ФУСНОТА ЗА АНАРХИЗМОТ

Навистина, во биполарната поделба на светот по Втората Светска Војна, за анархизмот што и самиот се распаѓаше на мали групи немаше сериозно место. Денес, сликата на анархистот кај „граѓанството“ се совпаѓа со осветољубив терорист кој е спремен на најжестоки злосторства.

Во читливата „Историја на Шпанија“ од Фернандо Гарсија де Кортасар, што оваа зима беше една од моите секојдневни лектири во Ибица, во поглавјето за граѓанската војна 1936-39 ме заинтригира фактот за убиствата на анархистичките водачи од страна на нивните поранешни комунистички соборци во првите денови на мај 1937-та. Тие кои со истиот занес и сврха раме до раме војуваа против фашистите на Франко и бомбардерите на Луфтханзе, се втурнаа во немилосрден меѓусебен судир (што денес ни изгледа мачно, а во историјата е повторливо) на ослободената територија во Барселона и Каталонија, бастионот на републиканците. Суровата битка меѓу просталинистичките комунисти и каталонските националисти од една и анархистите и приврзаниците на антисталинистичката Работничка партија на марксистичкото обединување (POUM) од друга страна во која што и едните и другите се убивале како најжестоки непријатели по улиците и барикадите на каталонските градови, заврши со ликвидација на Андреу Нин (учител, преведувач на делата на Толстој, Достоевски и Чехов на каталански), Камиљо Бернери (Италијанец, професор по филозофија), Доминго Абадиа (безстрашниот командант на Арагонскиот фронт) и други значајни анархистички борци против фашизмот, погубени без милост. Непосреден сведок на ужасните пресметки бил Џорџ Орвел, авторот на „Живптинската фарма“ и „1984“, кој како доброволец се борел во редовите на POUM. Во книгата „На Каталонија во чест“ (1938) напишана по непосредното искуство од шпанските боишта, Орвел сведочи за почетните револуционарни месеци кон крајот на 1936-та во Барселона кога „во целиот град владееше духот на пролетерското братство…, а такси возилата и трамваите кружеа низ градот обоени во црвено и црно – боите на анархистите…..Преовладуваше вербата во револуцијата и иднината, чувството дека одеднаш настапува ерата на еднаквост и слобода“. Само неколку месеци подоцна, кога се враќа во градот после борбите на мадридскиот фронт, Oрвел не може да го препознае тој взаемен устрем кон слободата што владееше со Барселона. Сега тоа е место на терор, немилосрден лов по анархистите и членовите на POUM. Илјадници храбри борци против фашизмот, под пресудно влијание на сталинистичката пропаганда (во истата, 1937 година, Сталин ги егзекутира со „голема чистка“ своите соработници во СССР), одеднаш се прогласуваат за отпадници и издајници. Писателот раскажува за мачните судбини на двајца свои соборци, младиот Боб Смајли и неговиот командант на фронтот Џорџ Коп. „Смајлиевата смрт не можам да ја простам. Тоа храбро и талентирано момче ја отфрли кариерата на Глазговскиот универзитет за да дојде тука да се бори против фашизмот; на фронтот, го гледав со свои очи, покажа неверојатна храброст и волја; а се што им текна да направат со него беше да го фрлат во затвор и да го пуштат да умре како измачено животно… Она поради што побеснувам над оваа смрт е нејзината потполна бесмисленост. Да се биде убиен
во борба – во ред, тоа се очекува, но да се биде фрлен во зандана, дури ни на основа на измислено обвинение, туку поради слеп пркос и да се умре во самотија – тоа е нешто сосем спротивно“.
Орвел сведочи и за Коп со кого го врзува важно животно пријателство: „Тој беше човек кој жртвуваше се – семејството, националноста, живеењето – само да дојде во Шпанија и да се бори против фашизмот. Напуштајќи ја илегално Белгија, додека беше резервист во белгиската армија, пред тоа помагајќи го илегалното производство на муниција за шпанската влада, си осигура за себе си годими затвор ако би се вратил во својата држава. Беше на фронтот од октомври 1936, од обичен војник стана мајор, безброј пати беше во акција, беше и ранет. За време на мајските нереди, самиот тоа го видов, спречи една пресметка и веројатно спаси десет или дваесет животи. А се што доби за возврат е дека го фрлија во затвор“. (за среќа, животната приказна на Џорџ Коп не завршува во барселонските зандани, туку продолжува со низа неверојатни перипетии за што треба да се напише посебно антиупатство).
Самиот Орвел, ранет, со прострелено грло, се сокрива со жена му во Барселона, за потоа да побегнат од теророт, глумејќи граѓанска двојка странски туристи. Извесно е дека горчливото искуство од шпанската војна ќе влијае во создавањето на „Животинската фарма“ и „1984“.
Според повеќето историчари, пресметката со анархистите во Шпанската граѓанска војна е еден од најтешките удари врз европскиот анархизам од којшто тој тешко се опоравува.
Навистина, во биполарната поделба на светот по Втората Светска Војна, за анархизмот што и самиот се распаѓаше на мали групи немаше сериозно место. Денес, сликата на анархистот кај „граѓанството“ се совпаѓа со осветољубив терорист кој е спремен на најжестоки злосторства.
Инаку анархизмот што денес асоцира на милитантен хаос и насилство не постои како таков во ставовите на Пиер-Жозеф Прудон, првиот што се нарекува „анархист“, потоа силно вкоренети кај Толстој и толстоизмот, во барањето социјална правда и против манипулативните експлоатации на власта. Учењето за ненасилна, доброволна социјална еднаквост кај Прудон и британскиот филозоф Вилијем Голдвин имало влијание и симпатии и кај некои великани на поезијата и сликарството какви се Шели, Вордсворт, Маларме, Курбе, Писаро…
Но со силната појава на Михаил Александрович Бакунин, „таткото на модерниот анархизам“ и неговото дејствување преку Првата Интернационала, целото движење добива друга, радикална насока кон насилно укинување на политичката моќ на богати поединци кои ја владеат државата. Добро се познати несогласувањата меѓу Бакунин и Маркс што почнуваат во Првата Интернационала. Иако навидум анархизмот и комунизмот делеа многу сличен порив против капитализмот, суштински се определелуваат во две спротивставени мислења во односот кон управувањето со државата: наспроти марксистичката диктатура на пролетеријатот, Бакуњин инсистира ва доброволно здружување на граѓаните, против авторитетот на владеечката гарнитура, зошто „додека има политичка моќ, секогаш ќе има владетели и оние со кои се владее, експлоататори и експлоатирани“.
Во читаните мемоари „Минато и размислувања“ Александар Херцен пишува за бекството на Бакуњин од Сибир по девет години робија и прогонство по австро-унгарските и руски затвори:„ Бегството на Бакуњин е необично по своето пространство, тоа е најдолго бегство во географска смисла. Стигнал до Амур и под изговор дека има трговски зделки, наговара некој американски капетан да го земе со себе до јапонскиот брег. Во Хокодато наоѓа друг американски капетан да го одведе до Сан Франциско…“. Пред да отплови, на бродот, раскажува Херцен, е приреден свечен ручек на кој како специјален гостин е поканет рускиот генерален конзул. Мртов ладен, бегалецот од Сибир си муабети пријателски со конзулот, кој не ни претпоставува дека тој шармантен соговорник е опасниот Бакунин, кој следниот ден си заминува со американскиот параброд. И тоа од јапонското пристаниште во кое е усидрена руска воена ескадра! Непокорниот Бакунин „фрлен од судбината било каде, откако ќе воочеше две-три црти на новата средина, умееше да ја открие револуционерната струја и веднаш прифаќаше да ја води понатаму, да ја шири, го правеше тоа со сета своја животна страст“!
