Оној што има пролет во душата секогаш ќе го гледа светот расцутен

Приказните се силно драматични и болни зашто во најголемиот дел ги раскажува самата Ника. Од позиција на засведочен раскажувач, Ника ја отвора својата душа и ни ја кажува со растреперен глас својата болка, болката на Ригел...

ОНОЈ ШТО ИМА ПРОЛЕТ ВО ДУШАТА СЕКОГАШ ЌЕ ГО ГЛЕДА СВЕТОТ РАСЦУТЕН

(за „Солзотворец“ (Скопје: Три, 2025) од Ерин Дум во превод од италијански на македонски на Радица Никодиновска)
[1] Текстот е настанат од промоцијата-разговор меѓу Весна Мојсова-Чепишевска и Радица Никодиновска на промоцијата на романот „Солзотворец“ од Ерин Дум што се случи во Јуроп Хаус на 28 април 2025 година.

Книга-хит од италијанската книжевна средина пред македонската публика може да донесат „Три“ и посветената преведувачка Радица Никодиновска. Така за неполни три години од експлозивниот успех на книгата „Солзотворец“ од Ерин Дум (за три години во Италија е продадена во над половина милион примероци и веќе преведена на 26 јазици), ја имаме и на македонски и тоа благодарение токму на Радица Никодиновска. Како е можно во едно време кога постојано се зборува колку не се чита или поточно кога се потенцира колку денешниве млади не читаат, оваа млада/нова авторка да понуди приказни кои буквално се голтаат? Зашто, приказната за солзотворецот е развијана на 600 страници, а се смета дека денешниве деца и млади не читаат ништо подолго од неколку страници. Таа пишува под псевдонимот Ерин Дум (Ерин е ирско име кое се поврзува со природата и слободата, а Дум е презиме што е произлегува од англискиот збор кој се преведува како „судбина“). Своите романи „Начинот на кој паѓа снегот“ и „Солзотворец“ ги објавува на социјалната мреза WattPad и постигнува неверојатен успех, особено кај младите читатели. И оттука започнува и уште поголемата слава, зашто издавачката куќа „Магаѕини Салани“ во мај 2021 година го издава преработеното издание на „Солзотворец“ кое станува вистински бестселер во 2022. Веднаш потоа и „Нетфликс“ ги откупува правата за снимање филм според овој роман. И на ред е да го гледаме и филмот!

Како се дојде на идеја токму овој роман да се преведува? „Три“ (како и некои други македонски издавачки куќи) следи она што е ИН во европската литература, ама „Три“ ја има Радица Никодиновска која веднаш се нафаќа на вакви големи/калорични подвизи. Да се преведе за кратко време Ерин Дум и притоа да се понуди еден превод кој се чита со леснотија, со возбуда е успех. Зашто Ерин Дум се чита како таа да го пишувала „Солзотворец“ на македонски.

Но, како Радица Никодиновска гледа на оваа популарност на Ерин Дум? Дали македонската верзија на „Солзотворец“ може да стане во наредниот период една читана приказна? Зашто, имам чувство дека секој млад човек треба да ја прочита. Таа може да биде и лектира во слободен избор за македонските средношколци зашто отвора многу нивни прашања, разоткрива многу нивни ситуации, детектира многу нивни болни места, зборува за сѐ она што го мачи младиот човек, како она: што е вистинско другарство (Ника – Аделина, Ника – Били, Били – Мики), која е вистинската љубов, како и темите за децата без родители згрижени во домови и згрижувачки семејства, за чинот на посвојувањето и во тој контекст растргнатоста меѓу биолошките родители и посвојувачите… и пред сѐ за потребата да бидеш сакан и да сакаш:

„Те сакам како што се сака слободата во мракот на подрумот. Како што се сака едно милување, по години модрини и тепање… Те сакам како што се сака само небото, кое никогаш не се крши. Те сакам повеќе од која и да е боја што сум ја сакала во мојот живот… И те сакам… како што знам да те сакам само тебе, само и само тебе, тебе кој си светлина и темнина, вселена и ѕвезди. те сакам како што само тебе знам да те сакам, тебе, мој солзотворецу…“ (2025: 507)

