Тонусот на ова истражување лежи во поистоветувањето на потенцираниот амбигвитет на сличните, но и спротивставени сфаќања на двете уметности: музика и литература од каде произлегува и доближувањето на вредностите на историјата и музиката како уметничка форма со репродукција на поетските слики. Уметноста како креативност, како начин на прикажување на слободата, но и спознавање на себеси е разновидна и распространета како на пр.: во сликарството преку бојата, во литературата преку зборот, во музиката преку звукот. Во нашево време има низа знаци што покажуваат дека полека создаваме општество во кое станува се’ поотежнато да направиме дистинкција помеѓу квалитетните книжевно-музички остварувања за слушањето музика и читањето книги како активности, но и можности за восприемање на различен вид информации. Со тоа настанува и едно поигрување со границата на човечката слобода, на она што уметникот го има како даденост наспрема своите човечки одговорности. Самиот развиток на јазикот, на историските промени, текови, проучувања и јазични теории воведоа и до истакнување на новите јазични форми и изрази кои се поврзуваат со денешницата, а не биле познати и применувани во минатото. Ова се поврзува и со тврдењата од Сосир за самата реорганизација на јазикот која е заради прилагодување, т.е прилагодување на таквите нарушувања како што вели тој. Така и ние сега, свесно или несвесно принудени сме да се прилагодуваме на неологизмите, скратениците и новите фрази произлезени од технолошката рапидност и се’ почестото навлегување нови зборови од англискиот јазик за кои нема соодветен превод на македонски јазик. Со тоа и во уметноста се’ повеќе се создаваат поинакви форми на изразување и претставување на книжевната и музичка сцена, а особено во делата од ова совремие, како на пр.: [1]една песна може да се разгледува како структура, а се уште да се третира секој нејзин елемент како нешто што повеќе или помалку има значење само по себе.
Тоа е и целта на песните, да тежнеат кон нешто што е оригинално и препознатливо само по себе, да носат длабинско значење, да се идентификува она што е „структура“, стиховите да се јасни, разбирливи и стилски накитени за да можат да нурнат и во музичката сфера. Пред да преминам на главната тема од овој текст, ќе направам едно кратко провејување низ поезијата од првата генерација современи македонски поети: Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Славко Јаневски и Гого Ивановски чија заедничка асоцијација се самите лирични ноти блиски до народот, до татковината кои и ден – денес фасцинираат и носат елегичен фон, но и социјална природа во која врие револтот, но и преку кој се покажува патот на револтот. Овие поети се истовремено и творци на поетски модели, но и на поетскиот јазик од кој произлегува изобилието на чувства и на трагичната судба пред повеќе од еден милениум. Анализирањето на поезијата во една музичка доминанта води до безгранично прифаќање на секоја бликотна и блескотна музичка проникливост. Од мисла во збор, од збор во песна како една чиста утрина на битието. Преку ова преминување на зборот во песна се докажува дека минатото не е загубено, се’уште живее во срцето на уметникот. Тоа дише пред незаборавената вечност и родина. [2]Тоа со што живеела душата, тој шум и таа врева на битието, таа празна шареноликост на животот, таа порочност и одвратност на самиот принцип на постоењето – сето тоа паѓа како прашинка; и се насмевнуваш поради наивноста на таквото битие и живот. Песната како спој на поезијата и музиката потребно е да има одредени вредности: текстот да одговара на самата средина во која се создава, да има уметничка вредност, содржината да одговара на културата, изборот на темите да бидат современи со пристапни и интересни содржини. Затоа и многу често кога музичарот е истовремено и текстописец, принуден е да сонува, да се буди и да живее со две уметнички претензии: стихот и нотата. Но, во македонската музика постојат групи кои се само „музикописци“, кои ја раѓаат и и’ даваат живот на музиката, а ја оживуваат и расчешлуваат поезијата на дваесеттиот век која е тесно поврзана со авангардната живопис, со разурнувањето и расчленувањето на ликот по што постмодернизмот ја продолжува таа традиција. [3]Во овој контекст на преден план ги издвојувам песните: Везилка, Прашинка љубов, Умилкување, Не непијан, Глас, Ангелот што кружи над мојата глава чија поетска природа е заменета со музичка. Овие песни изобилуваат со симболи и метафори од кои блескоти македонскиот јазик. Преку мелодичното поигрување настануваат и бранувања и треперења на нотите кои се богати со суптилни тонови. Тука ги издвојувам македонските музички групи: Старовски, Архангел, Фолтин, Љубојна, кои