Таа скокна во смрт со својата ќерка.
Лејла Ташчи (25), која живее во населбата Фатих во Истанбул, полудела и со ќерката скокнала од балконот. Во обдукцискиот извештај е утврдено дека младата е бремена во третиот месец. Поради изјавата на соседите дека Лејла Ташчи и нејзиниот сопруг често се карале, започна истрага против сопругот на Лејла Ташчи, Ремзи Ташчи.“
Улкер ги читаше вестите на една од масите во болничката градина. Внимателно ја погледна фотографијата на Лејла. Како да ја знаеше од некаде, но… Медицинската сестра, минувајќи покрај Улкер, го забележа весникот во нејзините раце и рече: „Виде, нели, многу се растажив. Гревота за девојката.“ „Ја знам од некаде, но од каде…“, рече Улкер.
„Не се сеќаваш?“, рече медицинската сестра. „Нели синоќа влезе во нејзината соба на интерна медицина.“
Интерна медицина – Соба 424 – два дена порано
Улкер погледна внатре низ подотворената врата: млада жена, прекриена со рани; во раката ѝ тече серум. Улкер погледна во столчето за придружба, беше празно. Влезе внатре:
„Да оздравиш што поскоро!“
Болната ја погледна како да прашува „Која си ти?“ Улкер, седнувајќи на столчето за придружба, рече:
„Улкер сум јас, Улкер. Ти како се викаш?“
„Лејла.“
Улкер извади клопче волница и игли од аптекарската кеса во раката и почна да плете. Лејла изнемоштено ја праша:
„Која сте вие?“
Улкер продолжи да плете и, без да ја погледне Лејла, одговори:
„Како што ти реков, Улкер, видов дека немаш придружник, па решив да не те оставам сама. „На човека му треба човек, ќерче.“
Улкер стана и го покажа своето плетило:
„Бебешки џемпер. Ги гледам другите придружници како лабаво плетат за занимација, но не ги слушајте. Тајната на работата е во цврстата јамка. „Гледајте, сплетеното од мене нема никогаш да се расипе. Носи го десет години, пери го секој ден, сепак ќе изгледа како ново.“
Улкер погледна во телевизорот покрај нозете на Лејла и рече: „Навистина, ни хотел со пет ѕвезди не нуди удобност како овие еднокреветни соби. Немаш придружник, нели? Пријави ме мене. Ќе ти бидам и пријател. Попушти го малку телевизорот.“
Вратата се отвори и влезе медицинската сестра. Ја погледна Улкер и рече:
„Тетке, сега и тука ли дојде? Колку пати да ти кажам? Не може вака.“
„Види, девојката е сама, зарем е лошо да ѝ бидам пријател?“
„Лејла не ти одговара, ќе излезе за два дена.“
„Е, ако, де, два дена се два дена.“
„Главниот лекар прави визита. Не може. Најдобро е да одиш на друго место.“
„Само да го завршам овој ред, да не ми избега петлата.“
Улкер го заврши редот што го плетеше без да ја изгуби смиреноста. Лејла ја погледна медицинската сестра како да прашува „Кој е ова?“ Медицинската сестра одмавна со раката во знак „не е важно.“ Улкер го заврши редот и незадоволно го стави плеталото во аптекарската кеса. Стана и ја погледна Лејла:
„Со помин нека е. Ако се случи да останеш подолго, побарај ме. Прашај ги медицинските сестри каде е Улкер и тие ќе ме најдат.“
* * *
Улкер повторно ги погледна вестите во весникот: „Полудела, вели, погледни. Инаку, како човек со своето дете…“ Медицинската сестра одговори: „Колку што разбрав, сопругот ја тепал. Кога дојде, беше прекриена со рани и модрини, а веројатно имала и љубовник – по име Мазлум. Во сон постојано повторуваше Мазлум, Мазлум. Во петокот, при крајот на смената, ја прашав ’Кој е овој Мазлум?‘ и не ми одговори. Реков: ’Се гледаме в понеделник‘ и си заминав. Многу се растажив, гревота е.“ „Значи, не можела да најде друг излез освен балконот“, рече Улкер и ја сврте страницата.
* * *
Не вртете ја страницата. Иако вестите од третата страница се состојат од три или пет реда, нивните приказни секогаш се од лошо полошо.
Не вртете ја страницата, ќе ја вратам приказната два дена наназад: Јас сум Лејла Ташчи, два дена пред оваа вест да отиде во печатница, лежев во болничката соба, а не во мртовечница:
Ах, медицинската сестра конечно замина. Добра девојка е, но поставува многу прашања. Секако дека прашува, да имав сопруг што ми дозволува да ставам балајаж на косата, да носам кармин, да работам, и јас и тоа како ќе прашував. А и убава девојка е. „Мојата смена заврши, се гледаме в понеделник“, рече и набрзина излезе. Нејзиниот венчален прстен сјајно светка. Сигурно е млада невеста. Младите невести секогаш вака брзаат кај мажите, како да оставиле храна на шпоретот. По неколку години ќе почне да вели: „Не е страшно што храната загорела на дното.“ Според тоа како трча дома, мора да го сака својот сопруг. Браво за семејството на девојката, не само што ја образовале да биде одлична медицинска сестра туку и ја дале на саканиот. Кога ќе дојде време, и на младоженецот му велат: „Синко, не ја сметај оваа девојка за сирак, зад себе има татко како планина. Не смееме да ја угнетуваме.“ Семејството на оваа медицинска сестра мора да е такво.
