– Добровечер… – промрмори по неколку минути аплаузи.
И повторно замолчи.
Ги отвори и ги затвори очите неколкупати, можеби за да ги приспособи зениците на блицевите што му го осветлуваа лицето како молњи.
Тоа станало главен настан на годината, а најсензационалистичките медиуми велеа дека бил главен настан на векот. Местото секогаш беше истото: прекрасен театар од челик и стакло, сопственост на неговата фирма, но во таа прилика поводот беше сосема поинаков: светот присуствуваше на последните моменти на човекот што се претворил во најмоќна личност на планетата.
Новинарите се обидуваа да ја доловат големата слика, сликата што следниот ден ќе биде на насловните страници на главните средства за информирање во светот. Знаеја дека секој гест, секој збор… секој детаљ ќе се рашири како вирус на социјалните мрежи.
Тој ден, јас, наместо да стојам долу, близу до неговите нозе, обидувајќи се да ја уловам фразата или сликата на годината, седев во ексклузивната ВИП-зона, опкружена со политичари и деловни луѓе со толку валканици зад себе што ми беше тешко да ги погледнам в лице.
Сите ме познаваа, а и јас нив. Сите ја познаваа единствената новинарка што успеа да го победи тој човек на суд, и тоа неколкупати. Поради тоа, кога влегов, никој не ме поздрави.
* * *
И покрај тоа што немаше претходно официјално соопштение за содржината на настанот, речиси сите знаевме што ќе каже човекот што одвај стоеше на нозе. Претпоставувавме дека ќе се збогува, дека тоа ќе биде неговото последно појавување во јавноста. Сите ја знаевме вистината што фирмата се обидуваше да ја скрие во текот на последната година.
Невозможно е да се чува тајна кога самата тајна зборува пред нас, кога самата тајна одвај стои на нозе на бината.
Во тој момент тој стоеше таму, молчеше, под силни светилки и аплаузи, човекот што почна да ја гради својата империја со една обична камера. Мала камера со која снимаше забавни игри што самиот ги измислуваше. Визионер што ја промени од корен телевизиската индустрија, што се осмели да го направи тоа што други не успеаја дури ни да помислат дека е возможно, што ја создаде најпрофитната фирма на светот од ништо… Човекот што се здоби со поголема моќ од самиот претседател. За многумина гениј… за други, човек за презир.
Човекот што почна со замислата да ја создаде најдобрата телевизија на светот и што на крајот ги создаде најужасните и најсрамните емисии… тие што имаа најголема гледаност.
Човекот што го натрупа најголемото богатство на планетата, што со години се наоѓаше на првото место на листата на Форбс. Некој со толку пари и моќ што најважните светски лидери бараа прием кај него, а не обратно.
Тој исто така беше човекот што ги премина сите граници, легални и морални; што спротивстави семејства, уништи бракови, профитира од туѓата болка на невиден начин дотогаш. Што успеа да бидат против него речиси сите постоечки здруженија: за животна средина, човекови права, заштита на животни… што го претвори човекот во играчка.
Човекот способен да стори сè за да постигне поголема гледаност, баш сè…
Тој човек беше татко ми.
* * *
Настанот доведе до колапс на дел од градот. Трите главни авении беа блокирани и имаше голем безбедносен кордон околу зградата.
Можеа да се слушнат, и повремено да се видат, два хеликоптера прелетувајќи ја околината; а приватното обезбедување беше толку големо што, за да се пристапи до зоната за публиката и за медиумите, требаше да се чека во ред со часови.
Човекот што во тој момент зборуваше имаше повеќе непријатели од пријатели, поради тоа контролата на влезот беше многу детална. По минување низ три безбедносни уреди, неколку приватни обезбедувачи вршеа темелен претрес.
Токму на тој контролен пункт беа пронајдени повеќе од триесет огнени оружја. Сите без намера за вршење атентат: заборавени од страна на гостите кои, кога беа откриени, се извинуваа и ги оставаа на чување без приговор.
Но не постои безгрешна метода, и при мало невнимание, во момент на збрканост… некој секогаш може да внесе мал пиштол, од оние што речиси не можат да се видат, што ги собира во џебот, што исто така убиваат ако се пука со нив од соодветно место и од соодветно растојание.
И да, и покрај илјадниците долари вложени во безбедносни мерки, кога човекот почна да зборува, пиштолот веќе успеал да влезе во салата.
