Паѓање
Сѐ што паѓа
игледа како да нема
тежина
.
паѓа
ситен дожд
небаре самовилска прашина
дожд што ja собрал во себе
секоја солза
дожд што едвај се гледа
дожд што изгледа како да свири клавир
паѓа дожд и ти велиш не се тоа капки
туку балерини што танцуваат
.
паѓаат листови
жолтеникави
како лица без живот
листови што ги избришале
сите страдања
што ги расветлиле рѓосаните
души
листови што изгледаат како
на грб да го носат сонцето
паѓаат листови и ти велиш тоа
е концерт
на ориенталски
флејти
.
паѓа снег
памучен
небаре брашно
снег што
ги сомелел
расипаните заби на животот
снег од кој никниуваат
млечни заби
снег што изгледа како мрежа
од пердуви и ѕвезди
паѓа снег
и ти велиш тоа
се лебеди
што пеат
.
паѓам јас
несигурна
како истуткан лист хартија
јас што верував во добрина
што ги миев очите со
срчи од музеи
што берев ум
по збрчканите мозоци на епохите
по лулките издлабени во камен и сказни
што голтав неизречени заповеди
како што ноќта ја голта темнината
јас што изгледам како
производ
без категорија и име
паѓам јас и ти велиш
слатко е сопнувањето на возраста
.
Сѐ што паѓа изгледа како
да нема
тежина
Сѐ што паѓа
веќе не е исто…
Лулање
I
“Нани-ми-нани-в-дрвена-лулка”
Нани-ми-нани-в-лулка-сказна
Нани-ми-нани-в-лулка-збор.
II
Се нишам…
Издолжена рака од не знам каде
во лулката на тишината ме лула.
Лежам во лулката на послушноста…
и слушам мрмор
што ми заличува на сопствениот глас:
Спијте очи мои, спијте.
Спијат ѕвездите во лулката на густата магла
(и додека на едната лулка виси
едно слепо око за сѐ
а на другата
мракот со стари корени,
во сивото платно на маглата
светлината се гаси)
Спијте очи мои, спијте.
Спијат далгите во лулката на ветровите
(и додека на едната лулка виси
едно глуво уво за сѐ
а на другата песната на сирените,
во грмежите на бурите
гласовите се губат)
Спијте мисли мои, спијте
Спијат болките во лулката на
зборовите што сакаме да ги слушаме
и додека на едната лулка виси
везената сказна што восит буди
(сѐ една иста сказна)
а на другата стравот
(сѐ еден ист страв),
низ звукот на дрвените ногалки на лулката
будењето се погребува.
И јас спијам ко доенче
слушајќи го мрморот на приспивната песна
што ја сакам, иако гласот што ја пее
лошо ја пее, иако не ги разбирам
зборовите
јас сепак спијам
ти сепак спиеш
и гласот на лулката
час страв, час студена прегратка
се претвора во сенка
тешка сенка што ме прогонува…
Се лулаат луѓе во лулки од зборови.
Во лулки од зборови се лулаат луѓе.
Луѓе се лулаат во лулки од зборови.
Ме лулаат. Ме лулаат. Ме лулаат.
Но, јас сум будна
а сѐ што се буди
веќе не е исто.
Делириум
Паѓаме од кошмар во кошмар
од страв во страв
од соба во соба
секогаш градејќи
ѕидови
насон.
Дестинација
И пат и раст
и само есен помеѓу
брзо побрзо
низ суво
речно корито.
Есенска елегија
Да бидам шума полна дабови, ореви и костени
само да ја сетам есента како ја ткае смртта
врз мене со зрачни конци
– и да се чуствувам жива…
Да бидам облак полн воздишки
да седнам покрај есента
како покрај невеста што везе чеиз
за да ја сетам нејзината жал
– и да се утешам…
Да бидам земја и во прегратка да ги дочекам
сите потресени лисја
за да го ткаеме заедно
килимот на
длабоките
убави
суштински
но
изгазени
чувства.