се обележје за музичкиот препев на стиховите на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Ацо Шопов, Кочо Рацин, Петре М. Андреевски и др. На нивната поетска лиричност пловат патриотски и романтичарски ноти, јадра на емоции, на опсесии, на немири. Музикалноста на стиховите ја претопуваат судбинската преодреденост и тематската различност на изнесените емоции во песните. Старовски ја прикажуваат македонската музика од една поинаква перспектива која на еден најбликотен и најчист јазик ги освежува македонските стихови. Нивните динамички нијансирања се држат до едно умерено темпо препознатливо само за нив – побавно, елегантно и средно тивко како на пр.: во песната Прашинка љубов препев на Гане Тодоровски, во која е запазен еден ритам на жичните и ударни инструменти што предизвикуваат топла опуштеност. Со изразити афинитети кон егејската музика се истакнува полнозвучниот сплет на емоции преку кои ја издигнуваат поезијата на Петре М. Андревски, Блаже Конески, Гане Тодоровски на едно ново, повисоко ниво и ги доближуваат стиховите до народот во една нова, поинаква димензија која би ги заинтригирала и оние кои не се љубители на поезија. Во Умилкување динамиката на вокалите е со исто темпо како и во другите песни, додека мелодијата е со поживо темпо, со моменти на забрзување. Како што Петре М. Андреевски пее страствено за миговите на повторно зближување со Дениција, за нејзината стварност и имагинарност, така и Старовски преку песната Прво писмо успеваат Дениција да ја опеат најстраствено и најсензитивно, успеваат да ја возвишат преку емоционалната проникнатост на богатиот метафоричен израз. Побрз ритам на почетокот се чувствува во песната Не непијан на Константин Миладинов. Елегичните и баладични тонови преку кои се гледа обележјето на современата македонска поезија се заокружува со нивниот успешен проект т.н. прва македонска музичка поетска читанка или музичка антологија на македонската поезија. Овие песни пленат колку со висока оригиналност проткаена со длабоки уметнички идеали, исто толку и со уметничка слобода и мисловност со најпрепознатлив белег за македонската традиција и култура. На пр.: кај Старовски се забележува и народна струна во нивниот уметнички стил, т.е амбиентот што самите тие го прават за настап во т.н. кабаре-чалгија состав со жичаните инструменти и удиралки. Стилот на облекување со кој настапуваат двете девојки (вокали), гласовната различност и прилагодувањето на интонацијата, комбинацијата на флејти и народни инструменти, начинот на произведување на тонот и женскиот глас се само дел од карактеристиките на македонската група Старовски. Од тука интерпретирањето може да оди во насока на поврзувањето на зборот, на поезијата, со поетските примеси и во народните песни.
Тематизирањето на љубовта кон татковината, кон жената, кон слободата, во песните има значајно место, а најмногу се согледува во македонските народни песни. Од песните на К. Рацин, Андреевски, А. Поповски, Г.Тодоровски, се гледа убавата смисла на зборот, се гледа својствената елеганција за љубовта, тагата, болката, носталгијата. Како што вели Димитру М. Јон, моќта со којашто дејствува Рациновата поезија е содржана во мајсторството со кое им дава вредност на зборовите, на јазичната супстанца, додека пак поезијата на Гане Тодоровски е добро контролирана од свеста. Неговата лирика се одликува со суптилност не само по хорзонтала, туку и по вертикала. Додека пак кога се спомнува поезијата на Шопов [4] станува збор за една маркантна лирска емотивност коа моќно пулсира во референцијалниот систем на македонските симболички межници збогатувајќи го и тогаш кога извира од длабочините на поетовата интима, но подеднакво и кога премостува епохи и култури… Низ призмата на поетовата дарба се прекршуваат стиховите кои идат од други времиња како лирски сведоштва и за благородното посредување на поетот. Обземен од поетскиот дајмон, понесен од еден вид поетски фатализам тој никогаш нема да го напушти полето на поетското. Затоа поезијата Шопов ќе ја дефинира како самоспознавање и таа за него е: Младост на убавината, копнеж по неа, право на неа, илузија. Тука се поставува и прашањето дали воопшто постои нова поетска нишка во музиката или се’ е сведено на оставнината од народните кажувања и промени од колено на колено? [5]За потврдувањата што би се дале во оваа насока ќе издвојам и неколку македонски етно – песни од музичката група Љубојна чии текстови, ритмика и приказна со современ музички израз се и мотив за создавањето на автентичните песни: Мори чупи Костурчанки, Твоите очи Лено мори, Излегу да се рашета… Како за почеток би ги издвоила љубовните мотиви, традиционалниот мелос и универзалната химничност при