случај бр. 1
Последниве години Шарлоа-Брисел му стана најомилен транзитен аеродром. Иако по слетувањето мораше да излезе од аеродромската зграда, за потоа преку друга, Departures капија, да помине низ царинската и пасошка проверка, тој имаше доволно време, да купи од фришопот чоколадни подароци за ќерките, па да се качи на аеродромската тераса и таму на мир да си го испие кафето и испуши цигарче, гледајќи го вивнувањето на големите челични птици кон небото.
Но овој пат беше магличесто и студеникаво, така што на испразнетата тераса, инаку преполнета и разговорлива, забележа само неколкумина стуткани патници кои ѕуреа во маглата. Замоли за запалка од две средовечни осамени жени кои пушеа.
– Драга, ватру за господина.
Ги праша од каде се.
– Ја сам Српкиња, а Драга је Хрватица из Трогира. А ви?
– Македонец.
– Наш човек.
Беа загрижени дека летот ќе им доцни. На таблата објавија дека сите летови се одложени. Тој требаше да биде уште повознемирен, зашто и следниот негов аеродром беше транзитен (така е кога патуваш од Скопје!), а меѓувремето многу кусо. „Ако го испуштам следниот авион, што ли ќе правам тогаш?“, му се вртеа низ главата такви обеспокојувачки прашања, а сепак се трудеше да ги теши двете госпоѓи дека маглата набргу ќе се подигне.
И како што често се случува, најавија дека нивниот авион ќе појде со мало задоцнување, а од неговиот ни трага. Тие заминаа забрзани кон својата порта, а тој остана, нервозен, да стои пред таблата на која никако да се појави најавата за неговиот лет. Минаа дваесетина минути, па половина час, кога конечно засветли пораката дека се замолуваат патниците на летот за Барселона да се соберат пред портата таа и таа. А таму, турканица од човечки суштества со куфери и ранци од бебиња до старци во количка, кои, се подразбира, имаа предност при качувањето во авионот – беа неопходни уште предолги дваесетина минути сите да влезат и да се сместат на своите седишта.
Го подигна куферот во преградата и со несвлечена јакна го стисна ранецот меѓу нозете. Тогаш му дојде хаику како добра илустрација на ситуацијата во која се најде:
Во полн авион
Сам со растревожен ум:
– Сто посто доцнам!
Стјуардот со очила и бушава долга коса стокмена во уредна фризура откако пантомимски ги покажа правилата за безбедност на летот, му пријде да го запраша со насмевка: – Извинете господине, се е во ред?
– Да, да – промрморе, обидувајќи се (неуспешно) да му возврати со насмевка.
– Ако ви треба нешто слободно повикајте ме.
„Овој ќе помисли дека се плашам од летање“, си се потсмевна, што како да почна да ја ублажува нервозата со некоја поопуштена обесхрабреност, „ако така ми е пишано, тоа е тоа, не е важно“, па следните минути го откопча сигурносниот појас и некако ја свлече јакната. Шетајќи се по авионот, стјујардот, кога ќе поминеше покрај неговото седиште, ќе го погледнеше со соучесничка симпатија.
Најпосле, си го прочисти гласот и се осмели да го повика од своето седиште D во шестиот ред : – Ве молам, нешто да ве прашам.
– Повелете – се јави стјуардот со милозвучен глас.
– Нема да стигнам. Ќе задоцнам. Следниот лет ми е за час и половина. Додека стигнеме… – се трудеше да биде посмирен, ама некако не му успеваше, па продолжи во еден здив: – Можете ли да видите на која капија ќе треба да трчам? За секој случај, и така нема да стигнам…
– А да ми го дадете билетот? – рече стјуардот – Аха, навистина е набиено. Сега додека летаме, не можам точно да ви кажам, но кога ќе се наближиме до аеродромот, ќе се јавам да ми кажат. До тогаш, ќе го задржам билетот. Не вознемирувајте се. Да не сакате чаша вода? – додаде љубезно.
