ЕСТЕТСКАТА И ЕТИЧКАТА ДИМЕНЗИЈА ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПРИКАЗНА ,,ДЕВОЈЧЕТО И ДВАНЕСЕТТЕ МЕСЕЦИ“

Народните приказни, особено волшебните приказни отсекогаш биле омилени кај народот, и биле раскажувани од колено на колено/од најстари на најмлади во семејните домови. Благодарение на овој колективен труд кој ја спасил нашата усна традиција од забот на времето,  во денешно време располагаме подеднакво квалитативни и квантитавини архиви од богатата фолклорна ризница на нашиот народ. Овие приказни, поради нивните чудесни   елементи, разновидни ликови и поучна содржина биле интересен и невообичаен начин на кој постарите и помлади мештани го исполнувале нивното слободно време. Особено занимливи и примамливи, биле приказните кои говореле за обесправените најмал брат или паштерката (наспроти маштеата и лажната сестра) кои и покрај нивната инфериорност во општеството и семејниот дом, достигнуваат успешна интеграција во општестевото и победува правдата[1]. Сказните кои говорат за обесправената паштерка се особено популарни, како на македонско така и на интернационално тло (Европа, Азија, Африка…).

Народната приказна од типот ,,Невино прогонета хероина” го следи шаблонот кој е сличен на Пепелашка/Снежана од Браќата Грим. Станува збор за искушенијата низ кои поминува една убава и вредна паштерка, која ќе биде избркана од нејзиното семејно огниште од страна на злобната маштеа. Маштеата ја занемарува и искористува паштерката да ѝ служи на нејзината биолошка ќерка. Паштерката станува социјално загрозена, и таа ќе биде помогната од нејзините волшебни пријатели (животни или  антропоморфни ликови) и ќе ѝ биде овозможен успешен премин во наредниот стадиум од нејзиниот живот (успешно матурирање). Познатата македонска народна приказна Мара Пепелашка се чинит царица завршува такашто обеспреавената јунакиња е поканета од страна на Царсот, и таа станува негова сопруга, наспроти биолошката ќерка на злобната маштеа. Тука крајот можеме да го воочиме како успешна општествена, и пред сѐ биолошка  интеграција (созревање) во општеството. Мара Пепелашка успешно ги врши домашните обврски (предење, чистење) и нејзиното патешествие се заокрожува со успешно вклопување во општеството, станува совршен кандидат за мажење, и тоа токму за царот!

Една од подобро познатите приказни на нашиот фолклор кој ја следи оваа шема и е предмет на овој есеј е Девојчето и дванаесетте месеци, приказна запишана од еден од нашите најплодни собирачи на народни умотворби, преданија и приказни, Марко Цепенков. Приказната започнува со една маштеа која ја запоставува паштерката и ѝ заповедувала да ја служи нејзината биолошка ќерка. Поради тоа што секогаш ѝ давала домашни задачи за извршување на паштерката, девојчето било силно и здраво, додека вистинската ќерка безделничела цел ден, и била слаба и болна. Една ноќ, маштеата ја испратила паштерката да го наполни кладенецот со вода крај некои извори (каде престојувале зли духови, самовили) со цел да се отстрани од вредното девојче. Кога паштерката отишла во шумата (што претставува место за извршување иницијации/обреди и се гледа како ,,врата кон другиот свет” според познатиот фолклорист Владимир Јаковлевич Проп), се нашла во присуство на Баба Марта  и единаесетте месеци. Главната иницијациска задача се поставува во овој дел од приказната: Баба Марта ѝ го поставува клучното прашње: ,,кој месец е најубав?” На оваа прашање, паштерката мудро одговара: ,,ов, мори златна бабо…ами сите месеци сет во годината од убаи поубаи, немат ниеден лош месец”. Како резултат на овој еднакво благодарен и срдечен одговор, дванасетте месеци ја добиваат улогата на благодарни помошници. Тие ја наградуваат паштерката со способноста да ѝ излезат златни алтани од устата по секој изговорен збор. Паштерката се враќа во нејзиниот дом и маштеата ја испраќа нејзината биолошка ќерка во шумата, со цел да се збогати со вечно богатство како паштерката. Биолошката ќерка е пречекана од дванаесетте месеци и откако го поставуваат прашањето, добиваат одговор каде тие остануваат навредени и се незадоволни. ,,Ами зар вие не знајте кои се поарни и полоши, што ме прашате мене? Ами и малите деца знаат кои месеци се поарни. Коложег и Сечко се најлоши, а пак Марта смуртена и со триста ума е, ете тие се најлоши. Туку што да чиниме, сме му паднале в рака бе стриковци, како сакаат ќе ни прават”. Мрзливото и себичното девојче го казнуваат, такашто наместо алтани, змиулчиња излегуваат од нејзината уста штом ќе изусти збор. Оваа волшебна народна приказна завршува со познатата народна изрека: ,,Којшто му копа гроб на другого, сама паѓа во него”. Максимата која ја заокружува оваа волшебна народна приказна ја финализира и претставува етичката порака која била претходно претставена во фабулата.