опевањето на овие песни. Би ја издвоила нивната музичка живописност пред се’ заради авторската музика, рок бендот и кадифениот звук како што е чалгијата на Мацедониа фреш. Љубојна и поврзувањето со поезијата најмногу се изразува преку најновиот албум кој носи наслов Песна за мојата песна. Опевањето на поезијата на Петре М. Андреевски е и едно опевање на трајноста и вечноста на бесмртната Дениција која во македонската музика и литература се’уште постои и како лик и како предмет и повод за недоброј нови песни кои се вечен доказ за нејзината телесна и духовна убавина. [6]Во македонската поезија, народна и уметничка, за љубовта исто така излеани се недоброј зборови. Од Ацо Шопов до Радован Павловски македонските поети и’ се додворувале на еротскта песна со повеќе или помалку успех, Но, се чини, првпат целосниот успех му припадна на Петрета Андреевски. Опевањето на Дениција во музички блок е со едно химнично обликување кое ја докажува сензитивната перцепција за нејзиното постоење кое симболично ја претставува лирската симфонија за љубовта. Преку музицирањето на стиховите настанува еден преплет во необична убавина, страст, сила, боженственост и еротика. Зачувани се силните метафори што ја прикриваат еротичноста од кои најпрвин се бара отворање на тие метафори, за да се дојде до еротичното значење. Следно ќе ја спомнам македонската музичка група String forces формирана во 1995 година во Скопје, препознатливи по специфичната мелодичност на женскиот вокал кој може да се компарира со вокалите на Старовски. Исто така по промовирањето на нивниот албум „Изохронија“ се докажаа нивните стремежи за транслација на традиционалната урбана Македонска музика во модерни рамки. Па тука се поставуваат и прашањата дали ваквите мелодии се само обично отсликување на реалноста? Дали музицирањето на стиховите е создавање на некој друг од себе, нова верзија, промена, слика за себе? Или пак е само едно супер его од кое се пројавуваат и сите зли, сурови и бесмилосни идеи што ги предизвикуваат уметниците да создаваат нови и нови уметности. Промените во ритамот се согледуваат преку оние поетски промени кога песната се интерпретира од книжевен аспект наспрема музички. Преку авторските песни на String forces: Еден здив, Скриена убавино, Келари шарени се развива чувството за ритам, музичкото помнење, доживување на различни звуци. доживување на различни ритмички траења како и доживувањето на различни тонски висини. Човекот и светот, книжевното и уметничко време се приближуваат едни кон други при што јасно се гледа дека музичкиот мелос влијае врз ублажување на реалноста и на емоционалните состојби кои доведуваат до бегање од реалноста и тоа, само преку музикалноста.Од карактеристичните обележја на македонското фолклорно богатство, за македонската народна музика и за народот македонски се издвојуваат метафорите за туѓината, маката и мотивот за печалбарството, што често се опева во народните песни за што самиот народ бил сведок на сите случувања. Почнувајќи уште од македонските собирачи на народни песни: Константин Миладинов,Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, и др. се’ до оние кои продолжиле со вистинско оживување и збогатување на македонското народно творештво, се создаваат песни поткрепени врз вистински настани од нашата историја. [7]Песните: На Чуждина, Грк Владика на Болгарите, Македонцко тажејње, Плачот на Македонија, Жаљост македонска пленат од поетската душа, од изворот македонски, од горите, од планините, за бранење на наследството и историјата и метафорично упатуваат на општествените и културни промени кои настанале во тој период, а пораката е дека ние имаме своја историја и литература. Музичките препеви на овие песни и сите други што подоцна се пишуваат и пеат за борбата на македонскиот народ, се и доказ за зачувување на македонската традиција и култура како одбрана за политичко – патриотската дејност што повторно ќе биде оживеана со храбриот чекор, судир со злосторниците. Тоа е вистинското пронаоѓање на патот што подоцна води кон создавање посебна македонска литература и музика. Во книжевноста, усното кажување произлегува од општата книжевност од една страна, проучувањата на усните и народни традиции, препишување и издавање на етно – текстови, а од друга страна со вклучување на проблематиката на усното кажување за пошироко и понијансирано поимање на идејата за книжевноста се приближуваме до идеалот што го насетил Ролан Барт. Во врска со усното кажување во оваа област, како гореспоменатите истражувања за звучноста, важно е усно да се прочита тоа што ќе се напише, со цел да се согледа блискоста на зборовите, но и на самата привлечност за публиката, што би можела да ја донесе таа фраза.
