Караманов 2014 – Љубољубна

10811834_763422220378594_1355155845_n

Книгата содржи три циклуси и четириесетина песни.

„Љубољубна“ е шеста по ред поетска книга на младата поетеса Елена Пренџова. За неа ѝ беше врачена наградата „Караманов 2014“ на Карамановите поетски средби во Радовиш минатата недела. Книгата содржи три циклуси и четириесетина песни. Следува избор песни од наградената книга.

 

ЉУБОЉУБНА

ја повивме љубовта со чаршафи
натопени со крв
потопени во солзи
и подавајќи ни рака за спас
ѝ понудивме помош давејќи ја
додека таа стенка
писка и
вриска до последен здив

така ние се спасивме од неа
од нас
јас од тебе
ти од мене
секој од самиот себе

години подоцна
кога посакавме да сакаме
кога посакавме да бидеме сакани
таа нè уби

наместо
буцкастото дете голомеше со продорна стрела
ни ја испрати
анорексичната даркерка со коса

сè што сеевме си ожнеавме
па дури и семето на љубовта
на мојот татко и твојата мајка
на твојот татко и мојата мајка
сè што се роди од нив умре во нас

за љубовта остана да читаме по туѓи текстови
и да ја ловиме по лицата на туѓинците
што нè одминуваат
што не можат да нè засакаат
што не можеме да ги засакаме
затоа што љубовта нас не нè сака
затоа што не е природно
убиениот да си го сака убиецот
колку и да станува збор
за злосторство од страст
колку и да станува збор
за злосторство по крв

злосторство си е злосторство
љубов си е љубов

а за нас љубовта е само љ

 

ВОЈНИЧКА

слатка ми е
твојата војничка професионална деформација
кога испитуваш и осигуруваш терен

не знам
кои воени стратегии ги искористи
или ги измисли
кога ми тргна в поход
но војната со мене ја добиваш со секоја битка
во која се предаваш
со крваво срце на бела постела
и ми ја подаруваш победата
од дипломатска етика

нема милост

сите оружја ги држиш вперени во мене
ниедно не испукува

нема милост

куршумите треба да се штедат
за себе

нема милост

фронтот е сцена од порно филм
во кој и двете страни уживаат по завршувањето

нема милост

војнички никого не штедиш
ни мене
ни себе
ни идеалот
него веќе го стрелавме како измамник

 

МЕТАФИЗИКА

јас го градам космосот
како хармонична целина
а ти упорно ја нарушуваш хармонијата

ми говориш за љубов
и заљубено ме гледаш
и вљубено ме посакуваш

а јас се обидувам
да го изградам космосот
како хармонична целина
а ти ми нудиш љубов
и со неа ми ја нарушуваш хармонијата
ми ја растреперуваш смиреноста
ми ја озвучуваш тишината
ми го разхаотуваш редот
ми го дислоцираш центарот на балансот

и ме сакаш
и ми ја раздробуваш хармоничната целина
и ме сакаш
и ми го одземаш космосот
воведувајќи ме во твојата љубовна хармонија
на двојките

 

КОГА УМЕТНОСТИТЕ ПРАВАТ ПЕРФОРМАНС

си пробал ли некогаш
да режираш надвор од театарот?
на пример, животот
еве, јас ќе ти ја играм главната улога
или барем споредната, покрај тебе

изгледаш на човек
што бара
експериментални решенија
иако не ризикува
експериментални прашања и проблеми
но за тоа јас сум тука
зарем не сум ти доволно предизвик?

можеш да го испишеш моето тело
со својата драматургија
и при тоа не стравувај
дека ќе ги покриеш
претходните дискурси
на мојот телесен палимпсест
некои нешта постојат за да бидат заборавени
некои нешта се напишани за да бидат замолчени
немој да молкуваш надвор од театарот
моето тело самото по себе е уметнички крик
без автор
потпиши му се

не сакам да ти бидам муза
музите се избираат на аудиција
јас
само
јас
едноставно
јас
се појавувам
сега
некогаш
3 години
порано или подоцна
ако не ме препознаеш
можеби никогаш

не сакам да ти бидам муза
сакам да ти бидам уметност
како што за мене ти си поезија

 

ВЕТЕР, ВЕТРИШТА, ВИУЛИЦИ

ги собирам
вертриштата што ми ги праќаш
во споменар ги приложувам
меѓу листовите како лијсе да пресувам
нема цвет
нема мирис
нема спомени
нема паметења
сè оддува
сè извеа
ко од шала
ко од смеа

вертриштата што ми ги праќаш
в срце ги собирам
таму урлаат урагани
таму веат виулици
само пустош по себе оставаат
мразој топат
вода испаруваат
вода заледуваат
мразој сечат
сè оддува
сè извеа
ко од шала
ко од смеа

вертриштата што ми ги праќаш
ги собирам
не се тие повик по мене
не се тие крик од болна љубов
не се тие превоз за мене до тебе
не сакаш ти тие до тебе да ме довеат
ги пушташ ти
сè да оддуваат
сè да извеат
ко од шала
ко од смеа
за ништо од мене да не остане
за само заборав од мене да ти остане
оти така е полесно
оти така е најлесно
оти само така се продолжува да се живее
ко ништо да не било
ко ништо да не ќе биде
оти од ништо ништо не е
оти од ветер ветер се сторува
и јас во ветер постојам
и во ветер ќе ме снема

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Пишувам крими-романи, читам класици
Кратко интервју со норвешката писателка Ким Смоге, чијшто роман може да се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *