Избор поезија од Елена Соколоска

НИЧИЕ КРАЈБРЕЖЈЕ

 

И што остана?

 

Една нивичка 

од три полубоси поколенија

замаглен поглед

изгризани прсти

крвјосани носови

и по некој грст земја.

Станавме луѓе без корења

што го влечкаат само сопственото стебло

луѓе на меѓујазикот

луѓе на меѓуземјата

луѓе на брегот, 

но не и на морето.

 

Пригушена магла што се движи угоре

не знаејќи дали некаде ќе се спушти

а спуштајќи се знае дека ќе мувлоса ѕидови

ќе добие засмрдени соби во стари згради

крцкави врати и по некој сушен леб

и ќе се јадосува така.

 

Дома, а в туѓина.

В туѓина, а дома.

И ќе умре меѓујазикот

не знаејќи каде му бил домот.

 

ГРЕВ

Синоќа ме крштеваа во водите на Јордан,

а јас крст на грбот влечев

со сите гревови свои.

Синоќа разделив мориња

меѓу водите поминаа гревовите мои.

Па кога повторно морето назад се врати

јас се удавив заедно со нив.

Синоќа ги колев своите гревови

ги растргнував ко вечна жртва

со крвта си го миев образот

капката што в уста ми влезе

ме отру.

 

Денес пак ме крштеваат во Јордан,

но гревовите низ корењата на тревите излегоа

ме оттргнаа од водата

и не успеав да ги натопам стапалата.

Останаа со мене

на крстот што на грб сè уште го влечам.

 

НА МАЈКА МИ

 

Под крстот во земјата на планината гореше оган. 

јас рацете ги закопував внатре и откопував пламени.

Откопував чад кој се вртеше околу мене како змија.

Ми ги затвораше очите

Затоа тие ја квасеа земјата,

но огнот не успеваа да го угаснат

Откопав искри за мене,

повеќе за неа,

највеќе за земјата во којашто копав

Чадот се вртеше околу мене.

Врзувајќи ми ги стапалата за земјата

се раѓав одново.

Но кога истури дожд,

јас отидов.

Со себе ги зедов пламењата

Ги зедов искрите што останаа

за мене, за неа и за земјата.

 

 

ЗБОР

 

Крв низ речно корито,

а јас во него до глуждови,

а зборот под крвта закопан в земји.

И се влечеме еден кон друг.

Ја тера крвта в кожа да ми влезе,

од земјата, па низ глуждовите,

па низ вените и внатре во мене,

па да ме земе удолу.

 

И ме гризе зборот,

ми зарива заби во месото од мозокот,

ми јаде од венските ѕидини,

па во утробата ми слегува 

и демне таму дур не се роди.

Ко тешка тежина ми тежи,

ама демне и чека.

Чека да се роди .

Зашто и на зборот јас му тежам

и си тежиме меѓусебно.

 

Што ќе бев јас без него?

Јалова утроба и слепо мртвило.

Што ќе беа тој без мене?

Збор некажан,

збор незачнат,

збор нероден.

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Чувари на општото добро
Книгата е објавена во „Антолог“ во 2014 година со поддршка на Министерството...
Повеќе
0 replies on “Избор поезија од Елена Соколоска”