Итака
Телемах еден
млад елен
Глад
Безделници
по дел иден
катаден
Пенелопа сама
Кај Калипсо
Одисеј по пижама
Празна тама
и така грозна мака
И така. Итака.
Пожар
Септември е
мирис на печен пипер
и сонце што не пржи.
Но сега е март
и зрак светлина не може да се види
од димната завеса
која како исплазен јазик
трепери над улиците.
Чад
го има прекриено градот,
а не е до ајварот.
Пролетна генералка по домовите –
луѓето ги горат
лошите мисли
по стрништата на балконите.
Естети
Инсектите во станот
имаат префинети потреби.
Наместо овошјето
и медот
ги обожаваат
платната на македонските сликари.
Ако зуи
комарец или мува,
знаеш каде ќе ги најдеш.
Тие се таму,
опиени од мирисите на сончогледите
во масло
и удавени во зениците
на акрилните мајки.
Никогаш нема да застанат
на пердето
за да бидат лесен плен на тепалката.
И луѓето, а очигледно и инсектите знаат:
тешко е со уметнички души.
Кафемат
Кафематот во канцеларијата
ги знае сите наши тајни.
Кој колку шеќер става,
кој се тресе пред состанок,
кој веќе се предал на сонот.
Кога ќе завладее тишината,
почнува да зуи
како да пее за нас
некоја стара песна
што зборува за луѓе
кои не знаат што да прават со утрата.
Химна
Во Скопје ќе бидам мост
зашто на луѓето им треба близина.
Нема да се срушам никогаш.
И ако ме запалат небрежно,
и ако ме плукаат млади и стари,
и ако ме кинат ветрови,
и ако тенкови ме гмечат,
и ако плакати ме лепат,
и ако ми џбараат по органите,
и ако ме бомбардираат
птици и авиони.
Јас ќе останам на своето место.
Таму каде што ми прилега.
Во Скопје ќе бидам мост,
зашто тука луѓето
со милениуми
поминуваат
едни покрај други
и едни за други
решаваат да останат засекогаш.
На Скопје му требам јас,
бидејќи рецептот е таков –
два грама разум на сто кила лудило.