Најчести мотиви во изворните песни
Мотивот за љубовта, за двајца луди – млади што се сакале, но поради социјални неправди или различни семејни класи не успеале да останат заедно. Често се опева и првата љубов, неразделната љубов до смрт, верноста и преданоста како морални одлики на македонската жена. Опевањето на жената во македонската поезија е со истите епитети што се спомнуваат и во изворните македонски песни: милување со поглед, лично моме, танка става, веѓи – морски пијавици, носе – кондиљ за пишење, лице – солунско симиче, заби – бисер за нижење. Поврзувањето на лирската поетика со музиката се гледа и од старите лирски песни кои се’ уште се пеат за свадбени церемонии и веселби на пр.: Бело лице љубам јас, Билјана платно белеше, Брала мома капини, Девојченце девојченце, Една мома љубам јас, Не кажувај либе добра ноќ… Ги издвојувам свадбарските песни најпрво заради симболиката на насловите и на текстот, заради поетската нишка на свадбените обичаи, на свадбената македонска традиција, на носијата итн… што се согледува и од компарациите на песната:
Давај ме мила мамо, давај ме,
За тоа мила мамо циганче.
Устата му е мамо, кутивче,
Забите му се мамо, бисери.
Аман,оф аман, мила мамо,
Заби-бисери.
Куќата му е мамо, колиба,
За мене, мила мамо, палата.
За патриотизмот во македонските песни
Заклучно од овие песни следи дека националната идеологија во музиката претставува и симбиоза на мелодиски и поетски елементи што ја истакнуваат и доминантно револуционерната содржина на македонските песни од кои се зачувуваат историските податоци и се докажува стремежот за слобода на македонскиот народ. Тој стремеж е и белег на борбеност и истрајност што произлегува од македонската национална култура што е потврда за македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет! [8]Баладните мотиви содржат описи на трагични настани, животни судбини и заемни конфликти меѓу луѓето во дадено време и во дадени околности. Тие ги одразуваат сфаќањата, емоциите, чувствата и меѓусебните човекови односи во поблиското и во подалечното минато. Многубројни баладни мотиви се непосредно поврзани со тешките услови за време на многувековното турско ропство со трагичната судбина на поробените луѓе. Тие го опишуваат трагизмот и неговите носители. Спомнувањето на македонските градови во кои е содржана македонската историја со која се поврзуваат и денешните споменици, народниот звук и ритмика се препознатливост за силниот патриотски дух и љубов кон Македонија. [9]Од револуционерните, т.е комитски македонски песни: Абер ми дојде од Солуна града, Абре Македонче ти вардарско пиле… Во другите народни песни со патриотски мотиви, поетскиот белег се однесува на самата содржина со силни поетски нишки од кои проблеснува приказна, од кои се раѓа збор – изгор што и денес боли, и денес пече, и денес се спомнува и се памети. Тоа е и она што е одлика, што е карактеристика, но и оригиналност за севкупното македонско, поетско и музичко богатство. Како што народот го пренесувал зборот со дијалектни ноти, така и во пишаните песни на Конески, на Рацина, на Вапцаров се’ уште постојат истите дијалектни примеси. Во оваа смисла ја издвојувам песната В хилјада и седемстотини шездесет и второ лето од Григор Прличев со музички препев од групата Мизар заснована на старословенското пеење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк-рокот. Самиот стил на музиката и именувањето на групата: прво откровение, второ, трето, алудира на старословенските примеси. Почетокот на песната со Салаор како некој гласник, поздрав е предвесник за она што понатаму следува низ песната. Се разгоруваат и разбиваат грчките патрици, арамиите, разбојниците и злосторниците коишто на незаштитениот македонски народ му носеле само зло. Симболично се упатува на злото кое го нанеле грчките патрици на македонската црква. Тоа е еднакво на злото против македонскиот народ, за кој црквата била заеднички глас што зрачел духовна, но и политичка моќ. Во оваа песна има црковнословенски елементи и повеќе стилски фигури како: епифори, метафори, компарации… Има наративно нижење прикажано преку овчарот кој плачел и раскажувал дека ќе оди во Цариград, тука е и неговото предупредување за грчките патрици. Разгласува за суровата неправда, за злите намери на грчките Владици, ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв. Еј! Ќе молзат до крв. Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори, да се мразат син со татка и со брата брат. Мелодиската и ритмичка импровизација на македонската поезија е присутна и во другите песни на групата Мизар при што се изнесуваат на виделина себеси и светот со нивниот автентичен и поетски полнорек глас со посинтетично изразување. Преку музичкото прикажување на песната В хилјада и седемстотини шездесет и второ лето од групата Мизар се отсликува социјалниот живот, расплетување на тајните како и односот меѓу нежноста и грубоста, од времето прикажано меѓу желбата и реалноста. Се чувствуваат остри тонови поткрепени со смирувачки инструментал и блага брзина, додека пак препејувањето на стиховите е во етно стил што асоцира на црковнословенските пеења. Целта на Прличев е да го заштити својот народ, да му даде подвиг на народниот предводник, духовно да ги просветли, да ги ослободи и да му соопшти на светот дека сме народ прераснат во нација, способна да ја гради со сопствените сили, својата слобода, независност, иднина, а Мизар ги докажуваат силината, патриотизмот, верата, вистинската егзистенција промешана со гносеолошкото постоење и живеење во таа доба. Оваа песна е една длабока историска лекција на народот што се гледа и од крајот како судир против силите на злото кои се губат и носат една блага смирена симболика: Милостивиј Бог послушал патричка горешча клетва, слава нихна, семе нихно погубил со шум. Последните стихови се и Божја казна за грчките патрици, дека злото и бедата ќе ги снајдат, дека нивните куќи ќе се задушат во прашина и темнина исто како и нивните грешни души. Се истакнуваат контрасти, т.е дуалитети во однос на мелодијата, на самата музика наспрема пеењето на текстот. Се забележуваат повеќе моменти на дуализам, на доброто и злото, светлината и темнината, на надежта и безнадежноста, на правдата и неправдата што постојано се во некаков судир и им даваат засилен контраст на музичките ноти. Има поигрувања со инструментите, рок со тапанарија од кој се забележува македонското, историјата, музиката, уметноста од една поинаква страна, од дотогаш невидени агли. Музиката е меланхолична, мелодична, а сликата што треба да се добие на крајот од оваа мистична игра со симболи би требало да е јасна: тоа сме си самите ние, македонската нација. Од Мизар би ја издвоила и песната со наслов 1903 со текст на Петре М. Андреевски – песна за годината на Илинденското востание, на подготовките, маките и жртвите. Песна за осудувањата од надворешните влијанија, за силниот стремеж за Слобода или Смрт, за ослободувањето на Македонија и силниот порив на македонецот чија борбеност уште повеќе се истакнува од мелодиската возвишеност. Првичната асоцијација на групата Мизар се поврзува со Aрхангел чие вкупно музичко доживување на песните е силно, импресивно, впечатливо и поттикнувачко. Препознатливи по музичката изведба на Везилка – проста и строга македонска песна, амблем на македонската традиција што музички одекнува од гласот на Ристо Вртев чие претставување на сцената повеќе се доближува до поезијата и самата суштина на рециталот, отколку на музичката ритмика, но сепак со силно поткрепено комбинирање на алтернативен рок. Членовите на групите постојано се менуваат од една во друга група од овој вид, за на крајот заокружувањето да се даде со примеси од византиската музика и рокот. Везилката на нашиот великан со право може да се спореди со најдобрите обрасци од европската и светска речивост зашто е севременска за Македонија во сите литератури низ светот, како што е Македонско девојче во македонската музика. И Везилка и Македонско девојче беа и ќе останат вечни симболи на нашата земја кои освен што во нив кријат чувствена и богата едноставност исто така кажуваат многу за тогашното општествено живеење од кое и ден – денес црпиме сила, инспирација, но и независност. Како што Пиреј на Андреевски е неуништлив и култен белег за издржливоста и истрајноста на македонскиот народ, така и Везилка на Конески е вгнездена во душата на секој македонец како олицетворение на македонската везилка, на копнежот и маката, на историските настани и изгубената слобода. Во врска со интимните импулси на групата Архангел неизоставен дел се комбинирањата на едноставни и сложени чекори во музичката изведба, потскокнувањата и свртувањата координирани со карактеристиките на ритмичко–мелодиската целина која е доказ за трајните поетски и музички вредности. На пр.: во песната Убер Македонише симболиката лежи во прикажувањето на сликата за балканската провенциенција, на општествените ситуации во Македонија кои симболично ја означуваат и моменталната ситуација со Европа, „купен мир и тишина – пострашни од војна“. Оваа песна е искористена и во филмската уметност како дел од филмот „Збогум на 20 век”. Со нивните изразни елементи – тоновите, ја прикажуваат суровата реалност во Македонија, во еден романтизиран контекст што предизвикува и емоционални ефекти, тага, болка, но и расположение и пријатни чувства. [10]Во оваа насока би истакнала дека Везилка на Архангел е потпрена на оригиналната верзија од Блаже Конески, додека пак Везилка на Фолтин освен што истакнува поразлична интонација, текстот е со авторски примеси од групата и тоа: Ах, таа твоја дива и несмасна љубов,
Те галам дури предиш,
Стуткана во скутов
Се проѕеваш се тегниш,
Наспана и гладна,
Бараш да те пуштам,
Ме гребиш и ме касаш…
Везилке, Везилке, кажи како да се роди проста и строга македонска песна;
Третата музичка група која е како спој со Мизар и Архангел и заради членовите кои претходно биле во овие две групи и другите кариерни промени во текот на нивниот развој е групата Анастасија препознатлива по: музиката за филмот „Пред Дождот“, по византискиот звук и православната црковна музика од која блескоти мисловниот текст како сепојавност во музиката, но и во самата поетика. Песните: Премин, На рјеках Вавилонских, Смртта на Александар се вистинска музичка страст на текстописците, страст која заробува и истовремено ослободува од сопствените стеги и од надворешните препреки преку провејувањето на личната слободата, на лирската химничност, емотивност и изразност. [11]Што повеќе освојуваме животен простор за да не станеме жртва на она што сме го освоиле и сакаме за да не настрадаме од слободата што сме ја освоиле, оти само во љубовта и во човечноста сме најблиску во себе и слободни сме во вистината и вербата во неа кога постоиме и кога го изодуваме својот животен пат. Важно да се спомне за овие музички групи чии стихови се од нашите книжевни предци, е тоа што и ја зачувувале и потврдиле блискоста на зборот наспрема песната со што возвишено се нагласува и романтичарскиот занес со една историска оправданост. Песна за мојата песна на Љубојна, Ѓерданот на Верка, Везилка на Фолтин и Архангел, Прашинка љубов на Старовски постојат и се инспирација и за новите музички жанрови на овој дваесет и први век. Тоа се докажува и од фуснотирањето на текстот „Зборот наспрема песната“ на проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска а тоа е дека, уште пред Фолтин, наши еминентни музички автори се инспирираат од песните на Конески, при што треба да се истакне проектот Строга македонска песна во кој Цветанка Трпкова остварува незаборавна креација спојувајќи во неа две исклучителни способности – актерската и музичката. Живописноста и луцидноста во прикажувањето на музичките елементи е како суштинска особина на поетската уметност пред се’ заради зачувување и спомнување на македонската поезија и од страна на оние што не читаат, а се страсни музикољупци на Мизар, Анастасија, Архангел, Фолтин, Верка, Старовски, Љубојна. Од овие македонски групи кои будат инспирација при создавање поетски дела, чие поврзување е најблиско до поезијата заради самата природа на текстовите, но и до сликарството заради ритмичкиот татнеж што се вкоренува во платното, останаа неспомнати песните на Верка – хеви-метал група. Овде песната се поврзува со зборот на Никола Вапцаров од стиховите на „Претсмртно“ и „Проштално“ преточени во двете песни на Верка, со наслов Песни и Ѓерданот. Нивниот втор албум е со назив Моторни песни исто како книгата „Моторни песни“ на Вапцаров објавена во Софија, 1940 година. Вапцаров е првиот кој ја воведува татковинската тема во книжевноста која потоа навлегува и во музиката, во сликарството и во другите подвидови уметничко творештво. Тој прецизно ги лоцира географските простори на својата земја преку песната За родината чии строфи прилегаат на списи во кои се присобрани и наведени извори за доказ. Подоцна пркосно и полемички ќе се усвитат во огнените зборови на песната Земја. „Таа земја сега што ја чекорам, таа земја, в пролет што ја буди југот, таа земја – своја не ја знам., таа земја, простете: е туѓа! [12]