* * *
Да, татко ми, човекот што почна да работи толку многу што еден ден заборави дека, некаде околу себе, има семејство. Човекот што, побрзо од тоа што која било ќерка би го посакувала, почна да ги заменува бакнежите со пари, прегратките со дарови и љубовта со ветувања.
А јас бев таму само од една причина: Нелин.
Така пишуваше на пликот што ми пристигна дома. Веројатно, ако пишуваше Нел или Нели, како другпат кога добивав таква покана, немаше да отидам. Но, овој пат, првпат, пишуваше Нелин.
Вечерта отидов сама, влегов на задната врата, ја покажав мојата акредитација и моето презиме ја заврши целата работа. И покрај моето одбивање, персоналот од приватното обезбедување на фирмата ме испрати до претседателската ложа, нешто што, гледано по тоа што се случи неколку минути подоцна, ми го спаси животот. Ми го резервирал најдоброто место, во првиот ред, на неколку метри од него.
Поради тоа, кога излезе на бината, средбата на нашите погледи беше неизбежна. И таму, среде вревата од аплаузите, дождот блицеви и големата емотивна оддалеченост што нè разделуваше… се погледнавме. Можев да видам дека неговите усни исцртуваат еден збор во воздухот: Нелин.
Само три личности го користеле тоа име: едната беше почината, другата одамна исчезна од мојот живот, а третата, во тој момент, се наоѓаше пред мене.
Нелин. Збор што почна да избледува во моите мисли, што ме одведе во минато што секогаш ми било многу далечно. Можеби поради тоа, надежта дека може да се вратам во местото во кое бев среќна, ме натера да отидам таму вечерта. Нелин. Така ме викаше во времето кога се однесуваше како татко.
Живеевме во мало гратче опкружено со прекрасна шума во која шетавме заедно за викенд. На десет минути одење имаше река во која се бањавме во лето и ловевме риби во зима. Немавме многу пари, но го имавме него. Тоа беа среќни години. Додека не почна да се менува сè дента кога ја донесе проклетата камера.
На почетокот нè одушеви идејата, нова играчка со која можевме да си правиме сопствени филмови. Но, тоа што на почетокот беше хоби, постепено се претвори во опсесија, и на крајот во професија што нè исклучи сите, или поточно, речиси сите. Секогаш сум мислела дека ако не се појавеше таа камера сè ќе беше многу поинаку… нашиот живот, нашите односи, ние…
Но тоа му стана опсесија. Снимаше, снимаше, снимаше, а потоа, навечер, го гледавме снименото. Мајка ми умираше од срам, но брат ми и јас на почетокот бевме одушевени. Паметам кога правеше проби со мене, кога се смеевме заедно од тоа колку лошо излегла сцената; кога, среде некој кадар, ќе се насмеевме без потреба и моравме да прекинеме…
Но со текот на времето почна да заборава да ме вика Нелин… неговите соништа почнаа да бидат толку големи што сите други работи – а во сите други работи се наоѓавме и ние – исчезнаа за него.
Му беа потребни неколку секунди за да проговори повторно, тивко, небаре не сака да зборува, небаре зборовите, наместо да му извираат од грлото, му се губеа во совеста, под претпоставка дека му останало малку совест.
– Добровечер… – Повторно молк. – Каде бев, а каде сум сега! Па, довде стигнав, што не е малку.
Се слушнаа смеа и ракоплескање што траеја неколку минути додека тој бавно ги креваше рацете, давајќи знак да престанат.
– Ова ќе биде моето последно појавување во јавноста, вечерва ќе се збогувам од телевизискиот свет, свет што ми даде толку радости, толку голем поттик во животот… но сè има свој крај и јас треба да им отстапам место на новите генерации, моето тело вели доста беше…
Во тој момент салата занеме.
Татко ми ги затвори очите и голтна плунка.
Поради неговата крајна мршавост, речиси можевме да ја видиме плунката како му се спушта од устата низ грлото и паѓа во телото што се криеше во внатрешноста од смокингот. Бавно се доближи со микрофонот и го кажа тоа што сите го знаеја.
* * *
– Имам рак што ме убива.
Во зградата завладеа штама.
Во следните минути можеше да се слушне само ширењето на тивко мрморење во салата.
Всушност, тоа беше познато, но никој не се осмелуваше да го потврди официјално: татко ми беше болен. На секоја слика во списанијата во последните месеци можеше да се види сè послаб човек, покревок. Всушност, во тој момент, секој можеше да види како го напушта животот низ кожата.
