Колективната и индивидуалната (пост)меморија во хетеро и автоперцепциите на идентитетот

Факт е дека за човек заробен во ресентиман перцепцијата на времето е свртена навнатре. Излезот од таа состојба тој ја бара во две невозможни нешта: или во враќањето на неповратно загубеното минато, или во негирањето на тоа што се случило.

КОЛЕКТИВНАТА И ИНДИВИДУАЛНАТА (ПОСТ)МЕМОРИЈА ВО ХЕТЕРО И АВТОПЕРЦЕПЦИИТЕ НА ИДЕНТИТЕТОТ

(ВИТЕЗОТ И ВИЗАНТИЈКАТА НА КИЦА КОЛБЕ) [1]

Најновиот роман на Кица Колбе, Витезот и Византијката (2020), нѐ соочува со феноменот на постгенерациското минато, но не само како психолошка, туку и како онтолошка доминанта. Поставувајќи го во причинско-последична релација, од една страна како стереотипнa хетеро и автоперцепција за идентитетот, а од друга страна како индивидуална траума низ која минува главната протагонистка на овој роман, Колбе ја исцртува ретроспективно основната сижетна линија. Следејќи ја трансмисијата на колективното и индивидуалното поимање на Истокот и Западот, на хуманистичката и биогенетичката етика, романот се темели на дебатен дијалог меѓу Витезот, Даниел Клуге (со потекло од Германија) и Византијката, Наталија Поленак (со потекло од Балканот). Ако кон ова се придодаде и (пост)меморискиот синдром карактеристичен за Византијката, тогаш е јасна причината за нејзината шизофренична схизма, како лична криза на идентитетот која го отвора фронтот против споменатиот Витез…

Понудените теми на овој научен симпозиум отворија широк спектар книжевно-теориски промислувања за кои повеќепати досега сум пишувала, но сметам дека ќе биде интересно ако и во овој контекст разгледам уште еден интересен културолошки феномен. Станува збор за таканареченото „постгенерациско помнење“ кое ја надополнува маркантната тема за меморијата. И не само како психолошка, туку и како онтолошка доминанта која заслужува внимание. Во таа насока, најновото прозно остварување на писателката Кица Колбе ми се чини сосем податливо за интерпретација. Еве зошто.

Поставувајќи ја во причинско-последична релација – од една страна како стереотипнa хетеро и автоперцепција за идентитетот, а од друга страна како индивидуална траума низ која минуваат главните протагонисти во романот – авторката ја исцртува, ретроспективно, основната сижетна линија на Витезот и Византијката. Базирана на интересна љубовна приказна која се раѓа под специфични околности, приказната открива дебатен дијалог низ кој нараторот, покрај трансмисијата на колективната и индивидуалната меморија, го проследува и сфаќањето за Истокот и Западот, како и хуманистичката и биогенетичката етика што ја заговараат и оспоруваат протагонистите на овој роман. За што точно станува збор?

По несреќен сплет околности и по иницијатива на својот пријател Виторио, докторантот Даниел Клуге решава да се повлече во тишината на тосканското гратче Амбра и од перспектива на осаменик да ја одболува својата интимна рана, согледувајќи ги причините што ја предизвикале неговата траума. Нарацијата ги дава случувањата што претходеле на неговото осамување. Открива современа приказнa за група млади филозофи и историчари на уметноста од Универзитетот во Бон, кои инспирирани од харизмата на нивниот ментор, водат интересни разговори во рамки на докторскиот колегиум. Но тие разговори ги вадат на показ нивните фрустрации. Имено, кога по тримесечен престој во Америка, Даниел Клуге ќе се обиде да ги изложи пред колегите докторанти своите сознанија за биоетиката и генетиката, мистериозната дојденка Наталија Поленак веќе ја има разнишано востановената хиерархија во менторскиот кабинет на Фон Блументал. Инспириран од научниот прогрес, Клуге ќе настојува да образложи дека злото е резултат на генетиката. Негова блага траума е нацистичкото минато на неговата земја. За Наталија Поленак пак, злото е етичка категорија и прашање на избор. Нејзина траума се постјугословенските случувања и лошата слика за Балканот, поради која таа ќе ја прегрне идеализираната претстава за Византија, манифестирајќи ја својата надмена и загадочна природа. Опишувајќи ја како „слаткоречива и лукава“, еден од колегите ѝ дава прекар поради кој сите зад грб ќе ја завикаат Византијка. Така, во кабинетот на професорот Фон Блументал ќе започне полемичка војна која ќе го засили анимозитетот меѓу Клуге и Поленак. Дебатирајќи за некои минати историски настани и факти, докторантите ќе преиспитаат мноштво културно-историски феномени, откривајќи ги своите перцепции за Балканот и Европа. При тоа несвесно ќе бидат отсликани комплексните аспекти на нивните личности, кои не само што ќе откријат национални предрасуди и културолошки стереотипи, туку и едно прикриено ривалство, сочувство и завист.

