Иако не ми се допаѓаат сите тие споредби и сличности, со кои д-р Влах го испреплетува својот темпераментен говор, признавам дека во ставот во случајот со кафулето, човекот и чинијата крофни, има нешто. Со тоа може барем да се прикаже каков човек е приближно Сатурнин.
Имено, доктор Влах ги делеше луѓето според тоа како се однесуваат во полупразна кафеана кога имаат пред себе чинија крофни. Замислете си луксузна кафеана на неделно попладне. Надвор времето е убаво, а гостите во кафеаната ги има малку. Веќе сте појадувале, сте ги прочитале сите весници и сега удобно сте се потпреле на мекоста од сепарето и замислено гледате во чинијата крофни. Досадата полека се шири во сите агли на кафулето.
А тука треба да се покаже во која група луѓе спаѓате според теоријата на доктор Влах. Имено, ако се работи за човек без фантазија, без копнеж по динамика и без смисла за хумор, крофните ќе ги гледате тапо и без идеја, веројатно сè до пладне, а потоа ќе станете и ќе одите на ручек.
Имам основано сомневање дека во првата група доктор Влах ме вбројува и мене. Мислам дека нема право. За хуморот и за динамиката нема да зборуваме, но тоа дека ми ја негира фантазијата, кога знае дека точно ми успеа да ги пополнам службените формулари за признавање данок за пензија, навистина ме изненадува. Но, тоа не е важно. И да спаѓам во оваа група луѓе, би ми било помило одошто да бидам прислужник на втората група, која наводно при глетката на крофните се занимава со тоа што би се случило кога некој навистина без страв би почнал со тоа печиво да ги бомбардира другите посетители на кафулето.
Не сфаќам, како возрасните и разумните луѓе можат да мислат на такви работи. Сепак, притоа сосема се согласувам со тоа дека доктор Влах, како што самиот вели, спаѓа во оваа група. Од некои неразбирливи причини, горд е на тоа. Го смета тој круг луѓе за душевно возрасни. Сепак, јас не можам да си замислам што има заедничко со душевната возраст замислата за крофни што се удираат од глава од мирните посетители на кафеаната. Не успевам да сфатам, но молам да не се расправаме за тоа. Имено, имам цврсто мислење за дебатите со доктор Влах. Кога и да се впуштев во таквата дебата, си изгледав како човек што од бес го урнал ѕидот на браната.
Да не ми го доведеше судбината Сатурнин на патот, никогаш немаше да верувам дека се појавува и трет вид луѓе, некакви бели врани. Со тоа мислам на луѓето кои замислата за крофни што летаат во воздухот, толку ги привлекува што стануваат и ја реализираат.
Спрема таквите поединци доктор Влах негува неизмерна почит. Тврди дека кон таквиот чин е потребна не само одиграна смисла за комичност туку и храброст, темперамент и не знам уште што. Според моето мислење, за тоа е потребна необична доза лудило, така што секое разумно суштество би морало да биде изненадено од восхит, а таквите луѓе би морале да се наоѓаат надвор од институцијата на човечкото општество создадено за нив. За жал, ми беше судено да почувствувам на сопствената кожа дека таквите луѓе навистина постојат и дека досега воопшто не биле ограничени во личната слобода. Имено, Сатурнин е токму таков човек.
Ако денес гледам назад на краткиот период од својот живот што неодамна го проживеав, морам да им се чудам на многу работи. На пример, на тоа што сè се случи во тоа време. Мојот живот беше некако згуснат, настаните се редеа еден по друг и јас со тешкотија можев да ги следам. Си личев на човек што при слегување од снежен рид згазнал на лизгавица скриена под снегот. Имам чувство дека во времето кога се лизгав надолу како по стакло, не се однесував воопшто достоинствено. Мислам дека тоа е сфатливо и многу би сакал да знам кој би можел да ми префрли за тоа. Советот дека во кое било време сум можел да сопрам на лизгалката би можел да ми го даде само човек што не знае што е тоа очајно да се бориш со последниот дел рамнотежа што човек ја има. Другото не беше воопшто непријатно, па дури мислам и дека вредеше. Имено, одамна ги пораснав момчешките соништа за авантурите и сакам мирен и трезен живот, но мислам дека тушот од необични настани не може никому да му штети. Сè уште никој не се удавил на дожд, а непријатните работи човек ги заборава. Возбудливиот пат со снежниот навев од временска дистанца на авантурите е навистина интересен.