Иако оваа народна приказна е мошне кратка, и стилистички скромна (напишана на народен јазик, без некакви лексички украсувања или рафинирани фрази), може да се напомене дека главната цела на оваа волшебна приказна е да се воведе дидактиката кај детето во правилното социјално однесување. За етичката порака и естетиката и комуникацијата во книжевноста за децата најдобро говори професорката Виолета Димова (2012). Според неа, под ,,етичка функција”  подразбираме ,,сето она што може да влијае на читателовиот вредносен однос кон себеси, кон околината и кон светот” (62). Односно, тука можеме да ги изброиме обесправената и вредната паштерка, зависните маштеа и биолошката ќерка, како и дванаесетте месеци кои служат како ѕвезди водилки за правилното однесување/созревање на едно дете низ мрачната шума. Покрај ликовите, можеме да ги земеме и нивните дејствувања (кои се во бинарна спротивност) како функции кои му помагаат на детето да го развие својот светоглед и да извлече морални поуки од приказната. Во прилог на тоа, Виолета наведува дека ,,етиката во детската книжевност, значи се појавува не како нужност, туку како можност за формирањето позитивен модел на размислување и на однесување. (63)”.

Приказната запишана од Цепенков започнува со типично претставување на паштерката и биолошката ќерка низ разни бинарни спротивности:

,,Една жена си имала две ќерки: едната била нејзина, а другата најдена (паштерка). Својата ќерка многу ја милувала, а паштерката да била кабиљ во една капка вода да ја удави, ич не ја сакала и толку не сакала да ја види што веднаш земала да ја тепа. И покрај тоа што толку ја мачела паштерката, таа пак била здрава и јака, а нејзината ќерка болна и неолна.” Покрај очигледната дводимензионална дихотомија која може да се согледа во овој пар (добро-лошо/убаво-грдо/успешна иницијација- неуспешна иницијација), може да се открие уште еден пар на антиподни вредности: работливост/вредност-мрзеливост и силно/кревко физичко здравје. Овој момент е круцијален бидејќи народниот раскажувач му дава предимство на физичкото здравје и работната навика кај индивидуата, и ја претставува идејата кај самите деца.

Иако овие бинарни спротивности (добро – зло, љубов – омраза, работлив – мрзелив, убаво -грдо) не служат да го изградат карактерот на детето-читател/слушател низ оваа определба , тие имаат  поинаква цел: ,,тие му даваат надеж на детето, дека и најмалиот, и најслабиот, со ситни итрини може да го победи големиот и моќниот,, па во таа смисла овој тип сказни ги охрабруваат послабите…Ова сознание знае да биде голема сатисфакција за малата детска самодоверба” (Анастасова-Шкрињариќ, 2011: 26). Како занимлив податок може да напоменеме дека и овие бинарни спротивности ги наоѓаме и во западноевропските верзии на овие сказни (Пепелашка и Снежана):  убав/а, грд/а, слаб/а, дебел/а, низок/ниска, висок/висока; добар, лош, умен, глупав,  љубов, омраза, сиромашен, богат, разбирање, толеранција… (Витанова-Рингачева, А., Кузмановска, А., Коцева, et al, 2002: 781).