– Може. Благодарам. – забележа дека патничката до него, на седиштето Е, го слуша со извесно наместено сочувство: – Се случува. Времето умее да не прескокне.
Беше дебелка и опуштена, со тенко гласче.
„Одлично, сега ми се потсмеваат, со право, глупак“, помисли додека во градите му се отвараше празнина, како онаа бескрајната по која летаа ли, летаа.
Почна, да не се нервира, да пребарува (нервозно) по ранецот од каде ја извлече футролата со очила и книшката „Тајфун“ на Конрад. На слепо ги вртеше страниците и запре на една реченица во средината на книшката: „Можеби сепак ќе издржам“. Кога капетанот Макхвер излезе на палубата, што го направи со жестина, како одеднаш да се освести дека премногу долго е оддалечен, затишјето траеше повеќе од петнаесет минути – доволно да стане неподносливо дури и за неговата имагинација“.
„Баш ми се погоди! Како капетанот Макхвер сум сред тајфун“, помисли меланхолично, иако летот беше мирен, без никакви турбуленции, „Кој знае како ова ќе заврши“.
Ја врати книгата во ранецот, заборавајќи да ги симне очилата така со нив остана уште долго, додека со врврврр тивкиот звук на авионските мотори не го виде стјуардот како му се наближува со препознатливата насмевка: – Не грижете се господине. Имате среќа.
– Молам? – гласно праша.
– Па да, нема шанса да задоцните. Проверив. Со овој ист авион ќе го продолжите патувањето. И со мене. А во меѓувреме ќе имате време да испиете кафе. – и покажа со главата кон нешто што е близу.
Дури тогаш стана свесен дека уште носи очила. Ги симна и со бавна елеганција ги врати во футролата, а футролата во ранецот. Преку дебелката сопатничка догледа како низ прозорчето на авионот белиот одблесок од облаците се распрснува пред глетката на куќарки од градското преградие, потоа и глетката на големиот аеродром. Кога слетаа на пистата широко ги раскрили рацете, без брзање го симна куферот од багажникот, џентлменски ја пропушти сопатничката во редицата пред излегување.
По петнаесетина минути, можеби и повеќе, кој би знаел, во аеродромското бифе додека уживаше во капучиното со стјуардот Енрико, го праша: – Извини, а како успеваш да ја скротиш таа твоја бујна коса во уредна фризура?
случај бр. 2
Се враќаше повторно преку Барселона, но сега имаше многу повеќе време. Откако по сто пати им ги прераскажа своите претходни транзитни авионски мачеништва, ќерките му резервираа повратни билети со подолги паузи меѓу транзитите. Плус, со Priority, што му гарантираше дека нема да се гужва пред полетувањата.
Затоа додека низ широките аеродромски ходници се шеташе релаксирано како по огромен трговски центар, задоволен од обиколката му беше сосем природно да си одбере средено кафуле, да си нарача сендвич со ибериска шунка и авокадо и „sumo de naranja, por favor“, и на продавачката да ѝ даде евро бакшиш, за што беше награден со „gracias querido senor!“.
Си го мезетеше сендвичот пристрасно, почекувајќи по неколку секунди по секој залак, ах, колку му беше потребен тој спокој, таа опуштеност без брзање. На дното од најавната табла се појави информацијата дека неговиот авион полетува за 100 минути. Можеше да се даде фора барем уште еден час да се прошета буткајќи го лесниот куфер на тркалца низ аеродромската зграда. И навистина кога со спокоен чекор се приближи до својата А93 капија, таму, во редот за Priority се најде до патник, шеесетгодишен (на прв поглед) со ведар израз на лицето.
– Добар ден – го поздрави – Viaggeremo insieme. Се враќам во Венеција, мојот роден град. Ама не сум баш среќен (иако тоа баш не му се забележуваше).
– Зошто?
– Па видите, во Шпанија поминав не повеќе од една недела. Туристички. Ама успеав многу да видам. Гранада, Валенсија, Барселона. Три различни, прекрасни града… Перфектна екскурзија за еден пензионер.
