Сивка: геометрија на болката

Игравме џамлии и не ми пречеше да се заплетувам // меѓу чекорите на шепкачите // небото неминовно ми беше ветено // и никој нема да узнае // за облакот кој заноќуваше врз мене!

Curriculum Vitae

Ме бива човече!
Готвам, перам, прешивам
сонливи мечти,
весели патки à l’orange
помирувам варвари и аcquis communautaire,
свирам на Excel, јавам Corel Draw,
забавувам виртуелни страници,
и жедни странци;
солидно говорам со скршени звуци,
и позајмувам без надомест, крила на говорници,
тука е и тоа што не е
и очигледно не прави многу.

На облаци закачувам фустани и дипломи,
свечени солзи и нечисти мисли.
Само не знам да врзувам битно со небитно,
кога сонцето ќе погоди под прав агол,

колку подолго водата останува непречена,
посилен станува сломот,

Имам слабост на срцето, викате.
Пукајте кон ѕвездите,
или барем кон трепетливото улично светло,

ќе одвраќам врагови,
бесни глисти.

I am not a robot

 

Како ја усмртив судбината, 1997
(Историја пред историјата)

1.
Ти носам војна –
времиња кои ќе пукнат
Ова шумолење
се шири одозгора надолу
во исклучително испеглан манир
заедно се пробиваме низ напуканите ѕидови
на уште една загушена револуција
Кукавиците одамна го прогласија преминот за вечност,
но спинално долу истекува
Некаде, уште го држам за рака.
Некаде, уште спијам.

Некаде, реката заборава да тече.

2.
Јас не се вљубував и не пуштав клопчиња
(Тогаш имав пргави нозе кои газеа само по ѕвездени неба)
Ги превртував палатите на Теба
и се враќав отечена по различни патеки.
(Не знаев тогаш дека е заразно да гледаш во туѓите стапала)
И среќавав големи, шупливи срца
удавени во татнежот
ме повлекуваа како последен повик пред тргување.

Некаде, реката заборава да тече.

3.
Игравме џамлии и не ми пречеше да се заплетувам
меѓу чекорите на шепкачите
небото неминовно ми беше ветено
и никој нема да узнае
за облакот кој заноќуваше врз мене!
Од него излегуваат архипелази
на нови, слободни земји.

4.
Ти носам војна
Дури си вообразувавме дека се топиме во цело –
пар добри насмевки во излогот
и спуштени рамења потем

Која од нас ќе се осмели сама да се искачи?

И ги фрлив ископаните очи
На буништето на заспаните
го закопав изненадувањето.
Луѓето обично се согласуваат за грубите нешта
Но, реката одлучува.
Или можеби отсекогаш било одлучено.
Или можеби никогаш не било.

 

Варварка

Во лето песните се преправаат
дека никогаш не го виделе снегот
само за да застанат наспроти сонцето
Распукани ми се петите од удирање на земјата:
рокчиња,
смокчиња,
оски на светот
– ги учам како се создаваат самогласките:
светат дури горат.

Нашите ритми би се изедначиле по звучност
ама ним не им лежи
жесток кол на лицето
на срцето
мојот врховен суд соборува
кнедли во грлото.

И додека да избувне војна на небото
(гласот е стар колку и планината)
знам каде да го најдам
по стариот добар обичај
ќе заплачат врбите на Вавилон.

Да си го земам мојот дел од огнот.

 

Заспивалка

Ги сакав вечерите со Nietzsche.
Кога сите заспиваа,
јас го довикував по име
и почнувавме да го делкаме натчовечето;
како сирење кое треба да се исцеди и стисне
за да се добие калапот,
да ја преживува болката до бесконечност,
пак и пак.
Го дотерувавме тој неранимајко
од роб до господар,
го ситневме на желби
и провокација да биде пожив од другите.
На крај, изморени
од значајниот момент на создавањето,
заспивавме на различна перница:
тој секогаш ја бираше повисоката,
мене ме болеше вратот од висината.
Сега ретко погледнувам нагоре во мракот,
да не ми ги нагади очите
некој мајсторски мустаќ
од пукнатината на таванот.

 

Топола

Ми претураш хроники на мртви поети
Ја свртуваш крмата лево, па десно,
на моите кротки ветрови не им се пишува добро
од јазиците кои мислев дека ги говорам
ниеден не разбирам тука
ќе ги отсечам нозете
од нив пак ја засакав планината
Еве ти
деца
светулки, сеедно
мокри се патеките пред зората
Ах, паѓање!
Прецизно можам да ти ги именувам
сите нијанси од алово до модро
моите колена скокнаа многу школски часови
дури паѓаше температурата
дури залчињата беа летала
дури смислував одговори зошто умираат луѓето
и каде се купуваат метли за чистење срца.

И како сега бран?
Чуј! Фон! Ѕвон!
Шушкави лисја во дребен час пред денење
дури спијат сите вистини
а стравот може да здивне

О, памет, каде ти е паметта?
Како со мир да излезам одовде?

Тагови од објавата
0 replies on “Сивка: геометрија на болката”