Ќе запрам сега тука за да потсетам дека во основа, секое јас е сврзано со едно ние кое ја формира базата на нашиот индивидуален идентитет. Во текстот „Колективно и историско помнење“ Морис Албваш разликува два вида помнење: интерно или лично и екстерно или општествено. Првото е индивидуално или автобиографско, второто колективно или историско. Со оглед на тоа дека личната историја е дел од општата, колективна историја, индивидуалното помнење е само сегмент од историското, кое го врамува, интегрира и конструира нашето автобиографско минато. Зависно од просторно-временските и културно-историските случувања и ограничувања, тоа често се потпира врз туѓите спомени, за да ги осветли настаните кои претходеле. Така туѓите спомени, всушност, ги освежуваат и надополнуваат индивидуалните, како што го прават тоа и реперните точки на историското (општествено) помнење. Но таквото помнење е заправо позајмено помнење, исто како и семејното кое честопати е полно со предрасуди и стереотипи. Станува збор за една секундарна, интергенерациска мемориска форма во која покрај учесниците партиципираат и потомците кои не го доживеале лично минатото на своите предци, но го чувствуваат како свое, како дел од својата индивидуална, автобиографска приказна (Albvaš, 1999: 63-69).

Надоврзувајќи се на Албвашовите тези за општествената условеност на помнењето, германските теоретичари на културата, Јан и Алајда Асман, го разгледувале помнењето не само како резултат на една општествена интеракција, туку и како продукт на културната меморија која управува со нашите постапки и доживувања. Затоа за нив јас-идентитетот е една културно-општествена конструкција, а колективниот идентитет – прашање на идентификација. Со оглед на тоа би рекла дека колективниот идентитет не постои сам по себе, туку во свеста на јас-идентитите кои ги интернализираат и актуализираат базичните фигури на сеќавањето кај некоја група или колектив. Оттаму сметам дека би било добро во интерпретацијата на ликовите од овој роман, да вклучам уште два интересни теориски концепта. Првиот е на американскиот историчар Доминик ЛаКапра (Dominick LaCapra), а вториот на американската книжевна теоретичарка и културолог Мериен Херш (Marianne Hirsch).

Имено, појаснувајќи го секундарното сеќавање како интернализирање на одредени настани од нечие примарно искуство, ЛаКапра користи два Фројдови психоаналитички термина: acting out (Wiederholen) и working through (Durcharbeiten). И двата укажуваат на невротично доживување, но ако првиот покажува компулзивно и травматично повторување на референтни настани од туѓото, позајмено минато, вториот ја претставува нивната обработка во нов контекст, како обид за критичко дистанцирање од проблемот (LaCapra 1998: 1-8). Врз темелите на овие согледби е засновано всушност и дефинирањето на поимот постмеморија на кој ќе укажам подолу, но сега би сакала да го претставам накусо концептот на Мериен Херш. Прецизирајќи го односот меѓу постмеморискиот субјект и позајменото (протетичко) т.е. „отсутно“ сеќавање, овој концепт покажува дека не се темели на реално доживеани настани, туку на нивното (ре)презентирање и тоа преку извесни траги од минатото, застапени во медиумските текстови, слики, наративи и архиви. Станува збор за активен пристап кон нечие колективно минато, или траума која кај своите генерациски потомци генерира специфичен мемориски топос, во кој туѓото искуство се памети како лично проживеано минато. Во тој трансгенерациски мемориски простор постгенерацискиот субјект настојува да ги (ре)конструира сеќавањата што му недостигаат, за да ги состави искинатите делови на својата личност. Благодарение на сочувството кон туѓата траума, коешто ја прави легитимна нарацијата на постгенерацискиот субјект, реконструкцијата на референтното а непроживеано минато би можела да се нарече сеќавање… Но постмеморијата не е сеќавање. Не е ниту историја. Од сеќавањето ја дели една поголема временска и генерациска дистанца, а од историјата – длабоката врска со трауматичните настани на туѓите искуства кои, токму поради вложената имагинација, проекција и креација, се доживуваат како свои [2].

Ликот Наталија Поленак од романот Витезот и Византијката на Кица Барџиева Колбе, го отсликува токму овој постмемориски синдром. Како единка, таа во исто време е дел од различни општетствени групи. Тие отсликуваат различни припадности (од семејни, генерациски, расни и класни, до религиски, национални, идеолошки, па дури и политички). Поради нив ликот Наталија Поленак располага со извесен вредносен, мисловен систем, изграден врз специфичните искуства на споменатите групи. Имено, Германка по раѓање, по јазик и образование, а Балканка по генетика (од татко Хрват и мајка Србинка, со делумно руски корени по баба од мајчина страна), Поленак долги години ќе живее со сознанието за својата неприпадност и маргинализираност. Задоена со емоционалната траума на нејзиното ексјугословенско семејство (кое се распаднало по последната војна на Балканот), како и од несреќната мемориска свест за некогашното Источно Римско Царство, мистериозната Наталија Поленак ќе манифестира еден синдром кој не само што ќе го потврди нејзиниот ранет идентитет, туку ќе покаже и нереализиран копнеж по загубената европска целост. Затоа, оној миг кога во кабинетот на Фон Блументал ќе се соочи со дискусиите и перцепциите на своите западноевропски колеги, таа ќе побара прибежиште во митот за Византија. Силниот семантички потенцијал на овој топоним ќе поттикне кај неа еден провокативен наратив, со кој ќе се обиде да го поткопа метанаративот на Западна Европа, олицетворен во дискусиите на колегата Даниел Клуге. Така, одамна пропаднатото византиско царство, за младата Наталија ќе стане пореално од реалноста. Нараторот во романот вака го опишува тоа: „таа обично го разобличуваше минатото како мит кај другите, а кај себе не можеше да го препознае, затоа што тој мит беше сраснат со неа, како невидлив штит пред сегашноста“ (2020: 269-270). Од тие причини, нејзиниот горделив наратив совршено ќе ја отслика нејзината психосоматска состојба.

Имено, обидувајќи се да ѝ даде легитимитет на својата контрамемориска приказна со која ќе го компензира својот идентитетски дефицит, Наталија ќе посегне по имагинативниот византиски топос. При тоа, таа ќе го игнорира фактот дека на тој начин само ја романтизира својата пецепција, зашто луѓето на кои им ја раскажува својата приказна, воопшто и не ја познаваат историјата на тој дел од Европа. Така Наталија сфаќа дека посакуваниот дијалог за нејзината европска припадност, по која таа сето време копнее, едноставно и не може да се реализира.

За да биде појасен овој дел од романот на Колбе, би споменала дека како формативна сила на која ѝ е својствено нешто сакрално, фантазмот можеби и не се држи толку до фактичката историја, колку до историјата на едно присетување кое станало мит. „Митот е фундирачка приказна која се раскажува од перспектива на некој прапочеток, за да се осветли некоја сегашност“, вели Јан Асман (Asman 2005: 61). Оттаму, шизофрената консталација на Наталија Поленак ја открива всушност нејзината идентитетска криза, поради која овој постмемориски субјект ќе посака да стане Византијка, која наивно ќе  поверува дека наспроти двете доминантни перцепции (за декадентното Источно Римско Царство и за Балканот као мрачно подрачје на сенките), нејзините соговорници би можеле, наместо химери или клишеа, да стекнат реална претстава за нејзиното потекло. Оттаму, дискурсот и однесувањето на младата Византијка некако сосем природно ја покажуваат длабоката поврзаност на двата стереотипа, „само што оној за Балканот беше причината за нејзината лична траума“, вели нараторот во романот на Колбе (2020: 173).

Ова сознание отвора уште едно размислување. Тоа води кон ресантиманот [3], поточно кон причината за несреќната околност која кај младиот Даниел Клуге ќе предизвика сериозно чувство на вина. Имено, заплетот кој ја дава основната сижетна линија во романот, се случува на едно договорено студиско патување кон крајот на летниот семестар. Споменатата група добро едуцирани млади луѓе од различни културни средини на Европа, ќе замине за Венеција. Инспирирани од грчката филозофија, како и од Гетеовата фасцинација со прекрасната православна црква Сан Џорџо деи Гречи (San Giorgio dei Greci), што ја изградиле византиски емигранти од Константинопол, „како малечок знак на дијалог меѓу двете култури“ (2020: 231), тие ќе поверуваат дека токму тука, во прекрасната венецијанска архитектура, би можеле да ја согледаат не само заборавената перцепција за Византија, туку и загубената целост на Европа. Но обременета со минатото на своите претци, Наталија Поленак ќе се најде во една психопатолошка и безмалку (авто)деструктивна состојба, предизвикана од споменатото чувство на ресантиман. Така, идентификувајќи се со фиксацијата за своето византиско потекло, во еден миг од престојот во Венеција, таа ќе посака да ја миметизира историјата, па облекувајќи костум на византиска благородничка од 15 век, ќе го предизвика вниманието на своите колеги. Навредена од нивните потсмешливи коментари, Наталија и овојпат ќе се види себеси како жртва на негативните стереотипи за Балканот и за Византија, па предизвикувајќи го сочувствителниот витешки дух на колегата Клуге, кој случајно ќе се најде во нејзина близина, непромислено ќе скокне во морето…

Факт е дека за човек заробен во ресентиман перцепцијата на времето е свртена навнатре. Излезот од таа состојба тој ја бара во две невозможни нешта: или во враќањето на неповратно загубеното минато, или во негирањето на тоа што се случило. Резултатот од тоа настојување би била некаква имагинарна освета со која би се обештетил оспорениот идентитет на постмеморискиот субјект. Погоре споменав дека како моќна форма на паметење, постмеморијата го покажува односот кон позајменото, протетичко сеќавање преку опсесивен дијалог со трауматичните (и)стории на нашите претци. Така, повикувајќи се на германскиот хуманист, филозоф и филолог од шеснаесеттиот век, Ероним Волф – човекот кој го вовел поимот Византиско Царство од името на градот Византион, врз чии темели Константин Велики го изградил подоцна Константинопол (2020: 170) – Наталија Поленак ќе настојува да го оветли својот семантички маркиран идентитет, уверувајќи ги колегите дека нејзините далеки претци не се нарекувале себеси Византијци туку Ромеи кои говорат грчки, па на поимот Византиец му биле припишувани противречни фантазии и стереотипи кои создале полувистини, поради кои Византијците веќе не биле доживувани како Европејци. Овие образложенија го откриват опсесивниот карактер на младата Поленак, која одбива да ја симне златната византијска маска, поради што таа речиси целосно ќе срасне со нејзиото лице, осмислувајќи го дури и нејзиниот живот.

Споменав дека преплетените хронотопски маркери во романот на Колбе (минатото и сегашноста, Западна Европа и Византија, Германија и Балканот), креираат интересна наративна структура во која, покрај колективните, се актуализираат и специфични индивидуални наративи, при што сликата за минатотот не се толкува само од перспектива на групната рамка, туку и од (не)подготвеноста на индивидуите таа да биде прифатена и/или отфрлена. Имено, наспроти Наталија Поленак, Витезот Даниел Клуге нема емотивна релација со Византија. За него таа не е Запад, но тој сепак ќе се обиде да ја разбере семејната прикана на својата колешка, трауматичните спомени од Балканот и нејзиниот копнеж по загубената европска идентитетска припадност. Клуге е подготвен да се соочи дури и со својата индивидуална траума, доживувајќи ја како директна рефлексија на колективната. Мислам на товарот од нацистичкото минато на неговата земја, поради кое тој носи извесно чувство на вина и одговорност за милионските страдања предизвикани од холокаустот на Третиот Рајх.

Говорејќи за „културата на сеќавањето“, германската книжевна теоретичарка Алајда Асман го опиша помнењето како негација на заборавот, а заборавот како основниот модус на индивидуалниот и општетсвениот живот на човекот. Оттаму, критичкиот однос кон темните страници на германската историја, ќе ја зголемат кај Даниел Клуге сензибилноста кон империјалистичкото и колонијалистичкото минато на неговиот народ, создавајќи амбивалентен однос кон гордоста на неговата нација. Тој ќе биде подготвен да прифати дека само преку разбирањето на туѓата сигнификантност, преку емпатичното сочувство со траумата на другиот, може да се доживее рехабилитирачко поврзување со емоционално маркираните контексти на Византијката. Затоа лесно ќе го прифати сознанието дека воопшто не станувало збор два непомирливи света, туку за делови на еден ист свет во кој линијата на фронтот не можела да биде меѓу нив двајцата, туку во индивидуалниот расцеп на Византијката која „љубеше да се претстави како жртва на негативниот стереотип за Балканот и за Византија, но во исто време, со своето однесување, го потврдуваше клишето во западниот свет за горделивите и слаткоречиви Византијци“ (Колбе, 2020: 152).