Неговиот орелски нос добро се вклопуваше со живите кафени медитерански очи што го гледаа со љубопитност. „Како и секој добро сочуван, елегантен и полетен Италијанец изгледа десетина години помлад од возраста“, помисли.
– А сега морам назад во мојата пренатрпана Венеција. Мислам, си го сакам градот, во него живеам цел живот, има во него бројни културни богатства, фестивали, Карневалот, доаѓаат луѓе од цел свет… Ама понекогаш ми здосадува, истите улици, истите канали…
Патната контрола ја поминаа лесно, и натаму разговарајќи додека чекореа по металниот ходник кон влезот во авионот.
– Ќе летаме со Макс Тен…
Кимна со главата, иако не му беше познат лик со такво име, можеби е некој актер или кошаркар.
– … нов модел авион – продолжи Италијанецот – побрз е и поголем, ќе стигнеме до Венеција за помалку од час и половина. Да, драг пријателе, додека се сместите и погледнете низ прозорчето, веќе пристигнавме. Miracolo della velocita! … Вие, кој број на седиште имате?
Испадна дека резервираните седишта им се оддалечени повеќе од десетина реда: – Штета! Толку добро нѝ одеше муабетот. („Само и јас да дојдев на ред“, помисли, сепак со симпатија).
– Ci vediamo a Venezia! – весело викна Италијанецот, подигнувајќи го со леснотија својот куфер во багажникот.
Му отпоздрави, па продолжи назад во авионот кој навистина изгледаше подолг и поширок од вообичаените, си го најде седиштето, спокојно го врза сигурносниот појас и го сочека полетувањето.
Макс Тен бродеше по небото, моторите ревносно но тивко му работеа, додека сонцето благо продираше низ авионските прозорчиња. Од ранецот ја извади црвената книшка „За љубовта“ од Стендал, го побара поглавјето „За Италија“ и почна да чита, одвреме-навреме потврдувајќи со главата: „Среќата на Италија е во тоа што е предадена на вдахновението на мигот… другите предности на Италија се длабокото безделничење во прекрасно поднебје што прави човек да биде осетлив за секој вид убавина… страста кон музиката што предизвикува во душата возбуда толку слична на љубовната возбуда…“.
„Стендал беше вљубен во Италија, а овој мој шармантен Италијанец бега од родната Венеција… но каде? Во убавината“, си одговори.
Овој пат имаше доволно време и простор да си води опуштен дијалог со себе – седиштата до него беа слободни, а рамномерното зуење на моторот го тераше, по неколку прочитани стендаловски реченици, да ги заклопи очите, предавајќи се на блага дремка.
Колку ли траеше таа сосем спокојна состојба? Не баш долго. Го тргна гласот на пилотот, јасен, сериозен, но со некоја нота вознемиреност, што соопшти дека поради „итен медицински случај“ авионот ќе мора да се врати во Барселона. Со истиот тон праша дали има лекар меѓу патниците. Виде како темнокоса жена некаде од позади брзо се упатува кон предниот дел од авионот. Патниците почнаа да се подигаат од своите места и мафтајќи со рацете гласно да коментираат. Тука се најде стјуардот кој со собрани веѓи им појаснуваше дека на господинот на 11А ненадејно му се слошило и колабирал и затоа…, не успеа да ја доврши реченицата поради хистеричните упади и офкања на присутните: – Мајко моја, и што сега?!, – Оф леле, кутриот тој, – Знаете ли од што се онесвести?… – Не знаеме уште – се обиде да објасни стјуардот – докторката веќе му дава прва помош…
– Слушајте луѓе – се слушна некој бас – Се може да се случи, човекот е можеби во критична состојба.
– Од каде ви е таа помисла? – веднаш се уфрли еден ѕвонлив сопран: – Уште не знаеме кои се симптомите.
Одеднаш авионот се преполни со луѓе и гласови. Стеснет меѓу нив, како под опсада, стјуардот, со бела кошула под униформата, со околувратник што почна да го стега, се обидуваше да ги смири, но тешко, возбудените патници не се обѕрнуваа на неговите усилби. Тогаш повторно се чу гласот на пилотот: – Ги молиме патниците да се вратат на своите места. Брзината на летот ќе биде зголемена.
