Редица / Мисија / Бегајќи од тигар

Редарот во киносалата ми впери во лицето силен сноп светлина од батериската ламба. И покрај тоа што се намуртив и подзамижав, не забележав извинувачки тон во неговите зборови: – Местово не е ваше!
РЕДИЦА

Старата телефонска говорница покрај поштата не работи со години, но тоа не го спречува мажот секој ден да влегува во кабината и да зборува во слушалката со часови. Поради досада или поради нешто друго, решавам да се пошегувам со него и застанувам пред говорницата како да чекам ред. Тој престанува да зборува, се свртува кон мене и ме погледнува луто. Се правам дека не ги забележувам лутината и острината на погледот, па со прашални гестови се обидувам да дознаам уште колку ќе трае неговиот разговор.

-Па не гледаш ли дека говорницата не работи? Будало една! – ми одговара бесно и помислувам дека идејата да се шегувам со него на тој начин не беше баш најдобра.

Се свртувам да си одам, но забележувам дека зад мене стои уште еден човек, по него млада девојка, зад неа дете за кое би се рекло дека нема ниту седум години, маж, па по него уште еден…

Ми се чини дека сега веќе нема назад.

 

МИСИЈА

Редарот во киносалата ми впери во лицето силен сноп светлина од батериската ламба. И покрај тоа што се намуртив и подзамижав, не забележав извинувачки тон во неговите зборови: – Местово не е ваше! – Погледнав внимателно во бројот на седиштето и редот пред да седнам, но допуштив дека е можно да сум згрешил. Го извадив билетот од џебот за да проверам дали се наоѓам на своето место, а уште пред да стигнам да прочитам што било, ми пријде девојка во докторски бел мантил, грабнувајќи ми го билетот од рацете: – Станувајте! Местово не е ваше! – Збунет, се исправив, неспремен за нејзиниот следен потег: – И јакнава не е ваша! – рече и почна да ми ја соблекува. Со хируршки нож ми ја распори блузата на неколку места и таа само се лизна на подот. Разголен, почувствував бодеж од пендрек во грбот, лутиот полицаец врескаше: – Градов не е твој! – Парталава бабичка со изглед на бездомничка викаше: – И овие не се твои – додека ми ги тегнеше патиките од стапалата.

– Косата не е твоја – рече мажот од редот пред мене.

– Очите не се твои – додаде докторката и се обиде да ми стави превез врз нив, но ѝ ги оттурнав рацете.

– Кожата не е твоја – рече редарот и заедно со докторката, бабичката бездомничка и неколку полицајци ме изнесоа од киносалата.

– Планетава не е твоја! – рекоа во еден глас, ми натнаа космонаутски скафандер и ме лансираа некаде високо.

Лебдам во бескрајниот простор без да знам на каква мисија сум испратен и се прашувам: добар ли беше филмот? Пропуштам ли нешто или можам да бидам сосема спокоен?

 

БЕГАЈЌИ ОД ТИГАР

Еден човек, поминувајќи низ поле, наишол на тигар. Почнал да бега, а тигарот јурнал по него. Доаѓајќи до еден амбис, човекот се фатил за корен од дива лоза и тргнал да се спушта надолу. Тигарот го душкал одозгора. Тресејќи се, тој погледнал надолу каде што, на дното, друг тигар чекал да го изеде. Само лозата го држела. Две глувчиња, едно бело и едно црно, малку по малку почнале да ја грицкаат лозата. Тогаш човекот забележал сочна јаготка покрај себе. Држејќи се за лозата со едната рака, со другата ја скинал јаготката.

– Ова е најслатката јаготка што некогаш сум ја пробал – помислил. – Но повеќе ќе се радував на кременадла од тигар.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Редица / Мисија / Бегајќи од тигар”