Уште одамна критичарот Едгар Алан По ќе ја потенцира точноста и прецизноста на јазикот, ритамот и структурата, а ќе ги формулира и правилата за пишување (краток) расказ. Притоа тој ќе се залага и за обединување на античките единства: расказот треба да обработува потполно дејство кое ќе се случува во текот на еден ден и на едно место. Покрај овие единства, тој ќе ги воведе и единството за расположение и единството за ефект, кои како да се целосно во дослух со еден друг термин, оној на Бертол Брехт: ефект на изненадување. Во тој контекст токму единството за расположение и единството за ефект зрачат од секој расказ на Блаже Миневски.
А, вака се отвора најновата книга избрани раскази од Блаже Миневски под наслов Опаш во устата (Скопје: Антолг, 2025):
„Тогаш имав коса, амбиции и искрено верував дека уметноста може да го промени светот. А, всушност, еве, светот ме промени мене – немам коса, немам амбиции, немам лева страна на телото и знам дека уметноста не може да промени ништо. Овде, во овој суров и зафрлен крај на светот, отсекогаш се менувале само ѕверовите, оружјето и презимињата.“
Дали е ова само закачка со која всушност нѐ предизвикува да го читаме, да го исчитаме и потоа да му до/кажеме, да си до/кажеме дека воопшто не е во право, дека уметноста и те како го менува светот.
Во расказите на Миневски „ништо не е како во стварноста, ама сепак сè е преземено од неа“. Тие се јавуваат „како своевиден дестилат на вековната усна македонска народна раскажувачка традиција, ќе напише Оливера Ќорвезироска. Сигурно е тоа нешто што Минески го носи во генот. Или што го има како раскажувачки нерв. Или зашто едноставно е задоен со „раскажувачко млеко“. Неговите раскази се оплеменети и со неговиот специфичен хумор (како да го позајмил од приказните за/на Итар Пејо), но се изградени и врз основата на горчината на животот. Движејќи се од реалност кон фикција, од запис преку репортажа и фељтон до омајна проза, неговите раскази ја поставуваат човековата лична драма во центарот на вниманието.
Во повеќете раскази Миневски му го позајмува својот глас на раскажувачот, (за)пишувачот, исповедувачот и зад тоа негово книжевно „јас“ отвора уста разочараниот уметник („Историја на поразот“), стручњакот по народна уметност („Џандафила“), дипломатот од кариера („Муви“), раскажувачката на личната историја на хеланките („Моја историја на хеланките“), но и јунакот што еднаш мајка го раѓа („Да речеме уште една“), или еден од многуте ослепени (со изведени очи) војници и гуслари („Песна“), па и самовилското коњче („Опаш во уста“), најстарата мачка од уште седумте што ги има Гере („Пречек“), бројлерката со кикиришка („Спас за поредокот на колвењето“), како и снајперистот („Потфрлање на топката“) и лоповот („На распит“). Расказот на Миневски прави играри и по однос на формата па така тој симулира некогаш молитва („Молитва за Агнија“), некогаш (лична) историја („Моја историја на хеланките“), но и извештај, демант, интимен дневник („Извештај за еден скандал“), тужба („Тужба на Фон Маде до судот во Стразбур“), пристапна беседа („Пристапна беседа на академик Сисое“), распит („На распит“), писмо („Писмо“). Затоа, Опаш во устата се доживува како мал музеј на исклучителни портрети, како „музеј“ на човечките маргинализирани души. Но се чита и како „енциклопедија“ на разни раскажувачки форми.
Слободно може да се каже дека расказите на Миневски како да ја продолжуваат и линијата на т.н. фантастика на апсурдот. Имено, тие истовремено и како да ѝ се противат на реалноста, како да отстапуваат од реалистичката постапка на раскажување, ама некако истовремено и се држат до неа како „слеп за стап“. Тие се приклонуваат кон проблематиката на филозофијата на апсурдот и егзистенцијализмот, и гравитираат кон творештвото на родоначалниците на овој вид литература, кон таа на Албер Ками и Жан-Пол Сартр. Но, да не се заборави и фактот дека оваа фантастика на апсурдот првпат се забележува како орнамент во Гогољевиот „Нос“ (1836), а во XX-от век, патот на рускиот романтичар со успех го продолжи Франц Кафка. И како што расказите на Кафка укажуваат всушност на актуелноста на фантастиката, како и на нејзината отвореност за нови искуства и постапки, така и расказите на Миневски создаваат една нова, лична галерија на ликови. Не е воопшто поразлично самовилското коњче од „Опаш во уста“ на Миневски од големата бубачка од „Преобрзба“ на Кафка.
Самите приказни на Блаже Миневски создаваат хипертекстови кои упатуваат и на Достоевски, Толстој („Жива душа“), на Елијар а со него и на Блаже Конески, Јован Стрезовски, Лазар Личеновски и сите останати од друштвото во расказот „Елијар меѓу дојките“, но и на Хенри Милер и Ева Браун… Расказите на Миневски создаваат и хипертекстови кои нѐ водат и до Живко Чинго и неговата „Пасквелија“, како и до Петре М. Андреевски и „Седмиот ден“. И така она што е Пасквелија за Чинго, тоа е Големото Езеро или Езерото на Љубовта, или Гатеново со сите поплави и пожари (како во расказот „Ден на солзите“). А атмосферата од расказите на Андреевски како да ѕирка и од некои раскази на Миневски како во „Еден студен библиски ден“ или во „Подвижна сенка“ и „Седмиот ден“.