Оваа наредба од командното место како да имаше ефект. Жагорот се стивна во притаен шепот, луѓето се вратија на своите седишта. Видикот се расчисти, па тој, само малку поткренувајќи се, можеше да види дека таму, кај единаестиот ред, темнокосата докторка клечи до телото на болниот што беше испружено вдолж патеката меѓу седиштата. Главата му беше подигната на подметната перница, кошулата раскопчана за докторката да може да го масира по градите. Крај нив стоеше една од стјуардесите со до половина наполнета чаша со вода. Околните патници беа повлечени од своите седишта, така што издвоена глетката му залича на сцена од снимање на некоја ТВ новела.
И веднаш немаше двојба дека претчувството што се зачна откако пилотот ја објави веста за „итен медицински случај“ му беше точно – човекот што беспомошно лежеше беше Италијанецот! Елегантниот и зборлест Италијанец кој пред малку го разведруваше со своите искричави реченици! И кој изгледаше помлад од својата возраст! Неговото насмеано лице сега е бледо и збрчкано од болка, телото смрзнато, помисли преплашено.
„Смири се“, си кажа, „Седни, затвори ги очите, испраќај му позитивни пораки“. Почна: „Уште си тука, потруди се да живееш, ти си навистина интересна особа, полна со живот, ништо не ти е, мала слабост…“.
Авионот леташе како змеј, му се чинеше дека брмчи посилно од порано и дека одвреме навреме ќе се притресеше од зголемената брзина.
„Биди спокоен. Гледаш дека брзаме, ќе стигнеме на време“, продолжи со пораките, „Секако дека можеш. Гледај колку убав човек си. Вреди да издржиш“.
Се премести на второто слободно место за да може да ѕирне кон пациентот. Забележа како стјуардесата со полунасмевка му ја приближи чашата со вода и дека Италијанецот, со помош на докторката, ја подигна главата и испи две голтки: „Така, само напред. – го охрабри, па му текна: – Ете, и Стендал напишал дека поседувате вештина да бидете среќни!“.
Кога авионот стреловито слета на пистата, на аеродромот веќе ги чекаше колата за брза помош од која истрчаа со носилка три мажи во бело, се испентраа по скаличките што експресно беа прикачени до леталото, за миг вратата на авионот ширум се отвори, тие влегоа внатре, и пред трогнатите погледи на патниците, спретно го наместија Италијанецот на носилката и уште поспретно го изнесоа. Стјуардот кој стоејќи до него ја следеше акцијата, здивна со олеснување и тивко рече: – Да, знаат што треба да се направи. Добро е.
Воздржаниот глас на пилотот не можеше да го сокрие задоволството: – Почитувани, ми јавија да ви соопштам дека пациентот е многу подобро.
Аплаузот што се рашири низ авионот (а којшто порано го нервираше при успешните слетувања), сега го понесе, па и тој гласно и долго ракоплескаше.
– Ви кажав дека се ќе биде добро! – се чу препознатливиот ѕвонлив сопран.
Се заврте да погледне од каде доаѓа и се изненади. Згодна блондинка од чие бујно деколте блескаше срцето на сребреното ланче. – Срце сте! – ѝ довикна, а таа му возврати со љубезна насмевка.
Кога авионот леташе кон Венеција, виде млада двојка во претходниот ред кои порано не ги забележа како срамежливо се љубат. Предолгата коса на повисокиот беше фатена во репче, кога се сврте виде дека таа е девојка.
Стјуардот, смирен и сигурен, помина крај него и пријателски го замоли да го врзе сигурносниот појас.
Го потсети на Енрико, стјуардот кој му помогна при доаѓањето во Шпанија. „И овој ми е симпатичен. Ќе го прашам како се вика“.
На излезот го праша: – Извини, а како ти е името?
– Рубен – рече стјуардот – Среќен пат.
И тогаш помисли дека не го дозна името на Италијанецот.