Во романот на Тургењев „Татковци и деца“ во ликот на Евгениј Васиљевич Базаров е опишан впечатлив представник на модерниот анархизам. Остар, нетолерантен критичар на закоравените, неправедни општествени правила, истовремено привлечен, страствен млад маж, тој и денес кај читател(к)ите предизвикува несомнена симпатија. Во „Руѓин“ пак, Тургењев портретира елоквентен младич, задоен од леви, прогресивни идеи, кој од зачмаената руска провинција оди да се бори на париските барикади 1848-та. Веројатно е дека писателот бил делумно инспириран од бурните настаните во животот на младиот Бакунин кој во 1848 бил во Париз, но од таму е избркан како јавен непријател и агитатор на слободоумни идеи, за веќе следната година да е еден од главните покренувачи на Мајското востание во Дрезден. Двојно осуден на смрт, од судовите на кралството Саксонија и Австроунгарската империја, тој им е предаден на руските власти таму да робува до бегството од Сибир.

Кога на 62 годишна возраст заминува од овој немирен свет, Бакунин зад себе остава бројни руски, швајцарски, шпански, балкански следбеници, но и бројни противници кои постојано го напаѓаа неговото учење.
Така и анархизмот во Македонија, на преодот од 19-иот и почетокот на 20-иот век нуди сложени, провокативни, привлечни личности, измешаности, акции и настани за љубопитното око на историчарот, но и за писателската имагинација: Женевскиот кружок, Петар Манџуков и брошурата „Азбука на анархистичкото учење“, Михаил Герџиков и можното влијание врз Делчев, Славе Мерџанов, Гемиџиите, Петар Соколов, неуспешниот обид за грабнување на персискиот шах, патриотските поетски обиди на Атанас Раздолов… сето тоа и многу повеќе се случува во трагичните, херојски, болни декади на македонската историја, што како да се испишани меѓу „Табакерата“ на Абаџиев и борхесовската „Историја на бесчестието“… „Мемоарите 1895 – 1904“ на Петар
Манџуков се богато, живописно сведоштво на еден посветен, автентичен анархист за тие години на идеализам наспроти предавствата, гордоста наспроти пониженоста.
Идеално замисленото анархистичко општество без експлоататорските манипулации на власта во денешниот свет кога економскиот империјализам го гмечи човештвото, а власта ја третира индивидуата како гласачко ливче, као чиста апстракција, е неможно да се оствари. Сепак во спонтаните студентски демонстрации против безобѕирност на државата, од 1968-та па наваму, до актуелните протести во Србија, можат да се откријат слободоумните анархистички импулси (иако, за жал, со време, во нив се вмешуваат политичките манипулации на партиите во нивната алчна борба за власт). Освен студентите, оние чиј бунт во одбрана на човековите права и можности се спонтано организирани, слична хоризонтална непосредност се забележува и кај бојкотот на потрошувачите во екс-југословенските државите против високите цени во трговские маркети.
Приватна добелешка: кога во 1981-та бев избркан од работа поради „анархо-либерализам“, смешна, нелогична составка на две неспоиви нешта, и кога се најдов пред „истражните органи“ помислив, за момент, да им ги појаснам суштинските разлики меѓу револуционарната свест и капиталистичката пракса. Но бев уплашен и несреден тоа да им го кажам. Знаете, зборот може да биде убоито оружје, но изговорен во незгодно време и на погрешно место, може да ви се врати и да ве тресне по главата како бумеранг. Затоа си премолчив, сосем неанархистички.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ШТО ИМ СЕ СЛУЧУВАШЕ НА Г-ИНОТ А. И Г-ИНОТ И.
г-инот И. и г-инот А. се најдоа пред некоја пресушена чешма ......
Повеќе
0 replies on “ФУСНОТА ЗА АНАРХИЗМОТ”