„Писателот Блаже Миневски ја прифаќа традицијата на прозната реч и нè внесува во свет проткаен со животни тајни. А, неговите животни тајни во неговите раскази ни останува да ги разгатнуваме, но и да претпоставуваме дека тоа се вистински личности и настани, што се случиле во нашето време и простор. Всушност, како и неговите претходници Живко Чинго, Петре М. Андреевски и Васе Манчев, и Миневски како да излегол од шинелот на бесмртниот Марко Цепенков, зафаќајќи во прозата широк спектар на теми, книжевно извонредно обмислени и прифатливи за широк круг на читатели“, ќе рече во една пригода Раде Силјан.
Блаже Миневски како да нѐ качил на оној познат Ориент експрес (и исторски засведочениот, но и книжевно оживеаниот од романот на Агата Кристи). Иако некои раскази возат како во пајтон („Враќањето на Тимотеј Леонски“), некои други нѐ шетаат и нѐ излудуваат како да сме ставени во некоја временска машина (како во филмот „Враќање во иднината“ / „Back tо the Future“). Го крстариме книжевниот Балкан, оној на Блаже Миневски (како во „Сведок и сенка“). Па час сме во времето на Великиот Александар („Ваш Јола, засекогаш“), па потоа тркнуваме до времето на Хафиз бег („Во рогот на волот“), па се исправаме пред приказните врзани со Втората светска војна, со морничавиот монопол („Часовникот со ремче од крокодилска кожа“), со стреланите ваташки деца, со Грамос… па влегуваме некогаш тивко, некогаш многу бучно во сокачињата и на старо Скопје, а скитаме и низ улиците на ново Скопје.
Книжевната критика високо го вреднува неговиот влог во доменот на расказот, а нивната вредност е докажана и со фактот дека неговите раскази се повеќекратни добитници на награди на конкурси (како наградата за расказ „Живко Чинго“ или онаа што до пред десеттина години ја организираше дневниот весник „Нова Македонија“). Она што особено го истакнува книжевната критика е дека, како и во романите, така и во расказите Миневски ја комбинира фељтонистичката историографичност со еден свој поетски имагинариум, како и дека познати историски приказни лесно ги преоблекува во постмодерни фикции. Така историските личности низ неговата книжевна колоритност и посебност израснуваат во необични книжевни ликови. Ако тргнеме од размислата дека љубовта може да се докаже, а историјата не може да се утврди, тогаш јасно е зошто на Миневски му е битна токму љубовта, иако тој како автор оперира и со доволно историографски моменти.
Некои ќе забележат дека неговата раскажувачка поетика се освежува и со лирика која се забележува преку ритмизации, инвокации и строг распоред на пасуси. Од некои негови интервјуа може да дознаеме дека своите раскази (кратки приказни) не ги пишува само додека има слободно време, туку и тогаш кога пишува роман. И тоа во моментот кога ќе почувствува дека се издвојува некоја епизода, дека некој лик кој бара свој глас, свој простор му штрчи, го тупка по грбот, или некоја слика која самата се наметнува како расказ. Притоа тој метафорично појаснува дека ако романот е слон, тогаш расказот треба да биде малечка птица – колибри.
„Во телото на колибрите повеќе од половина зазема срцето. Тоа е и во овие кратки раскази. Мора повеќе од половина во него да биде срцевината на приказната затоа што тука нема простор да се развива некоја тема и тн. Тука мора на краток простор да се каже она што е суштинско. Или суштинска емоција или кратка приказна, добра приказна или да се отслика добар, интересен лик кој што раскажува. Да се најде форма која што ќе го измести гледањето на приказната“, вели Миневски.
Драги Блаже, затоа немој ни да си помислил повеќе да не се занимаваш со писателските работи! Впрочем „писателските работи“ се синоним на македонските работи на Мисирков кои тој ни ги остави во аманет!
Мисирков уште во првата статија „Што направивме и што треба да правиме во иднина?“ од својата книга За македонските работи, во далечната 1903, укажа на нераскинливата врска меѓу јазикот и литературата. Увидувајќи дека „по борбата на бојното поле ќе настапи време да се бориме на културна почва“ (1985: 76) тој исто така укажа и на дистинкцијата меѓу револуционерната и културната работа т.е. меѓу рушењето и градењето па вели: „Науката и литературата се најважниот фактор за развивање на еден народ како народ. По степенот на развивањето на науката и литературата кај еден народ се мери неговата култура и по нив се делат народите: на културни и некултурни; културните народи владеат, а некултурните робуваат. Само со знаење и просветување, само со културна работа ќе може нашата интелигенција да ги поправи и да ги искупи своите грешки пред нашиот народ. (Крсте Мисирков. За македонските работи. Скопје: Мисла, 1985, 82-83).
А, вистинска жива книжевна енциклопедија се овие твои раскази. Тие се ненаметлив речник на стари изрази и поими (како џанам, мерак, па и кенеф), речник на сопствени толкувања како на она име од расказот „Џандафила“, на заборавени дијалектизми и архаизми како во расказот „Господ да не рече да го биеш ветрот со зборови“.
Дистинкција меѓу револуционерната и културната работа потоа Мисирков ја доразвива и преку спротивставените метафорички слики на здравата градба и убавиот темел кои ѝ го покажуваат патот на идната македонска литература. Во тој контекст Мисирков напиша: „Културното работење е помачно од револуционерното, зашто првото е умствено, а второт повеќе физичко. … Револуционерната дејност е привремена и разрушувачка, а не вечна, соѕидувачка. А културниот човек, за да има право да се наречува таков, треба да гради, а не да руши. За да биде градбата здрава треба темелот да ѝ биде убав.“ (Мисирков, 1985: 84)
А твоите раскази се едни од најубавите камчиња вградени во темелот на современата македонска книжевност.
Токму затоа е и ова издание што го подготви издавачката куќа „Антолог“. И токму затоа Блаже Миневски е првиот македонски автор кој ја понесува главната наградата на BOOKSTAR.
