Поезија (избор)

Ангелите се досадуваат/ бегаат од нивните крилја/ зарем има слобода од која се бега/ ги гледам како се капат во густа сенка.
Како се создава ветрот

Твоите очи се претешки за земјата,
ги допираат првобитните здивови
и ја засолнуваат иднината.
Има долги лузни од твоите зраци,
како што се создава ветрот во твоите дланки
од преголем род се кршат дедовите гранки.
Клопчето се одмотува
ко пространство од човечки вени,
што се плетат во блиските реки,
таму се одзема ветрот од нивните карпи,
како што се создава ветрот во твоите дланки.

И реката му рече на мостот

Јас ќе сум весник,
а духов вести
со солзиве можам да се искапам,
да создадам дом во којшто ќе живеам.
Молчам ко река
што жегнува длабоко да е човек,
одеднаш испарува.
Во овој миг чудно ти простувам што си со копното,
се губиме по златоустиот брег на сонцето
и што ми преостанува сега освен да бидам одвоена од човештвото?
Јас ќе сум весник,
а духов вести,
истекувам во долниот дел на песната,
по долгиот врат на вечноста.

Ноќната градина на поетот

Слој по слој,
се лупи кожата,
ѕвони во туѓата пукнатина,
ги отвораат грлата со закрпен глас,
како жртви на своите ограничувања.
Таа не е заробена во својата природа,
го бара светлото на своето постоење,
поетот ја преселува
во страв или во слобода.
Во ноќната градина на поетот
размислувам
колку душата е дуална,
само сонот не минува,
како јазикот нема тишина,
зошто убавината е непријатна?

5:15

Ангелите се досадуваат,
бегаат од нивните крилја,
зарем има слобода од која се бега,
ги гледам како се капат во густа сенка.
Да имав четири раце ќе заврзев црвена панделка
на моите крилја,
за да докажам како еден ангел се надева
на своето враќање.
Во 5:15 осите брмчат во зелената смоква,
внатре во неа умираат
за да постане зрела.
Главата ми личи на сулфурно зрнце од кибрит,
пред морето стојам
чекам да запалам на песокот уште една свеќа,
тенок е овој ‘рбет што цврсто ме држи
да не го превиткам светот
однатре
спуштајќи го ко тежок ангел,
пламенот на овој час.

Зора

Минлива солза која ти го опипува оковот наутро додека сонуваш,
ти соголена завеса на својата душа родена,
чиниш гранките се во дофат на небото,
тие закрила на земјата
и робови на времето.
Амброзија и подземни ѕвезди,
а ти далечен од себеси,
не се познаваш и само сенките на тишината те учат за безимените
небеси,
не знаеш од каде започнуваш и каде завршуваш
и движиш се до циклусот на твојот прв живот,
о ладна светлино!
Ноќта ја стутка во гибелен бакнеж и ја испрати кон твојата прва
мајка,
за да дознаеш од каде свети онаа ѕвезда,
онаа ѕвезда која зората чека да стигне до неа со еони,
по безбожната река завива ко поларна мечка по нечујности.
Градот не те разбира повеќе и се лулкаш,
џвакаш со безброј заби и не умираш,
во постели се опиваш со вино и со зорастра се покриваш,
за да се пронајдеш кога ќе постоиш,
зрел,
дождлив
и возвишен,
тело со две души
и човечки ограничен.

Тагови од објавата
0 replies on “Поезија (избор)”