Преводот на „Пиреј“ е колективен труд

Радост е да се преведува од македонски јазик, да се има таква поддршка, да се има толку разговори за форми, за традиции, за сѐ.

Почитувани колешки, колеги, драга амбасадорке, почитуван Декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Многу ми е драго денеска да бидам тука, а ми преставува и голема, огромна чест. Како што веќе беше спомнато, се наоѓаме на Филолошкиот факултет, местото каде што ја добивам оваа награда и тоа ме прави особено задоволен.

Пред деветнаесет години пристигнав во Скопје како млад лектор по германски јазик, предавав четири години, и, токму, на сценава, настапував со мојата театарска група. Со студентите ја формиравме групата “Alles Zusammen” или „Сите заедно“, и одигравме неколку претстави токму овде. Тоа беше многу убаво време. Токму овде, во библиотеката на Катедрата по германистика, почнав и да преведувам во рамки на студентските работилници. Тука се запознав со тоа што значи преведувањето, и тоа колку е интересна оваа работа – колку предизвици и радости носи.

Кога станува збор за „Пиреј“, проф. Зорица Николовска веќе го спомна тоа, огромен предизвик е да се преведува таква книга. За среќа, најголемиот предизвик во вакви случаи, да се најде издавач во Германија овој пат не беше проблем. Веднаш го најдов Себастијан Гуголц, многу му се допадна книгата, и уште на стартот кажа: „Авторот е починат, нема проблем за мене. Профилот на издавачката куќа е токму како за приказна од село, од Македонија. Книгата е многу интересна, ајде да ја објавиме“. Значи, тоа не беше предизвик, ама следеа емоционални предизвици. На пример, се сеќавам, кога бев во мојата канцеларија преведувајќи го делот кога на Велика ѝ умираат и последните деца, моите деца беа мали. Како преведувач, некако навлегуваш во ликовите, така што плачев преведувајќи. Тоа беше голем предизвик.

Еве и за лексиката: вокабуларот на книгата е тежок. Тука имав голема среќа што се наоѓав во средиштето на македонската книжевност, па ги прашував авторките и авторите. Тоа е голема радост, патем, во мојата работа, да ги познавам авторките и авторите, да поминуваме време заедно, на саеми за книги, во Берлин на пример, со Румена Бужаровска која е тука, со Владимир Јанковски во Лајпциг имавме убава дружба, со Владимир Мартиновски дури пеевме народни песни во крчма во Чешка. Сето тоа остава убави спомени. Петре М. Андреевски за жал, не можев да го прашам лично што значи тоа на што мислел, ама, тука беше неговиот син, Сергеј Андреевски, неговата жена Ирена, и внукот на Петре М. Андреевски, Меглен, којшто живее во Германија. И нив ги консултирав. Најчесто можеа да ми помогнат, но ако и тие не знаеја што значи некој негов збор, правеа записи, одеа во селото, таму ги прашуваа старите луѓе што значи ова, што е тоа, и после ми ги праќаа списоците сосе слики: тоа е тој предмет, за тоа се користи. После, јас само ги наоѓав како се викаат во германскиот јазик. Значи, тоа беше многу интересна и прилично колективна работа. И не само тие, туку и други пријатели помагаа. Една пријателка отиде во националниот музеј во Скопје, да се информира за разбои и деловите од кој е составен, што точно за што служи, како функционира. Имав голема поддршка. Всушност, преводот беше колективен труд и мислам дека оваа награда не е само моја, туку и нивна награда. Тоа е награда и на жена ми, која секогаш е таа која прва го слуша преводот: читам на глас, и за себе, и за жена ми, јас сум македонски зет, така што работата е многу интересна.

Радост е да се преведува од македонски јазик, да се има таква поддршка, да се има толку разговори за форми, за традиции, за сѐ, и многу сум благодарен за тоа.

Многу сум благодарен за постојаната поддршка, и не само од македонската страна, туку и од германската страна. Традуки, Гермаснката амбасадата, сето тоа многу ми значи.

Многу ви благодарам на сите, многу се радувам што сум тука.

Би благодарам многу за наградата!

Тагови од објавата
0 replies on “Преводот на „Пиреј“ е колективен труд”