Аспекти на култот на Големата Мајка (Magna Mater во светската митологија)

Од култот кон земјата хранителка ќе се апстрахира врховното женско божество – Божицата мајка.

Митот може да се гледа и надополнува од повеќе гледишта. Токму затоа не е возможно да се дефинира митот со една единствена дефиниција и на тој начин да биде целосно дефиниран. Елијаде дава една површна дефиниција во која кажува дека митот е една света и апсолутно вистината приказна. Една од функциите на митот е да прикаже примери од разни човекови активности и разни обичаи и на тој начин да се сфати човекот во древните општества. Враќањето на почетокот, го претставува времето кога работите се појавиле за прв пат. Сите обреди се стремат кон враќање на почетокот и надежта за повторно раѓање постоела благодарение на враќањето на почетокот.
Митот го сфаќаме пред се како начин на мислење, на објаснување на светот на примитивната свест, како систем кој го објаснува настанувањето на природните суштества и појави. Според Мирча Елијаде митот соопштува една света приказна, тој раскажува едно доживување кое се случило во фиктивно време некаде на самиот почеток. Во митот секогаш станува збор за создавање и секогаш станува збор за изразување на ретките врутоци на светост во светот .
Древниот човек имал потреба да живее во едно свето време бидејќи за него светото претставувало синоним за моќно. Токму затоа постои претстава за свето време и свет простор. Времето, религиозниот човек го дели на свето и профано време. Светото и профаното се две сосема опозициони нешта. Овие две спростиставени категории ја образуваат содржината на примарната религиска информација. Мирча Елијаде, во својата книга „Свето и профано “ со изразот хиерофанија го сублимира светото како поим, односно сознание дека нешто е свето. Хиерофанијата, како синоним за нешто друго или свето, Елијаде вели дека може да се манифестира во било кој предмет. Предметот може да биде од камен, од дрво, до највисокиот степен изразен како инкарнација на Господ во Исус Христос. Всушност, светото е нешто божествено и нешто што е предмет на религиозна почит. Спротивно од светото, профаното е она што е свртено кон овој свет, не е поврзано со црковното и му е достапно на човекот. Светото и профаното се два начина на постоење во светот, две егзистенцијални ситуации кои човекот ги презел во текот на својата историја.

Матријархат
Ретко е во светот да се најде нација која се протега наназад се до Матријархатот. Одликата за култ на жената особено за мајката е стар колку и постоењето на светот. Ништо од досегашните режими, Војни, Опустошувања, Ропства, не не одделил од култот за сакање на својата најближна.
Одликата на еден народ за почитот и љубенето на својата ближна, од праисторијата до денес е најголем културолошли поим што постои меѓу историчарите во светот. Затоа сите со воодушевување кажуваат дека во Македонија тој култ останал до ден денес, и се манифестира со енормна љубов што не се наоѓа никаде на друго место. Жената во праисторијата имала важно место. Ја почитувале како столб на семејството и како симбол на плодноста и убавината. Таа се грижела за огништето-домот, куќата и семејството. Уметникот од неолитот и енеолитот (6,5 и 4 милениум пр.н.е.) кога го вајал нејзиното тело, обожавал да ги истакнува нејзините природни атрибути. Вешто изработените статуетки со облик на жена ги поставувал на централно место во домот. Со цел да остварува комуникација со боговите и да му донесе среќа на семејството.

