КОГА ЈАС БИ БИЛА АХМЕД НУРУДИН

Секое дело е свет за себе и по себе. Секое ни дава одредена слика и претстава за светот и животот. Секое претставува посебен светоглед и определба и влијае на нашите понатамошни определби и размислувања. „Дервишот и смртта“ е роман за секое време, роман на секое време. Без оглед на неговата темпорална детерминираност (турското владеење), без оглед на неговата лоцираност (старо Сараево), романот има многу пошироки и посмели амбиции: тој небаре досегнува до секое време, тој го допира секое тло, подобро речено како да изникнува од секое време и од секоја почва. Неговата големина е во универзалноста на вистините што се изнесуваат, една од мудростите на романот е во природата на хуманистичките пораки што ги изнесува и вткајува во читателовата свест – како доказ на човековата моќ да истрајува во времето и во просторот. Намерата на писателот е од таа историска перспектива, да фрли светлина и на нашето време, тргнувајќи од искуствата на една сосема конкретна општествено политичка клима, да се дојде до поопшти заклучоци што би имале универзално значење. 

Мојата средба со ликот на Ахмед Нурудин не ме остава да бидам рамнодушна кон него и неговата судбина. Таа средба често ме тера да размислувам како е да се биде во „неговата кожа“ бидејќи ние луѓето често се наоѓаме во слични, безизлезни ситуации, дилеми или како „двете нозе да ни се во една чизма“. Ахмед Нурудин несомнено е трагичен лик. Трагиката на дервишот, истовремено може да биде и судбина на современиот интелектуалец. Главниот јунак, истовремено и раскажувач, се занимава со самоанализа, така што ние читателите навлегуваме длабоко во неговата свест, во неговите длабоки размислувања и на тој начин настаните кои се случуваат остануваат во заден план, честопати внесувајќи се во неговите мисли забораваме што се случува. На сето ова нè поттикнува фабулата на ова дело. Романот е лоциран во една босанска касаба во 18 век, а главното дејство започнува кога братот на главниот јунак – Харун е уапсен и убиен без никакво сослушување и вина, затоа што станал опасен со тоа што премногу знаел. Ова е фабуларното јадро што потоа се проширува со случки од животот на Ахмед и неговиот бунт против властите. Поширокиот фабуларен круг на романот е граден од непосредните акции на ликот да го спаси својот брат и од настојувањето на властите и на полицијата да го спречат Ахмед во тие акции. Тоа е причината што Ахмед во неговата четириесетта година е исфрлен од удобната тишина на спокојниот живот во текето, каде живеел како мислител и проповедник, ценет поради својата ученост и морална постојаност. Од овој момент, моето внимание како читател се насочува кон медитациите на Нурудин, кон анализите на состојбите и појавите, кон испитувањата на исправноста на верските, идеолошките и етичките вредности и тоа ме поттикнува уште повеќе да влезам во неговата потсвест и душевна состојба и да почувствувам емпатија кон неговите доживувања. Нурудин е човек на сомневањето, на постојаното самонегирање и на постојаната потрага по себеси. Тој влегува во профаниот свет на паланката за да го извлече брата си од затвор, но и во таа борба со локалните власти тој не се бори вистински, туку сѐ ѝ препушта на Божјата волја. Работите се менуваат кога Нурудин дознава дека брат му веќе е три дена мртов, тогаш во него се јавува искра на човечка волја и тој гласно, пред верниците во џамијата, ја иск ажува својата тага поради смртта на брата си.

…„Можеби би требало да ги мразам, ама не можам. Јас немам две срца – едно за омраза а друго за љубов. Ова што го имам сега знае само за тага. Мојата молитва и моето покорување, мојот живот и мојата смрт, сето тоа му припаѓа на Бога – створителот на светот. Ама мојот жал ми припаѓа само мене“…

 По таа беседа е затворен во темна и влажна ќелија. Тука се случува симболичната трансформација на ликот. Овој момент можеме да го наречеме regressus ad uterum, или: враќање во матката. Таа епизода целосно одговара на ритуалите на иницијација во кои единката се изолира од општеството, за потоа во него да се врати преродена, со нов општествен статус и со нова функција. Детето Ахмед се иницира и влегува во светот на возрасните. Нурудин доживува привидна, симболична смрт. Темната и влажна ќелија во која е сместен наликува на гроб, а треба да ја симболизира утробата на Мајката Земја, но и Хаосот пред создавањето, ноќта пред денот што се раѓа. Ваквата состојба го тера да размислува суштествено поинаку:

…„ Доцна е, сеќавања, залудно се јавувате, бескорисни се вашите немоќни утехи и потсетувања на она што би можело да биде, бидејќи што не било – не ни можело да биде. А секогаш изгледа убаво она што не се остварило. Вие сте замка која раѓа незадоволство, замка која не можам и не сакам да ја избркам бидејќи ме разоружува и со тивка тага ме брани од страдање“…