Радица, дали додека ја читаше оригиналната верзија, таа на италијански, беше со растреперено срце? Те болеше ли физичката болка на Ригел? Те вознемируваше ли душевната болка на Ника и Ригел? Што сѐ ти претрча низ главата? Мислеше ли дека ќе ти ти биде едноставно да го преведеш (освен што бараше од тебе вистинско време зашто не е едноставно да се направи книжевен превод на 600 страници)? Ти легна ли стилот на Ерин Дум?

Како дојде до идејата италијанското FABBRICANTE DI LACRIME да го преоблечеш во СОЛЗОТВОРЕЦ?

Никодиновска: Многу прашања во едно, ќе се обидам да ги одговарам редоследно.
Со оглед на тоа што Солзотворец за целна група ја има младата возрасна читателска публика, би се осврнала накратко токму на состојбата со читањето книги од страна на младите. Се вели дека читањето книги веќе не е во мода но и дека намалената желба и способност за читање се должат на намалената концентрација кај луѓето, предизвикана од користењето пред сè на паметните телефони, од времето потрошено во четување, односно на сето она што е поврзано со дигитални технологии. Сепак, никој не може да негира дека дигиталната книга целосно го револуционизираше пристапот до читањето, овозможувајќи пристап до книги на дофат на рака а без потреба од нивно носење. И не е првпат познатата социјална мрежа Wattpad, наменета за читање преку интернет, да биде всушност медиум за изразување на бројни уметници чии приказни, откако ќе ги воодушеват дигиталните читатели, ги надминуваат виртуелните граници и стигнуваат до страниците на најпознатите издавачки куќи, прераснувајќи во романи во книжна форма.  Нешто слично неодамна ѝ се случи на младата Ерин Дум со нејзиниот роман Солзотворец, кој го достигна врвот на најпопуларните и најпродавани книги во Италија. Ќе додадам дека е од суштинска важност да се промовира читањето меѓу младите, особено во училиштата, како добра навика која ги поттикнува да ги откријат задоволството и придобивките што ги нуди таа активност. 

Мојсова-Чепишевска: Сега нешто во врска со популарноста на Ерин Дум и прашањето дали  македонската верзија на „Солзотворец“ може да стане во наредниот период една читана приказна?

Никодиновска: Најпрвин би сакала да потврдам дека Издавачки центар „Три“ го следи секогаш она што е ИН во европската литература (да се послужам со зборовите на Весна) , и дека „Три“ ме има мене а јас имам среќа да го имам „ТРИ“ со кого имам одлична соработка со години наназад. Кога Бојан Саздов ми предложи да ја преведам „Fabbricante di lacrime“, веднаш прифатив. Пресудни беа првите страници во кои се раскажува легендата за Солзотворецот која ме фасцинираше, воведот во самата приказна чие развивање и крај не беа воопшто предвидливи, како и кусиот опис на главните ликови Ника и Ригел. Инаку не е тајна дека сум љубител на приказни и легенди, доказ се, меѓу другото, и преводите што ги спомена професорката Весна Мојсова-Чепишевска, а и мојата внука Сара ќе го потврди тоа, бидејќи ние често си раскажуваме приказни. Но точно е, исто така, дека ми се предизвик „калоричните“ преводи. Да потсетам само дека „Италијански приказни“ од Итало Калвино има речиси 1000 страници.
Како гледам на популарноста на Ерин Дум?
Таа популарност се должи на фактот што и двете верзии на книгата, и дигиталната и книжната, имаат огромна читаност кај младата возрасна публика во многу земји каде што е преведена книгата. Тоа е онаа генерација читатели чии претставници се присутни на оваа промоција, ученици од гимназијата „Никола Карев“ и од приватното средно училиште „Саба“ и тоа не во многу голем број само заради просторното ограничување, млади кои се надевам ќе го следат примерот на другите млади читатели во светот и со уживање ќе ја читаат прекрасната љубовна приказна, темната романса „Солзотворец“. Со овој роман, исто така, се пополнува една празнина во македонската преводна литература бидејќи најголемиот дел од преведената книжевна литература е наменет за возрасни читатели и за помали деца, додека помалку е застапена онаа за млади возрасни, за тинејџери. Инаку, мислам дека оние што ќе ја прочитаат книгата сигурно ќе ја препорачуваат на други, на нивни школски другари но и на возрасни читатели, зашто содржината навистина хипнотизира и 600-те страници не треба да ве исплашат, напротив, ќе сакате да ги прочитате во еден здив. Романот на Ерин Дум е искрен повик да ги зграпчиме најубавите нешта од животот и секогаш да го избереме човечкото поврзување, затоа што токму тоа ни овозможува да учиме и да се запознаеме себеси. „Солзотворец“ нè учи, исто така, дека не е страшно да се расплачеме и дека понекогаш токму преку солзите се ослободуваме. Во целост се согласувам со мислењето на Весна дека оваа книга може да биде и лектира во слободен избор за македонските средношколци зашто зборува за сѐ она што го мачи младиот човек, порачувајќи притоа дека тешкотиите во животот не треба да претставуваат некакво ограничување туку можност за откривање на неочекувани внатрешни ресурси. Како и кај поголемиот дел од книгите што добиваат големо признание од публиката, така и „Солзотворец“ обработува универзални теми во кои многу луѓе можат да се препознаат, како способноста на човечкото суштество да пронајде сила во болката и потребата да се соочи со сопствените кревкости. Искрено се надевам, односно убедена сум, дека „Солзотворец“ и кај нас ќе стане генерациски култ.  

Што се однесува до идејата италијанскиот наслов „Fabbricante di lacrime“ (буквален превод „Произведувач на солзи“) да го преоблечам во „Созлотворец“, долго размислував за изнаоѓање на соодветно преводно решение. Откако ги проверив сите можни значења на италијанскиот збор fabbricante и неговиот еквивалент во македонскиот јазик решив да ја направам кованицата солзотворец, што може да се смета и личен придонес во збогатувањето на македонскиот лексички фонд. Мислам дека кованицата созлотворец е ефикасна, впечатлива и сосема уверлива.

Солзотворецот е роман кој никого не може да го остави рамнодушен а најмалку самиот преведувач, во случајов мене. За мене самата книга беше мој ‘солзотворец’ зашто длабоко ме растревожи, пред сè заради темите што ги третира: злоставувања во Домот за напуштени деца, траумите што тие деца цел живот ги носат закопани длабоко во себе, болестите, посвојувањето, љубовта итн. но и темата за силата на главните ликови, Ригел и Ника, кои и покрај трауматските искуства, успеваат повторно да се исправат и да му дадат смисла на својот живот, објаснувајќи им на читателите дека животните тешкотии не треба да бидат пречка, туку можност за откривање на неочекувани внатрешни ресурси.

Што се однесува до стилот на Ерин Дум можам да кажам дека понекогаш наидував на некои проблеми но јас го сакам тој поетски, возбудлив и предизвикувачки стил богат со метафори, иако тоа бара и подолга потрага по соодветни и успешни преведувачки решенија.