Од култот кон земјата хранителка ќе се апстрахира врховното женско божество – Божицата мајка. Ова божество кое е производ на аграрната револуција, побудувало амбивалентни чувства кај неолитскиот човек: тој ја почитува земјата затоа што раѓа и храни, но истовремено таа го застрашува зашто ги зема луѓето назад во својата утроба. ( Големата мајка имала „универзална моќ над живите и мртвите“ што ја афирмира истовремено и како хтонска божица). Стравопочитта кон Големата мајка се должи на тоа што земјоделството само по себе се доживувало како постојана борба и чин проникнат со насилство: семето мора да влезе во земјата и да умре, за да изникне плод, а неговата смрт се сметала за болна и трауматична – земјоделските алатки наликуваат на оружје, житото се меле во прав, грозјето се гмечи. Оттука и жестоките митски претстави во култот на божицата мајка, чии мажи (синови – љубовници) бидуваат растргнати, распарчени, сурово осакатени и убиени, за повторно да се вратат во живот заедно со посевите.
Во Египет таков е митот за божицата Изида, која го наоѓа распарченото тело на Озирис (богот на вегетацијата кој спаѓа во категоријата „богови кои умираат за повторно да се родат“) и деловите ги погребува во земјата како семе. Неолитската божица мајка ја препознаваме и во митот на Деметра, божицата на житото која ги штити посевите (за чии култ се врзуваат Елевсинските мистерии).
Култот на Кибела: творечкиот и плодоносниот принцип на земјата, овоплотени во култот на Големата Мајка (Magna Mater) или Земјата Мајка (Terra Mater) е еден од најдревните култови, кој што е присутен во сите религии. За прв пат култот кон божицата ба земјата се јавува во Фригија (1500 години п.н.е) во гората Кибела (оттаму потекнува и името на старобалканската божица Кибела, која Феникијците ја нарекуваат Астарта, а Вавилонците – Иштар). Во 5 век п.н.е култот на големата мајка, кој се изедначува со култот на плодноста (таа се смета за персонификација на оплодувачките сили на природата воопшто) бил пренесен во Грција (грчката Деметра), а подоцна ја зафаќа и Римската империја.
Кај сите народи , во разни речници за симболи се кажува дека Големите Мајки Божици се божици на плодноста. Тоа се Хера, Деметра, Афродита и Геа кај Старите Грци, Иштар кај Асиро-Вавилонците , Изида кај Старите Египќани и други. Многу атрибути , Дева Марија ја прават христијански еквивалент на Големата Мајка. Дури и Месечината е позната како тројна Божица која владее со сетилата и емоциите. За Римјаните таа била Луна или Дијана, за Грците Селена и Артемида. Во многу древни култури Месечината се сметала за натприродна појава која го отсликува животот на една жена. Таа од девица (млада месечина) , преминува во мајка (полна месечина) па старица (стара месечина). Освен тоа, менувањето на месечината е поврзано со жените заради редовниот двасет и осум-дневен циклус кој одговара на циклусот на менструацијата кај жената. Месечината симболизира сè она што е женско. Месечината сама по себе го симболизира митот за плодноста, но и митот за смртта и воскреснувањето.Логично е што цикличното сменување на вегетативните ритми човекот ги поврзал првенствено со Месечината и Месечевите ритми. Лунарниот култ што го содржи бројот три, односно трите Месечеви мени се исповедуваат со трите лица на Големата Божица: живот-смрт-обнова.

ЖЕНСКИТЕ ФИГУРИ ВО СВЕТСКАТА МИТОЛОГИЈА
Митска прародителка – Светот како таинствено, шифрирано место за живеење, отсекогаш “комуницирал” со древниот човек преку јазикот на митовите и симболите. Симболите во текот на милениумите станале фактори во кои се препознавала боженствената пројава или присуство (како змија, птица, месечина, земја или жена) и соодветно на тоа, овие симболи се транспонирале во адекватна слика/ претстава. Древните Европјани своето восхитување кон боженствената Митска Прародителка го изразувале преку медиумот на идолите / фигурините, како и преку графичките претстави и сликовити декорации на грнчарските садоци, вазните и ѕидовите на олтарите и живеалишта, маските, и сл. Неолитскиот уметник се обидувал што посликовито да ја долови семантиката заложена во праисториските антропоморфни изрази, а најдобра парадигма за суштината на Природата – мајка била жената и нејзиното тело. Преку нејзините облини, функции и карактеристики на женската природа се канализирала таа визуелна експресија на неговите митски концепти и натприродни експликации. Големата Мајка буквално живеела меѓу луѓето, и било сосема нормално да се чувствува нејзината сила, допир и дух во секој облик, птица или камен, земја или змија. Таа во полно светло се разоткрива преку спиритуализацијата на материјалните форми и облици, преку ритуализацијата на природното и телесното, преку славењето на живиот свет од кој зависел човекот.

