Неколку тишини подоцна

Успеа да најде рибарско бротче и да се договори да го донесе дома. На крајот, тишината ги голта сите звуци во себе.

На крајот останува само тишина. Нема никаков звук. Нема ни одек. Само тишина. Како да си во вакуум. Или во вселената. Иван не беше ниту во вакуум ниту во вселената, само знаеше дека ова е крајот. Се качи на малото рибарско бротче и ги затвори очите. Немаше однос кон ништо што се случи последните денови. Капетанот ја распушти посадата. Ги симнаа во Шкотска. Се најде на истото место од каде што и тргна цело ова патување што траеше петнаесет години. Понекогаш на крајот останува само тишина, си помисли уште еднаш и вдиша длабоко. Од Шкотска успеа да слета во Рим. А, оттаму, до брегот го пренесе некој добронамерен човек што, кога слушна дека бил морнар, му благодареше за тоа што го направија сите морнарици на светот. Не беше важно тоа. Успеа да најде рибарско бротче и да се договори да го донесе дома. На крајот, тишината ги голта сите звуци во себе. Затоа што нема ништо потоа. Ниту звук. Ниту одек. Само тишина. Сите овие мисли пловеа низ неговата свест. Не ги контролираше. Ги оставаше да се мушнат меѓу впечатоците од местата каде што одеа, меѓу информациите од минатите денови, криковите на луѓето под бомбардираните згради. Сите овие мисли си ја носеа и тишината во себе. Затоа и пловеше со затворени очи. Како да се враќаше со истото тоа рибарско бротче со кое замина пред петнаесет години. Исто како тогаш, и сега ја чуваше празнината како дупка во градите што тогаш ја издувуваше со чадот од цигарата, но сега само се зголемуваше со секое земање воздух. Рибарот што се нафати да го врати назад молчешкум управуваше со бротчето и гледаше пред себе. Тој седеше на врвот свртен кон копното. Како да не поминале пет 300 Ана Стојаноска наесет години, како да е сега, како да било пред некоја минута, само неколку тишини подоцна. Меѓутоа, ништо не беше исто. Сè беше променето. Најважното беше што и неа ја немаше на брегот. Слушна детски гласови. Како што се доближуваа до брегот, така стравот во него почнуваше да расте и да го задушува. Ги отвори очите длабоко вдишувајќи. Наместо куќите на брегот, виде урнатини. Дури и малото пристаниште беше разрушено. Се сврте кон гласовите што ги слушна. Две дечиња со парталчиња околу нозете наместо алишта бркаа нешто по плажата и гласно си зборуваа. Не беа поголеми од три-четири години. Едното момче, едното девојче. Во далечината ги довикуваше една постара жена. Како што се доближи до брегот, виде дека децата си играат со некое животинче. Се зачуди. Кога бротчето се закотви и кога излезе на копното, воздухот мирисаше на неговото минато. Ги протри очите. Немаше никакво животинче. Немаше и никакви деца. Празно беше. Застана на копното. Гледаше на сите страни. Го стави ранецот на себе и зачекори. Не знаеше што и како ќе прави. Знаеше само дека сака да си оди дома. Иако веќе одамна не постоеше дома.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Неколку тишини подоцна”