***

Мојсова-Чепишевска: Оваа книга е како еден мал современ зборник во кој се собрани многуте приказни што се раскажуваат во домот за сираци Грејв и се откриваат сите оние тајни, мрачни настани во тој дом. Во овој современ зборник се отплеткуваат и убавите и напнатите мигови и во домот на Ана и Норман Малиган, и во училиштето на Ника, Ригел, Били и Мики. „Солзотворец“ е како некој современ зборник кој е во дијалог со онаа популарна збирка раскази „Илјада и една ноќ“ и кој би можел да доби и ново име како „Илјада и една солза“. Или овие приказни како да продолжуваат таму каде што застанале оние „Италијански приказни“ („Fiabe Italiane“) на Итало Калвино (Скопје: Три, 2022) кои, исто така, ги преведе Радица Никодиноска. Така, меѓу приказните што се раскажуваат со шепотлив глас и бајките за добра ноќ, најпозната е онаа легенда за солзотворецот. Меѓу нив и највозбудливи и највознемирувачки се приказната за Ника, која го добива името по нежната пеперуга со светлопортокалова боја, Ника Флавила, што ѝ го даваат нејзините родители кои умираат на нејзина петгодишна возраст, како и приказната за Ригел, оној маѓепсник, самотник, подмолник, кој името го добил според седмата најсјајна ѕвезда на небото, ѕвезда што блескала таа ноќ кога бил оставен како бебе старо само седум дена пред вратата на домот за деца без родители. Приказните се силно драматични и болни зашто во најголемиот дел ги раскажува самата Ника. Од позиција на засведочен раскажувач, Ника ја отвора својата душа и ни ја кажува со растреперен глас својата болка, болката на Ригел, болката што Ригел си ја нанесува, болката со која Ригел ја стрела диретно во срце.

Радица, дали додека ја читаше и потоа додека ја преведуваше почувствува дека солзите колку што се манифестација на тага и болка, толку можат да бидат лечебни, лековити? Ти правеа некои изрази врзани за сите нијанси на душевните состојби на ликовите (особено на Ника и Ригел, но и на Били и Мики, па и на Адела, на Ана и Норман, на Азија) проблеми при преведувањето?

Никодиновска: Една од централните пораки на романот е поврзана со вредноста на емоциите, дури и оние најболните, како средство за трансформација и раст на ликот. Солзите спомнати во насловот не се само симбол на страдање, туку и на прочистување и преродба. Ерин Дум му сугерира на читателот дека животот, за да се живее во целост, бара храброст да се искусат сите емоции, вклучувајќи ги и оние кои болат. И токму во ранливоста се наоѓаат корените на силата. 

Ерин Дум прави избор на зборови, на галовни, деминутивни или пејоративни форми кои на извонреден начин го обликуваат текот на емоцијата. И токму лексиката, особено при  преведувањето на оние страници од книгата посветени на опишувањето и анализата на страста во сите свои значења, претставува вистински предизвик за секој преведувач. Навистина е невозможно со хируршка прецизност да се пренесе анатомијата на чувствата. Емоциите се универзални, но начинот на кој се изразуваат, перцепираат и дури и категоризираат се разликува од култура до култура. Не станува збор само за разлика во интензитетот на начинот на кој се доживуваат или соопштуваат, туку и за лексичка и концептуална разлика: она што еден јазик го изразува со прецизен збор, на друг јазик може да се изрази со перифраза или воопшто да не биде препознаен. Овде би навела само наколку извадоци во кои се изразени разни емоции, во кои може да се забележи богатата лексика за опишување токму на чувства. 

Нешто длабоко во моите гради се вознемири, ме запече, ми го одзеде спокојот.

Врел и силен бран ме заплисна во градите. Неизмерни чувства ме преплавија, насекаде гореа, опсипувајќи ја мојата душа со светлина која никој друг не можеше да ми ја дари. 

Срцето како спобудалено ми тупкаше во грлото. 

И во него повторно заживеа оној разорен механизам: ужас, отфрленост, силна страст, сите оние чувства што го дробеа и задушуваа во вечна осуда. 

Сосила ги стисна клепките. Напнатоста му пулсираше во слепоочниците, бели точки експлодираа под очните капаци и сети како внатре го преплавува сурова и врела пустош. 