Изида е божица на плодноста и мајчинството. Таа во иконографијата на обожувањето е претстава за архетип на мајка и сопруга. Обожувањето, култот кон оваа божица се развивал главно во градот Хелиополис и Фила. Името Изида, во превод значи жена на трон или само трон. Претставена е со сончев диск кој стои помеѓу кравјите рогови на нејзината глава., а на нејзиното чело стои лик на света змија (ureus) кој ја симболизира плодноста.Фрејзер вели дека „Фигура на Изида со својата духовна смиреност , со својата племенита ветувачка бесмртност, на многумина им изгледала како ѕвезда на темното небо , што во нивните срца предизвикувала восхитувачко обожвање, слично со она кое во средниот век е укажувано на Дева Марија. Сликите каде Изида го дои Хорус веројатно влијаеле врз приказот на иконите со Дева Марија и Исус . Фрејзер смета дека сличноста помѓу нив не е случајна и дека некои христијани погрешно ја обожавале Изида мислејќи дека таа е Богородица . Изида имала различни видови, но најзастапен бил видот на „божествена мајка “ , во овој вид влегуваат голем број на кипови кои ја претставуваат како седи , доејќи го својот син Хор и држејќи го на своите колена.
Кали – Во хиндуизмот големата божица е претставена преку женските фигури на грозната и безкрвна Кали (најстрашниот демон во индискиот религиозен свет) и
Шакти – Женската творечка енергија. Оваа божествена амбивалентност го сугерира управувањето на космичко ниво, креацијата и деструкцијата, хаосот и редот.

Деметра – По новата хеленска религиозна матрица ја познавала божицата на плодноста во ликот на Деметра, секогаш придружувана од нејзината ќерка Кора / Персефона. Деметра била најомилената од обожаваните божици во сите грчки области и колонии. Таа била, исто така, и најстара; морфолошки, таа се надоврзувала на Големите божици од времето на неолитот. Оваа божица била олицетворение на плодноста и изобилието, обилноста на земјоделските приноси, жетвата, зрелото класје. Митот за Деметра и Персефона во суштина е оплакувањето на мајката за загубата на својата ќерка која ќе биде грабната од богот на подземјето Хад / Плутон. Ожалостената Деметра ја лишува природата од секакво растење, па исплашен од нејзиниот гнев Зевс и ја враќа Персефона назад, со извесен компромис: осум месеци Персефона да биде со мајка и, период на изобилство на земјата, а останатите четири месеци да престојува кај својот сопруг во Подземниот свет (време на сеопшта стагнација). Овој мит толку сакан од луѓето, бил инкорпориран во сржта на познатите Елевсински мистерии, кои исто така ја содржат аграрната мистика.

.

Кибела – Во Европа исто така егзистирала уште една божица со сличен култ која била асимилирана претстава од ориентално потекло. Кибела била позната во античката митологија како мајка на боговите, на целата природа заштитничка и дарителка на благосостојбата. Божицата седи на престол помеѓу два лава или пантери фронтално поставени и на главата носи калатос. Култот на Кибела и Ати подразбирал крвав и оргијастички ритуал кој секоја година се одржувал на 22 март во Рим. Атис бил фригиски бог на житото и се врзува за цикличното раѓање и умирање. Крвавиот ритуал на кастрирање и осакатување на гениталиите на свештениците бил во функција на задоволување на жедта за крв на свирепата божица.
 Сите големи божици – Иштар, Изида, Кибела, Деметра, Артемида, Хера, Хеката, Кали, Шакти, Мокош го одразуваат плуралитетот на противречните апсекти на овие древни божествени фигури. Нивните домени во однос на плодноста, мајчинството, дивата природа, ловот и смртта како инивниот оргијастички карактер на чевствување, се во функција на енсценирање на повторното раѓање и возобновување не само на природата, не само на животот на човекот туку и на целиот космички простор.