Една од манифестациите во оваа потрага низ хиперреалноста е доловена преку поезијата во различни жанрови (интимна, љубовна, патриотска, пејзажна, социјална) во македонската уметност од каде се пројавува и музичарот кој како да се обидува да внесе пропуштени елементи од поетската нереалност, имагинарност и од физичкиот простор. Со ова се потврдува дека не може музиката без поезија, без збор, без текст, но и поезијата не може без музика, без ритам и мелодија. Ниту една поетска вечер не може да биде толку благородна и автентична каква што може да се направи со музиката. Поетските рецитали секогаш доаѓаат до израз со инструментални комбинирања и благи тонови преку кои одѕвонува културниот сјај на сите вљубеници во книжевно – музичките настани. [13]Она што преостанува да се спомне пред самиот крај на ова истражување е дека горенаведените групи и песни се само едно првично приближување на убавиот збор, на вредноста на македонскиот стих кон музиката, кон мелодиите на песните соодветни со карактерот на текстот. Споредбата оди во корелација со можноста за динамичко преточување на поезијата во музика, темпото на песната во однос на паралелата при читање/пеење, јасноста на ритамот и интервалските скокови, како и опсегот на мелодијата во рамките на гласовните можности. Покрај сите овие теми кои досега се обработуваа во овој текст вреди да се спомне дека ова книжевно – музичко македонско богатство отвора и десетици други актуелни за денешнината теми од типот на: Каков е животот на македонскиот уметник, за предизвиците и борбите со кои се соочува низ кариерниот развој, дали може сè да прави сам или треба заедничка борба во распосланоста на уметничките хоризонти? Треба да се истражи и општата визија околу тоа во која насока денес се движат младите музичари, но и композитори за сето она што го подразбираме под македонска рок или класична музика создавана од млади автори. Попатните ефекти од нашето секојдневно виртуелно комуницирање, полека станува видливо за сите, не само за оние со кои сме во контакт.
Како конклузија за овој есеј ќе истакнам дека постои тенденција брзината на сето она што го споделуваме, да ги зголеми негативните последици кои би ни влијаеле и на понатамошниот културен развој, затоа е неопходно почесто да се отвораат теми од овој тип. Неопходно е да се препознае мерата која би одговарала на нереалноста која од нас бара да бидеме постојано во тек, наспрема реалноста која не’ потсетува дека имаме и свои вредности, книжевни аманети од Блажета, Рацина, Петрета, Радована и со тоа би се дало правилно оценување на насоката кон која се движи современата популарна македонска музика наспроти класичната. На нивните творештва треба до крај да им се оддолжуваме и да ги чествуваме без да подлегнуваме на надворешните влијанија од рапидното живеење без никакви вредности. Проучувањата на делата се одлика на книжевникот преку кој се олеснува и преминот од свесното кон несвесното, а и спротивставувањето на личниот сензибилитет во функција на механизми на кои можат да се направат различни определувања. Исто како и за книжевникот, така и за музичарот многу е важно утврдувањето на можните врски меѓу некои текстови и некој културен контекст, да се следат дискурзивните стратегии, да се истакне дека проучувањето на книжевноста може да открива, исто како историјата.
[1] Види Венко Андоновски. Судбината на значењето од Сосир до Дерида. – Скопје: Култура, 2007.
[2] Види текст на Вјачеслав Купријанов „Поезијата и вечноста“ во списанието Современост бр.3-4 1998. 166-167
[3] Толкувањата во главниот дел и издвоените песни се поттикнати од текстот I. Зборот наспрема песната на проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска во кој се истакнуваат преработки на песни од македонската поезија во музички изведби. Инспиративни се деловите каде се објаснува традицијата на создавањето на песните, мотивите на простата и строга македонска песна, на Рациновата Ленка, Дениција преку кои се прави споредба со музиката и инспиративно се објаснува дека „преку музиката, поезијата станува телесна. Во сето ова го имаме предвид и трендот во Европа изразен преку извоз на културата надвор од границите, извоз на музиката, сликарството, литература, кои се пренесуваат како ехо.“
[4] Види Ацо Шопов. Шопов во светот, Шопов од светот. – Скопје: Македонска книга, 1993
[5] На интернет можат да се добијат основните податоци за жанровската изведба на овие групи:
Љубојна изведува етно – музика со независен звук кој носи универзална порака, разбирлива ширум светот така што со големо нетрпение, возбуда и радост ќе споделиме и со тамошната публика како што вели Вера Милошевска – Јосифовска, вокалната солистка на „Љубојна“.