Душата ми трепереше. Емоциите се разлетаа на сите страни, бев немоќна да ги запрам. Чувствата бегаа по удолнина, сѐ позаитани, сѐ побрзо и побрзо – и не, не, чекај, сакав моето срце да вреска, те молам, чекај, не вака… Не вака…

***

Мојсова-Чепишевска: Секое поглавје се отвора со некое мото. Тие за мене се вистински бисери зашто се читаат и како мудри мисли, но и како резимиња на она што треба да се случи во престојното поглавје. Како: „Оној што има пролет во душата секогаш ќе го гледа светот расцутен.“ (2024: 64), или: „Силен е оној кој знае нежно да ја допре туѓата кревкост.“ (2024: 91), или: „Од сѐ знам да се одбранам освен од нежноста.“ (2024. 240). Но, некои се и мали приказни, како она мото под 23 поглавје насловено како „За рака“:

И девојчето му рече на волкот:
„Колку големо срце имаш.“
„Тоа е само мојот гнев.“
Тогаш тоа му рече:
„Колку голем гнев имаш.“
„Тоа е за во него да го скријам моето срце.“ (2024: 286)

Или мотото под 33 поглавје со истиот наслов како и самата книга „Солзотворец“:
И така се роди Љубовта. Почна да оди по светот, и еден ден го сретна Морето. Тоа беше восхитено и ѝ ја дари својата упорност. Го сретна Универзумот и тоа ѝ  ги дари своите тајни. Потоа го сретна Времето, и тоа ѝ  ја дари вечноста. Накрај ја сретна Смртта. Беше страшна, поголема од Морето, од Универзумот и од Времето. Реши да се соочи со неа, но таа ѝ дари светлина. „Што е тоа?“ праша тогаш Љубовта. „Тоа е надеж“, одоговори Смртта. „Така, гледајќи те оддалеку, секогаш ќе знам дека доаѓаш.“ (2024: 483).

Радица, дали додека ја читаше можеше да претпоставиш во кој правец може да се движи/придвижува приказната? Зашто според мене таа има исклучително полифонична структура, има приказни во приказни, има едно постојано движење напред-назад. Таа не нѐ остава на мир, и притоа ни создава една тегобност (тогаш може таа да се чита и низ призмата на Сартровиот егзистенцијализам), ни создава вознемиреност, напрегнатост (што нѐ прави секој на свој начин да се обиде да ги толкува дури и малку Фројдовски, постапките на сите ликови, а посебно на Ника и на Ригел). За исчудување е како авторката успева да ја држи тензијата низ целата книга. Сосема на крај се наговестува еден помалку бајковит крај во стилот на она: „И си живееја среќно до крајот на својот живот!“ Ама таа и така започна – со легендата за солзотворецот во која се раскажуваше за едно далечно место, во дамнешно време. Исто како: „Си било некогаш …“.

Ѝ пречи ли на самата приказна ова поигрување со бајката (сказната) што ја испиша Ерин Дум?

Никодиновска: Поигрувањето со бајката воопшто не пречи, напротив, тоа е она што ја прави попримамлива. Инаку, може да се рече дека книгата има структура на мозаик, на шаховска табла, на сложенка, повлекувањето на една фигура повлекува отворање на нова ситуација која бара објаснување, оправдување, секое зошто има свое затоа што. Се случува на пр. уште на самиот почеток да се запрашате на што се должи одредено однесување, одредено дејствие, а одговорот да го најдете дури во некои од последните поглавја. Ерин Дум навистина одлично го структурила текстот, а навраќањето на одредени делови само ја поткрепува замислената меѓузависност на настаните, на последиците и причините, ги кажувам по овој редослед бидејќи може прво да се сретнете со последиците и дури подоцна да ги откриете причините, кои често не сме во состојба да ги насетиме. Затоа може да се рече дека текот на книгата е непредвидлив и со тоа се одржува тензијата низ целата книга.