ГОЛЕМАТА МАЈКА ОД МАКЕДОНИЈА

Теракотни предмети на Големите Мајки Богинки се пронајдени на два значајни археолошки локалитети во Македонија; Тумба Маџари и локалитетот Церје, кај Говрлево. Неолитската населба Говрлево, откриена 1981 година е археолошки сведок за неолитската епоха. Покрај остатоците од населбинските куќи на овие локалитети, значајно место заземаат керамиката, но и наодите од култна пластика, посебно антропоморфната.
.Големата мајка богинка претставува олицетворение на неолитското време во Македонија. Таа е жртвеник со непроценливо значење, симбол на нашите предци кој останал да говори за едно време кога во Македонија цветал матријархатот. Основниот философски концепт е да се покаже Мајката како извор на животот и заштитничка на семејството и куќата. Ликот на Мајката е првиот лик што човекот го гледа по раѓањето. Улогата и местото на мајката во животот е извонредно значајна. Затоа во текот на човековата еволуција таа е централниот култ. Во уметноста таа е нај претставувана во целиот период на праисторијата. Идејата за “Големата Мајка” ликовно е реализирана и претставена преку еден цилиндер со лик што излегува од еден правоаголен постамент – куќа. Истовремено со широко отворените раце го држи покривот и истовремено како да излегува од него. Ликот понекогаш е шематизиран, очите се нагласени, фризура модерна за тоа време, мали гради и раце украсени со пластични белезици. Понекогаш се прикажува во гравидитет. Најстарите уметнички претстави на оваа философска идеа се познати како Венера од Вилендорф (или Вилендорфска Венера, Австрија) и Венера од Вестоњице, Чешка. Во Македонија “Големата мајка” (Магна Матер, или Ге Метер во подоцнежниот грчко – римски пантеон) е најпочитуван култ во периодот на неолитот. Првите претстави се од 6500 до 3500 година пред н.е.
Многу вешто и со големо уметничко чувство обединети се основните сваќања за култот на плодноста и напорите за негово автентично приближување и ставање во функција на основните животни потреби. Неговото тело, иако на прв поглед делува како да е составено од две независни фигурални половини (антропоморфна и архитектонска), претставува скулптурна целина. Горната половина на жртвеникот ја означува Божицата персонифицирана во изгледот на жената. Таа е допојасна со стилизирано цилиндрично тело, внатре празно, слеано со главата која завршува рамно и со кружен отвор на темето. Лицето и е плоско, има врежани очи (кружни), лажни веѓи и голем нос клунесто подвиткан, а на челото неколку прамени коса. Околу вратот кој не е потенциран има накит. Задниот дел од главата го прекрива коса, назначена со вдлабнатинки, елегантно прибрана во необична “ фризура”. Што се однесува до градите тие се пластични, испупчени, а стомакот топчесто испакнат, додека папокот е даден во форма на вдлабната петлица. Наративниот изглед на фигурата го збогатуваат рацете кои се раширени и свиткани во лактите и со шаките лесно наслонети на покривот од објектот што ја означува долната половина на жртвеникот. Горниот и долниот дел исто така се украсени со накит (по две кружни алки).
Архитектонската форма на овој објект е всушност модел на куќа. Има рамен покрив, четвртаста основа и прави ѕидови, украсени со два отвори еден наспроти друг. Во внатрешноста на куќата биле поставувани предмети кои биле посакувани во куќата, а исто така и жртвени дарови во нејзина чест…Во честа на бранителката на домот и родот.
Фигурата на божицата и моделот биле независно моделирани и потоа поврзани, пред самото печење. Со ваквата ликовна концепција постигната е основна култна и религиозна цел. Претставена е Големата мајка како матрона на храмот, заштитничка на домот и семејството, мајка хранителка, особа со силна алтропејска моќ, моќ за андрогеност, космогона улога и со многу други боженствени функции. Но надвор од тоа, во нејзиниот наративен изглед е поистоветен изгледот на тогашната жена, нејзините чувства за китење и допадливост (претстава на белезници, фризура), што дава одраз на едно време кога се живеело спокојно и мирно, каде всушност се поставувале темелите на културата и уметноста. Неизбежно е да се додаде дека неолитот во Македонија е богато застапен, со многу прекрасни артефакти меѓу кои главно жртвеници кои до ден денес гордо стојат да говорат за нашите богати корени низ историјата.

