Кон поемата „Темна кутија“

Доколку би се тргнало во потрага по суштината на поетиката на Братислав Ташковски препознатли- ва и во неговите претходно објавени поетски книги, таа можеби кристално јасно зрачи во ова последно негово дело, во поемата „Темна Кутија“, како јадро, како клучно место во кое се вжарува сиот негов поетски нанос кој клокоти и избувнува од зовриен внатрешен понор и се растура зафаќајќи ги возви- шените поетски пространства на овој исклучителен поет. Тој нанос, тој зовриен клокот овде го достигнува неговиот поетски врв поставувајќи клучни филозофско-егзистенцијални прашања.
Што всушност претставува поемата „Темна кутија“ со поднаслов Песната на Ис?
Првиот впечаток е дека поемата „Темна кутија“е длабока духовна и егзистенцијална исповед на Ис, лирскиот субјект, кој преку сугестивен драматичен монолог го исповеда постојаниот судир со судбината, со смртта, со смислата на човечкото постоење, со поезијата. Во поемата можат да се најдат елементи на поетизирана духовна автобиографија коа се гради над понорите на внатрешниот живот на поетот – човек од прав, воздишки и зборови – кој е во постојано движење помеѓу земјата и небото, гревот
и простувањето, животот и смртта. Овде како да се насетува добро познатата романтичарска традиција кон поимите „поет“ и „поезија“, но авторот во еден висок степен на самосвест вешто избегнува навидум таква наметната замка и отвора сложени теми карактеристични за егзистенцијалната модерна и постмодерна литература: идентитет, смисла, судбина, вина, духовност, апсурд и поетска мисија, укажува на сложената задача и на местото на поетот кое го има во овој веќе нејасен и несигурен свет. Сложеноста
на поемата е изразена и во нејзината структура која претставува затворен круг: дејствието започнува на небото „… сега пеам за високото и сино небо“, потоа следи лет, визија и пад, натаму повторно лет: пекол, чистилиште, дом, и уште еден визионерски лет и со враќање во телото и домот се затвора кругот:

„Еден ден можеби ќе патувам /Како глуварче ќе дојдам дома. /
И таму ништо нема да има,/ А сонувам под
каменот / Дека чекорам натаму / И ме чека собата и
старата плоча“.

Или на друго место вели: „Дома сум и тоа е голема радост!“
Во сложеното ткиво на поемата вплетени се повеќе цивилизациски слоеви: од антички (Сизиф, Феникс, Арго, Самсон, Далила) до христијански (небо, ангели, архангели, суд, искупение, душа…), од средновековни и ренесансни мотиви (бродарот што
носи души, Беатриче, Орлеанката, Пеколот) сѐ до современите творечки искушенија, изразени преку Ван Гог и Амадео Модилјани. Значи пред нас имаме едно сложено лирско-епско дело во кое субјектот се обидува да го означи својот идентитет, функцијата
на поезијата и сопствената антропологија.
Кој е лирскиот субјект, кој е Ис?

Поднасловот на поемата „Темна кутија“ е Песната на Ис. Несомнено, лирскиот субјект во поемата е именуван Ис, но се среќава и како Јас, малиот Тој, или пак како „човекот од прав“. Бидејќи низ поема- та се преметнуваат библиски, митолошки, антички, средновековни но и современи мотиви, читателот со право ќе се запраша: кој е тој Ис? При прво читање на поемата прашањето е отворено: дали е метафора на библискиот лик или пак поетот од сопственото име БратИСлав го извлекол и го именувал својот поетски
двојник. Во поемата Ис (лирскиот субјект) на некој начин е симбол на современиот човек и на совреме- ниот поет кој ја чувствува тежината на постоењето, но и потребата да се судри со стварноста и своите сили да ги насочи против лицемерието, духовната деградација и празнината што го тишти и уништува човекот. „Јас малиот Тој“ симболизира идеја на пост- поетска скромност, бидејќи, ако влегуваме во митолошко-библиски рамки, овде поетот не е светец (пак романтичарска традиција), туку „грешник со голема
душа“. Ис постојано се губи во апсолутна самотија, „како сенка“,меѓу смртта и раѓањето, без да знае дали е мртов или сѐ уште жив ја преиспитува сопствената улога што ја вложува во осмислување на апсолутната љубов во која би го пронашол сопствениот идентитет. На крајот Ис не нуди конечен одговор, туку прифаќа дека човекот е сложено и противречно суштество. Ис, „малиот Тој“, останува ранлив и свесен дека смислата на постоењето е во љубовта и во трагата што ја остава душата, а не телото.
Поемата „Темна кутија“ ја реактуелизира улогата на поетот во современиот свет. Една од тематските линии е дијалогот со песната и човековата потреба од неа. Поетот вели дека песната е „состојба“ и „највисок стадиум на бестелесна страст“ и само преку неа се стреми да го искаже „неикажливото“. Преку автопоетска исповед Братислав Ташковски создава современ мит за поетот како роб и владетел на својата поетска реч, како „грешник со голема душа“ впуштен во борба со темнината и стремеж кон светлината во која ќе ги најде смислата, вистината и спокојот во себе. Таа колку и да претставува лична исповед за траумите на поетот, триж толку е и универзален спев за човековата потрага по мир и
вистина.

Јануари, 2026 година
Славе Ѓорѓо Димоски
Велестово

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
За Македонија имам само позитивни асоцијации
Тоа што прави во Македонија да се чувствувам како дома е амбиентот,...
Повеќе
0 replies on “Кон поемата „Темна кутија“”