Пет песни

Сонце, застани // Ќе се сеќавам // Ноќта кога исчезна месечината // Непрелетница // По дождот

СОНЦЕ, ЗАСТАНИ

Ти ја носам душата
во Гаваон
да здивне битката
меѓу денот и ноќта
меѓу мене и страданијата
 
Не носи ја месечината
Нејзината светлина посилна е
Мракот погуст е
 
Дење можам да се скријам
под сенката
Ноќе
Сенката сум
 

ЌЕ СЕ СЕЌАВАМ

За илјадници години
ќе се сеќавам
како птица што не го помни
невремето од вчера
но штом надојдат облаците
со далги во градите
се крие под првата стреа
 
Ќе се сеќавам
за илјадници години
ќе се сеќавам
кога душата
ќе ми биде птица
 

НОЌТА КОГА ИСЧЕЗНА МЕСЕЧИНАТА

свеќите од црквите
ја закопаа светлината
длабоко под своите восоци
 
згаснаа светилките
се потрошија петролеите
 
сите во своите огледала
го гледаа својот Исус
јас ги видов сите мои демони
 

НЕПРЕЛЕТНИЦА

Штрковите на камбаната
добредојденци
во Божјото гнездо
направиле седело
 
Во подножјето
собирам угарки
од свеќниците
восок за моите крилја
 
Во Божјото гнездо
наесен ќе ми остават седело
 

ПО ДОЖДОТ

Славејот го тресе
мокрото тело
Како ништо да не било
 
Гранките се истегаат
кон сонцето
како војник
што излегува од ровот
радувајќи се
Како ништо да не било
 
Како сонувач по будење
кога не знаеш каде исчезнал бакнежот
 
Како дождот
што пред малку беше тука
 
Сега сама пишувам на балконот
тегнејќи ги рацете
слушајќи ги капките
што се цедат
од дрвјата

Како ништо да не било

Тагови од објавата
0 replies on “Пет песни”