Сомнабул

Но овој пат будењето беше сосем неочекувано, не поради малата замелушеност, што не е ретка состојба за човек кој тешко се отшетува од сонот во грубата реалност, не поради ранобудноста кога со срцебиење се прашуваше зашто место осум часа неопходни за здрав организам, спиел само пет.

  Се случуваше да не може да се сети кога во текот на ноќта ја извадил долната забна протеза и каде ја потбутнал. Следното утро, кога испотен, со ококорени очи бараше каде таа можела да испадне – меѓу постелнината, на шкафчето, под креветот…- безуспешно, додека, по предолгите истоштувачки минути не ја најдеше извадена и оставена до маусот на компјутерот. 

  Или забораваше каде пред три, можеби четири вечери, во која соба, на која маса, можеби на терасата, остана полуотворената книга што ја читаше, збирката аргентински раскази во избор на Борхес, иако се сеќаваше на насловот расказот до којшто беше стигнал, „Мечот во сенка“, дури и на името на дотогаш за него непознатиот автор – Фернандо Перју. Претураше по полиците, на подот меѓу книгите неуредно натрупани, клекна да ѕирне под каучот каде понекогаш имаше обичај да читне навечер, ама баш ништо! релевантната книга исчезна. Дури, после тие три или четири дена, едно утро, додека во пижами, тетеравејќи се надуен од неспиење, не ја здогледа, скриена и од погледот на јасновидец, врз купот неиспеглани кошули (иако, но тоа сега беше неважно, а поминаа три или четири дена, насловот на расказот беше „Заспаниот меч“, а авторот не бил Фернандо туку Мануел).

  Или, додека на автобуската постојка ја чекаше „24“-та, што доцнеше шест минути, штотуку појде да се качи во автобусот, кога претурајќи по џебовите од панталоните сфати дека ја заборавил картичката за возење. Се стрчна назад кон еднокатната излупена монтажна куќа и штом задишан стигна до неа, на надворешната страна на влезната врата го здогледа клучот што изумил да го земе со себе кога излезе од дома.

  Да, да, имаше цел список од вакви ситуации во главата, се обидуваше да си се потсмевне, иако понекогаш му беа некако претешки да ги памти. Тогаш му се наметнуваше мислата дека осетот за простор му станал нестабилен, иако, кога ќе се погледнеше во огледало, се храбреше дека младоликоста му е силен аргумент.

  Но тоа ноќно случување беше нешто посебно. Убаво вечераше, мусли во јогурт со исецкани парчиња банана, јаболко и праски (иако советуваат дека муслите се подобри за појадок), потоа се облече во чисти пижами и со шолјата топол чај од нане, седна во фотелјата, се раскомоти, подигајќи ги нозете на масичето пред неа и го вклучи телевизорот.

  На програмите немаше квизови, ниту пренос од тенис меч, па, што друго, сврти на „Star Crime“, каде тукушто започна епизода од серијата за оној Бул што ги добива сите случаи во судницата, а не е адвокат (тоа е неговиот најблизок соработник, инаку брат на неговата бивша жена), туку како некој многу важен советник за избор на поротници. Сепак ја изгледа епизодата, по што следуваше уште една со истиот Бул, но таа не ја догледа до крај зашто сцените и глумците му се измешаа, па конечно смогна сили да го угаси телевизорот, да стане од фотелјата и да се упати, натежнат, кон затемнетата спална, каде што го дочека приземнувачката постела. И таму, најверојатно, веднаш заспа.

  Но овој пат будењето беше сосем неочекувано, не поради малата замелушеност, што не е ретка состојба за човек кој тешко се отшетува од сонот во грубата реалност, не поради ранобудноста кога со срцебиење се прашуваше зашто место осум часа неопходни за здрав организам, спиел само пет. Иако ова утро не беше загрижувачки рано, срцебиењето му се засилуваше со секој нов миг, зашто му стануваше се појасно дека не се пробудил во креветот во спалната, туку стуткан на каучот во дневната! И тоа делумно прекриен со

шареното ќебенце што го грееше додека сношти ѕуреше во телевизорот. А пред него, на сеуште вклучениот телевизорски екран, не беше очилкото Бул, туку виток латино женски лик, веројатно инспекторка, што безмилосно и гласно тепаше едно набилдано, тетовирано мажиште, веројатно криминалец, нарушувајќи го брмчењето на утринските возила од улицата.

  – Што ми се случува? Зарем станав шетач во сон? – се праша засипнато, додека женската со остар извик „ајај“ го тресна криминалецот кој се струполи и остана да лежи на бетонот.

Во овој современ урбан живот во последно време можат да се доживеат и вакви перформанси, помисли сеуште видно вознемирен од чкрипавиот клопотарец што му се закачи во главата (зарем не се врзува околу вратот?!) и набоден оттаму ѕвонеше ли, ѕвонеше…

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Патот на еден капут
Необјавен расказ од прозниот мајсторот Александар Прокопиев.
Повеќе
0 replies on “Сомнабул”