Ги гледам секојпат кога ќе ги затворам очите. Стапалата на Луи, ѕиркаат од под изотермичкото ќебе. Беспомошни. Пантофлите изгубени во паниката и конфузијата. Неговите стапала, толку бледи, толку боси додека болничарите го внесуваат во амбулантното возило.
Премногу е мек душеков, а грбот ми е целиот влажен и леплив од пластичната прекривка. Никогаш не сум сакала да спијам на страна и се сомневам дека око ќе склопам на ова место.
Мижуркам во полумракот. Тобијас заборави да ми го вклучи радиоалармот, имаше полни раце работа околу поврзувањето на новиот телевизор. Дури и без очилата, можам да ја видам малата, црвена светилка. Покрај вратата од бањата се вее нешто сиво, мојот блејзер за утре. Истото тоа што го носев на погребот.
Се поткренав во седечка положба. Млеко. Топло, слатко и со цимет.
Прекинувачот за ламбата би требало да виси тука некаде, ама да ме отепаш не можам да го најдам. Со раката џбарам преку ноќната масичка внимавајќи да не турнам нешто на земја. Преминувам преку енигматското списание, преку апаратчето за слушање. Бесшумен клопот додека со бурмата го допирам бокалот со вода. Најпосле – моите очила. Ги ширам рачките и ги ставам. Прекинувачот е поблиску отколку што мислев. Во оваа чудна соба, парчињата мебел што ги препознавам изгледаа преплашени од ненадејната светлина. Ѕидовите се сè уште наточкани со голи шајки.
Луи никогаш не ме остава сама да одам по млекото. За тоа ќе требаше да слезам по скалите до кујната. А јас немав намера да му речам да стане и да ми го зготви.
Ги спуштам нозете покрај креветот. „Тука нема скалила на кои можам да паднам“, си промрморев во себе. Се обидов да му зборнам на Луи, но некако не ми успева.
Поминувам покрај отворената хармоника-врата и влегувам во малата дневна соба со чајна кујна. Надин и јас попладнево ги наполнивме креденците. Се обидувам да се сетам што сторивме со циметот и со шеќерот во коцки. Тобијас не ѝ дозволува ништо да крева сега кога бебето е на пат.
Шеќерот и циметот, најверојатно, се на истото место како и секогаш, дома во некој кујнски креденец. Таа наша куќа, сега толку тивка, полупразна. Денеска повторно ми се испушти и повторно ја нареков Надин Сабине. Не мислам дека забележи. Сабине му беше последната девојка на Тобијас. Надин, Надин, Надин. Луи и јас отсекогаш мислевме дека Тобијас не е по децата. Кога беше со Сабине дури и го кажа тоа. А, со оглед на тоа дека годинава требаше да наврши четириесет и осум години, некако се помиривме со тоа. Но потоа се појави со Надин под рака, а таа е многу помлада.
Луи беше пресреќен кога дојдоа да ни ја соопштат веста. Му се насолзија очите. Се разбира, и мене ми беше мило за нив. Ги изгушка, па дури и ги бакна двајцата в чело. „Подарок“, блескаше од радост. „Токму тоа е. Подарок!“
Ја ставам шолјата кафе во миробрановата печка, притискам едно копче и чекам. Останата е од претходната станарка заедно со нејзините пердиња и со фрижидерот. Не е многу запуштено. Сигурно живеела тука до пред некој ден.
Трпезариската маса е моја. Ја донесов од дома со два од четирите стола што одеа со неа. А тука се и комодата и електричната фотелја на Луи. Мала збирка од нашите работи, оставени без ред една покрај друга. На симсот од прозорецот има место само за три саксии. Тоа ми беше најтешко. Како да живеам без мојот стар божикен кактус? Ама тежи еден тон, и таа огромна саксија само ќе пречи. На крајот од краиштата, беше или тој или телевизорот. Нејсе, Тобијас вети дека добро ќе го вдоми.
Не се слуша ѕрррн, но микробрановата печка се затемни. Многу би сакала да се стуткам на фотелјата на Луи со моето топло млеко, но кога подразмислив, се вратив в постела. Цела вечер имав чувство дека некој радознајко ќе ми влета в соба ненајавен и ќе ме искара зашто правам нешто што не треба. Или ќе ме види во ношницата и ќе ме праша зошто сум станата среде ноќ. Сигурна сум дека прво ќе тропне на вратата, но не дека ќе го чујам дури и да тропне. Никогаш претходно не ми паднало на ум дека ноќе, без апаратчето за слушање, не би можела да го чујам шепотот на натрапниците. Самата помисла на тоа ме извади од ум.
Низ процепот меѓу пердињата можам да ја видам градината во дворот. Црното ноќно небо веќе станува модросино над покривите. Не дека верував дека Луи може да се врати, никогаш не сум имала време за такви работи. Луи си замина засекогаш. Но ме растажува помислата дека, кога би се вратил, никогаш не би ме нашол тука. Дури ни јас не си ја знам адресата.
Го поттргнав пердето, седнав на работ од душекот и дувам во млекото. Сè уште е премногу жешко. Откако ја вратив шолјата безбедно на ноќната масичка, полека се мушнав под прекривките.
Чувствувам нечие неспокојно присуство, нешто се движи од другата страна на стаклото. Еден молец се удира во најгорниот прозорец. Не дека можам да го чујам, но го гледам како се прпелка врз стаклото. Сигурно го привлекла мојата ноќна ламба.
„Си се збунил“, шепнав. „Тоа е мојата ламба, не месечината.“ Но удирањето не престанува. „Колку си улав.“ Сркнувам од моето млеко без цимет и без шеќер. Личи на една од оние влакнести ноќни пеперуги со шарени, мали задни крилца под нивните сиви крилја. Уште голтка-две, па ја исклучувам ламбата. Мрачната форма лета и се удира. „Тогаш, добра ноќ молче.“ Ги вадам очилата. „Ќе се обидам уште еднаш да заспијам.“
Мора да го натерам Тобијас да ми ја донесе перницата од дома. Воздивнувам – и шеќерот во коцки и циметот. Уште една воздишка. Ги затворам очите. Ете ги повторно, неговите стапала. Бледи и боси додека болничарот не го префрли изотермичкото ќебе врз нив.
„Ах Лу. Луи, љубов моја.“
До мигот додека не се случи тоа, Луи инсистираше „да се грижи за мене“ без туѓа помош. Така ја нарекуваше кога го убедуваа дека добро би му дошла помош низ куќа. Една намќореста љубопитничка со папка полна формулари седна покрај кујнската маса. Ѝ дозволивме да дојде само затоа што Тобијас толку инсистираше. Нивото на грижа што ми беше потребна нè ставаше високо на листата за потпомогнато живеење, објасни таа, но веројатно малку ќе изгубиме зашто Луи е „во толку добра состојба“. Го кажа ова со шепот, наша мала тајна. Загатка за која таа немаше решение.
Тоа што тие би можеле да го сторат е да испратат некого да ми помага при легнување, капење и при облекување. Три утра неделно, сето тоа на трошок на нашето здравствено осигурување. „Како ви звучи тоа? Сакате да се обидеме?“
Мене никој ништо не ме праша. Луи се наду како паун, ги прекрсти рацете и толку беше. „Не“, рече тој со заканувачки тон што првпат го слушав. „Туширањето е времето што си го поминуваме заедно. Никој нема да ни го одземе тоа.“ Му ги наџбарав прстите под масата и силно ги стиснав. Остатокот од разговорот го поминавме така, невидливо рака за рака. „Ќе ја капам до последен здив.“
Никој не очекуваше да го надживеам Луи.
Најмалку Луи.
****
Има некој во мојата соба. Движења, бои. „Тобијас?“ Нечии раце ми ги подаваат очилата, а потоа и апаратчето за слушање.
„Добро утро госпоѓо Баутинк-Тенделов.“ Младо момче. Блескави очи и мала брадичка, уредно потстрижена како тениски терен.
Со години си бев само госпоѓа Баутинк, но откако се преселив тука, постојано ми го лепат и моминското презиме. Чудно ми е, како да знаат за мене повеќе отколку што би сакала.
„Добро утро.“
„Ќе дојдете ли со мене? Потоа ќе можеме убаво да ве истушираме.“ Ми подава рака. Прво помислив дека носи долги ракави, но рацете му се истетовирани до зглобовите. Со стапалата го допирам студениот под. Работ од ношницата ми се кренал нагоре и набрзина го тргам надолу.
„А како се викаш?“
„Ох, простете.“ Се ракуваме. „Џејми, вам на услуга.“
Светилката во малата бања се вклучува автоматски и вентилаторот почнува да зуи. Во устата чувствувам вкус на застојано, па одговарам кусо и се трудам да не издишувам во негова насока. Огледалото ми покажува густа, разбушавена коса. Вратичките од шкафот се нишаат и се затвораат со тресок. Џејми зграпчува една крпа, гел за туширање и две исушени крпчиња за триење. Толку е релаксиран, тука се чувствува како дома повеќе отколку што јас некогаш ќе се чувствувам.
„Поспавте ли малку?“
„Се обидов.“
„Првата ноќ е секогаш најтешка.“
„Така ли?“
„Го гледам истото кај сите нови станари.“
„Не можам ни да замислам дека тука некогаш ќе се наспијам како човек.“
„Сигурен сум дека ќе се наспиете“, вели Џејми и со раката покажува кон тушот. „Ќе сакате ли?“
Ја потфаќам ношницата и ги чувствувам дланките на Џејми, кои цврсто ја зграпчуваат ткаенината. „Не, остави ме малку“, велам. „Можам и сама.“ Само што, сепак, не можам и тој, сепак, мора да ми помогне да ја соблечам преку глава.
„Оукидоук“, вели.
Стојам свртена со голиот грб кон него. Со еден брз потег ја извлекува влошката за инконтиненција меѓу моите нозе. Едвај го забележувам неговиот допир, но затоа го чувствувам и силно ги стискам бутовите едендодруг. „Оукидоук.“ Тоа му е како увертира за сè што прави. И така, стојам поразголена од кога и да е претходно. Сосема гола, освен црвеното копче за викање помош што ми виси на градите.
Џејми покажува кон главата на тушот на ѕидот додека водата се вжештува. Студена магла се движи кон мене, а по грбот ме лазат морници. Ги туткам рамената, грбот ми е толку свиткан што човек би се заколнал дека сакам да се свиткам како топка. Растам и се смалувам во времето со своето дишење. Стапалата ми се чинат многу далеку, а со момчето застанато толку блиску, пурпурните вени изгледаат потемни од кога и да е. Моите колена со долги лузни од двете страни. Стомак што мора да се мие фалта по фалта. Кожа мека како креп хартија, бенки што, во најдобар случај, можеш да ги почувствуваш на допир. И моите дојки. Мајко моја, моите дојки. Чудно ли е што ги држам стиснати зад подлактниците?
„Земи.“ Џејми ми дава крпче за триење. „Ако сакаш сама да се измиеш однапред.“ Крајно внимателно покажува кон млазот кај моите стапала. „Да не ти е премногу жешка?“
„Не, добра е.“ Веќе не можев да трпам и се измочав, но, за среќа, тој не забележува. Почнува да ми го трие грбот со крпчето. Пријатно изненадување. Ни приближно добро колку Луи, но доволно грубо. Малку зајачив, но имам среќа и Џејми не ме слуша. „Добро момче си“, му велам. Мислам дека ни тоа не го слушна.
Да беше Луи премногу нежен, ќе му речев да си замисли дека трие некоја упорна дамка од засушен птичји измет на кујнскиот прозорец.
„Оукидоук. Крени ги рацете.“ Правам како што ми се вели. Ми ги сапуни пазувите и веднаш ги плакне. „Можеш за миг да се исправиш? Тогаш ќе можам да ти го истријам грбот.“ Се држам за еден држач што тој го повлекува надолу од ѕидот. Крпчето за триење ми се слизнува меѓу бутовите. „Се изми однапред?“
„Хмм…“ Луи ми дозволуваше да потрошам цел бојлер вода, но Џејми веќе ја затвора чешмата. Толку е брз што како да предизвика ветре. „Ах, чекај… за малку ќе заборавев да ти ја наместам облеката.“ Со молскавична брзина ми ја рашири крпата за бришење, ме завитка во неа и го снема во спалната соба.
„Денеска сакам да носам блејзер,“ викам по него. Орманите и фиоките се отвораат и се затвораат.
„Кој блејзер?“
„Тоа што беше закачено покрај вратата од бањата.“
За миг настапува тишина. Немам поим што прави таму внатре.
„Ќе ја носиш белата блуза со него? Или таа е за друг пат?“
„Таа блуза оди со него, особено за денес. Панталоните ми се веќе послани на столот.“
Главата на Џејми се појавува од зад вратата. „Оваа?“
„Таа е.“ Мојата друга облека омлитавено виси префрлена преку неговата рака – долната облека, чорапите, градникот најгоре. Почнувам да ги бришам деловите од себе што можам да ги достигнам. Џејми уредно ги положува алиштата врз капакот од тоалетната школка.
„Имате нешто специјално во план денеска?“
„Како мислиш?“
„Па, толку се дотерувате.“
„Син ми доаѓа да ме земе попладнево.“
„Тоа би било убаво.“
„Хмммм.“
„Зар нема да биде?“
„Да, само што…“ Не можам да си ги достигнам стапалата. Џејми ја зема крпата, клекнува на едно колено и ме гледа со очекување. „Ќе одиме да ја растуриме пепелта на мојот сопруг.“
Превод: Елизабета Божиноска
Книгата е објавена со поддршката на Холандскиот литературен фонд.
