Градот во оган

Многу повеќе од сведок, тој е покренувач, иницијатор на она што се случува, на еден пресуден, страшен чин, во оној цвајговски збиен историски час, кога се менува судбината на еден град и судбините на неговите идни жители и настани.

За насловот на една од моите омилени есеистички книги (од младоста до денес), „Sterstunden der Menschheit“ на Стефан Цвајг, (преведена како „Ѕвездените часови на човештвото“, или, може постриктно, „Големите мигови на човештвото“), самиот Цвајг во воведот ќе нагласи дека: „Таквите драмски збиени часови, полни со всредоточени судбини, во кои што само за еден единствен ден, за еден единствен час, а често и само за една единствена минута, е збиена одлуката што го надживува времето, се ретки во животите на поединците и ретки во животниот тек на историјата. Тука се обидувам да се потсетам на неколку такви ѕвездени часови од различни времиња и зони – ги нареков така зошто сјајно и непоколебливо како ѕвезди ја расветлуваат ноќта на минливоста“. Цвајг заведувачки нѐ внесува во тие куси временски сегменти со несогледливи ефекти: како конквистадорот Васко Нуњес де Балбоа со својата десперадоска банда го открива Тивкиот океан, како „запечатениот“ воз ги превезува од Швајцарија, преку завојуваната Германија, Ленин и неговите 30 соработници дирекно до Петроград, како слепата послушност на верниот Наполеоновиот маршал Груши го „потпомогна“ поразот кај Ватерло… впечатливи примери на кус настан што предизвикува долгорочни последици.  

Препрочитувајќи ја книгата на Цвајг, на скопската тераса едно топло пролетно претпладне, се замислив: кој би можел да биде тој краткотраен решавачки миг за овој град, кога се свртува историското кормило не само за современиците, туку и за генерации што доаѓаат после нив? Земјотресот да, но катастрофалните земјотреси што го рушеле Скопје низ историјата биле удар од непоткупливата Природа, што се случуваат вон човековите размисли и планови. А наспроти тоа, ако, во цвајговска насока, го бараме човечкиот фактор што во еден кус миг ја сменил историската физиономија на градот, тогаш веднаш ми се наметнува палежот на Скопје 25-27 октомври 1689-та по наредба на хабсбуршкиот генерал Силвио Пиколомини.   

Во XVI- иот и XVII – иот век, овој град наречен Ускуп, бил еден од најразвиените многужителни балкански центри на Отоманската империја. „Пропатував низ цела Румелија сиве овие години, видов многу прекрасни градови благословени од Бога, но ниту еден од нив не ме восхити со својата убавина како рајскиот град Ускуп низ кој тече реката Вардар“, запишал турскиот патеписец од 17-иот век Дулгар Деде. Речиси век и половина пред доаѓањето на Пиколоминиевата армија, во Ускуп живеел, работел, а тука и починал Иван М. Држиќ, член на добро организираната дубровничка колонија трговци што, плаќајки ѝ уредно годишен арач на власта, ја организирале, како важна дубровачка испостава, рговската размена меѓу Отоманската империја и Западот. Иван е постариот роден брат на ренесансно разиграниот комедиограф Марин, со прекар „Видра“, авторот на „Дундо Марое“, „Скуп“, дела што и ден денес со успех се играат на екс-ју сцените. Постои претпоставка дека во 1547-та Марин го посетил брат си во неговиот скопски дом. Во „Лексиконот на Музејот Марин Држиќ“ е запишано дека Иван починал, неженет, во Скопје 1554-та, а истата година, во решението (на латински) на МВ од 28.04.1554. стои дека „им се дозволува на чуварите на имотот на покојниот Иван Марин Држиќ во регионите на Левантот да назначат еден или повеќе овластени представници за враќање на имотот на починатиот“. 

Век и деценија подоцна, само триесетина години пред големиот пожар, 1660-61-та, во „in partibus Levanti“ пристига и престојува во Скопје неуморниот патеписец Евлија Челебија, автор на десеткнижните „Патеписи“ („Сејахатнаме“), кој во својот препознатлив стил, со нескриен восхит, го опишува градот со 2150 дуќани: „Сите главни улици се рамни, поплочени со убава, бела калдрма. Има многу учени луѓе, градски првенци, големи господа. Тоа е гнездо на поети и луѓе пријатели на сиромашните. Жителите особено се наклонети кон задоволствата и уживањата. Љубовта и насладата се голем влог во нивните вљубени срца“. 

Оваа хедонистичка слика на градот десет години подоцна се надополнува со сведоштвото на англискиот лекар Едвард Браун за „Скопиа или Скупи, или како Турците го нарекуваат Ускопиа, во подножјето на Монт Орбелиус (Скопска Црна Гора), на брегот на реката Аксиус, во многу убав и пријатен крај, со еден дел градот е на ридот, а со вториот во рамнина“. Во градот и околу него, забележува Браун, се наоѓаат бројни места, „сите засадени со дрвја, опколени со ридишта и долини“. 

