Поезија што сонува вечност

Поезија што сонува вечност

Бушавиот

(За книгата „Јас, Квентин Скриблер“ од Јосип Коцев)

Отворам муабет 2

Некаде веќе имав пишано, не се сеќавам каде, добриот поет е и Дедал и Икар. И старо мајсториште и палаво дете. И роден и учен. Зашто, добрата песна е како стомна, треба да држи вода. Поезијата не е само дело на гениј, таа е и занает (техне).

Поезијата на Јосип Коцев со себе носи силна енергија, тоа е она што е метафизичко во песната, кога не ти е баш јасно зошто ти се стега грлото, но содржи и јасни и моќни поетски слики, дофатливи и објасниви за рационалниот ум. Првото, ирационалното, целосно би влегло во она икаровското или она што го нарекуваме „роден поет“, а во вториот дел, покрај талентот на Коцев, влегува и целиот преттекст на книгата, сѐ што поетот носи со себе како читачко искуство, кое подоцна се канализира и се формализира низ неговиот личен светоглед.

Она што мене најмногу ме освојува во оваа книга – затоа што талент и читачко искуство имаат многумина – е свеста на поетот, која завлегува во предели што не се секому познати. Иако поезијата во „Јас, Квентин Скриблер“ е пред сѐ љубовна, има песни што отвораат не секому достапни онтолошки прашања, зашто едно е да пишувате за зачадени простории, карирани чаршафи и валкани градови – иако кај Коцев го има и тоа: земното, вулгарното, телесното – а друго е да созерцнете отаде телесноста и петте сетила и да зборувате за светлини и ѕвездени прашини. Мене, барем, секогаш ми било важно и за што се пишува, а не само како се пишува. Вистински добриот поет е разбудено човечко битие, свесно за вистини што излегуваат надвор од историографското време. За сличен впечаток зборував и минатиот пат, кога зборував за поезијата на Тони Попов – иако овие две поезии и по стил и по влијание се разликуваат – а во тој контекст ја спомнав и поезијата на Николина Андова-Шопова.

Според тоа, во оваа книга има песни што, поради својата универзалност, ќе излезат од границите на времепросторот во кој се настанати, за што зборува и Игор Исаковски во предговорот, и во времето и просторот ќе отидат таму каде што нема да отиде нивниот автор.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Писмо до авторот
(За „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *