ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦАТА (III)

Отпрвин црвени, па жолти, па темнокафени, па посветли кафени се менуваа на небото боја по боја, дел по дел, па избледуваа. Небаре земјата штотуку се создаваше, започна една игра на сенки.

Како парче камен

Барба Василиј ја спушти водата на клупата во задниот дел од кајчето. Со очите вперени во конецот, ги закачи веслата. По десет минути веќе не можевме да го видиме островот зад нас. Маглата сѐ повеќе се згуснуваше. Звуците од бродови во далечината доаѓаа од нашата десна или лева страна? Во близина, многу близу до нас, како да слушнавме некакво крцкање. Но ништо не видовме. Еден брод остро свирна, небаре ни беше пред нос.
– А да се вратиме Василиј? – реков.
– Веќе не може да се вратиме, рече. Сѐ ќе измешаме. Ти наостри очи и начули уши кон конецот во морето и да не си мрднал ни лево ни десно. За неполни десет минути ќе стигнеме на островот отспротива.
Утробата ми затрепери ем со радост ем со страв. Може да не смачка брод што го згрешил патот. Моторниот чамец што брмчеше во близина можеше да нѐ преврти. И да викавме никој не ќе не видеше од три метри оддалеченост. Не се распознаваше дали звукот доаѓа од лево, од десно или од страна.
Сѐ уште се слушаше викањето на некое дете од нашиот остров. Се слушаше и еден пискав женски глас што ни мрмореше неразбирливи нешта во ушите.
– Василиј, реков, прст пред око не гледам.
– Се затести маглава, рече.
– Што ќе правиме?
Малите сини очи светкаа меѓу тридневната, сјајно бела брада. На црвените образи му сјаеше насмевка, збунетост, закачлива игривост.
– Што ќе правиме?… Ќе продолжиме де, тоа!
– Но, ништо не гледаме.
– Ти ако го гледаш конецот, во него гледај. Јас ни тоа не го гледам.
– Го гледам.
– Внимавај! – рече. Не мрткај наваму-натаму. Ако не можеш да го видиш ни конецот, е тогаш мав ни е работата!
– Што ќе биде тогаш со нас?
– Што ќе биде со нас? – праша, како себеси да се прашува. Тогаш, ништо! – одговори. Голем е островот отспротива. Секако ќе го најдеме. И да не го најдеме ќе чуеме звук оттаму.
– А ако не чуеме?
– Ако не чуеме, ќе чекаме да се крене маглата, пиле.

***

Начулив уши. Не доаѓаше никаков звук. Мина уште некое време.
– До сега требаше да пристигнеме Василиј, реков.
Без да одговори, завесла уште три-четири пати, па погледна зад себе.
– Еве бе, рече, К`нали.
Цела минута ништо не видов. Потоа, се појави чудесна глетка. Да знаев како се вика привидение на турски, ќе речев привидение.
Отпрвин црвени, па жолти, па темнокафени, па посветли кафени се менуваа на небото боја по боја, дел по дел, па избледуваа. Небаре земјата штотуку се создаваше, започна една игра на сенки. Сѐ, поточно секоја боја избледуваше, се излеваше од својот сад и се разлеваше растејќи, ќе си ја најдеше формата, па ќе се изгубеше, како да се обидуваше да стане нешто. Пред нас имаше, блед, бесмислен, односно обоен со чудни бои, ѕид. По целата должина на ѕидот играа игра мноштво слики, од најапстрактни до најконкретни, движејќи се од хаосот кон формата.
– Аман Василиј, реков, каква е оваа убавина? Каква чудна игра е ова?
И тој погледна зад себе. Се насмеа.
– Убава, Калојни. – рече.
Природата, со генијалност на Ван Гог го насликала ова пред нас. Сега, оваа страна на К`нали, лебдеше во маглата во бестелесна состојба, како огромна слика на Ван Гог, со карпите рамни како низини, со шарената почва со зелена, бела, ќерамида, сива боја. Одненадеш сѐ се менува, се расипува, но играта продолжува. На местото каде еден партал магла си го подистава ликот, една боја лека-полека, со тешкотија се разлева, бледнее, го отстапува напуштеното место. Отстапува место, но формите сѐ уште немаат волумен.
Бродовите сѐ уште остро свиреа. Еден моторен чамец ни се материјализираше пред нос.
– Поминувам!.. викна некој во маглата.
– Добро! – рековме.
– Далеку ли е Бургаз*? – рече гласот.
– Пред нос Ви е, рече Василиј.
Моторниот чамец исчезна како да се растопил во сон. Веднаш покрај нас, луто помина еден воен брод. Маглата за миг го проголта.
– Тој има радар Василиј, реков.
– Батали го ти неговиот радар. Закачи ракче на јадицата!
Ги потопив рацете во дрвената кофа. Го фатив ракчето за мустаќот. Го наденав неговото сјајно, провидни, темно тело на јадицата.
– Ги светна ли оловцата? – рече Василиј. Земи ја живата и светни ги.
– Добро Василиј, реков.
– Фрли, рече.
Уште не бев ни фрлил кога една огромна риба-шкорпија, како што го повлекував прстот, го зграпчи мамецот. Се обесив на трската.
– Ете така! рече Василиј, тегни. Што ќе ни е нам магла, слики, дај да си заработиме лебот.
Како што ја качував рибата во кајчето:
– Дај ми ја мене! рече, јас ќе ја откачам, може да се исечеш од јадицата.
Тој ден до Барба Васил, пред таа слика на Ван Гог што постојано се менуваше, уловивме еден куп сперки, ханоси и риби-шкорпии. Маглата се крена, па пак се спушти. Боите и формите растеа и се смалуваа. Гласовите беа остри, па благи, чудно црцореа и се смируваа. Потоа сонцето и морското ветре ја однесоа маглата. Тогаш, небаре сум излегол од сказна или бајка, заработувајќи си го лебот во едно мало кајче на петнаесет метри од една осамена карпа на К`налиада, се почувствував како една карпа во светот, во Истанбул, како кајче во морето и ја пронајдов среќата.

* Вториот истанбулски осров во Мраморното море, веднаш по К`налиада.

Тагови од објавата
More from Саит Фаик Абасијаник
Приказни за децата (II)
Само понекогаш, темнината ја раскинуваа со детски партали натопени во керозин и...
Повеќе
0 replies on “ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦАТА (III)”