Ми претставува огромна чест и задоволство да ја добијам наградата „Драги“ и најпрвин би сакала да им се заблагодарам на членовите на жири-комисијата што сметале дека мојот превод е најдобриот бидејќи, навистина, е многу тешко да се одреди што е тоа добар превод и да се одредат критериумите според кои може да се споредуваат различни преводи на различни книги и од различни јазици и ним сигурно им било тешко да ја донесат одлуката. Денес сум горда што можам да кажам „И јас сум Драги“, но, познавајќи голем дел од преведувачите и преводите што беа во конкуренција за овогодишната награда и знам дека се, исто така, добри, можам да кажам дека „сите ние сме Драги“.
Многу ми е драго што оваа награда е поврзана со името на Драги Михајловски, професорот, писателот, преведувачот. Мојата прва награда за превод ја добив како релативно млад преведувач, со само неколку преводи зад себе. Тогаш мислев дека „Златното перо“ е врвот што можев да го постигнам. Бев изненадена и не ми се веруваше дека решиле токму мене да ми ја дадат и се чудев – па, што ќе правам јас понатаму во животот, ако ова е врвот на мојата преведувачка кариера!?“. Но, еве, се појави наградата „Драги“ и мојот сопруг, кој го обожаваше Драги Михајловски, бил негов студент, ми рече: „Е, ова е врвот на твојата кариера! Знаеш ли ти што значи да добиеш награда со неговото име?!“. Навистина е врв и многу ми значи. Драги го познавав, веројатно помалку од многумина овде – иако не бев поврзана со англојазичната книжевност, Драги беше член во комисијата за одбрана на мојот докторски труд од областа на теоријата и практиката на превод и оттогаш почнавме да комуницираме. Секогаш кога ќе се сретневме, ми велеше: „Оставете ги писателите од постарите епохи, преведувајте современи автори!“. Добро, но, современите автори не се без корен. Тие се во корелација со нивните претходници. Па, така, првиот проблем на кој наидов во преведувањето, и за кој ми беше потребна помош од Драги, беше токму „Хамлет“. Наидов на еден цитат чиј превод на полски немаше многу смисла за мене, а преводот на Драги сè уште не беше излезен од печат. Гласеше нешто како: „ја терам по ѓаволите жалоста, а го земам (избирам) животното што кај нас се вика ласица или невестулка“. Драги Михајловски многу великодушно и несебично ми ја испрати електронската верзија и заедно го пронајдовме цитатот што во негов препев беше: „Ѓаволот нека носи црнина, а јас ќе се дотерам во самуровина“ – е, тоа беше Драги!
Ме радува и тоа што преводот со кој ја освојувам наградата „Драги“ е на книга од Олга Токарчук. Сигурна сум дека и таа ќе се радува на оваа награда. Но, мене ми претставува особена радост што наградата создаде една тријада меѓу Драги Михајловски, Олга Токарчук и мене како посредник меѓу нив. Една од особините на творештвото на Олга Токарчук е метатекстуалноста, имено, таа внесува во него дијалог со многу други дела и автори, па, Драги Михајловски е многу често присутен во нејзините преводи на македонски јазик со своите препеви. Тајфата преведувачи на Олга Токарчук од целиот свет има свој канал на комуникација и многу често се водат дискусии меѓу нас за проблемите поврзани со преводот на нејзините дела. Така, на пример, поврзано со романот „Талкачи“, настана дискусија околу еден фрагмент каде што се споменува Хамлет, односно, ликот на еден професор е споменат како пародија на Хамлет – и се постави прашање меѓу преведувачите: дали текстот треба да се модифицира за да личи на стиховите од „Хамлет“, дали треба да се отвори „Хамлет“ и да се најде некоја скриена порака, што може да се содржи во оваа реченица итн. Всушност, се работеше само за потегот на раката што го прави Хамлет кога го изговара познатото „Да ме има или да ме нема“, а ликот кај Олга Токарчук го имитира на смешен начин и, тука не беа потребни некои големи интервенции во преводот. Но, преведувачите се „зададоа“ како во „Задачата на преведувачот“ на Драги Михајловски, да бараат скриени значења, да копаат под содржината и да одат многу подалеку од она што го открива текстот, „заведени од ѓаволот кој сака да ги оттргне од исполнувањето на нивната задача“ – парафразирајќи го Михајловски во неговото теоретизирање на тема превод.
Драги Михајловски го има и во романот „Терај си го плугот по коските на мртвите“ на Токарчук, бидејќи целиот текст се заснова на поезијата на Вилијам Блејк, кој го преведе тој. Секое поглавје во книгата започнува со стихови од Блејк, а во преводот го употребував токму препевот на Драги. Главната јунакиња во романот и самата го преведува Блејк. Препевот на Драги го има и во наградениов роман од Олга Токарчук, „Емпусион“. Таму се среќаваат стиховите на Џон Милтон, кој во препевот на Драги Михајловски звучат: О зошто Господ/ творец мудар, што го насели највисокото небо/ со духови машки, најпосле ја створи/ оваа новотница на земја, оваа лична мана/ на природата неисполнувајќи го одеднаш светот/ со мажи-ангели, без да има жени… И токму во овие стихови е содржана сета мистерија на содржината на „Емпусион“.
Оваа награда им ја посветувам на моите блиски кои починаа оваа година: мајка ми, татко ми и двете тетки, затоа што тие ми го дадоа јазикот, кој го применувам во моите преводи. Не само метафорички, туку и активно беа ангажирани во процесот на преведувањето бидејќи многу пати ги прашував за разни зборови, кои сакав да ги чујам во нивната македонска, народна форма. Нивниот говор беше незагаден од современата терминологија, од влијанијата на туѓите јазици, беше чистиот јазик на обичните луѓе. Нивниот дух ќе живее и понатаму преку јазикот во моите преводи.
Да живее „Драги“!
Ми претставува особена радост што наградата создаде една тријада меѓу Драги Михајловски, Олга Токарчук и мене како посредник меѓу нив.
Тагови од објавата
Број 177-178
More from Лидија Танушевска
Беседа на Лидија Танушевска за добитникот на „Златниот венец“ на СВП за 2018 година
Поетот знае дека каде и да се пресели, ќе живее во извесна...
Повеќе