Фолтин – музика со посебна страст и живост, со брзи ритми чии членови се опишуваат како псевдоемигрантско кабаре. Од друга страна, недоволни се податоците кои зборуваат за севкупниот материјал на Фолтин што е разјаснет во текстот на Мојсова – Чепишевска, а тоа е дека инспирацијата доаѓа од СМС љубовните пораки кои се пражаат по мобилни телефони.
Старовски – македонски кабаре–чалгија состав познати по нивниот проект музичка антологија на македонската поезија, а за изведбата на песните и видео материјалите со целиот амбиент велат: се надеваме дека на публиката ќе и направи едно чувство на опуштеност и потреба да се прочитаат тие песни поезија што ние ги музицираме и ги вадиме од заборав.
[6] Гане Тодоровски. Книга за книгите. – Скопје: Матица, 2009
[7] Спомнатите песни од македонските преродбеници се потсетување од материјалите по предметите Македонска книжевност XIX век и Книжевна генологија предмети на додипломски студии од областа на македонската книжевност.
[8] Види текст на Бранко Цветкоски „Лечебниот крик на вечноста“, Баладни мотиви. Современост бр.3-4 1998. стр.170
[9] Можат да се слушнат и погледнат спотовите на интернет музичкиот портал YouTube од македонските пејачи кои направиле успешен кариерен развој зад себе, како што се: Александар Сариевски, Васка Илиева, Виолета Томовска, Гоце Арнаудов итн…
[10] Види музичките изведби и поетските рецитали прикачени на платформата YouТube: https://www.youtube.com/watch?v=BDgd3GU4Ldo (говори Блаже Конески), песната Весела песна (Блаже Конески) на Дац и Александар https://www.youtube.com/watch?v=NPxmn0QM0ls
[11] Види Даница Ручигај. Песна над песните. – Скопје: Академски печат, 2020, 174
[12] Види Гане Тодоровски. Книга за книгите. – Скопје: Матица, 2009, стр.130
[13] Во оваа пригода треба да се спомне и македонскиот композитор, продуцент и пијанист – Дуке Бојаџиев чии авторски песни имаат доживеано и филмски остварувања, меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ на Џонатан Дем, и за македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов.
Библиографија
Книги:
- Андоновски, Венко. Судбината на значењето од Сосир до Дерида. Скопје: Култура, 2007. Стр.
- Јон М., Димитру. Современа македонска поезија. Скопје: Матица Македонска, 2008. Стр.
- Конески, Блаже. Ликови и теми. Скопје: Култура, 1990. Стр.
- Kalogjera, Goran: Рацин. Filozofski fakultet u Rijeci. 2021,
- Ручигај, Даница. Песна над песните. Скопје: Академски печат, 2020, Стр.174
- Современост бр.3-4 1998. стр.170
- Тодоровски, Гане. Книга за книгите. Скопје: Матица Македонска, 2009. Стр.
- Тодоровски, Гане. Поглавја од македонската литература. Скопје. Мисла, 1985. Стр.
- Шопов, Ацо. Шопов во светот Шопов од светот. Скопје: Македонска книга, 1993. Стр. (датум)
Електронски извори:
1. (https://www.youtube.com/watch?v=M6DTyzvA4fE) Вртев, Ристо. Архангел. Интервју – UNDERGROUND. – Скопје: јули 22, 2019
2. (https://thestrip.ru/mk/glaza/chto-prinadlezhit-k-miru-iskusstva-vidy-iskusstva/) Она што му припаѓа на светот на уметноста. Видови на уметност. април 18, 2019
4. (https://www.youtube.com/watch?v=M-ezSIKYqjM) Интервју Мизар. Ѕвезда на надежта. – Скопје: ФДУ, јуни 27, 2015
5. (https://www.slobodnaevropa.mk/a/27162695.html) Милошевска, Вера. Радио Слободна Европа. – Скопје: јули 31, 2015
6. (https://365.com.mk/29948/intervju-starowski) Интервју – Старовски. 365. – Скопје: октомври 11, 2012
7. (https://delcevo365.mk/2022/01/31/верка-култна-музичка-група-од-делчево ) верка – култна музичка група од Делчево