Мажот на медицинската сестра… Да ти бил наставник во основно училиште, многу сакал деца. Ќе имаат и деца за година-две. Медицинската сестра, покрај трчањето од работа дома и од дома на работа, ќе се грижи и за детето. Не може да ја напушти работата, кога се родило детето, влегле во задруга за да купат куќа и се задолжиле. Мајка ѝ се грижи за нејзината ќерка преку ден. Со текот на годините, медицинската сестра станува практична жена со здолниште околу половината, а во соседството почнуваат да ја викаат „вештата медицинска сестра“. На пример, кога ќе дојде ненајавен гостин, таа веднаш вади пилешко од замрзнувачот и го одмрзнува, ги сече компирите по должина, ги реди со кокошката во тепсија и ги прелива со доматна салца, пече пилешко и компири, придружени со ориз со фиде и овчарска салата… Во замрзнувачот на вештата медицинска сестра секогаш има пилешко резервирано за гостите.
На телевизија велат:
ТЕЛЕВИЗИЈА/АУДИО
Белото месо е поздраво од црвеното месо.
Сигурно на телевизија велат така затоа што пилешкото е поевтино од другото месо. Јас и онака не можам да јадам месо, дури и од мирисот ми се гади. Ако на медицинската сестра ѝ дојдат гости преку ден во недела, таа ќе им приготви бурек од лиснато тесто што го вади од замрзнувачот. Оваа медицинска сестра е практична жена…
Убава е и фина, но поставува многу прашања. Кој е Мазлум? Секогаш кога сум била во бунило, сум зборувала за него, Мазлум, па Мазлум… Не го прашала мојот сопруг затоа што мислела дека може да е нешто непристојно. Нашата вешта медицинска сестра е и многу внимателна. Ако сакам, ако го дадам неговиот телефонски број, ќе ме посети, ако влезе маж ми во собата, ќе се преправавме дека Мазлум е чувар. Многу јасно дека Мазлум ќе дојде на посета во облека што не е елегантна. Луѓето велат, да му облечеме докторски мантил. О, медицинска сестро, добра си, земи си го учителот и остави ни го чуварот.
Медицинската сестра ме сожали кога виде дека сум прекриена со модрини, сака да се ослободам од сопругот и да побегнам со момчето што го сакам. Таа пресуди: Мазлум бил човекот што го сакам. На саканиот човек, имено Мазлум, воопшто не би му пречело да побегнам кај него додека сум во брак со друг маж. Нели се сакаме, каква врска има ако не сум невина кога ќе појдам кај него… Дури ни филмовите на телевизија сѐ уште не го достигнале овој степен на цивилизација, но Мазлум го достигнал. Што велат во филмовите:
ТЕЛЕВИЗИЈА/АУДИО
Со тебе отворив очи!
„Со мене отвори очи, но кому ги отвори нозете?!“, ќе го прашаат човекот… Како и да е, овој Мазлум, човекот што го сакам, ќе ми пружи среќен живот и ќе ми помогне да ги заборавам лошите денови! Каде се видело во оваа машка нација маж да ѝ помага на жена без да ја легне? Не ми е јасно како нашава медицинска сестра завршила цел факултет со оваа наивност. Понеделник пак доаѓа и настојува „Кој е Мазлум?“ Сигурно смета дека сме рамноправни бидејќи јас сум единствената млада пациентка на Одделението. А и јас сум не сум напорна, па лесно ѝ доаѓа. Ни треба да ме храни, ниту чисти под мене. Кога завршува смената во петок, ми става инфузија во раката и секоја по својот пат… „Имам маж со компири на шпоретот, го пуштив на тивко и дојдов, да не ми загори на дното!“
Во нашето село имаше еден чичко Вели. Го викаа „Чорапот Вели“ бидејќи устата постојано му работеше. Почнав да наликувам на него. Аман, останав сама со себе… Ако сега не раскажам, кога ќе раскажам? Не обрнувајте внимание што не зборувам многу во јавност, внатрешно сум права дрдорка. Знаете, има една болест, зборуваа за тоа во една емисија за здравје на телевизија; болест на желудникот, кога човек јаде нешто, му се враќа нагоре од стомакот:
ТЕЛЕВИЗИЈА/АУДИО
Рефлукс
Да, и јас имам рефлукс на говорот. Со години голтам толку многу зборови, што, кога сум сама, зборовите сами вака излегуваат од мене. Аман, а што фајде и ако зборуваш со сите… Затворена уста, мирна глава. Ако се обидеш да му кажеш збор-два на маж ти, или ќе те опоменат или… Па, за домашните работи не им се кажува ни на соседите, нема потреба да се раскажува дека е добро, зарем не ја слушаат сета бучава што доаѓа од куќата? Зарем се случило некој да тропне на мојата врата и да му рече на мојот сопруг: „Господине, зарем не е срамота? Ова е цивилизирана земја.“