Речиси во ист историски период, двајцата патеписци – Браун од една растечка колонијална империја што во наредните два века ќе го освојува светот и Челебија од сеуште моќната, но веќе подослабена империја, што во следните два века постепено ќе ја губи својата сила и територии, значи од две прилично различни историско-социјални средини, се сплотени во една многу сродна,  восхитувачка импресија од градот. Патувањето и патопишувањето подразбираат промена и свежо проживување на видливиот свет, но тие различности на новите места се многу помалку неочекувани за еден отомански поданик отколку за еден човек од Запад (како, на пример, во случајот на големите патописци ибн Батута и Марко Поло). Но посетите на Челебија и Браун на Скопје, остварени во кусо меѓувреме, ја покажуваат блиската интимна доживеаност на градот како убав и впечатлив. 

А токму во тие години, веќе се навестуваат Австро-Турските Војни (1683-99) после кои што Отоманското Царство по прв пат е принудено, според мировниот договор во Сремски Карловци, да се откаже од големи територии (во Унгарија, Славонија, Трансилванија). А за време на кои што убавото Скопје ќе исчезне во големиот, немилосрден пожар.  

Клучниот лик во трагичниот настан со опожарувањето на градот е потомок на познатото, имошно благородничко семејство од Сиена, во чиј родослов му претходат и двајца папи, Пиј II (единствен папа што напишал автобиографија) и Пиј III. Генералот Енеа Силвио Пиколомини. 

Со благослов на татко му (кој му обезбедува комфорен апартман, со слуги и кочија) и благодарение на влијателното италијанско лоби во Виена, тој од родната Сиена се сели во престолнината на хабсбуршкото царство, каде што решително почнува да ја гради својата војничка кариера. Покажува дека и покрај првичната помош од роднините, самостојно поседува силни војсководачки способности, па од потпоручник во војната против Франција во 1675-та, тој во Австриско – Турските војни го носи чинот генерал-потполковник, што сосем го оправдува за време на Мохачката битка, кога храбро и решително го запира нападот на бројчано надмоќната турска коњица и со тоа го пресвртува текот на битката на хабсбуршка страна. 

Во понатамошното брзо напредување на австриските сили,  освоен е  Ниш, Пиколомини ја презема командата на дел од армијата и се упатува кон Скопје и по слаб отпор од растроената турска војска, го „освојува“ градот од којшто беше избегало населениетто и турските војници дезертери и врз којшто беше налегнала тешка тишина. А колерата почнала да ги шири своите пипци. 

 На 29 октомври 1689., Пиколомини издал наредба градот да се запали. Соочен со катастрофалниот пожар, забележал во својот дневник со истиот восхит, како Челебија пред триесет и Браун пред дваесет години: „Скопје е простран град, не многу помал од Прага или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со производи. Малкуте луѓе што останале исплашено врват по улиците. Жал ми е што куќите, какви што не ги бев видел досега, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот“.

Додека патописните белешки на љубопитните посетители Челебија и Браун се инспирирани од новооткриеното место, генералот Пиколомини, професионален војник кој порано на бојните полиња отрпнал од секакви злосторства, во тој момент, е принуден, тогаш и таму, наспроти Скопје што гори, да се соочи со својата команда и да ги запише овие исповедни реченици за опожарениот град. Многу повеќе од сведок, тој е покренувач, иницијатор на она што се случува, на еден пресуден, страшен чин, во оној цвајговски збиен историски час, кога се менува судбината на еден град и судбините на неговите идни жители и настани.

Огнената стихија што траела два дена, го проголтала градот, поштедувајќи само неколку градби од камен – Калето, црквите „Св. Димитриј“ и „Св.Спас“, Даут пашиниот амам, Чифте амамот, Карван Сарајот… и Камениот мост. Хабсбуршката армија се повлекла,  а генералот Пиколомини, и самиот заразен од колерата, по неколку дена, на 9 ноември, умира во Призрен. 

Во почетокот на декември, османлиската војска, придружена со татарските орди на кримскиот кан Селим Гирај, ќе навлезе назад во опустошениот, напуштен град, влечејќи го бунтовничкиот пленик, востаничкиот водач Карпош кој на Камениот мост ќе биде набиен на колец, избоден од татарски копја и фрлен во Вардар. Така „Карпестиот“ (според прекарот), предводникот на народната буна, што се случува во почетокот на октомври околу Крива Паланка и Куманово, не ја доживува намерата да ги спои своите одреди со главнината на хабсбуршката војска, туку, по палежот на Скопје, оставен на немилост на жестокиот турски противнапад, после битката кај Куманово, е заробен, мачен и погубен во раселеното, опустошено Скопје.

Речиси два века, дури до средината на 19-иот, Скопје бавно ќе се опоравува да врати нешто од својата некогашна величина и углед. Што би било кога не би било?, прашање наивно од гледиштето на историските факти, а во случајот на Скопје речиси несмасно: по пожарот од 25-7 октомври 1689 тоа од богат, развиен балкански трговски центар со над 60 000 жители, ќе се смали во перифериско градче со 10 000 жители. 

Понекогаш огнената вртимушка на историјата, во еден згуснат миг, умее непредвидливо да го пресврти вртењето на времето.  

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Умберто и крадецот на чадори
Необичниот чадор Умберто живее во Дождоградец. Во Дождоградец, се гледа по името,...
Повеќе
0 replies on “Градот во оган”