Да резимираме: поимот постмеморија и сите термини кои го опишуваат како отсутно, наследено, задоцнето или протетичко сеќавање, потврдуваат дека кај потомците кои не ги доживеале настаните што ги обликувале животните судбини на нивните претходници, феноменот сеќавање може да предизвика специфичен ефект кој, без оглед на различните контексти, најчесто има и негативни рефлексии во сагашноста. Отсуството на референтната случка во нивната постмемориска имагинација, предизвикува „фантомска болка“ и страдање (кое резултира со компулзивно повторување, слично како кај сведоците или преживеаните). Тоа имплицира на некоја притаена/пригушена/латентна траума, заснована на фактот дека човек и не може да се сеќава на нешто кое, всушност, и не го доживеал лично. Оттаму, префиксот „пост-“ укажува на еден специфичен интер и/или трансгенерациски пренос на мемориски слики кои ја поврзуваат втората генерација со првата, создавајќи ефект на емоционална траума. Наративното соочување со постмемориските импликации во романот Витезот и Византијката на Кица Колбе, само ја потврдува тезата за неможноста минатото да биде заборавено во целост, што може да доведе и до изместени доживувања. Тие ѝ пркосат дури и на мојата здраворазумска наративна (ре)конструкција.

 

Литература:

    1. Albvaš, M. „Kolektivno i istorijsko pamćenje“, REČ: Časopis za književnost, kulturu i društvena pitanja 56.2, Beograd, Fabrika knjiga, 63-83.
    2. Albvaks, M. Društveni okviri pamćenja, Novi Sad, Mediterran Publishing.
    3. Ameri, Ž. 2000. „Resantimani“, REČ: Časopis za književnost, kulturu i društvena pitanja, 57.3, Beograd, Fabrika knjiga, 143-155.
    4. Assmann, J. Kulturno pamćenje. Zenica:Vrijeme.
    5. Asman, 2008. Kulturno pamćenje: Pismo, sjećanje i politički identitet u ranim visokim društvima, Zenica – Tuzla: Vrijeme & NAM.
    6. Асман 2015а: Asman, A. „Sećanje, individualno i kolektivno“, Kolekitvno sećanje i politike pamćenja (ur. Mihael Sládeček, Jelena Vasiljević, Tamara Petrović Trifunović), Beograd, Zavod za udžbenike, Ministarstvo prosvete, nauke i tehnološkog razvoja i Institut za filozofiju i društvenu teoriju, 71-87.
    7. Асман 2015б: Asman, J. „Kolektivno sećanje i kulturni identitet“, Kolektivno sećanje i politike pamćenja (ur. Mihael Sládeček, Jelena Vasiljević, Tamara Petrović Trifunović), Beograd, Zavod za udžbenike, Ministarstvo prosvete, nauke i tehnološkog razvoja i Institut za filozofiju i društvenu teoriju, 51-71.
    8. Baba, H. 2004. Smeštanje kulture, Beograd: Beogradski krug.
    9. Herš, M. 2011. „Generacija post-sećanja“, Časopis za književnost i teoriju, br. 469 (maj-juni), 149- 169 < https://polja.rs/wp-content/uploads/2015/12/469-14.pdf > (преземено од Hirsch, Marianne. 2008. „The Generation of Postmemory“. Poetics Today 29 /1/: 103-128. < https://read.dukeupress.edu/poetics-today/article/29/1/103/20954/The-Generation-of-Postmemory >)
    10.  LaCapra, D. 1998. „Part I: Memory, History, Representation“, History and Memory After Auschwitz. Ithaca, NY: Cornell University Press.   <https://www.researchgate.net/publication/313884803_Memory_History_Representation>
    11. LaCapra, D. 1998. “Acting-Out And Working-Through Trauma”. Yad Vashem Shoah Resource Center, The International School for Holocaust Studies. Excerpt from interview with professor Dominick LaCapra. Cornell University June 9, 1998, Jerusalem. Interviewer: Amos Goldberg <https://www.yadvashem.org/odot_pdf/Microsoft%20Word%20-%203646.pdf>
    12. Колбе, К. 2020. Витезот и Византијката. Скопје: Или-Или.

 

[1] Текстот е претходно објавен. Бановиќ-Марковска, Ангелина. „Колективната и индивидуалната (пост)меморија во хетеро и автоперцепциите на идентитетот („Витезот и Византијката“ од Кица Колбе)“. Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура, Зборник на трудови од меѓународна научна конференција, Институт за македонска литература, Скопје, 2022, 245-254.
[2] „Она што ги поврзува постмеморијата и минатото, не е резултат на некое присетување, туку на едно разиграно ангажирање, проектирање и создавање“, вели Херш во текстот „Generacija post-sećanja“ (Herš, 2011: 152).
[3] Распнувајќи го субјектот на крстот на разорното минато, ресентиманот го блокира погледот кон иднината.

Тагови од објавата
0 replies on “Колективната и индивидуалната (пост)меморија во хетеро и автоперцепциите на идентитетот”