Како и да е, дури и да го наречеа мојот сопруг „господин“, тој воопшто немаше да се навреди. Па, човек се знае себеси! Мојот сопруг е лав. Да, да, ова е навистина цивилизирана земја. Постојано кажуваат на телевизија. Тие дури ни телевизија не сакаат. Што и да сум научила, сум научила од таму. Секогаш има луѓе со универзитетски дипломи. Како отворено образование. Мене не ме пуштија да учам. Јас имам диплома од телевизија. Да не беше телевизорот, ниту еден брак не би траел повеќе од една година. На пример, жените во нашето соседство – тие се во брак со своите сопрузи, но телевизорот им е најблизок пријател. Ако ништо друго, се слуша глас по дома. Навечер, кога нивните сопрузи се забораваат седнати пред телевизор, истите жени се потресуваат што љубовниците им ги презеле мажите. Веќе не знам дали се љубоморни на телевизорот или на своите сопрузи. Јас… И да нема телевизија, не можам да се разведам од маж ми за една година. Јас никогаш не можам да се разведам од маж ми! На пример, да му кажам на татко ми нешто како: „Тато, ова е цивилизирана земја, но овој господин што треба да ми е сопруг ме тепа до смрт“… Аман, што има да му кажувам на татко ми? Како да не знаеше што ќе ми се случи кога ме даваше на овој човек? За почеток, таткото треба да е вистински татко за да можеш да му кажеш, не сечиј татко е како таткото на оваа медицинска сестра, не секој ќе застане пред зетот и ќе каже „Немој да ја мислиш оваа девојка без куќа, таа има татко како планина зад себе.“
Човек учи да живее како да нема никој свој. Бидејќи слушаат, а се преправаат дека не слушаат, и јас нив ги множам со нула… Се жалам на медицинската сестра, но во толку години таа е единствената што мисли на мене и прашува како сум. Иако е така, како да ѝ објаснам кој е Мазлум? Како да ќе разбере ако ѝ објаснам. „Луда“, ќе рече и ќе си замине. Ако сум бладала во сон, сум бладала. Не си играј играчки…
Сега сигурно и вас ве чеша љубопитноста, „Кој е овој Мазлум?“ Што? Знам дека сте таму! Секогаш има луѓе што гледаат. Дури и кога човек на улица удира некого како Господ да не го создал, кога се расправа на свадбите на роднини, дури и кога го тепаат дома… За волја на вистината, мојот човек прво ги навлекува завесите за да не се посрамотиме пред соседите, па потоа ме тепа. Но, знам, сигурно ни ги слушаат барем гласовите. Слушате, гледате, се растажувате. На крајот на краиштата, и вие имате срце. Можеби, кога си легнувате навечер, ќе се пожалите на мажот или на жената: „Срцево ми се кине колку овој човек ја малтретира Лејла“ и ќе најдете сочувство во вашето скршено срце додека мене ме распарчуваат. И вашето семејство разбира дека сте многу хумана личност. Потоа многу човечно ќе си заспиете. Следниот ден, ќе се разбудите, и ќе си мислите на сопствените проблеми, зарем на мене ќе мислите? Секој си го бере сопственото гајле. Освен тоа, јас најдов начин да куртулам. Зошто овие работи не ти се случуваат тебе, туку мене? „Не е само прашање на среќа, треба и да се биде малку паметен!“
На пример, ако отидев во полициска станица да пријавам дека ме тепале, ниеден од вас не ќе дојдеше да сведочи, зошто? Е, па, што и да е семејното прашање, утре или задутре ќе се смирам со маж ми, дури можам и да ви речам „Гледајте си работа, маж ми ме тепа, ама и ме сака“, ќе се чувствувате лошо, нели? Вие не може да се мешате. Секако дека ме сожалувате, но не заземате страна… Но, и да е така, заземате: Ако молчите додека ме малтретираат, вие сте на страната на мојот сопруг. Вие сте од машката страна. Аман, дури и татко ми, иако беше моја крв и плот, беше од страната на момчето, а не од страната на девојката.
Превод од турски јазик: Јулија Петровска
Преводот на книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Турција, во рамки на програмата ТЕДА.
На пример, ако отидев во полициска станица да пријавам дека ме тепале, ниеден од вас не ќе дојдеше да сведочи, зошто? Е, па, што и да е семејното прашање, утре или задутре ќе се смирам со маж ми, дури можам и да ви речам „Гледајте си работа, маж ми ме тепа, ама и ме сака“, ќе се чувствувате лошо, нели? Вие не може да се мешате.
Тагови од објавата
број 175-176