ЖЕНСКИТЕ ПЛОДОТВОРНИ МАТРИЦИ: ЗЕМЈА – ВОДА

Култ кон Земјата – Terra Mater – Земјата е женско божество, се идентификува со жената – родителка и мајката – хранителка, затоа претставува олицетворение на плодниот елемент и принципот на раѓањето. Земјата е најсветиот елемент на планетата, најобожаваниот, најчествуваниот. Со терминот Terra Mater се означува ограниченото подрачје на почвата, тлото, земјата. За неа се врзани и многу рожбени адети како положување на новороденчето прво на земја, па потоа кај својата мајка. На тој начин, Земјата го благословува” новороденчето бидејќи тоа нејзе ѝ припаѓа и нејзе ќе и се врати. Токму со враќањето назад, т.е. смртта, Мајката земја станува и Мајка на мртвите. Кај Словените Земјата имала дури ѝ улога на судија. Сите поплаки, жалби во однос на сопственоста биле изведувани пред Неа. Има верувања дека земјата не ги почитува крадците, лажливците, грежните луѓе, па ги исфрла нивните тела од гробовите или воопшто не ги прима. Постојат и примери кога земјата ги казнува грешниците со тоа што ги проголтува сосе имот и со пропаѓањето на тоа место „изникнува” езеро или планина. Култот кон земјата отсекогаш постоел. Честопати бил изменуван и трансформиран, но и покрај тоа во центарот на овој култ е задржано мајчинството и женскиот принцип. Земјата како матристички симбол отсекогаш проицирала слика на среќен простор (топофилија), на отхранување, растење и живот. Тоа првенствено произлегува од фактот што животот почнува затворен, заштитен, затоплен во пазувите на Мајката земја.
Култ кон водата – Култот на водата е во тесна врска со култот на земјата. Плодородието на земјата зависи од протекот на вода. Водата е првата материја во создавањето на светот, таа е симбол на хаосот, на стихијното разурнување, симбол на Потопот. Водата не е плодна, но самата таа предизвикува и овозможува оплодување. Водата уште се сметала за машки елемент, но нејзиниот женски карактер е поизразен бидејќи таа го поседува хранителниот принцип, суштинскиот пијалак, мајчиното млеко кое го задојува сиот жив свет. Во матријархатот се сметало дека реките биле жени и во некои митови постои дека реката раѓала деца. Излегувањето од водата го симболизирало раѓањето, а потопот (тоа е барање на жртви) ја симболизира смртта. Друго обележје на водата е нејзината звучност. Со жуборењето на потоците, со клокотањата на меурите и звукот на брановите, водата ја озвучува природата. Светоста е уште една карактеристика на водата која зазема важно место во спроведувањето на обредите на очистување, благословување. Многу македонски обреди ја содржат оваа прочистувачка симболика на водата. За време на Водици, луѓето се измиваат со светена вода верувајќи дека ќе им донесе здравје за време на целата година.

ЗАКЛУЧОК

Од култот кон земјата хранителка е асптрахирано врховното женско божество – Божицата мајка. Ова божество е производ на аграрнара револуција и побудува амбивалентни чувства кај неолитскиот човек: тој ја почитува земјата затоа што раѓа и храни, но истовремено таа го застрашува, зашто ги зема луѓето назад во својата утроба.
Култот кон Големата Мајка несомнено е еден од најуниверзалните култови. Во сите митологии и религии во светот е присутна претставата за големата божица, т.н. Големата Мајка која го создала (или „родила“) светот, бидејќи раѓањето или механизмот на прокреација е обележје на женскиот род. Уште од најстари времиња жената е почитувана како родителка и создателка на животот, а нејзината плоднсот станува симбол на севкупната плодност. Фигури на женски божества, денес археолозите откопуваат насекаде во светот. Ралзични божици на различен начин го претставуваат мајчинството, а некои се поврзуваат со раѓањето на целото човештво.
Митската прародителка или Големата мајка во себе содржи многубројни функции за разбирање на човечкиот живот како индивидуален, а и за разбирање на космосот како жив организам кој се родил, постои, но кој за жал ќе згине. Токму од таа полифункционална панкосмичка божица се издвојува креативното и плодотворното начело на природата, без разлика под кое име се сретнува митската мајка: Иштар, Изида, Деметра, Хеката, Кибела, Артемида…односно таа е универзална Прародителка која создава се, која уништува се и која обновува се.

БИБЛИОГРАФИЈА

 Димитровска, Василка. Археолошки дневник- Скопје: Акварус, 2008
 Елијаде, Мирча. Аспекти на митот- Скопје: Култура, 1992.
 Елијаде, Мирча. Свето и профано – Нови Сад : Издавачка Књижарница Зорана Стојановича, 2003.
 Николова, Нешка. Култот на големата мајка – Скопје: Македоника литера , 2011
 Фрејзер, Џејмс Џорџ. Златна Гранка: Проучување на магијата и религијата-Београд, 1977.
 Шкрињариќ, А. Нина. Митски координати. Скопје: Македонска реч, 2008.
http://loza.mk/2012/12/mitskata-praroditelka-golemata-majka/
http://my.opera.com/makedonium/blog/show.dml/2343904
http://www.kralemarko.org.mk

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирина Тумбовска
ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)
Во областа на книжевноста отсекогаш била присутна темата паметење – меморија –...
Повеќе
0 replies on “Аспекти на култот на Големата Мајка (Magna Mater во светската митологија)”