Избор поезија

штом утрото ќе затропаат камбаните // и одново ќе го најават денот на слободата, // со ’рѓосан челик // коските ќе си ги прекршам.

ut tensio, sic vis

разврескале деновите,
оставајќи избезумени зборови —
прилепени, заковани,
гребани за мртвилото на плотните столбови,
наквасени тули
и мувлосани пукнатини.
разврескале,
небаре сакаат да се разбегаат,
да не ја видат годината,
ниту месецот,
ниту нивниот залез.
избезумени,
затрупани некаде долу, под ребрата —
гнило пожолтени,
притискаат,
оставаат модринки,
по модринки — пукнатини,
од нив — рушевини
на одамна градените столбови.
колку повеќе натежнале
толку повеќе го омалаксале
го развлекле и ослабеле
скелетот, потем оската извиена
и долу темелот.
разврескале, разјаделе, растропале тие денови.
сега ја кршат и гредата,
поставена напречно,
веднаш над моите стравови.

којзнае потем што ќе пронајдат под тие. рушевини?

озарена метаморфоза

додека гавранот ти се пикнал,
ти ги колве ребрата,
сред оној фарисејски вознес,
каде заѕвекало прозрачното злато,
си ја сечеш десната рака, потем џигерот,
и се загледуваш во истопениот восок.
во одразот збор, до него молк
зад него се пикнала длабина, точка,
до неа стутулен, парталав просјак.
вреска низ името,
оддавајќи замор,
потем подавајќи ти сечило јарко.
ти го плука ореолот,
окитеното сребро, вжарениот смарагд,
искованиот бакар
со бројаница, крст и икона златна,
ти ја изнудува слезината
и левата рака.
од столб до столб
и ти клекнат на средина
гавранот и свештеникот ти ги колваат бедрата
крштевајќи одново
гласно и свето
озарен просјак
сред богохулен престол.

од првиот до последниот ден од слободата

I
штом утрото ќе затропаат камбаните
и одново ќе го најават денот на слободата,
со ’рѓосан челик
коските ќе си ги прекршам.
да ги имав тулите,
и со влажниот песок наквасив малтер, ни
ѕид ќе соѕидам,
ниту столб ќе поставам да го доддржи јадот.
да го имав плаштот и сиот сјаен смарагд,
ниту престол ќе направам, ниту ризница ќе заклучам.
да го имав првиот ден од слободата,
на себе нема да се присетам,
ниту името со себе ќе го понесам,
крстот бакнеж не ќе види,
верава следбеник не ќе присвои.
II
да го побарав и последниот блесок светлина,
без пат пак ќе останам и во земјава не ќе се вратам.
порта не ќе бакнам и бедник ќе постанам.
да го имав срцето на самарјанинот,
пак незнаен ќе останам и сред пустина ќе прилегнам.
молитва не ќе кажам и крстот бакнеж не ќе види
потем на клада трупот ќе ми го стават,
врз него ќе проплукаат,
да заминам во пуста гора и оттаму да не се вратам.
да го имав денот од слободата, на тебе ќе помислам
и простум в босилек ќе се упокојам.
тука мир ќе изнајдам,
во тишината на темнината што ме надвишува,
во пламенот што месото ми го разјадува.
безимен по тебе ќе ме крстат.

во тишина, бездна и пранга од аловита клетва, да
го имав само едниот ден од слободата,
името сред рожба ќе ти го земам, безимен
пак да не заспијам.

бездна

в бунарот бездна
се продира долу
и болскоти вода,
трепери лад.
в бунарот бездна
продира кревко
низ неа гласно шумоли трат.
в бунарот лежи каменот ладен
и болскоти в него
месечев срп.
сал самовилска лика,
сал херувимско око,
што паднало внатре
се потопило сето.
од него вода
под водата луна
над неа веднат повикува глас.
а гласот кобен,
погуби збор
низ него племе, збришало јад.
во зандана темна,
на небиднина јарка.
в бунарот бездна
се продира сал.
низ неа далга
алчност што варди,
минала и разнела
погубен страв.

Тагови од објавата
0 replies on “Избор поезија”