени дарби, толку повеќе е отворен за светот околу себе. Руланд вели: „Имагинацијата е ѕвезда во човекот, небесно и наднебесно тело“ (Јунг 2003, 282). Но, древниот човек постепено ја развивал својата имагинарна способност, па од денешен аспект тој одговорот на сите прашања најпрво ќе го најде во жената и нејзината основна биолошка функција, односно раѓањето. Основна формула од која потекнува сѐ. Клуч кој постепено ги отворал сите понатамошни замисли за сите други настанувања. Чинот на раѓање, гледан низ призмата на архаичниот човек е единствениот чин на создавање, во кој тој има најнепосреден увид и при кој нешто се појавува, настанува, а пред тоа никаде не постоело, односно, при кој нешто „настанува од ништо” (Pavlović 1987, 14). Оттука се гради сликата за митската прамајка, лунарна божица, која е единствено небесно тело, кое се раѓа, умира и повторно се враќа, причина за да се создадат трите божици поставени во една целина. Човекот целокупниот процес на раѓање го замислува како свет и магиски чин, раѓањето, плодот се третираат со особена светост, самиот породилен чин за него не претставува никаков причинско – последичен однос. Луната како покровителка на тајните магиски практики и заштитничка на жените, најпрво ги припрема, а потоа ги учи своите вернички како да уживаат во својата света, доделена тајна на раѓањето. Таа раѓа и храни, плодот е длабоко во влажната и темна земја, и женскиот репродуктивен орган е сместен во долниот дел, темен и влажен, а бујните гради го хранат детето. Истото се случува и со земјата, дождот како мајчино млеко го храни и расте своето чедо. Дождот и толкувањето како машки принцип, малку ги изобличува рамките за целокупното сфаќање, но Мајката Земја, односно утерусот, семето во нејзе не се развива и живее од никаков машки фактор, плодовата вода е таа која го одржува во живот ембрионот, тој е во допир со сѐ што ја сочинува мајката, па така и сите фактори кои влијаат  на земјата се сочинети од една иста замисла. Целиот овој процес, доведува во жената да се обедини сеопштата непозната природа, несомнено, смртта го враќа во своите одаи тоа што новината го дава.

Антропоморфна или пак зооморфна, тоа воопшто не е важно, бидејќи таа е родилка. Со појавата на космогониските митови, создавањето за смислата на постоењето се фокусира токму на нејзината утроба која ги раѓа човекот и сите живи битија. Поновите космогониски митови, односно оние кои се создаваат со патријархалниот поредок, создавањето од ништо не можат да го усогласат со визурата за машкиот принцип. Така, машкиот демиург светот го создава изблувајќи го од својата уста, или пак изливајќи го своето семе. Сепак, многу почесто, тој, светот го создава користејќи ја својата сила (демиург – јунак), така што го ослободува од доминацијата на некаков негативен фактор или пак, творејќи го светот, или уредувајќи ја со својата вештина хаотичната состојба во која тој претходно се наоѓал (…) (Kasirer 1985, 183). Оттука се надоврзува, деградацијата и од христијанизацијата, хранителка и создателка – мајка, зачувана во реликтите на вештерката и бабата, целосно предадена на хтонскиот простор, демонизирана и зла, пакосна стара безмилосна жена. Придружничка на ѓаволот, одговорна и причина за смртта на новороденчињата и децата, парадокс, кој го олицетворува и оживува само лицето на лошата мајка, без никакво наговестување или уважување за аспектот на родилката и хранителката / добрата мајка.

Историјата двапати кажа не за древниот култ на создателката, во патријархатот именувана како прататко, подоцна демонизирана, но ќе се навратиме на „магичната“ формула од македонскиот јазик – двојната негација не означува потврда.

На крај, се изнесоа доволно потребни, или помалку потребни забелешки, скромни размислувања, и вистински факти за проблемот што го истражувавме.  Од денешен аспект не можеме да измислиме „топла вода“, нова математика, нова историја, или било што, не сме претставници на нови цивилизации, само сме семе на нови генерации. Архаичните претстави се нашата ДНК која не можеме да ја смениме, циклусот на раѓање, смрт, обновување никогаш не престанал и ќе престане во оној момент кога повеќе нема да постоиме, дури ни тогаш. Месечината постојано се возобновува и ете ја, сѐ уште постои, универзумот тајно ја чува мистеријата на бесмртноста.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Сара Петровска
Митска алхемија: Јунгова деконструкција во ремек-делото на Мијазаки
Чихиро треба да го прејде мостот со затворена уста. Според Елијаде, ta...
Повеќе
0 replies on “Маѓепсништвото и магијата – лунарни практики”