***

Мојсова-Чепишевска: „Солзотворец“ навистина е роман за млади. Ти пред неполни две години преведе еден друг роман за млади – „Лажливиот живот на возрасните“ („La vita bugiarda degli adulti“) од Елена Феранте (Скопје: три, 2023) која ја следи приказната на Џована. Таа ја започнува својата приказна како 12-годишна, а ја завршува кога веќе има 16 години. Самата нарација е од гледна точка на Џована. Таа е она која влегува во светот на возрасните, која посакува да стане возрасна „како што никому не му се случило“ (Феранте, 2023: 294), која со нас читателите ги споделува разните пубертетски искуства, спознавањата на машкото и женското тело, доживувањата врзани со првите сексуални искуства и губењето на невиноста. Оваа Џована е блиска со Ника од „Солзотворец“. Токму ваквите романи за млади е она што ѝ недостасува на македонската книжевност и на македонската култура. Затоа преку ваквите преводи може да се пополнат некои празнини што се појавуваат во одредена култура. Како во случајот со немање книги, романи за млади. Јас со возбуда го читав откривајќи ги сите слоеви во кои „Солзотворец“ води дијалог со некои претходни приказни и автори од областа на книжевноста за деца. Исто како што додека ја читав „Поликсена со прасето“ („Polissena del porcello“) од Бјанка Пицорно  (Скопје: Три, 2020), повторно во превод на Радица Никодиновска, во таа приказна за неверојатната Поликсена, веселото девојче со многу бујна фантазија и вистинска вљубеничка во приказните за замоци и принцези, препознав моменти блиски со приказната за Пинокио и си реков дека Поликсена може да се доживее и како книжевна посестрима на многу попопуларниот од неа Пинокио.

А во „Солзотворец“ ги читаме овие моменти.

Кога Ника ни кажува: „Не беше принц. Беше волк. А можеби волците имале изглед на прекрасни и нежни принцови, инаку Црвенкапа не ќе се прелажела.“ (2025: 145), веднаш ми претрчува приказната за Црвенкапа во сите варијанти и она на Шарл Перо и на браќата Грим, но и приказната „Лажната баба“ на Калвино.

Кога Ника вели: „Ја отворив книгата на страницата кај приказната Сирена од Андерсен. Во таа приказна има море и една девојка вљубена во принц. Но нема волци. Не ја следи шемата. Различна е.“ (2025: 249), веќе ни се отвора релацијата и со Андерсен.

И останува дилемата Ригер или Ника е солзотворецот? Или Ригер е солзотворец само заради Ника? Или Ника е таа што го открива солзотворецот длабоко во душата на Ригел?

Ми одѕвонуваат истите зборови што ѝ одѕвонуваат и на Ника, зборовите на мајка ѝ: „‘Добрина, Ника’, ми велеше. ‘Добрина, секогаш… Не заборавај го тоа’.“ (2025: 171) Ме допира и признанието на Ригел: „‘Никогаш не сум знаел да сакам’, призна со горчлив и поразен тон. ‘Не сум грижлив ни љубезен. Не верувам во чувства, зашто не сум во состојба за никого да се врзам… Но ако постои љубов, тогаш таа ги има твоите очи, твојот глас и твоите проклети фластери на прстите.’“ (2025: 600)

Радица, имаше ли партии, делови од книгата што ти беа тешки за преведување дали заради јазичните комплексности на двата јазика, дали заради самите моменти од приказната?

Никодиновска: Чинот на преведување претставува трансформаицја на еден текст од еден јазик во друг задржувајќи ги притоа значењата од изворниот текст и создавајќи превод кој може да стане дел од новата култура. Од оваа дефиниција може веќе да се насетат проблемите при преведувањето. Воопшто не станува збор за едноставен и сосема линеарен процес. Преведувачот мора да ги земе предвид изворната култура во која е создаден текстот, карактеристиките на оригиналниот текст, новата литература во која ќе се вметне преводот, јазичните разлики, книжевната традиција итн. Ќе спомнам една за мене многу убава дефиниција за преведувањето од Хавиер Маријас, еден од најистакнатите современи шпански писатели, преведувачи и колумнисти, која вели вака: Оригиналните текстови се како музички партитури; преводите се како изведби и адаптации на она што без нив молчи. Оттаму сосема јасно произлегува дека преведувачот има многу одговорна задача: да го преоблече молкот во говор и да им овозможи на оние што не го познаваат јазикот на кој е напишано оригиналното дело да го разберат.  