 Нурудин од „гробот“ навистина излегува поинаков. По излегувањето оттаму веќе не е стариот шејх, кој сè и препушта на волјата Божја, сега е тој бунтовник којшто сака да го одмазди својот брат. Веќе во вториот дел од романот, Нурудин дознава дека Мула Јусуф, неговиот најблизок ученик е шпион на кадијата и дека тој го накодошил Харун кај властите. Првото поглавје од вториот дел е реминисценција со која нараторот го подготвува читателот за предавството на Мула Јусуф. По ова сознание, трансформацијата на Нурудин е целосна, тој решава да ги земе работите во своите раце и да ѝ се одмазди на паланката. Тој од Божји слуга се претвора во Бог. Решава сам да ја спроведе Божјата правда, притоа не бирајќи ги средствата. Тоа го оддалечува од неговиот внатрешен свет на молитва и на медитација и го доближува до јавниот простор на општеството, во кој си има работа, пред сѐ, со луѓе кои не се духовно длабоки. Влегува во свет што му е туѓ и во којшто самиот тој е туѓинец. За иронијата да биде целосна, тој станува кадија на местото на стариот кадија, кој е убиен во побуната на рајата што ја предизвикува самиот Ахмед. Сега дервишот, кој беше вљубеник во Бога, навистина станува судија и дадена му е шанса да ја дели човечката правда. Не го издржува притисокот, не се снаоѓа во светот во кој не припаѓа. Тука вкусувајќи ја моќта на власта и нејзината ѓаволска природа доаѓа до суштествена констатација дека: 

…„ Власта го обесчовечува човекот и додека владее со него и кога ќе му дојде во рацете“…

Тоа го поразува и го доведува во состојба повторно да се врати на својот првобитен став за животот, верата и надежта во Бога. Погубен е од повисоките власти за дело што не го извршува, но кое е благородно по својата природа. Обвинет е дека го ослободува својот најдобар пријател, иако тој е, во суштина, негов предавник. Луѓето го слават како херој, а тој умира со дамка на срцето. Во расплетот на дејството, во епилогот на романот, Селимовиќ наоѓа решение што ќе биде во согласност со мисловната порака на делото. Пред трагичното завршување на играта на власта, Ахмед ќе дознае многу работи кои ќе му го сменат ставот и определбата за одмазда, но тој е се поблиску до смртта. Додека наближува кон смртта, Ахмед ќе биде награден од суровиот живот со една радост: во текето го посетува синот на неговата единствена љубов. Во тоа момче Ахмед се препознава себеси, сфаќа дека тоа е неговиот син и му овозможува да остане во текето, да ја продолжи неговата идеја – него самиот:

…„Си мислев: ќе ме замени на ова место, и во животот, моја коска, можеби јас некогашен; животот продолжува“…

Во вака наведениот расплет на дејството, Селимовиќ ја осветлил за една нијанса мрачната слика на животот.

Сето ова ме наведува на помислата дека во овој роман Меша Селимовиќ е преокупиран со проблемот – човечка егзистенција. Романот само делумно треба да се гледа како сведочење за едно минато време. Неговата вистинска вредност треба да се бара во размислувањата за она што е трајно и општо во него, бидејќи делото има универзално значење. Во него има уметничко видување за механизмот на силата и моќта ма власта и на нејзината машинерија – полицијата, администрацијата и судтството. Проблемите што ги начнува романот не се нечии посебно туку општочовечки: секаде и секогаш е еднакно  значајно прашањето за смислата и моралната вредност на ангажирањето во политичката, административната машинерија – дилема пред која човек не може да се повлече. Се разбира, романот не останува без одговор на поставените прашања. Тој порачува дека човековата судбина се состои во самопотврдувањето низ борба за надминување на дадените околности и за освојување нови макар и најситни простори на слободата. Перипетиите и преобразбите на учениот дервиш мене како личност ме насочуваат на правилни гледишта кон животот и човечноста. Ме поттикнуваат да размислувам дека со одмазда не се постигнува ништо, дека целиот живот е постојана борба и дека победата се состои во мноштвото борби што сме ги презеле во животот а никако во потенцијалните победи кои би ги извојувале по секоја цена. Постарите велат дека е попаметно и побезболно да се учиме на туѓите грешки. Мојата неслучајна средба со дервишот ме обврзува да ги сфатам пораките на неговите постапки и да не ги правам неговите грешки. Тој ќе ми биде учител во животот, чие болно искуство ќе ми помогне да не одам по истата патека на неговите страдања. Кога јас би била Ахмен Нурудин не би се определила за одмазда и таа да ме понесе до состојба на бруталност, ама никогаш острана не би гледала пасивно на она што им се случува на моите ближни. Би презела претходни чекори тие да не дојдат во таква ситуација. Никогаш не би дозволила да биде доцна за поправањето на моите евентуални грешки. Да се биде човек, да се верува, да се сака и брани другиот не е само сопствено бреме, тоа всушност е и мерило за вреднување на човекот и на животот – е мојата констатација од моето дружење со дервишот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирина Тумбовска
ГЕОГРАФИЈА НА ЗАГУБАТА („ГЕРМАНЦИ“ – ЈАКУБА КАТАЛПА)
Во областа на книжевноста отсекогаш била присутна темата паметење – меморија –...
Повеќе
0 replies on “КОГА ЈАС БИ БИЛА АХМЕД НУРУДИН”