Можеби не беше мудро што јас, слободен и млад човек, зедов слуга. Тоа на крајот се чини екстравагантно и многу романескно. Сигурно е дека во Чешка би се нашле малкумина млади луѓе што имаат свој слуга, а на моето мирно и конзервативно однесување има спомен на тоа дека сум направил нешто толку необично, непријатно.
Сатурнин бараше оглас во весниците за место на слуга со услови што можев да ги прифатам, а имаше неколку многу добри препораки. Неговиот изглед и коректниот настап многу му се допаднаа. Потоа сфатив дека добил длабоко и систематско образование. Неговото име, донекаде необично, ми беше некако познато, но дури неодамна ја открив поврзаноста со која ми се уврте во главата. В раце ми допадна број на весник стар две години со напис за обид за кражба во вилата на професор Луда и се сетив дека оној пат зборувавме за тоа во кафулето. Сатурнин тогаш стана јунак на денот и посериозните читатели на весници одмавнуваа со главата над неговиот чин. Всушност, тука ми е исечокот:
Вознемирувачки настан на кражба. Во ноќта спроти недела на 6 август во вилата на историчарот и собирач проф. Луда, непознат крадец се обидел да го скрши сефот во кој проф. Луда чувал некои вредни златни старини. Пред да успеат да го отворат сандачето, бил прекинат од домашниот вработен г. Сатурнин. Предмет на истражување е што се случило меѓу двајцата мажи. Тогаш, кога полицијата била повикана телефонски, дојде на местото на злосторството, го најде крадецот во длабоко бессознание и со голема рана на главата. Господин Сатурнин раскажуваше малку необично. Тврдеше дека крадецот се ранил самиот, и тоа со боздоганот од збирката оружје на Луда. Беше упорен со тој чуден одговор. Крадецот во болницата дојде на свест, но тврдеше дека заборавил како се вика. Според истражната постапка се чини дека настанот се случил вака: вознемирениот крадец се обидел да го уплаши г. Сатурнин со набиен револвер. Господин Сатурнин му го исфрлил од раката и го фрлил низ прозорецот во градината, каде што потоа бил најден. Потоа г. Сатурнин изјави уште нешто, со кое се трудеше да му изложи на крадецот дека борбата на двајцата нееднакво вооружени ривали не е фер. Го принуди да го земе оружјето од ѕидот, кое крадецот го опиша како стап и топка на синџир, а и самиот си зеде таков. По некои збркани формалности дошло до борба, во која крадецот бил ранет. Интересно е дека крадецот не ја исклучува можноста дека сринатата рана на главата си ја предизвикал самиот. Велеше дека апаратот го владеел тешко и дека неколкупати само така напразно вртел со своето оружје. Освен тоа, за време на целата борба ужасно се плашел дека ќе го скрши лустерот. Сè на сè му е драго дека тоа испаднало така. По завршувањето на истрагата, да не заборавиме да им дадеме на читателите на нашиот весник опширна вест.
Реков дека со доктор Влах не е можно да се дебатира. Не само што ќе ве опсипе со пазарски наплив на зборови туку и на крајот ќе изведе некојаси мислечка збрка и ќе искаже огнена филипика против нешто за што воопшто не сте имале умисла да зборувате. Оваа околност би можела да има влијание и на спрегата со моето раскажување, не можам ништо против тоа. Неочекуваните искази на доктор Влах понекогаш влијаат на тоа поглавјето што почнува за криминалистика, да заврши со трактат за криминалистиката, иако во неа постојано се зборуваше за ловење пастрмки. Доктор Влах е веќе таков, а педесетгодишен човек тешко може да промени.
Кога го прашав еднаш што треба човек со здрав разум да мисли за исечокот од весникот, рече дека е тешко да се одлучи зашто денес веќе никој нема здрав разум. Рече дека сите сме ги впрегнале своите мозоци во тесно специјализирани вработувања и се трудиме со сите сили да ни изумрат останатите мозочни бразди. Ако се однесуваме така, сите наши претпоставени ќе забележат и ќе почнеме да правиме кариера. Наводно е страшно колку простите и едноставни мислења се надвор од кругот на мозочната активност на повеќето луѓе.
Доктор Влах зборуваше уште час и петнаесет минути, а јас денес веќе не паметам добро за што беше тоа. Заврши со тоа дека многу пофално се изјасни за Питагора. Јас не му возвратив за тој став, но што се однесува за тврдењето дека денес никој нема здрав разум, мислам дека доктор Влах би требало да зборува само за себе.
Превод од чешки: Маргарета Карајанова