Човекот од еден метар и деведесет сантиметри височина, со сини очи, привлечен… кој во цутот на животот успеа да биде една од најпосакуваните личности на планетата, во тој момент, на шеесет и шестгодишна возраст, беше скелет покриен со црн костум. Скелет што, без да се знае како, стоеше исправено таму, пред публиката.
– Да, всушност веќе ме уби. Сега само чекам да умрам. Јасно е дека има работи што не може да се купат со пари, инаку… – дишеше бавно за да собере сили за да продолжи. – Но на сите ни доаѓа задниот час и јас можам да кажам дека сум живеел. Некогаш некаде слушнав дека смртта била само почетокот на бесмртноста.
Молк.
Полека ја погледна публиката, повторно се доближи до микрофонот и продолжи.
– Но не сакав да ја напуштам работата без да ви признам нешто, најважното признание во мојата кариера… Како што велеа во мое време: подгответе се за печатење.
* * *
– Телевизијата е лага.
Пушти да расте молкот.
Молкот ѝ отвори пат на насмевката, а потоа на колективната смеа што се рашири низ целата сала.
– Ете ја вашата утрешна насловна страница. Сè, апсолутно сè, е лага. – Публиката почна да ракоплеска.
По неколку минути му дозволија да продолжи.
– Најмуваме актери за да создадеме лажни вести со кои потоа ги пополнуваме ток-шоуата и таблоидите, што исто така ги изработува нашата фирма; намерно валкаме кујни за да критикуваме ресторани за потоа одново да ги исчистиме; сами ги полниме таванските соби со стари предмети што ни се мили за да се зголеми гледаноста; најмуваме фиктивни продавачи за да однесат стари предмети од познати трговски марки во заложилница и на тој начин заработуваме во облик на прикриена реклама; прикажуваме авантурист што преминува замрзната река во негосторпимлива средина без да покажеме дека на неколку метри има мост, бензинска станица, па дури и ресторан Мекдоналдс покрај автопат. Ги лажираме квизовите за да ја добие наградата учесникот што најмногу му се допаѓа на публиката, тој што може да ја зголеми гледаноста, а не тој што знае најмногу, здодевниот сезнајко секогаш добива прашања чии одговори не може да се најдат дури ни на интернет. Зад секое дете готвач има мајстор што ги подготвува јадењата што потоа се појавуваат на екран… Сè, апсолутно сè на телевизија е лажирано. Сè е лага.
Додека татко ми зборуваше, лицата на присутните се менуваа: веќе немаше насмевки, ракоплескање; почнаа да сфаќаат дека не станува збор за шега, дека човекот зборува сериозно.
– Проблемот, и нормално, предностa за мене – продолжи по кратка пауза – е во тоа дека има милиони, илјадници милиони луѓе, кои мислат дека… Кои, всушност, не само што мислат, туку се убедени дека тоа што се појавува на телевизија е вистинито… па дури и кога ќе ја видат истата актерка дека во една емисија игра улога на злоупотребена жена, во друга на здодевна домаќинка, а во трета како авантуристка на Хималаите, не забележуваат дека е истата личност.
Застана неколку секунди за да земе здив, кажал премногу зборови одеднаш за толку изнемоштен човек. Зеде една чаша и, кога ја принесе до устата, за малку ќе ја пролееше водата. На крајот, и покрај тешкотиите, успеа да се напие малку вода и да ја врати чашата на место.
– Извинете… – промрмори додека си ја повраќаше силата. – Но, без сомневање, најдобро од телевизијата е тоа што продуцентите, сценаристите, сопствениците на сето тоа нè претвора во богови. Ако утре изберам некоја личност и објавам во три или четири од моите телевизиски канали за вести дека е силувач, социјалните мрежи ќе се погрижат да му го уништат животот засекогаш, дури и кога потоа ќе се докаже дека не било вистина. Не е важно, тоа не го емитуваме веќе или ставаме толку мал текст на дното од екранот и што се движи толку брзо што никој не може да го прочита. Нормално, може да го направиме и спротивното: да го земеме најголемиот идиот на планетата и да го претвориме во херој, во политичар, па дури и во претседател. Може да играме дека сме богови, јас бев бог. Бев бог! – извика, и во тој момент почна да кашла.
Никој не изусти збор, публиката молчеше.
Повторно се обиде да ја земе чашата вода, но овој пат му падна наземи. Веднаш се појави некој за да му помогне.
Се појави тој. Мојот тој. Тој што, пред многу години, никогаш немаше потреба од наметка за да биде мојот херој.
Превод од шпански јазик: Виолета Јагев