Доста беше од приказни во боја Ајде сега малку црно и бело
Не можам да те погледнам
Во очи без да го приметам
Немирот кој во нив го носиш.
Ме вознемируваш,
Ме тераш да лутам неконтролирано
Низ твојот поглед во потрага по мир.
Како да пливам низ бесно море
На брод без кормило, без едра.
Тонам,
Тонам длабоко во твоите очи
И длабоко во нив наоѓам мир,
Тоа што го барав на површината.
Скриено од светот, зачувано, заборавено.
Мравка
Си беше еднаш една мравка
Која не дочека среќен крај.
Можеше многу повеќе
Да направи во својот
Навидум краток живот.
Можеше да придонесува
Уште многу повеќе
За своето семејство
Во големиот мравјалник.
Можеше да биде среќна
Со нејзиниот господин Мрав
И нивните мали мравчиња.
Може да работи многу,
Дури и унапредена да биде.
Можеше да стане
Кралица на мравките.
Таа да командува, да наредува,
Други за неа да работат.
Можеше, да.
Но сега веќе не може.
Помина една будала
И ја згазна мравката
Без да се подзамисли
Што направи, и зошто
Го направи тоа.