Сега би навела само неколку проблеми со кои се соочив и на кои им посветив повеќе време при изборот на преводното решение.

Ерин Дум на своите книжевни ликови и на одредени места им дава англиско/американски имиња, на пр. називот на Домот за напуштени деца е Грејв (напишан според англискиот јазик) што значи ‘гроб’, па имав дилема дали само да го транскрибирам називот на местото и да го дадам преводот во фуснота, дали да го вметнам преводот како апозиција до оригиналниот назив, што би  значело интервенција на преведувачот во изворниот текст, нешто што во принцип не е дозволено ако нема свое оправдување. Проблемот го решив со додавање на македонскиот превод веднаш до оригиналот. Проблем со разбирање на тој назив сигурно имаат и италијанските читатели кои не го познаваат англискиот јазик или пак површно му пристапуваат на текстот.

Потоа зборот delicatezza кој се провлекува низ целата книга и кој има суштинска улога во разбирањето на карактерните особина на Ника. Во македонските речници неговиот директен кореспондент ќе го најдеме во дефиницијата на придавката ‘деликатен’ со значење на: сложен, замрсен, тежок, внимателен, учтив, чувствителен, посебен. Зборот деликатност во македонскиот јазик не ги покрива сите значења на италијанскиот термин delicatezza, така што бев принудена да употребам најмалку три различни зборови, во зависност од контекстот, за да го доловам значењето од оригиналниот текст: деликатност, нежност и добрина. Ќе наведам неколку примери каде се присутни трите различни преводни решенија: 

И покрај сета своја деликатност, Ника знаеше да биде толку упорна што го вадеше од такт

Тоа ме клукаше кога сакав да му го проверам крилото. Се обидуваше да ме држи подалеку од себе. Па сепак, јас останував таму, секогаш, полна со нежност. 

„Ете така…“, промрморив со блага насмевка. Во тие мои гестови се состоеше целата добрина на која ме научи мајка ми. 

Требаше, исто така, да обрнам посебно внимание на преведување на италијанските фразеолошки изрази, да се обидам да го најдам нивниот македонски фразеолошки еквивалент, почитувајќи го притоа стилот од изворниот текст. На пример изразот Ti fa il filo! кој припаѓа на разговорниот стил, е преведен со Ти се пушта? додека во стандардниот јазик е се додворува.  

Ќе ги споменам и проблемите со пренесување на личните имиња присутни во книгата. Во принцип личните имиња во уметничката литература најчесто се пренесуваат со транскрипција, според изговорот, но тоа не важи за сите. На пр. името на главниот машки лик Ригел, доколку го транскрибирав ќе беше Риџел, но со оглед на тоа дека станува збор за ѕвезда од соѕвездието на Орион, во македонскиот јазик засведочена е употребата на Ригел. Неговото презиме е Вајлд со значење на див што претставува негова карактерна особина, токму затоа до транскрибираното презиме го додадов македонскиот превод. 

За крај, би рекла дека ова е роман што треба да го прочитате ако сакате да се нурнете во прекрасната приказна за солзотворците, ќе употребам множинска форма овој пат. А емоциите што ги дава хартиената книга се и визуелни и тактилни: внимателно се избира, се купува, се чита, може да се прелистува, да се подвлекуваат важни делови и повторно да се читаат најзначајните мисли кои ќе му остават посебен впечаток на читателот. А и поседувањето библиотека со книги што можат да се допрат и покажат, претставува задоволство за многу читатели. Се надевам дека сите ќе се согласите со тоа.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
Убавата песна на Пепи Стамков
Збирката е една пригушена воздишка и издишка. Дали сѐ повеќе мириса на...
Повеќе
0 replies on “Оној што има пролет во душата секогаш ќе го гледа светот расцутен”