Според професорката Весна Мојсова-Чепишевска (2019), ликовите, местото и настаните на приказната јасно говорат за видот на иницијацијата на паштерката низ која поминува.  Главната бинарна спротивност може да се согледа и во успешната (кај вредната паштерка) и неуспешната иницијација (кај биолошката ќерка) која служи како можен модел кој треба да го следат младите читатели/слушатели за однесување (39). ,,Фактот дека хероината по нејзиното враќање во домот не наидува на брачен другар, сведочи за тоа дека во оваа приказна станува збор за созревање на мало девојче, кога девојката е во процес на прилагодување на новите социјални улоги и одговорности. Приказната го презентира карикираниот опис на неправилната социјализација, за да го охрабри и поттикне детето да го следи правилниот модел. Освен тоа, преку ваквата дихотомизирана карактеризација на двата потхода приказната нуди поларизиран поглед на свет каде што злото е казнето а доброто наградено.” (Стојановиќ-Лафазановска, 2001: 182). Универзитетската професорка Нина Анастасова-Шкрињариќ (2011) во нејзината студија Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд, како еден од текстовите за анализа ги зема сказните од овој тип, каде доаѓа до судир помеѓу добрата паштерка и лошата полусестра во македонските народни приказни. Таа доаѓа до овој заклучок: ,,Неуспешната иницијација и неблагодарниот одговор на паштерката главно говори за нејзината несозреаност и неподготвеност за социјализација и преминување во наредната фаза и дека сè уште не е вистински кандидат за иницијација (148).

[1] Според Томе Саздов (1997), најмалиот брат е најпопуларен во сказните поради тоа што бил најзапоставен и материјално најоштетен поради историски причини. Односно, бидејќи најстариот брат го наследувал целиот семеен имот, најмалиот брат ништо не стекнувал. (161). Етнологот Танас Вражиновски (1982) наведува дека причината за зачестеност на сказните од ваков тип е социјалната транзиција во повисоко феудално општество, односно настануваат промени во законот за наследството на семејниот имот, кој им се доделува на сите браќа подеднакво. (82).

Користена литература:

Анастасова-Шкрињариќ, Н. (2011). Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд: психоаналитички концепти во сказните. Скопје: Македонска реч.
Витанова-Рингачева, А., Кузмановска, А., Коцева, А. Кирова, В. & Кирова, С & Иванова, Б. (2022). Компаративните фразеологизми и нивната функција во градењето на мотив ,,невино прогонетите хероини“ во сказните на браќата Грим. Knowledge: International Journal; Vol. 54 Issue 5, p779-785, 7
Димова, В. (2012). Естетиката на комуникацијата и литературата за деца. Скопје: Македоника Литера.
Вражиновски, Т. (1982). Социјално класните односи во македонските народни приказни. Скопје: Македонска книга – Институт за фолклор ,,Марко Цепенков”.
Мојсова-Чепишевска, В. (2019). Клуч во клучалката на детството. Скопје: Матица.
Саздов, Т. (1997). Усна народна книжевност. Скопје: Детска Радост.
Стојановиќ-Лафазановска, Л. (2001) Homo initiatus: феноменот на иницијација во македонската народна книжевност. Скопје: Матица македонска.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Борис Симоновски
Филмска адаптација на книжевното дело ,,Македонска крвава свадба”
Една од најпопуларните драми во македонската литература воопшто е трагедијата ,,Македонска крвава...
Повеќе
0 replies on “ЕСТЕТСКАТА И ЕТИЧКАТА ДИМЕНЗИЈА ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПРИКАЗНА ,,ДЕВОЈЧЕТО И ДВАНЕСЕТТЕ МЕСЕЦИ“”