Талкање пред зори

Далеку од тебе/ и светлината на денот/ бледнее од сина/ во ослепувачка сива

IMG_3035_1-1

Поезијата на Сејди Марфи е објавена во Crannóg и мног други германски публикации, вклучувајќи ја и антологијата Blumen Haben Zeit zum Blühen (Eichborn), а дел од песните биле наменети и за музичка придружба. Падреиг О’Снодај има препеано неколку нејзини песни на ирски за Feasta. Сејди долги години живеела во Германија, работејќи како професорка. Нејзината поетска група во Германија добила и свој документарен филм, којшто бил емитуван на германската телевизија. Нејзината иновативна театарска работа со учениците добила големо медиумско внимание, за што ја добила и Историската награда од германскиот претседател. Таа има преведено многу германски поети на англиски јазик и соработувала во препевот на естонскиот поет Матхура на книгите Присуство и Мониста од рибизли. Нејзината прозна книга Патешествието Хајленд (Ферал прес) за спасувањето на еден шкотски бик и две крави од колеж е објавена во 2013г.

 Илмар Лехтпере

Поезијата на Илмар Лехтпере е објавувана во Looming во Естонија и во Crannóg Германија, а препеана е и на ирски од Падреиг О’Снодај за Feasta. Тој има препеано многу дела од естонски на англиски јазик, особено делата на Кристиина Ехин. За нејзината Тапани на тишината (Олеандер прес) добитник е на наградата од Поетското здружение Корнелиу М. Попеску за европска поезија во препев, а препевот на нејзината Мирисот на твојата сенка (Арк) бил препорачан од страна на Поетското книжевно здружение. Препевот на 1001 Зима (Битер олеандер прес) исто така од Кристиина Ехин, бил во најтесен избор за наградата Попеску. Нивната соработка сѐ уште трае.

Сејди Марфи и Илмар Лехтпере се во брак веќе триесет и четири години.

 

 

Сејди Марфи
Илмар Лехтпере
Талкање пред зори

 

ОКЕАНОТ ВО НАС

Сејди Марфи

НЕМА НАСМЕВКИ

Нема насмевки на овие лица
што ја дамкосуваат сивата магла
висејќи тешко
над улиците
на градот
кој никогаш не се буди
од својот сон.

Расположенијата се облечени во манитили за дожд
и испратени се да висат во
со милји долгите
редици за леб
во еден град
кој никогаш не поттикнал
насмевка.

Океани подоцна
океанот меѓу нас
стана океанот во нас
оживувајќи ги
редефинирајќи ги
нашите брегови.

Далеку од тебе
и светлината на денот
бледнее од сина
во ослепувачка сива

Далеку од тебе
празна школка сум
што животот ја исфрлил
во длабочините што се брануваат

Сѐ е џагор
ветрот пелтечи
моите клепки се неуморни
додека ноќта паѓа
плочка по плочка.

Тврди
дека не умее да пее
– вистина е –
тој е господар на песната
Ги пишува зборовите
ги потегнува жиците
Моето срце се одзива
и ги шири своите крилја
ја прегрнува мелодијата
долго ужива во звукот
и од моите усни
зборовите излегуваат
танцувајќи

Talkanje-pred-zori---S.M-&-I.L-1ДЛАБОКО ВО ТАЈНИТЕ МЕСТА НА МОРЕТО

Илмар Лехтпере

Не се вљубивме
кога се сретнавме на крстопатот
пред половина век –
туку се препознавме.
Бевме птица
што наеднаш се сети
дека има две крила,
не само едно.

Танцував со тебе
од почетокот на времето
и сѐ уште не ги знам чекорите.

Но знам како да летам.

Наспроти вечерното сонце
ти беше ненадејно јато лебеди
што летаат пред зори.
Будејќи се остави немирен
трепнеж во воздухот
од ехото на твојот глас.
И копнеж
да се биде дел од тебе.

Месечината ти е во крвта –
плима и осека
од крв и море,
налудничав танц
на волчешкиот виеж.

A светлината среде ноќ
тивко најавува
дека сонцето
сѐ уште е тука.

Заталкав
во твојата шума на песни и магија
птичји пој
волчји виј
дрво што песни мрмори
зад тишината

Дури и тишината овде пее
самовилите се дома

Заталкав
во твојата шума на песни и магија
посакувам
никогаш да не го најдам излезот
Ги излупив
сите свои кожи
на жабa
на фока
на волк

Ги излупив
сите свои кожи –
тука можам да сум ќелав
тука нема потреба
да се сокривам

Ги излупив
сите свои кожи –
а ти не ме препознаваш повеќе.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Во бурите на пустината
Панде Манојлов - поезија
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *